НБМ ја намали проекцијата за пораст на економијата од 3,2 на 2,3 проценти


Скопје, 1 ноември, 2018 - 14:42 (META) 

Народна банка ја намали проекцијата за пораст на македонската економија од 3,2 проценти во април на 2,3 проценти во ноември. Забрзување на порастот се очекува за следната година за кога се предвидени 3,5 проценти, 3,8 проценти во 2020 и 4 проценти во 2020 година.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска рече дека направената надолна корекција за 2018 година е одраз на послабите остварувања во првата половина од годината.

– За првата половина од годината беше предвиден пораст од 3,3 проценти, а остварен e 1,6 проценти, што произлегува во најголем дел од инвестициите. Во поглед на структурата на порастот, се очекува дека домашната побарувачка ќе биде главниот двигател на порастот, со исклучок на 2018 година кога најголем ефект ќе има нето-извозот – рече Ангеловска Бежоска.

По падот во 2017 и 2018 година, предвидено е инвестициите да растат. Порастот ќе биде поддржан од јавните и странските инвестиции, но и од подобриот амбиент за инвестирање на домашните инвеститори.

Позитивен придонес се очекува и од личната потрошувачка при стабилен пораст на платите, зголемување на вработеноста и натамошна кредитна поддршка од страна на домашните банки.

Во однос на инфлацијата, ревидирањето е во надолна линија од 2 на 1,6 проценти.

– И натаму постои одредена неизвесност од домашниот политички контекст. Позитивен ризик кој што не е вграден во проекциите, повторно претставува можноста за забрзување на процесот на евроатлантска интеграција – додаде Ангеловска Бежоска.


Во Црна Гора најголем инвеститор е НАТО, во Македонија – Бахамите (Инфографик)


Скопје, 5 септември, 2018 - 13:47 (META) 

Можат ли македонските граѓани да очекуваат зголемен обем странски инвестиции, а следствено на тоа и отварање нови работни места доколку успее референдумот за прифаќање на договорот со Грција, што би резултирало со забрзано зачленување на земјава во НАТО е прашање што заслужува внимание со оглед на тоа што се наближува 30 септември, ден на кој е закажано гласањето за референдумот.

„Свежите“ искуства на Црна Гора, земја која една деценија од почетокот на патот кон НАТО стана полноправна членка на алијансата во јуни, минатата година го навестуваат одговорот на ова прашање. Црногорската Централна банка ги објави податоците за странските директни инвестиции кои откриваат дека во првата половина од годинава има удвојување на инвестициите од земјите-членки на НАТО во однос на истиот период, минатата година кога земјата се уште не беше членка на Алијансата.

Во првото полугодие од 2018 година во Црна Гора влегле странски директни инвестиции во вкупен износ од 403,5 милиони евра, а од нив 215,2 милиони евра биле од земји-членки на НАТО, што е значително повеќе во однос на истиот период од минатата година кога земјите од евроатлантскиот пакт вложиле 96,6 милиони евра во црногорската економија. Најголеми инвеститори од НАТО во Црна Гора годинава се Италија која е на првото место на листата најголеми странски инвеститори со вложени 72 милиони евра, Унгарија (54 милиони евра), Турција( 29 милиони евра) и Белгија (11 милиони евра).

Од друга страна, најновите податоци за директните странски инвестици на Народната банка на Македонија откриваат дека во првата половина од годинава странските инвеститори во земјава пласирале 325 милиони евра.

Меѓутоа, за разлика од Црна Гора, каде што најголем инвеститор е Италија, во Македонија најмногу странски инвестиции во 2018 година односно 25,2 милиони евра влегле од Бахамите. Статистичките податоци од изминатите години откриваат дека многу често на врвот на листата на странски инвеститори во земјава се јавуваат егзотичните острови како Сент Винсент и Гренадини, Девствените острови и други што пиратите порано ги користеле за криење на пленот, а денес служат како даночни раеви кои, бизнисмените ги користат за да избегнат давачки кон таковината при инвестирање на капиталот.


НБРМ: Финансискиот систем е стабилен, банките добро работат


Скопје, 9 август, 2018 - 13:04 (META) 

Советот на Народната банка денеска одржал редовната седница на која била разгледан и усвоен Извештајот за финансиската стабилност во 2017 година, информираат од таму.

Притоа било констатирано дека македонскиот финансиски систем, лани работл во поповолно опкружување споредено со 2016 година.

„Банките остануваат најзначајниот фактор за одржување на стабилноста на целокупниот финансиски систем и на одделните финансиски институции. Лани немаше позначителни промени во однос на изложеноста на банкарскиот систем на ризиците во работењето. Ризиците од нефункционалните кредити не се големи“, се вели во извештајот на Народна банка.

Меѓу другото, во Извештајот е истекнато дека лани се подобрила солвентноста на банкарскиот систем.

„Домашниот корпоративен сектор бележи подобрување на показателите од работењето. Висината на долгот на корпоративниот сектор расте побавно, при што за првпат во последните седум години дојде до намалување на неговата нето-задолженост кон надворешните доверители, поради растот на дадените кредити од домашни корпоративни клиенти кон нерезиденти“, се додава во соопштението.

Од НБРМ велат дека поголем интерес за кредитирање има кај домаќинствата, каде што има зголемена побарувачка за станбени кредити.

„Стимул за поголемо кредитирање на домаќинствата претставува и солидната наплата и следствено добриот квалитет на кредитното портфолио на банките кон домаќинствата, што се согледува преку ниската и стабилна стапка на нефункционалните кредити од 2,4 проценти“, се додава во соопштението.


НБРМ: Oсновната каматна стапка останува непромената на нивото од три проценти


Скопје, 26 јули, 2018 - 13:47 (META) 

Oсновната каматна стапка останува непромената на нивото од три проценти, било заклучено на редовната седница на Народна банка, на која бил усвоен Кварталниот извештај.

Во периодот април-јуни годинава, стапката на инфлација изнесувала 1,5 проценти. Во Извештајот е забележано дека инфлацијата во второто тримесечје од годинава е под очекуваната за кварталот во рамки на априлската проекција. Дефицитот во тековната сметка се задржал на релативно ниско ниво и изнесувал околу 1,5 проценти од домашниот бруто-производ БДП.

„На седницата беше заклучено дека и покрај тоа што последните макроекономски показатели и оцени во одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, тие засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. Се очекува дека домашната економија и натаму ќе биде поддржана од кредитната активност на банките, во отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција, која што ќе овозможи одржување на девизните резерви во сигурната зона“, се вели во извештајот на НБРМ.


НБРМ: Успешно заврши конференцијата за плаќања и пазарна инфраструктура


Охрид, 8 јуни, 2018 - 13:46 (META) 

Денеска, успешно заврши 11. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, насловена како „Време е за дигитализација“, организирана од Народната банка во соработка со Централната банка на Холандија, информираат од таму.

„Изминативе три дена, во Охрид, претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, како и претставници од домашниот финансиски сектор, дискутираа, полемизираа и разменуваа искуства за предизвиците на дигитализацијата на плаќањата. Особен придонес во овие дискусии имаа високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка“, се вели во соопштението на НБРМ.

НБРМ и Министерството за финансии подготвуваат нацрт-закон за платежни услуги и платни системи прилагоден на ЕУ-регулативи во оваа област.

„Со усвојувањето на овој нацрт-закон, чие подготвување е во завршна фаза, се очекува зголемување на конкуренцијата во сферата на плаќањата преку влез на нови небанкарски даватели на платежни услуги, појава на иновативни решенија за извршување на плаќањата, намалување на цените на платежните услуги, обезбедување подобра заштита на потрошувачите и унапредување на сигурноста на дигиталните плаќања“, се додава во соопштението.


Анита Ангеловска – Бежоска едногласно избрана за гувернерка на НБРМ


Скопје, 21 мај, 2018 - 13:46 (META) 

Од 81 пратеник што гласаа, сите беа за назначување на д-р Анита Ангеловска – Бежоска за нова гувернерка на Народна банка на Република Македонија. Таа веќе осум години беше вицегувернерка на НБРМ.

На денешната 46-та собраниска седница, координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Тунтев и Драган Данев, со многу пофални зборови за Ангеловска-Бежоска, во расправата за изборот на нов гувернер рекоа дека ќе гласаат за предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, бидјеќи кандидатката ги задоволува сите услови.

– Сакам да го истакнам ставот на ВМРО-ДПМНЕ, ние почитуваната госпоѓа ќе ја поддржиме и верувам дека ќе биде на ниво на задачите, имајќи предвид нејзините професионални карактеристики – рече Драган Данев во општата расправа.

Тунтев пак рече дека овој предлог е доказ „дека кога се имаат предвид аргументите, фактите и предлогот е даден врз основа на логично, трезвено и професионално размислување, може да биде прифатлив од страни кои претходно имале спротивставени ставови“.

– Д-р Анита Ангеловска – Бежоска е предлогот на претседателот Иванов, за кој и опозицијата и ние како мозинство, денеска имавме координација. Ова е доказ дека професионализмот, стручноста, треба да се критериуми по кои ќе се раководиме на вакви места да доѓаат луѓе кои тоа го заслужиле. Не партиски, не со сервилност кон која било политичка номенклатура – рече Тунтев.

Потоа Данев побара од Тунтев да објасни зошто претходно тој се спротивставил на реизборот на досегашниот гувернер Димитар Богов, кому мандатот му истече денеска. Тунтев не сакаше да одговори, велејќи дека тоа не е точка на дневен ред.

– Не е точка на дневен ред, и јас би сакал да ја испочитувам репутација на Богов. Ние како пратеници не добивме предлог Богов да биде гувернер, и сега не би сакал да ги изнесувам аргументите што ги искажав јас. Не е време ни место да зборуваме за неговата биографија – одговори Тунтев.

По него за збор се јави Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, која изрази задоволство што по петмина мажи, на чело на НБРМ доаѓа жена.


Од утре пластични банкноти од 10 и 50 денари, хартиените излегуваат од употреба


Скопје, 14 мај, 2018 - 11:37 (META) 

Народна банка на Република Македонија (НБРМ) соопшти дека утре, 15 мај, влегуваат во оптек првите полимерни пари, банкнотите од 10 и 50 денари. Истовремено со пуштањето во оптек на пластичните банкноти, се повлекуваат од употреба хартиените банкноти во вредност од 10 и 50 денари, односно со нив нема да може да се плаќа, ама ќе може бесплатно да се заменат во банките. Сите банкноти што нема да бидат заменети до 15 мај 2019 година во некоја банка, по тој датум ќе може да се заменуваат само во НБРМ.

При замената на старите хартиени банкноти, граѓаните може да добијат нови пластични банкноти или монети, односно метални пари, во износ од 10 и 50 денари.

Помеѓу досегашните и новите, полимерни, банкноти има многу мала разлика во дизајнот и таа е главно на помалиот „бел“ дел од банкнотата, каде новите пари имаат дополнителни елементи.

Материјалот на кој што се испечатени новите 10-денарки и 50-денарки е биаксијално ориентиран полипропилен, на нив нема воден печат, туку новите елементи, односно на банкнотата од 10 денари има стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.

Заштитниот конец кај полимерните пари се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“. Како заштитни знаци, полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, меѓу другото, содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства.

На новите банкноти од 10 и 50 денари има и ознаки од издигнати точки, за да може лицата со оштетен вид да ги распознаваат.

Од НБРМ велат дека новите пластични банкноти ќе имаат два или три пати подолг век на траење од досегашните хартиени.


Иванов и Заев се согласиле единствено дека НБРМ не смее да се остави без гувернер


Скопје, 7 мај, 2018 - 15:03 (META) 

Народната банка не смее да се остави без гувернер, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата, се согласиле претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев на денешната средба во вилата Водно која се одржа на барање на премиерот, а на која се разговараше за предлогот на Иванов за нов гувернер на НБРМ.

Иванов, како и на претходната средба одржана на 26 март оваа година, на премиерот Заев му ги образложил ставовите и аргументите, зошто смета дека досегашниот гувернер Димитар Богов најодговорно ќе ја извршува оваа значајна функција.

На денешната средба, претседателот Иванов го запознал премиерот Заев дека пред да ја донесе одлуката, имал и средби со други потенцијални кандидати за гувернерското место.

„И на тие средби, не беше посочена ниту една забелешка за работата на актуелниот гувернер, ниту за работата на НБРМ. Напротив, сите соговорници го потврдија ставот дека Богов е најдоброто решение, кое е потврдено и во извешатите на Европската комисија“, се вели во соопштението на Иванов.

На средбата се разговарало и за законската регулатива за именување на гувернер. Било констатирано дека, согласно член 49 од Закон за Народната банка, гувернерот го именува Собранието, на предлог на претседателот.

Согласно своите овластувања, претседателот Иванов на 27 април 2018 година предлогот го доставил до Собранието. Мандатот на Богов завршува на 21 мај.


Богов: Извозот е над очекуваното, рано е за прогнози за економскиот пораст


Скопје, 5 април, 2018 - 13:33 (META) 

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов изјави дека се уште е рано да се даваат прогнози за економскиот пораст годинава, но она што е над очекувањата, е порастот на извозот.

– Извозот во првите месеци од годината е одличен и над очекувањата. Во извозот најголемо учество имаат новите производствени капацитети во зоните, кои толку беа критикувани, и тоа, веројатно ќе има значаен придонес врз економскиот пораст годинава-  рече Богов.

Тој додаде дека банките го следат сигналот на Народна банка, која ја намали референтната каматна стапка, но исто така потенцираше дека врз кредитирањето влијаат повеќе фактори.

– Врз работата на банките влијаат повеќе фактори, тие водат сметка за општата политичка состојба како и општествената сентименталност. Побарувачката на кредити лани страдаше, инвеститорите немаа доверба поради политичката состојба. Ќе видиме дали ќе се врати довербата и дали приватниот сектор ќе инвестира – додаде Богов.

Гувернерот потенцираше дека со намалувањето на референтната каматна стапка, Народната банка ја релаксирала монетарната политика бидејќи движењата на девизниот пазар се добри, а инфлацијата е ниска.

Прашан за тоа, како членството на Македонија во НАТО ќе влијае на економијата, Богов рече дека тоа би ги намалило политичките ризици.

-Ако ги погледнете извештаите од минатите години на агенциите кои го мерат рејтингот, ќе се види дека, политичката нестабилност е константна. Во овој случај би се намалиле политичките ризици и би се креирале постабилни услови за економските субјекти – објасни Богов.

Во однос на информацијата во бугарските медиуми за повлекување на групацијата „Сосиете женерал“ од регионот, а во чија што сопственост е Охрдиска банка, Богов додаде дека нема да ја коментира оваа ценовно чувствителна информација.

– Банкарскиот сектор е стабилен, довербата е на високо ниво. Доколку дојде до промена на акционерската структура на банката, новата треба да биде квалитетна на исто ниво како и претходната. НБРМ го има последниот збор за крајниот купувач и ќе внимава на тоа – додава Богов.


Се одбележува Глобалната недела на парите, младите ќе учат да штедат


Скопје, 15 март, 2018 - 10:22 (META) 

Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација ја одбележува Глобалната недела на парите од 12 до 18 март, а активностите ќе продолжат во текот на целиот месец.

Ова тело го сочинуваат Народна банка, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност, кои во соработка со Бирото за развој на образованието и Сојузот на микрофинансиски организации ќе организираат посети од страна на повеќе основни и средни училишта од Скопје и од останатите градови, како и од руралните средини во просториите на петте регулатори.

„Веќе шест години по ред се организираат активности од овој вид, а целта е да се подигне нивото на финансиска писменост кај младото население. За време на посетите се изведуваат едукативни предавања на теми од областите на институциите што ги покриваат, односно од областите на парите, штедењето, тргувањето, банкарскиот сектор, инвестирањето, осигурувањето, пензискиот сектор и други теми поврзани со функционирањето на финансиските системи“, се вели во соопштението на Народна банка.

Глобалната недела на парите, во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади (Child and Youth Finance International), ја подигнува свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемаштвото.

Целта е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на раната финансиска едукација, со што ќе им помогне да станат свесни за своите финансиски права, ќе им ја олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе ги развие нивните финансиски вештини.

Темата за оваа година на Глобалната недела на парите е „Парите имаат значење“, со намера младите луѓе да научат мудро да управуваат со парите што ги поседуваат и да штедат за својата иднина.