Хелсиншки комитет го осуди говорот на омраза и насилството на навивачката група „Балисти“


Скопје, 5 ноември, 2018 - 14:26 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија најостро го осудува вчерашниот инцидент во Тетово предизвикан од припадници на навивачката група „Балисти“.

Од објавените видеа од случувањата на тетовските улици, се слушаат песни и извици  каде е забележан говор на омраза  и повикување на насилство, по што следело и “извршување на дело од омраза”, односно фрлање со камења и шишиња врз кафуле полно со гости, посочуваат од организација.

Хелсиншкиот комитет нагласува дека со посебно внимание ќе го следи разрешувањето на овој инцидент и ќе бара најстроги казни зa дела од омраза и говор на омраза, чија цел е предизвикување меѓуетнички тензии и насилство.


Смртоносен е говорот на омраза во Македонија, што треба да сторат институциите?


Скопје, 13 јули, 2018 - 9:29 (META) 

Навреди, покани за одмазда, националистички, шовинистички и фашистички повици – сите под патриотски закрила гледаме оваа недела на социјалните мрежи и насекаде откако беше претепани до смрт младиот Никола Саздовски кој беше член на навивачката група „Комити“, од тројца осомничени за неговото тепање, кои се со албанска националност, пишува „Порталб“.

Убиството на младиот Саздовски, како што беше напишано во медиумите, било сторено како резултат на говорот на омраза. Имено тројцата обвинети за убиство и тој вербално се препукувале на интернет во етничка линија.

Партии, невладини организации, институции, официјални лица и влијателни луѓе повикаа на казнување на сторителите кои го претепаа Саздовски до смрт, и го повикаа народот на смиреност.

Социологот Али Пајазити верува дека политичарите, медиумите и невладините организации мора да работат понапорно за да се оневозможат националистичките и фашистичките напади.

-Гледајќи социолошки, говорот на омраза е феномен кој покрај во социјалниот и политичкиот спектар е вклучен и во спортот, кој во суштина треба да има пријателски карактер. Институциите мора да преземат мерки за олабавување на националистичките и фашистичките грчеви кои го погодија спортот кај нас. Ова треба да го сторат и политичарите, медиумите, невладините организации – вели Пајазити.

Од друга страна, универзитетскиот професор и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска, проценува дека денеска го гледаме говорот на омраза на ова ниво, бидејќи тој никогаш не бил казнет.

– Говорот на омраза првично беше дистрибуиран од политичарите, па продолжи со некои новинари од одредени портали, а подоцна граѓаните го реализираа. За Миленко, Мирка или Латас, за ниту еден од нив немаше последици за она што тие го промовираа многу јасно и гласно. Граѓанските организации поднесоа пријави до обвинителството за тоа, но нема реакција. Автоматски, тоа ги поттикна младите во услови на политичка, а потоа етничка невнимателност, дека говорот на омраза е легитимно средство за комуницирање. Но, кога станува збор за младите, многу е лесно да се предизвикаат емоции со говор на омраза, а потоа е многу тешко да се контролира што може да биде резултат на говор на омраза. Толеранцијата и разбирањето треба да започнат во секојдневниот живот, во образованието и во говорите на функционерите – оценува Најчевска.

Иако говорот на омраза е кривично дело казниво со затворска казна од 1 до 5 години, праксата во Македонија покажува дека досега никој не е осуден за такво нешто. Недостатокот на превентивни активности од страна на властите создаде простор младите лесно да бидат манипулирани за политички поени, преку разни организации.


МВР со зајакнати контроли за фудбалските натпревари денеска и утре


Скопје, 10 јули, 2018 - 12:13 (META) 

Министерството за внатрешни работи извести дека ќе преземе мерки и ќе има зајакнати контроли за меѓународните фудбалски натпревари што денеска и утре ќе се играат во Скопје и апелираше публиката да се воздржи од нарушување на јавниот ред и насилства.

Натпреварите од Лигата на шампионите и од Лига Европа ќе се играат на најголемиот скопски стадион, „Телеком Арена“ во Градскиот парк и на стадионот „Петар Милошевски“ во Ново Лисиче. Ќе се спротивстават „Шкендија“ и „ТНС“ од Велс, како и „Работнички“ и „Хонвед“ од Унгарија.

„Апелираме до граѓаните да се воздржуваат од дејствија кои го нарушуваат јавниот ред и мир, а со цел да поттикнат насилство и други кривични дела. МВР нема да покаже никаква толеранција кон насилство, нарушување на јавниот ред и мир и други кривични дела во рамки на Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари. МВР ги повикува сите граѓани, особено навивачките групи, на фер и спортско навивање да ги проследат спортските натпревари почитувајќи ги законските регулативи и правата на сите граѓани кои ќе дојдат да ги проследат натпреварите во живо“, се вели во повикот.


Истепани кошаркари и полицајци на натпревар во Чаир


Скопје, 14 јануари, 2018 - 12:19 (META) 

Навивачи на кошаркарскиот клуб „Шкупи“, вчеравечер во салата „Шабан Трстена“ во скопската населба Чаир повредиле двајца полицајци, еден кошаркар и технички раководител на клуб, а удирале и други играчи.

Според СВР Скопје, инцидентот почнал во 19.20 часот, по завршување на натпреварот помеѓу кошаркарскиот клуб „Шкупи“ и кошаркарскиот клуб „Пелистер“. Од трибината каде што била навивачката група на „Шкупи“ била фрлена една петарда на клупата каде што седеле кошаркарите на „Пелистер“. Тие потоа возвратиле со фрлање пластично шише полно со вода кон навивачите.

Потоа навивачите на кошаркарскиот клуб „Шкупи“ ја прескокнале оградата од трибината и нападнале неколку кошаркари на „Пелистер“, при што со повреди се здобиле техничкиот раководител на клубот и еден од играчите, како и двајца униформирани полицајци.

За случајот веднаш бил известен и јавен обвинител, а полицијата работи на расчистување на случајот.


Тројца повредени во тепачка меѓу две групи кај Бит-пазар


Скопје, 20 октомври, 2017 - 0:01 (META) 

Две групи вечерва предизвикале инцидент кај Бит-пазар, во кој, според полициски информации, повредени се три лица, а оштетени се и два автобуси.

Од МВР не ги соопштуваат причините за инцидентот, а дел од медиумите објавија дека тој бил предизвикан од навивачи кои се враќале од фудбалскиот натпревар меѓу Вардар и Реал Сосиедад (0:6).

Како што соопшти МВР, вечерва околу 21 часот било пријавено дека на булеварот Крсте Мисирков на автобуска постојка во автобус со број 50 на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, од страна на повеќе лица бил нарушен јавниот ред и мир, а биле нападнати и патници кои биле внатре во автобусот.

Инцидентот почнал на горниот кат од автобусот, каде што настанала тепачка, која потоа продолжила и на долниот кат. Едно од лицата што учествувало во тепачката го фатило воланот на возачот, по што автобусот удрил во друг автобус со број 20.

Откако биле отворени вратите од автобусот, физичката пресметка продолжиле на постојката, а по интервенцијата на полицијата, лицата се разбегале во различни правци.

Во инцидентот повредени се три лица, кои со возила на итна медицинска помош се префрлени во Ургентниот центар.

Засега, како што информира МВР, е приведено едно лице со иницијали Р.Б. и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и за идентификување на сите учесници во насилството.


Поради Супер купот на УЕФА од денеска ќе има изменет сообраќаен режим


Скопје, 7 август, 2017 - 10:03 (META) 

Поради Супер купот на УЕФА од денеска ќе биде воведен посебен сообраќаен и пешачки режим за сообраќајниците во непосредна близина на стадионот.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека од осум часот денеска до завршување на натпреварот, односно до 9 август, на потегот од крстосниците на улиците Аминта Трети (поранешна Ленинова) и Јордан Хаџи Константинов-Џинот ќе се пропуштаат исклучиво лица и возила кои имаат соодветна акредитација од организаторот на мечот, УЕФА.

На денот на натпреварот, зависно од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање за сообраќај и на булеварот Илинден на потегот од објектот на Владата до крстосницата со улицата Рузвелтова.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, информираше дека Град Скопје е подготвен да ги пречека илјадниците навивачи од сите страни на светот за претстојниот натпревар меѓу двата најтрофејни клубови во Европа, „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За навивчите е подготвена т.н неутрална зона во согласност со стандардите на УЕФА, која ќе биде отворена во 11 часот.

– Во неутралната зона за обожаватели, сите ќе можат да играат фудбал, фудбалски тенис, да шутираат пенали, а и да си ги испробаат своите способности. Во оваа зона е предвидена богата музичка програма на познати македонски диџеи и музичари, кои ќе ги забавуваат посетителите на 7 и 8 август од 11 до 19 часот – рече Трајановски.

Тој додаде дека заедно со УЕФА и со ФФМ, на оваа локација ќе се постават и трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на шампионите, трофејот на Лига Европа и Супер купот.

Навивачите на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“, пред самиот натпревар ќе се соберат на плоштадот „Филип Втори“ и пред платото на спомен-куќата на „Мајка Тереза“, од каде ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.


Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


Навивачката група „Мајмуни“ до „Партизан“ и ПАОК: Банкрот за Грција и НАТО – 1999 за Србија


Прилеп, 13 февруари, 2017 - 11:55 (META) 

Навивачката група „Мајмуни“ на фудбалскиот клуб Победа од Прилеп, викендов им одговори на навивачите на српскиот клуб „Партизан“ и на грчкиот ПАОК, кои во средата во Солун истакнаа транспарент на кој беше испишано „Македонија е Грција, Косово е Србија“.

Навивачите на „Победа“ од Прилеп објавија транспарент со кој на Грција и посакаа да банкротира, а Србија повторно да биде бомбардирана од НАТО.

– За нашите јужни соседи само банкрот, за нашите северни соседи само НАТО од 1999-та“, стои на транспарентот на навивачката група „Мајмуни“, а на крајот на англиски се додава „Грција е Македонија“.

Слика од транспарентот на прилепските навивачи се појави и на фејсбук-страницата „Балкански навивачи“ и предизвика бројни коментари на социјалните мрежи.


Утре завршна конференција на проектот „Навивај без омраза“


Скопје, 7 февруари, 2017 - 15:30 (META) 

Проектот „Навивај без омраза“, кој беше спроведен од 10 млади активисти, новинари и студенти, а беше финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Албанија, ќе се финализира утре на прес-конференција која ќе се одржи во „ГЕМ-клубот“ со почеток во 14 часот.

Притоа ќе бидат презентирани активностите на проектот, како што се влијанието на социjалните мрежи во спречувањето на говорот за омраза, како и претставување на кампањата против насилството на спортските натпревари и презентација на видеоматеријал.

Сите активности на проектот „Навивај без омраза“ се одвиваа во периодот од септември 2016 година до февруари годинава.

„Навивај без омраза“ е иницијатива која има цел да ги спречи феноменот на говорот на омраза и насилството помеѓу навивачите и да се справи со нив.

Идејата за овој проект произлезе за време на работилницата „Спречување на насилниот екстремизам“ (CVE), која се одржа во Драч во јули минатата година, а беше организирана од Центарот за соработка и медијација (IDM) од Албанија.

Повеќе информации за проектот „Навивај без омраза“ можете да прочитате на фејсбук-страницата  https://www.facebook.com/LetsPlayNoHate/?fref=ts.


ФИФА ќе ги казни Косово и Хрватска


Женева, 18 октомври, 2016 - 14:25 (META) 

ФИФА поведе дисциплински постапки против Косово и Хрватска поради тоа што навивачите на двете репрезентации за време на квалификациските натпревари за Светското фудбалско првенство извикуваа антисрпски пароли.

Навивачите на своите јазици скандирале „Убиј го Србинот“ на натпреварот на кој Хрватска победила со 6:0.

Натпреварот се одиграл на 6 октомври во албанскиот град Скадар, затоа што фудбалските стадиони на Косово не се усогласени со правилата на ФИФА.

Фудбалската федерација не соопшти кога ќе ја донесе одлуката.

Хрватска поради однесувањето на навивачите е веќе казнета и првите два натпревари од квалификациите на домашен терен ги играше без публика.