!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

НАСА: Сондата „Џуно“ влезе во орбитата на Јупитер


Пасaдeна, 5 јули, 2016 - 12:20 (META) 

Сондата „Џуно“ на американската вселенска агенција НАСА влезе во орбитата на Јупитер и по пет години патување ќе го почне истражувањето на најголемата планета во Сончевиот систем.

Светските агенции пренесуваат дека серија радиосигнали испратени од вселенското летало потврдиле дека маневарот за влез во орбитата е изведен како што било планирано, што предизвикало огромна радост и аплауз во лабораторијата за млазен погон на НАСА во Пасадена, Калифорнија.

За да влезе во поларната орбита на Јупитер, сондата мораше да го запали својот главен мотор за да закочи, а гравитацијата на Јупитер да ја улови и да ја внесе во поларната орбита.

Бидејќи постои задоцнување на комуникацијата помеѓу Јупитер и Земјата, сондата беше ставена на автопилот кога се изврши овој маневар.


Април 2016 година – нов глобален температурен рекорд


Вашингтон, 16 мај, 2016 - 16:08 (META) 

Температурата во април годинава на глобално ниво била повисока за 0,25 Целзиусови степени од онаа измерена истиот месец во 2010 година, што е нов глобален температурен рекорд, покажуваат податоците на американската агенција за аеронаутика и вселена – НАСА.

Со ова, како што пренесува „Би-би-си“, април е седмиот месец по ред што ги урива досегашните глобални температурни рекорди.

Претходно месеците февруари и март покажаа поголеми отстапувања во температурата од таа што се зема како норма.

„Сите овие уривања на температурни рекорди и придружни последици што ги имавме, како рекордно зголемениот број на пожари, на пример, како и сушите во Индија, се потсетник дека не можеме да си дозволиме ништо друго освен забрзување на агендата на решенија – апсолутно немаме друга опција освен да забрзаме со агендата“, изјавила извршната секретарка на нацрт-конвенцијата за климатски промени на Обединетите нации, Кристијана Фигуерес.

Неколку северни региони, вклучително и американската сојузна држава Аљаска, забележале многу висока температура во април, ситуација која како по шема е забележена и претходните месеци.


НАСА: На Марс е пронајдена вода во течна состојба


Вашингтон, 28 септември, 2015 - 19:34 (META) 

По многу години шпекулации и озборувања, НАСА официјално објави дека на црвената планета е откриена течна вода.

Научниците откриле дека на Марс постојат кањони и кратер од ѕидови на кои за време на летните месеци тече солена вода. Ова значи дека шансите за наоѓање некој облик на живот на оваа планета се многу поголеми од порано.

Тие на сателитска снимка забележале долга темна патека која ја остава водата по планините на Марс. На снимката е воочливо како горниот дел на планетата е потемен од долниот, а научниците откриле дека тоа е затоа што водата во текот на летните месеци се слива по планината, додека наесен и зиме планината е сува. Разликата во темната и светлата боја на дното на планината, всушност, е точката по која течела вода.

НАСА на почетокот на годината објави дека Марс во далечното минато веројатно имал големо море слично на Атланскиот Океан, но со тек на времето 87 отсто од водата испарила во вселената.


„Охридската” црвена супер Месечина пред научниците од НАСА


Охрид, 28 септември, 2015 - 16:06 (META) 

Синоќешниот редок феномен на црвена супер Месечина над Охридското Езеро и на охридското небо, беше фото-документирана од охридскиот фотограф Стојан Стојановски.

Како член на аматерското астрономско друштво од Охрид, Стојановски е специјализиран за фотографирање астрономски појави.

Стојановски направи неколку исклучителни фотографии, каде ја долови во вистинско светло Месечината во целиот нејзин сјај.

Фотографот Стојановски соработува и снима за потребите на научниците од НАСА, за чија страница доставува фотографии од астрономски случувања.

Младиот фотограф досега има направено бројни фотографии од затемнувања на Сонцето, метеорски дождови, а исто така пред неколку години ја фотографираше кометата Pan-STARRS, па фотографијата беше објавена на порталот на НАСА.

Вчера се случуваше редок феномен на совпаѓање на неколку појави, полна Месечина, месечина „жетва“ или „двојна полна Месечина“, како што стручно се нарекува, супер Месечина, а исто така и затемнување на Месечината. Овој настан е редок и веројатноста да се повтори е дури за 18 години.


Објавени првите фотографии од Плутон: Џуџестата планета покажува знаци на геолошка активност


Вашингтон, 16 јули, 2015 - 11:32 (META) 

На Плутон има планини од мраз високи колку Карпестите Планини во Северна Америка, покажуваат фотографиите од сондата „Нови хоризонти“, а кои вчеравечер беа објавени од НАСА.

Исто така, на џуџестата планета биле забележани знаци на геолошка активност, како и на нејзиниот природен сателит Харон.

Сондата „Нови хорзиноти“ во вторникот помина покрај Плутон, доближувајќи се на 12.500 километри од џуџестата планета, собирајќи огромен број податоци, кои на научниците им открија многу досега непознати детали.

Така, тимот научници, регионот на Плутон кој е во форма на срце, го именуваше по откривачот на џуџестата планета во 1930 година, американскиот астроном Клајд Томбо.

Шефот на мисијата на „Нови хоризонти“, Џон Спенсер, за медиумите изјави дека првите снимки на Плутон, направени одблиску, покажуваат терен преобликуван од извесни геолошки активности, како вулкани, во изминатите 100 милиони години.

„Не најдовме ниту еден единствен кратер создаден од удар, што укажува дека најверојанто станува збор за многу млада површина“, изјавил Спенсер.

Според научниците, за ваквите геолошки активности потребен е некаков извор на топлина. Претходно вакви активности се забележани на ледените месечени, а нивната појава е објаснета со „приливна топлина, предизвика од гравитационите интеракции на месечените со нивната планета домаќин“.


Фантастичен видеозапис што ги открива месечевите фази


Вашингтон, 12 декември, 2014 - 17:01 (META) 

Новата визуелизација која пристигна од НАСА неверојатно детално ги прикажува фазите и осцилациите во поместувањето на Месечината.

Сателитот „Лунат реконисенс орбитер“ (ЛРО) од 2009 година патува околу Месечината, снимајќи ја нејзината површина во висока резолуција.

Секој кадар од снимката претставува период од еден час, така што со голема јаснотија можат да се видат и сите осцилации на Месечината.


Полетува бродот што ќе носи луѓе на Марс


Кејп Каневерал, 4 декември, 2014 - 15:52 (META) 

НАСА-програмата што испраќа човечки екипаж на Марс денеска влезе во нова фаза!

Пробното лансирање на пропулзиониот систем (ракетен систем „Делта 4“) кој го носи вселенскиот брод „Орион“ е во тек! Системот треба да биде лансиран од лансирачката рампа во Флорида.

Бродот „Орион“ го дизајнираше компанијата „Локид Мартин“, а ќе мине 4-5 часа во орбитата, кружејќи 5.800 километри над земјата. Бродот лета без екипаж.

По тестирањата во земјината орбита, „Орион“ ќе „падне“ на Земјата со брзина од 32.190 км/час. Тогаш ќе биде тестиран бродскиот топлински штит и 11 падобрани.

Гледајте го лансирањето во живо.

Вака изгледа програмата што НАСА ја осмисли за вселенскиот брод „Орион“.