Вулгарен напад на бугарскиот вицепремиер врз европратеничката која протестираше за Пирин


Софија, 12 февруари, 2018 - 16:18 (META) 

Валери Симеонов, бугарскиот вицепремиер за економија и демографски политики и претседател на националистичката партија Национален фронт за спасување на Бугарија, со вулгарности се нафрли на германската „зелена“ европратеничка Ска Келер поради нејзиното учество на протестите во Бугарија за спасување на Националниот парк „Пирин“ од проширувањето на капацитетите на Банско на заштитената територија.

Во писмо потпишано од него и тројца негови сопартијци, а испратено до Европскиот парламент, Министерството за надворешни работи на Бугарија, Федералната влада на Германија и Коалицијата „Алијанса90/Зелена партија“, Симеонов го нарекува протестот на 8 февруари во Софија „шлаење со цел враќање на власт преку лаги“.

Притоа тој дава крајно невкусна оценка на физичкиот изглед на Келер критикувајќи ја што протестирала и барала оставка на бугарски министер, како и укинување на одлука на бугарската влада.

Вулгарно осврнувајќи се на нејзиното име – Ска – и на фактот дека дипломирала на истанбулскиот универзтет „Шабанџи“, Симеонов прашува „Од височината на кое минаре раздава правда во туѓа држава, со самобендисаност на доброплатен сунетчија со налог“.

Тој вели дека бугарското Министерство за надворешни работи треба да ја прогласи Келер за персона нон грата и да ја екстрадира со „марица“ на граничниот премин со Турција, Капикуле, оти „трошоците за авионски билет би биле неоправдани“. Дури  нуди и неговата партија да го организира транспортот.

Симеонов инаку во 2014 година бил осуден за говор на омраза кон Ромите во Бугарија.

Европратеникот Ангел Џамбазки исто така ја нападна својата колешка Келер, која е ко-претседавач на Групата на зелените/ЕФА во Европскиот парламент. Џамбазки нa својот Фејсбук-профил ја нападна Келер, велејќи дека е една од „екстремните левичарски зелени екстремисти што ја поддржуваат исламската инвазија на Европа“, пишува сајтот за истражувачко новинарство BulgarianPresidency.eu.

Екологистите во голем број градови низБугарија и низ целиот свет од почетокот на годината редовно протестираат против одлуката на бугарската влада од крајот на минатата година да дозволи градежни активности во 48% од територијата на Националниот парк „Пирин“.

Од владата велат дека тоа е во интерес на развојот на зимскиот центар Банско.


Еколозите загрижени дека туристичко Банско ќе го проголта паркот Пирин


Софија, 23 јануари, 2018 - 14:36 (META) 

Од Лондон преку Софија до Сиднеј, на 4, 11 и 18 јануари годинава во 20 бугарски градови и во 8 светски метрополи, илјадници луѓе маршираа на протести против најновите законски измени донесени во Бугарија со кој значително ќе се намали територијата на националниот парк „Пирин“ за сметка на зимскиот центар „Банско“, инаку многу популарна дестинација и меѓу македонските граѓани. Протестите во Бугарија беа најголемата граѓанска мобилизација од антивладините протести во 2013 година.

Plovdiv protests Pirin National Park 11 jan18 - Mitakis Fotos

Photo: Mitakis Fotos

Како корупција и кршење на домашните и на законите на ЕУ за заштита на животната средина го оквалификуваа демонстрантите потегот на бугарската влада на крајот на минатата година да дозволи градежни активности во 48% од територијата на националниот пак „Пирин“ пишува „Глобал Војсис“. Паркот сега се простира на територија од 403 квадратни километри недопрена природа – од голи сртови до густи стари шуми преку глечерски езера и кристално чисти рекички. Прогласен е за дел од светското наследство под заштита на УНЕСКО уште во 1983 година.

Но од 2001 година, кога зимскиот центар Банско почна да се проширува надвор од определената територија поради огромниот наплив на туристи, почна „разрастувањето“, и хотелите, скијачките патеки и другите капацитети заземаа повеќе од 160 хектари од националниот парк, предизвикувајќи ерозија на почвата, нарушување на биодиверзитетот и загадување на изворите за вода. Она што се случи потоа беше УНЕСКО во 2010 година да ја „извади“ туристичката зона од територијата на националниот парк, односно околу 0,6 отсто од неговата територија од статусот заштитено подрачје.

Сега, по долгогодишното лобирање на „Улен“, компанијата што ја поседува инфрастуктурата на скијачкиот центар, до бугарската влада, на крајот на декември минатата година, конечно го доби тоа што го сакаше – проширување на територијата на која се однесува концесијата и кревање на забраната за градежни активности.

Како што пишува „Глобал Војсис“, проширувањето на зимскиот центар е здушно поддржано од главните медиуми во Бугарија, од кои најголем дел се во сопственост на моќни олигарси. Техниката е посредна – омаловажување на протестот од еколошките невладини организации преку игнорирање на главните теми и објавување стории во корист на зимскиот центар, како на пример за преоптовареноста на жичницата. Власта ја поддржа оваа верзија тврдејќи дека планот е изменет само за да се дозволи изградба на втора жичница – иако таа не се споменува во законскиото решение. Мејнстрим медиумите исто така се фокусираа на економските придобивки од развојот и порастот на приходите на локалното население.

И покрај фактот дека поради климатските промени веќе налагаат се поголемо користење на машините за вештачки снег, за кој се користат локалните водни ресурси, и фактот дека со новите градби дополнително ќе се наруши вегетацијата, бугарската влада ја зголеми територијата на која е дозволено градење од 0,6% на 48%. Активистите стравуваат дека тоа ќе доведе до значително зголемување на површината под скијачки терени, што ќе ги уништи старите дрвја. Едно од нив е и прастариот бор, чија старост се проценува на околу 1.300 години, односно е врсник на бугарската држава.

Поради тоа, под етикетата #SavePirin почнаа голема меѓународна кампања за кревање на свесноста, која беше успешна. Добија поддршка и од холивудскиот актер Џеред Лето, а фондацијата на Леонардо Ди Каприо исто така го сподели апелот на WWF да се спаси националниот парк. Таа петиција инаку собра над 100.000 потписи. Протест изрази и паневропската Зелена партија.

Ако не им се удоволи на барањата – повлекување на законот и гаранции  дека ќе се почитува принципот за владеење на правото, како и оставка на министерот за животна средина, Нено Димов, активистите ќе протестираат повторно в четврток, пишува „Глобал Војсис“.


Еколозите бараат Шар Планина да стане национален парк за да се спаси од уништување


Тетово, 11 мај, 2017 - 16:44 (META) 

Шар Планина што поскоро да се прогласи за национален парк, зашто само на тој начин ова подрачје ќе се заштити од уништувањето на биодиверзитетот, истакнаа учесниците на завршната конференција на проектот „Предизвици за заштита на природата на Шара во идното прекугранично заштитено подрачје Шара, Кораб, Шари“.

– Сведоци сме дека има неконтролиран незаконски лов, а најопасно е неконтролираното градење на Шара, дури и во високите предели. Затоа бараме што поскоро да се заштити ова подрачје. На тој начин ќе има поголема контрола на овој масив, кој, за жал, сега се уништува – изјави проф. д-р Љупчо Меловски од Македонското еколошко друштво.

Со заштита на шарпланинскиот масив и локалното население ќе има големи придобивки.

– Има тука разни плодови, боровинки, шарпланински чај. Овие работи се берат неконтролирано, не се чуваат. Во националниот парк ќе биде многу поинаку – вели универзитетскиот професор Гоше Стефков.

На конференцијата присуствуваше министерот за животна средина, Башким Амети, кој рече дека конференција е чекор напред кон процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк,

– Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е предвидено со урбанистичкиот план на Македонија години наназад, а досега и во други пригоди Министерството давало заложби за ова да се случи. Со проектот финансиран од УНЕП и од ГЕФ, се подготвува студија за валоризација на природните ресурси за Шар Планина, како и други дополнителни документи за заокружување на овој процес, кои во следните две-три години ќе се финализираат – изјави Амети.

На конференција се презентираа резултатите од активностите на тригодишниот проект „Зачувување на биолошката разновидност преку одржливо искористување на ресурсите на Шар Планина“, спроведуван од Македонско еколошко друштво и од платформата „Пријатели на Шара“. Истовремено и се презентираа заедничките активности од повеќе домашни и меѓународни чинители во прекуграничното подрачје на шарпланинскиот масив.

Инаку, иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара повеќе од една деценија, но оваа иницијатива сè уште не е влезена во законска процедура. На косовската страна, Шар Планина за национален парк е прогласена во 1983 година.


Дрвокрадци од Албанија пустошеле шума два километри во македонска територија


Охрид, 29 март, 2017 - 14:50 (META) 

Вработени на Националниот парк „Галичица“ во координирана акција со Граничната полиција и со Шумската полиција, при контрола на делот каде се најчести кражбите на дрва во паркот, на границата со Република Албанија кај Свети Наум, затекнале двајца дрвокрадци од Албанија кои пустошеле шума два километри длабоко во македонска територија.

– При оваа акција, бил фатен албански државјанин кој ја преминал границата и навлегол во просторот на Република Македонија во длабочина од околу два километри. Фатен е во кражба на дабово дрво и пустошење на шумата, при што кај него е најдена моторна пила, како и товарен добиток со кој требало дрвата да ги пренесе во Република Албанија – велат од НП „Галичица“.

Престапникот е приведен. Му биле одземени добитокот и моторната пила и надлежните продолжуваат со процедурата.


Во пожар во Тенеси загинаа седум лица


Нешвил, 1 декември, 2016 - 11:06 (META) 

Во шумските пожари во националниот парк Грејт смоуки маунтинс, во американската сојузна држава Тенеси, досега загинаа седум лица, а три лица беа спасени.

Од градот Галтинберг од понеделникот вечерта евакуирани се повеќе од 14.000 лица, откако големи пожари зафатија стотина куќи и деловни објекти во областа на националниот парк.
Гувернерот на округот Севир во Тенеси, Лери Вотерс, рече дека тројцата преживеани се во добра состојба и истакна дека спасувачките операции продолжуваат.

Шефот на полицијата во Гатлинберг, Рендал Беркинс, рече дека полицијата досега пребарала околу 30 отсто од градот.

Локалните власти не објавија колку лица се сметаат за исчезнати.


Еколошка катастрофа: Пластични шишиња и отпад го покрија Дебарско Езеро


Дебар, 16 ноември, 2016 - 17:18 (META) 

На Дебарско Езеро му се заканува еколошка катастрофа. Целата површина е покриена со пластични шишиња и отпад, барем според она што може да се види од фотографиите што ги испрати активистот за заштита на животната средина, Гоце Љубиноски.

– Фотографијата од загаденоста на Дебарско Езеро е направена денеска. Утре ќе имаме состанок во нашето друштво, а во наредните денови за ова ќе реагираме до надлежните институции – вели Љубиноски.

Тој е активист во невладината организација за заштита на животната средина „Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар“, која досега спрoвела неколку акции против изградба на хидроенергетски проекти во националниот парк „Маврово“.


Во УНЕСКО загрижени за состојбата со заштитеното светско наследство во Охрид


Скопје, 29 октомври, 2016 - 11:11 (META) 

Нашиот западен сосед, Албанија, очекува во 2019 година и албанскиот дел од Охридското Езеро да биде ставен под заштита на УНЕСКО. Тоа е интерес и на Република Македонија, поради што во Струга претставници на двете земји ги договараа мeрките за прекугранично управување со сливот на Охридското Езеро заради обезбедување на статусот на УНЕСКО и на тој дел од езерото.

И додека во Поградец и во другите помали места од таа страна на езерото властите на Албанија упорно уриваат дивоизградени објекти и слични градби за да се добие посакуваниот статус, на нашата страна, Охридскиот Регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја, што се толкува како чекор кон губење на статусот на заштитено подрачје.
Најновото предупредување со сериозните забелешки нотирани во заклучоците на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, дојде од Истанбул, Турција, од седницата одржана во јули.

Договорено е УНЕСКО во Македонија да испрати советодавна мисија која треба да ѝ помогне на владата да ги отстрани сериозните забелешки нотирани во заклучоците на Комитетот, а Македонија да ја испрати целокупната барана документација.
Предупредувањата од УНЕСКО се однесуваат на измената на планот за националниот парк Галичица, каде се планира изградба на експресен пат, скијачки центар и три туристички зони.

Тоа би имало негативни влијанија и претставува потенцијална опасност за исклучителната универзална вредност на природното наследство.

За жал, и покрај сите укажувања, постапката за реализација на овие проекти продолжува.


Конференција за прогласување на Шар Планина за национален парк


Драгаш, 27 март, 2016 - 11:06 (META) 

Заштитата на природата и економскиот развој на регионот се големите придобивки од прогласувањето на Шар Планина на косовската страна за национален парк. Ова е ставот на претставниците на косовските институции, кои учествуваа на конференцијата „Важноста од прогласувањето на Шар Планина за Национален парк“, која се одржа во Општина Драгаш, Република Косово.

– Со самото користење на името национален парк доаѓаат профити. Затоа што нашите продукти кои се произведуваат во рамки на паркот, сигурно ќе добијат етикета на еко производ , производ од националниот парк – изјави Салим Јонузи, претседател на општина Драгаш.

На конференцијата, на која учествуваа повеќе невладини и еколошки организации од Македонија, беше истакнато дека прогласувањето на Шар Планина на македонската страна, за заштитено подрачје е од заемен интерес на Македонија и на Косово. На тој начин ќе се заштити флората и фауната, на целиот Шарпланински масив.

– Многу е важно и делот на Шара што е во Македонија да биде прогласен како национален парк, бидејќи на тој начин ќе се грижиме најдобро за животните што живеат на двете страни и со тоа ќе добиеме најдобро функционирање во целиот регион – изјави Беким Бетуќи претставник од Национален парк Шар Панина на Косовската страна.

Од Македонското еколошко друштво кои учествуваше на конференцијата, се надеваат дека конечно инцијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк на македонската страна, која е стара две децении, ќе влезе во собраниска процедура.

– Нашите очекувања се дека надлежните при законскиот процес за реализирање на оваа инцијатива што трае скоро дваесет години, ќе имаат целосна соработка со месното население за вистински да се постигнат целите за заштита на природните ресурси и биодиверзитетот, без последици за нормален живот на жителите на регионот кој би бил опфатен со националниот парк – изјави Диме Меловски од Македонското еколошко друштво.

Последното истражување говори дека 83 % од локалното населените кои живее на Шар Планина на македонската страна е заинтересирано ова планинско подрачје да биде прогласено за заштитено.


Граѓаните бараат Шар Планина да се прогласи за национален парк


Тетово, 18 март, 2016 - 16:24 (META) 

Се буди свеста кај локалното население, за што поскоро прогласување на Шар Планина за национален парк. Ова го покажала анкетата направена врз жителите што живеат и гравитираат околу Шар Планина.

Анкетирани се 410 испитаници од 30 населени места, а од нив, 83 отсто одговориле дека Шар Планина треба да се прогласи за национален парк.

Голем дел од испитаниците сметаат дека со прогласување на Шара за заштитено подрачје, природата ќе биде под поголема контрола од разните девијантни појави.

– Резултатите од ова истражување се позитивни. Луѓето за разлика од претходно, сега сметаат дека со идното заштитено подрачје, ќе се воведе поголема контрола врз дивата сеча на шума. 63 отсто од анкетираните се изјаснија дека дрвото на Шара се користи прекумерно – изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.

Локалното население во анкетата посочило дека очекува економски пораст во нивниот регион ако Шара се прогласи за заштитена зона.

– Во минатото кај населението преовладуваше мислење дека со прогласување на Шар Планина за национален парк, ќе се ограничи нивниото движење по шумата. Сега се свесни дека прогласувањето на подрачјето за национален парк ќе им донесе економски добробит и позитивни резултати, во однос на развој на регионот – изјави Метин Муареми од невладината организација Институт за развој на заедницата.

Анкетата е спроведена од платформата „Пријателите на Шара“, составена од повеќе здруженија и невладини организации.

Оттаму се надеваат дека истражувањето ќе помогне да се забрза иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк.


Мобилен парламент: Прогласувањето на Шар Планина за национален парк би било од голема корист


Тетово, 11 декември, 2015 - 16:14 (META) 

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е од голема важност за локалното население што живее во оваа планинска област, a корист ќе има и градот Тетово и целата држава.

Ова се ставовите на учесниците на Мобилниот парламент, кој денеска се одржа во Тетово со наслов „Прогласување на Шар Планина за национален парк“, во организација на граѓанската асоцијација „Мост“ и партнерската организација „Центар за демократски развој и интеграција“ од Тетово.

– Ако се прогласи Шар Планина за национален парк, корист ќе има локалното население. Во нивниот регион ќе се развие туризмот, од друга страна на планината ќе има поголема контрола, а со тоа ќе се спречи појавата на дрвокрадството, кое е најголем проблем на Шара – изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.

На дебатата учестуваа граѓани, невладини организации, пратеници од шестата изборна единица.

Целта на Мобилниот парламент е граѓаните да имаат можност преку свои предлози и мислења да дадат свој придонес и да учествуваат во носењето одлуки на национално и на локално ниво.

– Идејата е да се направи директна комуникација на граѓаните и на институциите. Сè она што денеска се дебатира, се испраќа до парламентот и до инстутициите – изјави Драган Антоновски од Невладината организација „Мост“.

Иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара 10 години. Министерството за животна средина изработува студија за валоризација на вредностите на Шар Планина, која треба да ги дефинира границите на националниот парк, управувањето, користењето и вредноста на биодиверзитетот.

З.Д.