!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Борисов кажа сè, само „македонски јазик“ не


Софија, 20 јуни, 2017 - 15:49 (META) 

Запрашан на денешната прес-конференција со неговиот македонски колега Зоран Заев на каков јазик ќе се потпише договорот за добрососедство, бугарскиот премиер Бојко Борисов даде одговор дека тој мора да биде составен „на јазикот што е наведен во Уставот“ на Македонија.

– Детали што, всушност, се важни, но не за денес, туку за евентуално следното поколение. Истовремено, ние како држава први ја признавме Македонија. Во Уставот на Македонија е кажано каков јазик има таа држава. Соодветно на договорот, таа треба да потпише на јазикот што е наведен во Уставот, а во спротивно ќе го нарушите Уставот – рече бугарскиот премиер, пренесува бугарската агенција „Фокус“.

До потпишување на договорот, сепак, вели Борисов, ќе дојде откако министрите за надворешни работи на двете земји ќе стигнат до последната верзија и тогаш ќе се донесе одлука.

– Јас сум многу добронамерен човек и вистински ве сакам како луѓе. Немаме поблизок народ. Кога историчарите ќе предложат термини за да го затвориме овој договор, тоа ќе биде огромен успех и чекор напред. Ќе дадеме добар пример на Балканот и ќе отвориме пат на Македонија по патот кон НАТО и кон ЕУ. Затоа сакаме да го направиме тоа. Ако се поведеме само по националистички чувства, ништо добро не нè чека – вели Борисов.


Националистот Каракачанов го славеше Денот на Македонија како министер


Софија, 6 јуни, 2017 - 12:51 (META) 

Бугарскиот вицепремиер за јавен ред и безбедност и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, вчера во Софија пред споменикот на револуционерите од Македонија и Тракија, првпат го одбележа Денот на Македонија како владин министер, јави „Балкан инсајт“. Претходно Каракачанов, според бугарските медиуми, бил редовен учесник на одбележувањата, но првпат годинава го зеде под свое патронство ова празнување на бугарските националисти.

Прославата организирана од т.н. Македонскиот научен институт (МНИ) почна пред споменикот во Софија, оддавајќи им признание на паднатите борци, по што се одржаа панихида и научна конференција.

Во официјалното обраќање на конференцијата одржана во МНИ, Каракачанов, кој исто така е член на институтот, ги повика Бугарите „да не ги заборават вистината и идеалите на хероите што паднале за Македонија“.

Каракачанов е долгогодишен лидер на бугарската ВМРО-БНД, која е позната по екстремниот национализам во поглед на Македонија и ја пропагира тезата за национален идентитет на етничките Македонци во Република Македонија.

На сметка на Каракачанов од истакнати научници беа пласирани критики дека го злоупотребува „македонското дело“, како што се нарекува борбата за бугарската кауза на територијата на денешна Република Македонија и на териториите на Грција и на Албанија.


Таравари да се приземји за да не дојде време да нè моли за нешто, порача ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 3 јуни, 2017 - 12:34 (META) 

Само што помисливме, врз основа на биографијата, дека Арбен Таравари ќе биде солиден министер, кој ќе си ја гледа министерската и стручна работа, ние веќе гледаме разулавен националист кој едвај чека да влезе во конфликт по национални, етнички и партиски прашања, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната изјава на новиот министер за здравство.

„Му порачуваме да не се сили многу, да не скока, да се приземји, да не дојде набргу да ја моли за нешто ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно нема доволно политичко искуство, па ако станал министер, мисли дека вечно тоа и ќе биде и веднаш ја покажува својата ароганција и ксенофобичност. Можеби тоа ќе му се допадне на неговиот шеф, кој се храни со националистички и шовинистички изјави и со говор на омраза, но сигурно не е добра препорака за мнозинството граѓани кои очекуваат од него да го подобри здравството со реформи, а не, без да е предизвикан, да се кара со политичките партии и да се однесува незрело“, стои во реакцијата на опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Таравари се впишал во историјата како министер чија прва изјава е дека ќе урива реформи, наместо да ги спроведува.


Дачиќ: Кризата во Македонија ескалира поради проектот „Голема Албанија“


Белград, 30 мај, 2017 - 14:57 (META) 

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, денеска оцени дека бебедносно-политичката ситуација во светот, но и во регионот е влошена. Тој наведе дека во многу земји од регионот се зајакнал национализмот, а политичката сцена се радикализирала.

– Тоа особено беше видливо во Хрватска и во БИХ во текот на 2016 година. На почетокот од 2017 година дојде до ескалација на кризата во Македонија, во чија основа е сè помалку скриениот и сè поагресивно актуализираниот проект „Голема Албанија“, што имплицира измена на постојните граници во регионот, односно присоединување кон Албанија на поголеми или помали делови од териториите на соседните земји – рече Дачиќ.

Денеска за состојбата во регионот говореше и српскиот премиер во заминување, Александар Вучиќ, кој на својата последна прес-конференција како претседател на српската влада рече дека постојат тензии во регионот, но дека сега проблемите не се „туркаат под тепих“.

Тој вети дека како претседател на Србија ќе работи на унапредувањето на односите со соседите.


Албанската пратеничка Месила Дода посилно ќе се бори за Илирида, мотивирана од заканите


Тирана, 1 мај, 2017 - 14:31 (META) 

Албанската парламентарка Месила Дода, позната по својот екстремизам, на својот фејсбук-профил постираше принтскринови од закани од, како што тврди таа, македонски граѓани.

Дода, пратеничка од Партијата за праведна интеграција и единство, во своето обраќање преку социјалните мрежи пишува дека постојано добива закани кога и да се позанимава со ситуацијата на Албанците во Македонија. Вели дека ако се осмелуваат да се закануваат на албански парламентарец на 100 километри од нив, тогаш што останува за Албанците во Македонија и кој знае под каков притисок живеат тие.

Својот пост го завршува со заклучок дека ваквите закани само ја уверуваат во праведноста на каузата за Илирида.

Месила Дода во последните години од сите албански парламентарци предизвика најмногу реакции во Македонија, каде беше обвинета за ултранационализам, а своите провокативни изјави ги даде дури и во Дебар.


Димитриев го искара Рама на „Фејсбук“


Скопје, 21 април, 2017 - 11:50 (META) 

Додека мојот колега од Албанија „од ракав“ вади сценарија за спојувања на Албанија и на Косово, доколку пропадне европската интеграција на државите од регионот, негови дежурни адвокати се трудат да го правдаат со теза дека тоа што Рама бара домашни предизборни поени преку брутално мешање во македонските процеси било од „пријателска природа“, вели техничкиот премиер Емил Димитриев на својот фејсбук-профил.

– Каква неодговорност од социјалист кој најотворено подгрева национализам! Додека владее конфузност кај политичари во соседството дали сакаат да поддржат навистина пријателски дух во регионот или не, сакам да им порачам дека ние, иднината на Македонија ја гледаме во Европската Унија и немаме дилема во однос на овој стратешки приоритет. Ваквите изјави не се во прилог на добрососедството и на градењето пријателски односи. Напротив, додаваат масло на огнот кој тлее и ги разгоруваат националистичките чувства кај сите поединечно. Дури и Европската Унија нема дилема дека иднината на државите од регионот е во ЕУ. Само Рама со неговиот тим ги има и очигледно мисли дека со неговите алтернативи добива предизборно и ги покрива домашните слабости – вели Димитриев.

Според техничкиот премиер, никакво територијално прекројување, обединување или разединување не е во насока на поголема стабилност и мир, ниту на просперитет.

– Секоја држава од регионот е суверена држава, a главна цел треба да ѝ биде зголемување на стандардот на граѓаните, во сопствените граници. Иднината на регионот не е во обединувањето на две држави или повеќе територии, туку иднината е во обединувањето на сите околу европските вредности во Европската Унија – додава Димитриев.


Ципрас – Туск: Балканските земји да се откажат од национализмот ако сакаат да влезат во ЕУ


Атина, 5 април, 2017 - 15:22 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас по денешната средба со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, во Атина, на заедничката прес-конференција посочи дека очекува од балканските држави да стават крај на националистичкото однесување ако сакаат да станат дел од Европската Унија.

– Европската перспектива на Балканот треба да се заснова на оддалечување од национализмот и на почит на принципите на добрососедските односи и на човековите права – изјави Ципрас.

Грчкиот премиер во изјавата се задржа на бегалската криза, посочувајќи дека Грција игра клучна улога во справување со тој проблем. Побара да се продолжи со почитување на договорот меѓу ЕУ и Турција, а изрази и незадоволство од државите на ЕУ кои и понатаму не сакаат да помогнат и да прифатат бегалци кои треба да се пренесат од Грција во другите европски држави.

Туск, пак, на оваа тема посочи дека е надминат зенитот на бегалската криза, но сепак треба да се продолжи со напорите за ефективно справување со проблемот.

Според Ципрас, Грција и покрај финансиската криза продолжува да има важна улога и претставува фактор на стабилност во еден нестабилен и проблематичен регион.

Туск и Ципрас се фокусирале и на економијата и на преговорите меѓу меѓународните кредитори и Грција за постигнување договор по проценката за исплонетите реформи, кој треба да даде зелено светло за исплаќање на новата рата од кредитот за Грција. Туск посочи дека никој не сака да ја казни Грција и забележа дека конечно се гледаат резултати од мерките спроведени во државата.


Албанија и Хрватска му пишаа на НАТО дека Србија му се заканува на Косово


Приштина, 16 февруари, 2017 - 14:13 (META) 

Министрите за одбрана на Албанија и на Хрватска, Мими Кодели и Дамир Крстичевиќ, му пишале на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за најновите случувања на Косово, пишуваат приштинските медиуми.

Во писмото, Кодели и Крстичевиќ ја осудуваат националистичката реторика на српските власти, кои како што се наведува, има за дел да го поткопа суверенитетот на Косово и да ја дестабилизира безбедносната ситуација во регионот на Западен Балкан.

Кодели и Крстичевиќ го повикале Столтенберг да ги преиспита оперативни план мировната мисија на Косово и да ја поддржи трансформацијата на Косовските безбедносни сили во Вооружени сили на Косово.


Коѕиас: Албанија да не флертува со национализмот ако сака да биде дел од ЕУ


Aтина, 24 јануари, 2017 - 16:20 (META) 

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, во интервју за националната грчка телевизија ЕРТ, меѓу другото, беше прашан за проблемите што Грција ги има со Албанија.

Коѕиас истакна дека Грција, како економски најмоќна земја на Балканот, без разлика на кризата, има потенцијал со нејзината силна дипломатија да се справи со национализмот кој е во пораст во некои земји во регионот, а кои, според него, се реформирале како национални држави во последните две декади.

– Овој национализам може да се соочи со алатките на дипломатската моќ што ја имаме како земја, алатки на мека моќ. Албанија верува дека ќе ѝ биде гарантирано отворање на преговорите за влез во ЕУ без никакви услови. Но, таа не смее да си игра со национализмот и нејзините претставници не треба да искажуваат несериозни работи. Ние ги потсетивме на овој факт – рече Коѕиас.

Прашан за палењето на грчкото знаме во Дропул пред четири дена, Коѕиас истакна дека Грција ги осудува овие изолирани инциденти, но дека на овие настани не треба да се даде значење во надворешната политика.

– Суштината на проблемот во Албанија е што ние од нив треба да бараме владеење на правото, борба против трговијата со дрога и организираниот криминал. Мора да му се признаат правата на грчкото малцинство што живее во Албанија и да престанат игрите со имотите. Ова се услови што ги бара ЕУ исто така – вели Коѕиас.

Грчкиот министер за надворешни работи повтори дека Грција е земја која бара решение на проблемите со своите соседи, но дека ова треба да се направи врз основа на интернационалното и европското право.


Груевски: Нам ни лепат етикети за шовинизам, а СДСМ тепаше Албанци во 1990-тите


Скопје, 4 јануари, 2017 - 15:00 (META) 

„Сликата за нас дека сме националисти е искривена и невистинита“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во вториот дел од божиќното „мегаинтервју“ за електронското издание на неделникот „Република“. На тоа дали ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер се националисти или не, му е посветен најголем дел од интервјуто, во кое Груевски прави дистинкција меѓу национализам и шовинизам и вели дека „Сорос и другите сосема неправедно делат етикети за шовинизам на влада и на партија кои се мултиетнички, во земја во која има соживот и толеранција“.

„Под зборот националисти, тие сакаат да нè прикажат како шовинисти… Национализмот, традиционално, се смета за приврзаност кон својата земја, а во последно време, од некои кругови, добива негативна конотација. Шовинизмот е омраза кон другите. Со оглед на тоа дека кај нас овој збор најчесто се користи во смисла на меѓуетничките односи и релации, ќе се осврнам и ќе аргументирам во тој дел. Јас, колку што се сеќавам, токму партијата што Сорос индиректно или директно ја поддржува, СДСМ, токму таа партија во деведесеттите години ги тепаше Албанците во Гостивар поради поставување нивно знаме пред општината и ги затвори политичарите што го направија тоа. И, колку што знам, токму ВМРО-ДПМНЕ ги ослободи тие политички затвореници и донесе Закон за употреба на знамињата на етничките заедници, со кој се овозможи нивна легална употреба… ВМРО-ДПМНЕ го поддржа првиот универзитет на албански јазик – Штуловиот универзитет и до денес го поддржуваме преку средства од буџетот, како негово кофинансирање“, вели Груевски.

Тој вели дека изминативе години како што се борел за Македонците кога се на мака, така се борел и за Албанците и никогаш не ги двоел, а сè друго, нагласува, е „лажна и валкана пропаганда на неспособни луѓе“.

Во интервјуто тој зборува и за средбата со Џорџ Сорос пред неколку години во Прага, која, како што вели, била кратка и траела 15-20 минути и била во рамките на конференцијата за Декадата на Ромите.

„Сосема на крајот, тој праша за процесот за наоѓање решение за името, укажа дека е добро побргу да се реши ова прашање и укажа дека Папандреу ќе биде уште кратко премиер и дека потоа ќе биде потешко за решавање, нешто што го знаевме, но, за жал, за клучните аспекти од проблемот и Папандреу ги држеше истите и добро познати црвени линии на Грција, кои во Македонија се неприфатливи. Кажа и неколку други детали од овој процес, од кои видов дека е добро запознаен. Друго не разговаравме, немаше ниту време, ниту се чувствуваше подготвеност за тоа“, вели Груевски.