!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

НБРМ: Штедењето во април намалено во однос на март поради неизвесноста


Скопје, 10 мај, 2017 - 14:12 (META) 

Штедењето во април е намалено во однос на минатиот месец, информира Народна банка. Оттаму велат дека намалување на депозитите има и кај населението и кај претпријатијата.

„Во услови на зголемена неизвесност, поумерено е намалувањето кај депозитите на населението“, додаваат од Народна банка.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци за април покажуваат пораст на кредитите на месечна основа, повеќе на населението отколку на компаниите.

„Во април, непосредно по неколкумесечниот пораст, ликвидноста на банките умерено се намали, главно поради сезонски повисоката побарувачка за денарска готовина на населението, која е карактеристична пред велигденските и првомајските празници. Повисоката понуда на девизи на менувачкиот пазар главно беше резултат на сезонски ефект, односно за време на велигденските празници“, се вели во извештајот на Народна банка.


Граѓаните исто штедат како лани, а и банките повеќе ги кредитираат од компаниите


Скопје, 12 април, 2017 - 14:13 (META) 

Нема промени кај штедењето на населението во првиот квартал од годината во споредба со истиот период лани, соопшти Народна банка.

Заклучно со март, има пораст на кредитите на месечна и на годишна основа, со поизразено кредитирање на населението.

„Во март, ликвидноста на банките продолжи да се зголемува, со поумерена динамика и главно под влијание на сезонски пониската побарувачка за готовина во економијата. Со оглед на постојаниот пораст на ликвидните средства во изминатиот шестмесечен период, Народната банка во март повлече значителен дел од вишокот ликвидност преку основниот инструмент ‒ благајничките записи“, велат од Народна банка.

Податоците за девизните резерви во март покажуваат пад во однос на крајот на 2016 година, но тие се движат во сигурната зона.

„Последните расположливи податоци за надворешната трговија за првите два месеца од 2017 година упатуваат на отстапување, односно на малку повисок трговски дефицит во однос на очекуваниот. Сепак, краткиот период и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни заклучоци во однос на очекувањата за целото тримесечје“, велат од Народна банка.


Банките имаат вишок пари за кредити кои малку се бараат поради кризата, велат од НБРМ


Скопје, 15 март, 2017 - 14:56 (META) 

Ликвидноста во банкарскиот систем се зголемува петти месец по ред, што се должи на редовните трансакции на државата, како и на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар за нето-откуп на девизи, велат од Народна банка.

Во услови на солидна девизна ликвидност кон средината на месецот, на меѓубанкарскиот пазар се јави вишок понуда на девизи.

– Порастот на потенцијалната ликвидност на банките, која тековно е насочена кон расположливите депозити кај Народната банка, се одвива во околности на намалена кредитна побарувачка во последниот период, што е резултат на неизвесноста поврзана со политичката криза. Во такви околности, како и поради тоа што банките немаат можности да инвестираат во други домашни долгорочни финансиски инструменти, на седницата беше заклучено да се повлече дел од овие средства, кои веќе добиваат карактер на структурен вишок на ликвидност во банкарскиот систем – велат од НБРМ.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со февруари покажуваат продолжување на порастот на кредитите на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на населението.

Последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, во согласност со октомвриската проекција.


Се зголемуваат заштедите на населението и депозитите, оцени Народна банка


Скопје, 15 февруари, 2017 - 15:59 (META) 

Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка, на која беа разгледани состојбите и показателите за домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари.

Од Народна банка соопштуваат дека има сигнали за стабилизација во економијата и тоа го гледаат преку штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи.

Kаматната стапка на благајничките записи се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и таа сега изнесува 3,25 проценти.

– Првичните јануарски податоци упатуваат на понатамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат осум месеци последователно. На девизниот пазар, по високиот износ на откуп во изминатите шест месеци, во јануари позицијата на НБРМ беше неутрална. Девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво. Солидната динамика на зголемување на депозитите на годишна основа продолжи и во текот на јануари – се вели во соопштението на Народна банка.


НВО Инфоцентар: Пописот на населението треба да биде приоритет на новата влада


Скопје, 29 ноември, 2016 - 13:20 (META) 

„Македонија е единствена земја во Европа без спроведен попис на населението веќе 14 години и оваа исклучително важна статистичка операција не зазема значајно место во изборните програми на партиите и на коалициите“, се вели во соопштението на граѓанската организација НВО Инфоцентар.

„Итен приоритет за новата влада формирана по изборите, меѓу другото, мора да биде подготовката и спроведувањето сеопфатен попис на населението, според сите меѓународни стандарди и со засилено меѓународно набљудување. Новата влада ќе треба да обезбеди политички консензус и волја да се реализира пописот, а тоа подразбира да се решат политичките прашања и да му се дозволи на Заводот за статистика, стручно и независно да ја реализира оваа исклучително важна статистичка операција“, се вели во соопштението.

Во него, исто така, се додава дека во Македонија не постојат услови за спроведување попис базиран на регистри.

„Од клучно значење е да се спроведе релевантен и веродостоен попис преку традиционално теренско попишување на населението. Паралелно со ова треба да се спроведуваат активности за создавање и за поврзување на регистрите на граѓани“, се истакнува во соопштението.


Силен земјотрес го погоди северо-источниот брег на Нов Зеланд


Велингтон, 1 септември, 2016 - 20:30 (META) 

Властите на Нов Зеланд издале барање за евакуација на жителите на источниот брег на северниот остров на земјата, откако силен земјотрес бил регистриран во морето во близина на островот, јавува „Би-би-си“.

Службите за цивилна заштита побарале од жителите од регионот на Толога Беј да ги напуштат своите домови по земјотресот со магнитуда од 7,1 степен по Рихтеровата скала, кој бил регистриран на 169 километри североисточно од градот Гизборн, на длабочина од околу 30 километри.

По земјотресот веднаш бил активиран центарот за кризен менаџмент, јавило радиото „Нов Зеланд“, пренесува британскиот јавен сервис.

Жителите на северниот остров го почуствувале земјотресот, но засега нема извештаи за посериозни штети.

Во 2011 година, земјотрес со магнитуда од 6,3 степени го погоди градот Крајстчрч на јужниот остров на Нов Зеланд, во кој загинаа 185 лица.


Граѓаните најмногу бараат потрошувачки кредити


Скопје, 30 август, 2016 - 15:32 (META) 

Кредитите на банкарскиот сектор забележаа намалување од два проценти во второто тримесечје, наспроти малиот пораст од 0,1 процент во претходниот квартал, објави Народна банка.

Значителен пад на кредитите кај компаниите и домаќинствата најмногу се почувствувало во јуни.

– Во вториот квартал се забележува намалување на побарувачката на корпоративни и на станбени кредити и понатамошно олеснување на вкупните кредитни услови. Од структурен аспект, намалувањето на кредитирањето на приватниот сектор во второто тримесечје е под влијание на падот на корпоративните кредити, додека кредитите на населението остварија умерен квартален пораст – се вели во извештајот на Народна банка.

Од аспект на валутната структура, забележано е намалување и на денарските и на девизните кредити, со поголем интензитет кај кредитите во домашна валута.

Во вториот квартал на 2016 година, кредитирањето на секторот „домаќинства“ остварил пораст од 0,2 отсто на квартална основа. Се намалила побарувачката за станбени кредити, а се засилила побарувачка на потрошувачки кредити.

Кредитирањето на корпоративниот сектор се зголемува на квартална основа за околу 2,1 отсто.


Во септември странците ќе завршат со процената за штетата од поплавите


Скопје, 23 август, 2016 - 13:53 (META) 

Процената што треба да ја направи тимот на Европска Унија, Обединети нации и на Светска банка за штетите од катастрофалните поплави што се случија на почетокот на месецов, ќе биде завршена на крајот на септември, се вели во заедничката изјава на ЕУ, ООН и на Светска банка.

Стратегијата за обнова треба да ги идентификува приоритетите и да даде детална процена на трошоците, обезбедувајќи рамка за донаторска поддршка.

„Анализата на тимот ќе се заснова врз принципите на одржливиот развој. Тоа вклучува обнова и подобрување на оштетената инфраструктура заради зајакнување на нејзината отпорност и зголемување на нејзината улога во спречувањето на вакви слични катастрофи во иднина“, пишува во изјавата.

Постојаниот координатор на ООН во земјата, Луиза Винтон, вели дека помошта треба да се осврне на недостатоците во инфраструктурата за заштита, како што се одводните канали и системи.

„Треба да се смени однесувањето на населението, да се спречи депонирањето отпаден материјал во одводните канали и коритата и да не се градат објекти во делови каде постои висок ризик од поплави. Ова значи и воспоставување системи за рано предупредување кои можат да алармираат брзо за опасност од поплави од пороен дожд“, смета Винтон.

Според директорот на Светска банка, Марко Мантованели, итното преземање на активности за намалување на постојниот ризик од природни непогоди, избегнувањето креирање на нови фактори на ризик и поефикасната реакција на катастрофи се неопходни за да се минимизираат последиците од овие настани врз населението и врз економијата во иднина.

Мартин Клауке, раководител за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, смета дека во ваква ситуација треба да се согледа и коренот на причините за поплавите.


Кредитирањето на компаниите се намалува, а се зголемува на населението


Скопје, 10 август, 2016 - 13:49 (META) 

Намалување на кредитите за корпоративниот сектор и зголемување за населението е забележано во јули, објави Народна банка.

Резултатите од последната Анкета за кредитната активност за вториот квартал покажуваат дека кредитни услови и кај двата сектора се олеснети и има умерено нето-намалување на побарувачката на корпоративни и станбени кредити.

– Кредитната активност засега е во согласност со проекцијата, но имајќи ги предвид послабите остварувања кај депозитниот потенцијал и присутната неизвесност, постојат ризици околу динамиката на кредитната активност во следниот период – велат од Народна банка.

 


Се зголемува кредитирањето на населението, а се намалува на фирмите


Скопје, 13 јули, 2016 - 15:43 (META) 

Банките одобриле повеќе кредити на населението, а кредитирањето на корпоративниот сектор во април и во мај било намалено, информираат од Народна банка.

– Стагнацијата на кредитите во еден дел е одраз на отписот на достасани, ненаплатени побарувања, во согласност со одлуката на НБРМ донесена во декември 2015 година, но веројатно е и реакција на неизвесниот амбиент и на падот на депозитната база. Така, во мај, годишната стапка на кредитен пораст изнесуваше 6,4 проценти, а без ефектот од отписите изнесуваше 8,1 отсто – информираат од Народна банка.

Оттаму додаваат дека ефектите од одлуката за отпис најсилно се почувствувале во јуни, кога е остварен значителен пад на кредитите на месечна основа од 1,5 отсто и кај двата сектора.