Макрон го отфрли барањето за признавање на корзиканскиот јазик


Ајачо, 8 февруари, 2018 - 11:06 (META) 

На својата прва посета на островот Корзика, кој во минатото беше потресуван од голем број терористички напади извршени од поборниците за независност, францускиот претседател Емануел Макрон вчера порача дека нема да го признае корзиканскиот јазик како официјален јазик.

Макрон отфрли и друго барање на корзиканските националисти за специјален резиденцијален статус за да се спречат шпекулациите со недвижен имот на островот. Сепак, францускиот претседател вети нови инвестиции и рече дека е подготвен за префрлање поголеми овластувања на локалните власти.

На локалните избори во декември, на Корзика победа остварија националистите што сакаат поголем автономија. Вчера пред посетата на Макрон, илјадници корзиканци одржаа марш со кој побараа поголема автономија од Франција.

Макрон им порача на националистичките политичари дека островот е интегрален дел од Француската Република, но понуди симболична отстапка: споменување на островот во францускиот устав.


МНР го осуди палењето на македонското знаме во Солун


Скопје, 22 јануари, 2018 - 10:23 (META) 

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) реагираше на инцидентот на големиот протест вчера во Солун, кога беше запалено македонско знаме. И покрај градењето мерки на доверба од страна на двете влади, за жал уште се случуваат инциденти од луѓе кои сѐ уште живеат во минатото, се вели во соопштението од МНР.

„Целиот регион и нашите две земји се на вистинскиот пат на доброседство кој ќе резултира со исполнување на евроатланските интеграции на нашата земја, како и стабилност и економски развој на целиот регион. За жал сѐ уште се случуваат изолирани инциденти како денешниот во Солун,  предизвикани од поединци и групи кои сѐ уште живеат во минатото и во политиките на конфронтација и национална изолираност, чии активности ги осудуваме како политики на омраза и нетрпение. Мнозинството граѓани сакаат да развиваат блиски и пријателски односи“, пишува во реакцијата.


Судир на полицијата со демонстрантите пред почетокот на конвенцијата на АФД во Германија


Штутгард, 30 април, 2016 - 14:47 (META) 

Стотина левичарски демонстранти денеска се обидоа да ги спречат луѓето да влезат на конференцијата на ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) во Штутгард, а полицијата употреби спреј за да ги растера демонстрантите.

Полицијата уапси 400 демонстранти.

И покрај протестите, конференцијата на АФД почна навреме, а 1.000 полицајци ги опколиле демонстрантите пред изложбениот центар, каде партијата има партиска конвенција.

Се очекува АФД, која бара забрана за носење бурка и изградба на минариња во Германија, на денешната конвенција да се прогласи за отворено антиисламска партија.


Емигрирањето во Белгија би можело да чини 225 евра


Брисел, 5 декември, 2014 - 12:26 (META) 

Белгискиот државен секретар за азил и за миграција, националистот Тео Франкен, ги појасни плановите на неговата влада да го наплаќа правото на престој на имигрантите на белгиска територија, а, според него, тоа ќе чини 225 евра.

Доколку имигрантот одбие или не може да ја плати оваа сума, тој ќе се соочи со „многу тешка санкција“ и тоа итно истерување од територијата, со целосна забрана повторно да влезе во Белгија.

Државниот секретар додаде дека ова не би важело за „загрозени групи“, како што се „жртвите на шверц со луѓе, малолетници без родител или старател, баратели на азил и граѓани на Европска Унија“.

Но, белгискиот Државен совет, највисоката судска инстанца во земјата, со скепса ја прими оваа вест, пишуваат белгиските медиуми.

Имено, Државниот совет во моментов „јa испитува усогласеноста на оваа мерка со уставното право, со европското и со меѓународното право“.

Највисоката судска инстанца во државата сака да види прецизен список на луѓето што би биле засегнати од мерката, а не само оние кои се ослободени од плаќање. Судот смета дека не смее да има „сиви зони“ во толкувањето на законот бидејќи санкцијата во случај на неплаќање е „многу тешка“.