!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп вели дека за Африканците го кажал тоа што многумина го мислат


Вашингтон, 14 јануари, 2018 - 10:46 (META) 

Извор од Белата куќа тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп во врска со неговата навредлива изјава за африканските и некои централноамерикански држави, оценил дека „едноставно го рекол тоа што многумина го мислат, а не смеат да го кажат на глас“.

Истиот извор изјавил дека ваквиот став Трамп го искажал на средба со најблиските соработници, на која се расправало за последиците од неговата изјава дека африканските земји, како и Хаити и Салвадор се „клоака држави“.

Како што објави вчера „Вашингтон пост“, на состанок со конгресмени во Белата куќа, на кој бил претставен компромисот за младите имигранти (ДАКА), Трамп прашал „Зошто сите тие лица од клоака-држави доаѓаат овде? (Why are we having all these people from shithole countries come here?)“.

Според неименувани извори, Трамп алудирал на африканските држави, како и на Хаити и Салвадор, објаснувајќи дека САД наместо нив би требало да примаат државјани од Норвешка, со чија премиерка имаше состанок еден ден претходно.

Трамп вчера негираше дека изрекол навреди. „Речникот што го користев на состанокот за ДАКА беше остар, но не ги употребив тие зборови“, напиша Трамп на Твитер.


Агатангел: Одлуката на БПЦ е навреда кон МПЦ, македонскиот народ и нација


Скопје, 27 ноември, 2017 - 20:15 (META) 

Владиката Агатангел, кој е на чело на Повардарската епархија, со писмена реакција се оградува од соопштението на МПЦ – ОА , со кое таа ѝ се заблагодарува на БПЦ за одлуката да прифати да биде црква мајка.

„Изненаден сум од веста дека постои соопштение на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, бидејќи Синодот на МПЦ – ОА не заседавал по ова прашање. Јас како еден од владиците не сум запознаен со тоа кој ја соопшти оваа вест дека нашиот Синод ѝ благодари на БПЦ за нивната одлука и решение дека тие ќе формирале комисија за преговори со другите помесни православни цркви за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА“, стои во реакцијата на митрополитот Агатангел.

Според митрополитот, формирањето на комисија може да го одложува решавањето на македонскиот црковен статус до недоглед.

„По нашето писмо кое го доставивме до БПЦ, а кое не беше едногласно прифатено од Светиот синод на МПЦ-ОА, како краен резултат, еве, денес што добивме како решение. БПЦ сега се преставува и прифаќа да биде мајка – црква, без притоа да има каква било обврска кон нашиот автокефален статус што е уште една навреда кон МПЦ-ОА, кон македонскиот народ, кон македонската нација“, додава Агатенгел.


Ердоган ги повлече турските војници од воена вежба, НАТО се извини


Анкара, 17 ноември, 2017 - 17:06 (META) 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се извини на Турција откако актуелниот претседател на земјата, Реџеп Таип Ердоган, и првиот претседател на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, беа претставени како „непријатели“ на воена вежба на НАТО во Норвешка.

Ердоган, лут поради тоа, ги повлекол 40-те турски војници, по што следуваше извинувањето од Столтенберг.

– Се извинувам за навредата што е нанесена. Инцидентите беа резултат на постапките на поединец и не ги одразуваат гледиштата на НАТО – изјави Столтеберг.


Ердоган тужи член на опозицијата бидејќи го нарекол „фашистички диктатор“


Анкара, 31 октомври, 2017 - 11:03 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поднел тужба против Булент Тезџан, член на опозицијата, бидејќи го нарекол турскиот лидер „фашистички диктатор“, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Тезџан, кој е портпарол на главната турска опозициска Републиканска народна партија, изјавил дека намерата му била да ја прекине атмосферата на страв во Турција.

Адвокатот на Ердоган, Хусеин Ајдин, изјавил дека е поднесена тужба против Тезџан поради навреда на претседателот на државата.

Ибрахим Калин, портпарол на Ердоган, ја осудил изјавата на опозиционерот, додавајќи дека неговиот говор на омраза претставува срамно однесување на опозицијата.

Во Турција навреда на претседателот е кривично дело за кое е предвидена казна до четири години затвор.


Медарски: Пресудата за навреда на Ердоган е спротивна на практиката на судот во Стразбур


Скопје, 25 август, 2017 - 14:22 (META) 

Членот од Кривичниот законик и пресудата на скопскиот кривичен суд со која лицето Е.А. е осудено за навреда на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на „Фејсбук“ се спротиви на праксата на Европскиот суд за кочвекови права во Стразбур, смета адвокатот Филип Медарски.

– Самиот член, а посебно пресудата се спротивни на практиката на Стразбург – напиша Медарски на „Твитер“, посочувајќи ја како пример пресудата на ЕСЧП во врска со жалба на Французин кој во 2008 година бил осуден од домашниот суд на парична казна од 30 евра поради навреда на тогашниот претседател Никола Саркози.

Околу основаноста и потребата од посетоење на вакво кривично дело во македонското законодавство, односно во Кривичниот законик, Медарски за „Мета“ вели дека можеби треба да постои, но во видоизменета форма, а не како што стои сега.

– Во принцип се работи за навреда на симболи (знаме, грб и химна) и на институции на други држави, како институцијата претседател. Но, овде не е се работи за навреда на претседателот како институција, туку за навреда на личноста што во моментот ја врши функцијата, во случајов -Ердоган. Ова е забелешката на ЕСЧП и во пресудата што ја наведувам – вели Медарски.

Скопскиот суд го осуди Е.А., кој има македонско и турско државјанство, на парична казна од 24.600 денари (400 евра), во процесот што беше отворен по кривична пријава од амбасадорката на Турција во земјава, Тулин Еркал Кара, кон крајот на минатата година.

Во одлуката на судот било наведено дека обвинетиот во номеври 2016 година, преку својот фејсбук-профил „објавил иронични изјави и упатил навреди кон лидерот на една странска земја“.

Доколу не ја плати паричната казна, Е.А. ќе мора да одлежи затворска казна.

Инаку, според членот 181 од Кривичниот законик на Македонија, предвидена е парична казна за „тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзино знаме, грб или химна или шеф на држава или дипломатски претставник“.


Скопскиот суд пресуди 400 евра казна за навреда на Ердоган на „Фејсбук“


Скопје, 25 август, 2017 - 10:07 (META) 

Кривичниот суд во Скопје го прогласил за виновен Е.А. поради навреда на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган на „Фејсбук“, јавува турската новинска агенција „Анадолу“.

Судот го осудил Е.А., кој има македонско и турско државјанство, на парична казна од 24.600 денари (400 евра), во процесот што беше отворен по кривична пријава од амбасадорката на Турција во земјава, Тулин Еркал Кара, кон крајот на минатата година.

Во одлуката на судот било наведено дека обвинетиот во номеври 2016 година, преку својот фејсбук-профил „објавил иронични изјави и упатил навреди кон лидерот на една странска земја“.

Доколу не ја плати паричната казна, Е.А. ќе мора да одлежи затворска казна.

Инаку, според членот 181 од Кривичниот законик на Македонија, предвидена е парична казна за „тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзино знаме, грб или химна или шеф на држава или дипломатски претставник“.

Законот за навреда на странски државници потекнува од времето на монархиите во Европа и е поврзан со францускиот термин „lèse-majesté“, односно „повредено височество“. Неговата оригинална употреба била за заштита на монарсите и за санкционирање на сите кои ќе го повредат нивното достоинство или кралството со кое владеат.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР во февруари, оваа година поднесе кривична пријава против 34-годишниот скопјанец Т.Т., бидејќи преку коментари на „Фејсбук“ индиректно им се заканувал на амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, и на неговото семејство.

Скопјанецот беше осомничен за кривичното дело повреда на углед на странска држава.


Дачиќ: Заев брутално и скандалозно ја навреди власта во Србија


Белград, 3 мај, 2017 - 11:52 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска остро го критикуваше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поради неговата изјава за српски „Курир“, во која вели дека во Србија владее националистички раководство.

– Не знам со што Александар Вучиќ и владата на Србија го заслужија овој брутален и скандалозен напад од претендентот за местото македонски премиер, Зоран Заев. Зар не му се доста проблемите што ги има во Скопје, па сега ги бара и во Белград – праша Дачиќ.

Тој потсети дека Вучиќ со денови и со месеци повикувал на мирно решение на проблемот во Македонија, не мешајќи се во внатрешните работи на државата, истакнувајќи дека тоа може да предизвика нестабилност во целиот регион.

– Зошто Заев не ги напаѓа Рама и Тачи, туку Вучиќ? Не е тој толку наивен да не знае дека концептот „голема Албанија“ не е комплетен без Скопје. Србија кон Македонија е искрена, ја призна под уставното име иако за тоа имаше забелешки од Грција и ни еден збор не изговори за да се меша во нејзините внатрешни работи. А Македонија го призна Косово, гласаше против Србија во УНЕСКО и сега кандидатот за премиер брутално го навредува раководството на Србија и убедливо избраниот претседател Вучиќ. Останува уште само да изгласаат резолуција за српски геноцид над Албанците – додаде Дачиќ.

Во денешното интервју на Заев за српски „Курир“, лидерот на СДСМ, покрај другото, рече дека во Србија на власт е „националистичкото раководство“ на Александар Вучиќ кој „се декларира како лидер во регионот, но во првата пригода кога му беше загрозена политичката кариера, ги покажа своите националистички позиции“.

Во истото интервју, Заев вели дека првата обврска на новата влада во Скопје ќе биде унапредување на соработката со Србија и ги отфрли наводите дека новата власт ќе ја прогласи Србија виновна за геноцид.


Пратениците се надмудруваат кој колку тужби за клевета и навреда поднел


Скопје, 4 април, 2017 - 14:26 (META) 

На седмото продолжение на Конститутивната седница, пред паузата за ручек, пратениците наместо за точката на дневен ред односно за изборот на претседател и членови на Комисијата за избори и именувања расправаа кој колку тужби за клевети и навреди поднел.

Откако независниот пратеник од коалицијата на СДСМ, Павле Богоевски рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за месец март потрошил 184.000 денари за роаминг од неговиот службен мобилен телефон, пратеникот Илија Димовски ја демантираше информацијата и притоа додаде дека тој никогаш не поднесувал тужби за клевета и навреда.

– Информацијата дека Груевски потрошил 3.000 евра за роаминг е целосна невистина. Јас се сомневам дека тоа е направено свесно за да имаат медиумите на Сорос од каде да влечат неточни информации и да го претставуваат како невистина. Да се надеваме дека е почетничка грешка. Јас подолго време сум во политиката и кон мене се кажувале илјадници невистини и клевети, но јас имам принцип никогаш да не поднесувам тубжи – рече Димовски.

Радмила Шекеринска од СДСМ рече дека функционерите од ВМРО-ДПМНЕ до сега наплатиле 36.000 евра од тужби за клевети и навреди.

– Трите барања за тужби што ги поднесев јас се заглавени во судските лавиринти затоа што тужените не доаѓаа на судење. Доколку е неточна информацијата за сметката за телефон, очекувам пратеникот Никола Груевски да ја демантира информацијата и да покаже дека сметките ги платил од сопствен џеб – рече Шекеринска.

Димовски рече дека нема проблем ако тужбите се на релација политичари спрема политичари, на што реплицираше Петре Шилегов од СДСМ кој истакна дека тој никогаш немал проблем да го тужат политичари, но додаде дека него „го тужат криминалци“.

Седницата ќе продолжи во 15 часот.


СОС сака да го оцрни граѓанското општество со невистини и со манипулации


Скопје, 7 февруари, 2017 - 13:06 (META) 

Јавно извинување и повлекување на сите лаги, клевети и дезинформации изнесени од „Стоп операција Сорос“ (СОС), побара 21 граѓанска организација денеска на прес-конференција.

Доколку не добијат јавно извинување, тие велат дека ќе бидат принудени правдата да ја бараат на суд, односно ќе поднесат тужби за клевета и за навреда.

– На СОС и на неговите налогодавци очигледно им пречат слободното и независно граѓанско општество, слободата на изразување и, воопшто, сите демократски вредности и принципи. Затоа тие во јавноста пласираат невистини, манипулативни податоци и лажни информации, со намера да го замолчат граѓанското општество – вели програмскиот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Филип Стојановски.

Од граѓанските организации истакнаа дека е клевата и лага дека тие работеле да ја дестабилизираат државата, дека предизвикувале криза, дека работеле за партиски цели, дека биле плаќани за да одат на протести и дека добивале милиони на нивните сметки за партиски цели.

– Упатуваме порака до сите државни институции што поседуваат информации за работењето на граѓанските организации да не ги надминуваат своите законски надлежности и да не се ставаат во служба на недемократската хајка против слободоумното граѓанско општество – рече Сања Богатиновска од Здружението на млади европски федералисти.

Граѓанските организации порачаа дека и понатаму ќе останат доследни на своите заложби за слобода, демократија, еднаквост, правда и почитување на човековите права.


Серија деманти и најави за тужби од НВО и од граѓански организации за клеветите на СОС


Скопје, 6 февруари, 2017 - 11:38 (META) 

Реакциите, демантите и најавите за тужби од голем број граѓански здруженија и асоцијации против тврдењата и клеветите на „Стоп операција Сорос“ (СОС) изнесени во саботата, продолжуваат. По реакциите од вчера, денеска со барања за извинување и со деманти се јавија и здружението „Регионален центар за одржлив развој“ од Кратово, Организација на жени од Струмица, Здружението „Факултет за работи што не се учат“ и Центар за современи уметности – Скопје. Обвинуваат дека без основа и спротивно на вистината се оцрнува нивната работа, која е транспарентна и може да се провери.

Од Регионален центар за одржлив развој – Кратово велат дека од формирањето во 2003 година со средства од програмата на Европската агенција за реконструкција, досега реализирале поголем број проекти самостојно и во партнерство со други организации од Македонија и od Европа. За сите активности подетални информации можат да се најдат на www.regionalencentar.org.mk, велат од организацијата и бараат извинување од СОС, најавувајќи дека ако тоа не се случи, ќе поднесат тужби за навреда и за клевета.

Слична реакција стаса и од Здружението „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Тие велат дека тврдењата на Цветин Чилиманов на прес-конференцијата во саботата, се „злонамерни клевети, неточни, непрофесионални, нечесни и малициозни лаги, наменети за наштетување на угледот на ФРУ и на соработниците“.

Здружението побара јавно извинување во рок од седум дена, а во спротивно ќе поднесе тужби за навреда и за клевета.

Од Здружението на жени од Струмица исто така порачуваат дека груби клевети и навреди се тврдењата дека на нивната сметка легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ.

„Организација на жени на општина Струмица не е ниту „дел од партијата СДСМ“ ниту, пак, „партиски клуб на партијата“, како што наведуваат од движењето СОС. Организација на жени на општина Струмица не е наменски основана за нечии цели. Ние сме граѓанска организација основана во 1991 година, со една и единствена цел –  да ги промовира, застапува и да ги штити правата и интересите на граѓаните“, се вели во реакцијата.
Организацијата побара извинување од Цветин Чилиманов и од Никола Србов во рок од седум дена, а во спротивно ќе поднесе тужби за навреда и за клевета.

Со остра реакција се огласи и Центарот за современи уметности – Скопје, негирајќи дека е „дел од организации на чии сметки легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ“. Велат дека парите што тие ги добиваат од донатори никогаш не биле и нема да бидат користени за целите на која било партија.