Мицкоски: Од денеска почнувам со посети на терен, да го чујам гласот на народот


Скопје, 13 март, 2018 - 13:51 (META) 

Македонија тоне, а македонскиот граѓанин едвај врзува крај со крај. Тоа мораме да го промениме. Од денеска ќе бидам на терен, во непосредна комуникација и разговори со граѓаните, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Во периодот кој следува, почнувајќи од денес, огромен дел од моето време ќе го посветам на теренските посети, во непосредна комуникација и разговори со граѓаните. Ќе бидам присутен во секој град, во селата, населбите, улиците, во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да го чујам гласот на народот, да разговараме за иднината на државата, затоа што Македонија заслужува и мора подобро. Салонската политика е едно, а вистинската слика лежи меѓу обичниот народ, помеѓу граѓаните – вели Мицкоски.

Според него, Македонија стагнира во сите области, нема проекти, нема нови идеи, нема работа, ниту пак реформи.

-Ништо не се работи, ниту создава. А не се работи затоа што имаме неспособност во секое поле. Неспособност да се зајакне економијата, неспособност да го унапредат земјоделието, да ги реформираат здравството и судството, да обезбедат поквалитетно образование, неспособност да ја придвижат Македонија кон Европската унија – вели лидерот на опозицијата.

Мицкоски потенцира дека на Македонија и треба нов, млад и способен кадар и додава дека ВМРО-ДПМНЕ има кадар и програма која се подготвува од домашни и странски експерти.


ВМРО-ДПМНЕ: Џафери, надвор од Рамковниот, сака да ги води седниците на албански јазик


Скопје, 8 мај, 2017 - 9:32 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ во денешното утринско соопштение повторно го обвини СДСМ дека продолжува да работи спротивно на волјата на народот, со, како што велат од партијата, обидот нелегално да се избере претседател на Собранието на Република Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „нелегалниот претседател на Собранието уште првиот работен ден во својот кабинет постави албанско знаме и кабинетот го претвори во штаб на неговата партија“ и дека најавил оти седниците ќе ги води на албански јазик, „со тоа што Собранието на Република Македонија ќе стане трет парламент во регионот каде седниците ќе се водат на албански јазик“.

„Сето ова е надвор од Охридскиот рамковен договор, каде што јасно се наведува дека пратениците можат да се обраќаат на својот мајчин јазик, доколку истиот го говорат повеќе од 20 отсто од населението бидејќи тоа е индивидуално право, но кога се води седница, тоа е чин од позиција на претседател на Собрание и во име на институцијата што ја претставува и затоа единствен службен и официјален јазик е македонски“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се додава дека „молкот на СДС е доказ дека почнува реализацијата на неуставната тиранска платформа“.


ВМРО-ДПМНЕ: Политичкото насилство на СДС може да резултира само со физичко насилство


Скопје, 29 април, 2017 - 11:23 (META) 

Незаконскиот обид, криминогените структури од СДС да си го самопрогласат Талат Џафери за парапретседател на Собранието, беше директна провокација кон македонскиот народ, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Газењето на Уставот, законите и на деловникот е директно газење на државата и на поредокот. Ограничувањето на демократското право на дискусија на пратениците е најбрутално ограничување и газење на граѓаните кои ги гласале тие пратеници. Политичкото насилство кое го спроведе СДС може да резултира само со физичко насилство. Ваквото сценарио на СДС да формира параинституции е на директна штета и на Република Македонија и на граѓаните на државата. Ваквиот срамен однос на сервилната и уценета криминогена структура на СДС го поттикнува гневот и ги иритира граѓаните на оваа земја, кои не се согласуваат со плановите за нејзино редефинирање и разнебитување“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека благодарение на интервенцијата на полицијата, не дошло до поголема ескалација и до посериозни последици и нагласуваат дека СДСМ мора да сфати дека народот се противи на нивните планови за тргување со највисоките државни и национални интереси.


ВМРО-ДПМНЕ: Насилниот избор на претседател на Собранието е вовед во формирање параинституции


Скопје, 27 април, 2017 - 9:12 (META) 

„Насилниот и криминален избор на претседател на Собранието ќе биде вовед во формирање параинституции, акт што го посакуваат сите негатори на македонската држава“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека „ќе ги употребат сите демократски средства за да се спротистават на ваквите црни, антидржавни сценарија на криминалецот Заев“.

„Послушниците на криминалецот Зоран Заев немаат ниту еден аргумент со кој ќе го оправдаат предавничкото прифаќање на тиранската платформа и на обврските што ги има преземено кон нарко-мафијата што му помагаше на избори. Молчат и се надеваат дека народот ќе заборави и ќе им прости. Народот нема да седи и мирно да гледа како некој ги уништува и ги суспендира демократијата, Уставот и законите,“ се додава во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните бараат нови избори за да го казнат СДСМ


Скопје, 26 април, 2017 - 10:12 (META) 

Граѓаните на Република Македонија бараат предвремени парламентарни избори за СДСМ да си ја добие својата казна, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение.

Од партијата велат дека „СДС е однародена партија која секој миг е подготвена да ја продаде земјата, националните и државните интереси само за да дојде на власт“.

„На Заев и на СДС никогаш не им беше битен народот. Да им беше битен, немаше да дозволат да го навредуваат творците на тиранската платформа, Еди Рама и Дитмир Бушати. Затоа народот е на улица. Затоа народот секој ден излегува и порачува на лажговците од СДС дека нивните лаги ги прочитале. Лагите на СДС веќе не поминуваат кај македонскиот народ. Македонското знаме, македонската химна и името се богатство на народот. Со нив не може да се тргува, за нив одлучува само народот“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: СДС мора да ја прифати волјата на народот


Скопје, 22 април, 2017 - 16:42 (META) 

„СДС мора да ја прифати волјата на народот“ и мора да престане да води антимакедонска политика и да се пазари со националните и државни интереси, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски.

– Граѓаните јасно кажуваат дека тиранската платформа врз која СДС сака да формира влада не смее да се реализира. Народот е против редефинирање и против разнебитување на Македонија. Народот е тој што ќе спречи двојазичност, менување химна, менување знаме, име, народот е тој кој ќе спречи менување на мултиетничкиот карактер на Македонија и нејзино претворање во бинационална држава со тенденција за федерализација и за кантонизација. Тоа што аболираниот криминалец Зоран Заев го ветувал дома и надвор, не поминува кај граѓаните – изјави Јовановски.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев молчи и се надева на влада која зависи од „радикалот Села“


Скопје, 22 април, 2017 - 9:54 (META) 

Нема да се реализираат елементите од тиранската платформа затоа што граѓаните ја осудуваат и не гласаа за неа, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение на партијата.

Оттаму велат дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во надеж дека ќе се спаси себеси и „криминогената врхушка на СДС околу него од кривичен прогон“ е подготвен да направи влада врз основа на платформата од Тирана.

„Криминалецот Заев и СДС во целост ја прифатија тиранската платформа и сите точки од истата, а тоа го потврди и неговиот сопартиец Мухамед Зекири. Криминалецот Заев, ако мора да си го плати долгот кон нарко-мафијашките структури и партнерите од надвор, кои и му ја сервираа тиранската платформа, што мора да ја испорача, може да го плати од фирмите на кланот Заеви, становите на Шекеринска и на Шилегов и од хациендите на Богоев, но не и со македонските национални интереси“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата повторно го обвинува Заев дека молчи пред навредите и антимакедонските ставови на Еди Рама, Дитмир Бушати и на Зијадин Села.

„Криминалецот Заев молчи и се надева на влада која зависи од радикалот Села… За разлика од криминалецот Заев, македонскиот народ не дава да му се свитка ’рбетот и не сака да ги плаќа долговите на Заев. Народот тоа го докажува секој ден на улиците низ државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Народот бара избори, кризата наметната од СДСМ мора да заврши


Скопје, 19 април, 2017 - 9:58 (META) 

Оваа криза наметната од СДС мора да заврши, народот бара избори, на кои ќе се изјасни и ќе знае за што гласа, стои во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Алудирајќи на премиерот на Албанија, Еди Рама, од партијата велат дека човекот што стои зад тиранската платформа продолжува да ја промовира соросовата политика на предизвикување на конфликти, со уште поопасни ставови како што е прекројување на границите на Балканот, а СДСМ подолжува упорно да молчи.

„СДС уште еднаш на македонскиот народ му докажа дека е партија која работи за џебовите на своите водачи и не мисли на иднината на граѓаните. Народот го прочита и му се спротивстави на СДС, излезе на улица и повеќе од 50 дена без престан му кажува дека националните и државни интереси не се на продажба. Граѓаните секој ден на СДС му порачуваат дека не им се потребни платформи од туѓи земји, народот бара инвестиции, нови работни места, мерки“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Народот храбро реши да се спротивстави на СДСМ


Скопје, 10 април, 2017 - 10:14 (META) 

Граѓаните не се должни да се дел од валканите игри на „криминогеното раководство на СДС“, кое е нервозно бидејќи не може да ги реализира ветувањата и да ги исполни уцените, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нивната нервоза е сè поголема и поочигледна. Сè почна да излегува на површина, предавството, пазарењето со националните и со државните интереси. Сè што сакаа да сокријат од народот се дозна. Затоа народот на Република Македонија храбро реши да се спротивстави на мафијашите од СДС и јасно им порача дека со Македонија не можат да тргуваат. Македонија не може од мултиетничка да стане бинационална држава“, стои во соопштението.

Од партијата го повторуваат ставот дека единствен излез од кризата се нови парламентарни избори.

„Во Македонија нема да се реализираат туѓи платформи само за да се спасат криминалците од СДС. Затоа единствен излез од оваа криза во која СДС ја доведе државата се нови парламентарни избори. Преку нови избори, граѓаните јасно ќе се изјаснат дали се за реализирање на тиранска платформа или не“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните нема да дозволат Македонија да биде водена од тиранска влада


Скопје, 2 април, 2017 - 10:24 (META) 

„Со секој изминат ден станува сè појасно дека граѓаните нема да дозволат Македонија да биде водена од тиранска влада која ќе реализира тирански платформи“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека народот на 11 декември не гласал ниту за нов закон за јазици со кој албанскиот ќе стане официјален јазик на цела територија, ниту за двојазични банкноти или двојазични униформи.

„Народот не гласаше за отварање дебати за менување на химната, грбот и на знамето, ниту за осуда на наводниот геноцид врз Албанците. Народот не гласаше за кантонизација и за федерализација, а никој не го праша ниту за промена на уставното име заради брз влез во ЕУ и во НАТО“, се вели во соопштението.

Од партијата велат дека „сите овие антидржавни и антинационални теми му беа наметнати по избори, измамнички и кукавички, со една единствена цел, Заев и криминогеното раководство на СДСМ да формираат влада, иако загубија на изборите“.

„Аболираниот Заев и криминогеното раководство на СДСМ се силно уценети. Формирањето влада тие го гледаат како спас од одговорност за криминалот што го направиле. Тие мислат дека на тој начин, со тргување со највисоките државни и национални интереси, би се спасиле од долгогодишните казни затвор што им се закануваат“, се додава во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, „ваквото однесување е срамно и неприфатливо“.

„Не треба да се чека ниту ден повеќе и да се губи драгоцено време. Очигледно е дека криминогеното раководство на СДСМ не се откажува од реализација на тиранската платформа. Затоа мора час поскоро да се организираат избори на кои граѓаните ќе кажат што мислат околу договорот на аболираниот криминалец Зоран Заев. Во спротивно гневот и револтот на народот ќе продолжат да се зголемуваат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.