!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Могерини: Очигледно е дека целиот Балкан на крајот ќе биде дел од ЕУ


Блед, 5 септември, 2017 - 10:52 (META) 

Ние работиме на тоа секој наш поединечен партнер од Западен Балкан да има перспектива за членство во Европската Унија, изјави високата претставничка за надворешна и за безбедноста политика на ЕУ, Федерика Могерини, во своето обраќање на Бледскиот стратешки форум во Словенија.

Могерини истакна дека Балканот е веќе во Европа, дека се наоѓа во срцето на Европа и дека балканските народи сакаат и заслужуваат исти шанси, иста безбедност и исти права како и сите други граѓани на европскиот континент.

– За мене е очигледно дека целиот Балкан треба да биде и дека на крајот ќе биде дел од Европската Унија – истакна Могерини.

Таа потести дека тоа било ветено пред повеќе од 13 години во Солун и дека таа недвосмислена посветеност на сите 28 земји – членки на ЕУ е повторена во март годинава.

– Јас зацртав и како моја лична цел дека до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија, односно за две години, ќе видиме практичен и мерлив напредок за сите наши шест партнери од Западен Балкан, напредок што ќе го направи нивниот пат кон ЕУ неповратен – порача Могерини.

Високата претставничка на ЕУ додаде дека имаше моменти на длабоки политички кризи во регионот, но дека дури и во така тешка година, сите европски партнери ги надминале тешкотиите и продолжуваат да напредуваат кон Европската Унија.

– Тоа го направија пред сè затоа што тоа од нив го бараат нивните граѓани, особено младиот и деловен свет. И тие тоа го направија во партнерство со нас, знаејќи дека можат секогаш да сметаат на нашето пријателство и припадност кон семејството – рече Могерини.

Во рамките на Бледскиот стратешки форум синоќа, средба со Могерини имаше и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на која било разговарано за европските приоритети на Македонија.

– Во регионот не треба да се плашиме да разговараме отворено за минатото, но не смееме да се дефокусираме од дискусијата за иднината, затоа што и иднината и вредностите што ги споделуваме се европски – истакнал Димитров.


Могерини: ЕУ на Балканот може многу да изгуби, но многу и да добие


Брисел, 29 август, 2017 - 10:48 (META) 

Балканот е еден од четирите приоритети на надворешната политика на Европската Унија, изјави синоќа високата претставничка за надворешна и за безбедноста политика на ЕУ, Федерика Могерини, на отворањето на конференцијата со амбасадорите на Унијата во Брисел, истакнувајќи дека „како што добро знаат, ЕУ (на Балканот) може многу да изгуби, но и многу да добие“.

Могерини на почетокот на дводневното советување со шефовите на дипломатските претставништа на ЕУ во светот нагласи дека на Балакнот оваа година „имаше загрижувачки тензии во повеќе земји, но дека партнерите на ЕУ во регионот секогаш успевале да ја потврдат желбата и способноста за напредок на европскиот пат“.

ЕУ, како што наведе Могерини, им помогнала на своите партнери, но и самите биле во состојба да го направат тоа, бидејќи „нивните, пред сè, млади граѓани, тоа го барале од своите лидери и тие лидери тоа многу добро го знаат“.

Таа додаде дека се лути кога некој ќе каже „Балканот е на патот кон Европа“, истакнувајќи дека „Балканот е во Европа“, а некој „заден двор“.

– Мислам дека можеме да си го поставиме како наша цел, до крајот на овој мандат, да видиме суштински чекори напред кај секој од нашите партнери на Балканот на нивниот пат кон членство во Европската Унија – истакна шефицата на Европката служба за надворешни работи.


Нимиц денеска ќе се сретне со Иванов во Вила Водно


Скопје, 2 јули, 2017 - 14:16 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска ќе го прими специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција за спорот за името, Метју Нимиц, кој од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје.

Средбата на Иванов и на Нимиц е закажана по 17 часот во претседателската резиденција на Водно.

Инаку, Нимиц е во посета на земјава на покана на македонската Влада, на разговори за начините за постигнување напредок во разговорите за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.

Специјалниот пратеник на ОН во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизијата „Алсат М“ пред неговото доаѓање, изјави дека овојпат не носи ново предлог-решение за името и дека во земјава доаѓа да ја тестира подготвеноста за сериозен напредок во разговорите меѓу Скопје и Атина за спорот за името.

На покана на Владата на Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина, веднаш по посетата на Скопје.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција последен пат ги посети двете земји кон крајот на јули 2014 година.


Нимиц: Не носам нов предлог за името, доаѓам да ја тестирам подготвеноста за напредок


Скопје, 1 јули, 2017 - 18:59 (META) 

Овојпат не носам ново предлог-решение во Скопје, доаѓам да разговараме за напредокот во преговорите со Атина околу спорот за името, вели специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизијата „Алсат М“.

Нимиц, кој од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје, на покана на македонската Влада, вели дека е добро што новиот државен врв покажува волја разговорите да продолжат.

– Во Скопје има нова влада со нови идеи околу ова прашање. Во изминативе неколку години од различни причини времето не беше соодветно за интензивни и сериозни преговори за прашањето за името. Се надевам дека вниманието се враќа кон ова многу важно прашање, одам за да се сретнам со страните и да ја тестирам подготвеноста за сериозен напредок. Овојпат не носам нов предлог – вели Нимиц.

Тој посочува дека во изјавите на новата влада се чувствува клима за подобрување на односите со соседите.

– Ги читам изјавите на премиерот, на министерот за надворешни работи и на другите функционери во новата влада. Има аспекти што даваат надеж, во однос на тоа што тие го велат. Мислам дека отсекогаш беше важно земјата да се согласува со соседите. Соседството е тежок регион, а земјата е нова земја и како што знаете во ОН е под привременото име – Поранешна југолосвенска република Македонија, кое јас како претставник на ОН морам да го користам. Но, тоа име отсекогаш беше планирано да биде привремено, а Привремената спогодба е веќе стара, напишана е во 1995 година. Така што, време е да се решат некои проблеми и ми се допаѓа што луѓето имаат свеж пристап во однос на прашањата со соседните земји – вели специјалниот пратеник на ОН во интервјуто.

На покана на Владата на Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина веднаш по посетата на Скопје.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција последен пат ги посети двете земји кон крајот на јули 2014 година.


Нимиц од денеска во Скопје, на разговори со државниот врв за спорот за името


Скопје, 1 јули, 2017 - 10:02 (META) 

Специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, од денеска до 4 јули ќе претстојува во Скопје на разговори со државниот врв околу можностите за решавање на спорот за името.

Нимиц, како што соопшти канцеларијата на портпаролот на генералниот секретар на ОН, доаѓа во Скопје на покана на македонската Влада, за да се дискутира за начините за постигнување напредок во разговорите со посредство на ОН за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.

Во соопштението се додава дека на покана на Владата на Република Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина, веднаш по посетата на Скопје.

Посредникот Нимиц, во интервју за грчкиот весник „Реал њуз“ кон крајот на мај оваа година, изјави дека решавањето на спорот за името треба да биде високо на агендата на новата македонска влада и потенцира дека решавањето на овој проблем може да помогне да се решат и други проблеми во регионот.

– Мандатот кој го имам за решавање на спорот за името е клучот кој ќе ја отвори вратата за да се решат и други спорни проблеми во регионот. Спорот може да се реши ако и двете земји и нивните лидери добијат поддршка од нивните народи, ако разгледаат нешто што е логично, што ќе го задржува достоинството на двете земји, идентитетот на двете земји, историската смисла на двете земји. Мислам дека постојат решенија – рече Нимиц.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција последен пат ги посети двете земји кон крајот на јули 2014 година.


„Фридом хаус“: Нема напредок во демократијата во Албанија


Тирана, 5 април, 2017 - 20:34 (META) 

Во објавениот извештај „Земји во транзиција“ на „Фридом хаус“, нема промена во оценката за демократијата во Албанија, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Генералниот индекс на демократијата, кој е збир на седум специјални индекси, оваа година за Албанија изнесува 4,14, исто како и лани. На листа од еден до седум, еден означува највисоко ниво на демократски прогрес, а седум означува најниско ниво.

Врз основа на овој резултат, Албанија е во групата земји со транзициски влади или хибридни режими.


Европскиот парламент бара транспарентна транзиција на власта и попис


Брисел, 28 февруари, 2017 - 11:16 (META) 

Со 54 гласoви „за“ и со осум „против“, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска ја усвои предлог-резолуцијата за напредокот на Република Македонија во европските интеграции во 2016 година, јавува МИА.

Европратениците претходно усогласија 28 компромисни амандмани и денеска сите ги усвоија, а во нив се содржани и термини „Македонија“, „македонски“, но, исто така, и предвидување дека македонската држава ќе добие нова влада, па се бара „транспарентна транзиција“.

Прифатен е и амандман со кој европратениците очекуваат „формирање на нова, стабилна и одговорна влада и транспарентна транзиција, во согласност со уставните и со законските барања и постапки“.

Европарламентот е „загрижен за сигналите што доаѓаат од граѓанските организации, а кои се однесуваат на влошување на климата во која тие работат и останува загрижен за радикалните јавни напади на граѓанските организации и странски претставници од страна на политичарите и медиумите“, се вели во предлог-резолуцијата.

ЕП ја признава и ја охрабрува важната улога на граѓанските организации за мониторинг, поддршка и унапредување на демократските процеси, вклучувајќи го и изборниот процес, како и обезбедувањето на проверка и рамнотежа, се вели во текстот на предлог-резолуцијата.

Отворањето на пристапните преговори за Македонија со ЕУ, наместо „безусловно“, како што се бараше претходно, сега се условува со компромисен амандман на Резолуцијата, во кој се вели: „Отворањето на преговорите за членство треба да се гарантира по исполнувањето на потребните услови“.

Резолуциите на Европскиот парламент немаат правно дејство, туку се само советодавни и може, но не мора да се земат предвид од другите институции и од членките на ЕУ.


ЕК: Турција не прави доволно за да добие визна либерализација


Брисел, 8 декември, 2016 - 17:08 (META) 

Европската комисија (ЕК) денеска соопшти дека Турција не напредувала многу во исполнувањето на условите за укинување на визите за нејзините граѓаните кои патуваат во Европската Унија, јавуваат светските агенции. Укинувањето на визите за патување во ЕУ, од друга страна, беше еден од клучните услови што ги постави Турција во постигнувањето на договорот со Унијата за намалување на приливот на бегалци во Европа.

Турција, како што навела ЕК, треба да исполни уште „седум клучни услови“, колку што беа наведени и во последниот извештај, објавен во септември годинава.

Комисијата, исто така, ја предупредува Турција дека е обврзана да го почитува договорот со ЕУ.

Турција од ЕУ бараше до крајот на оваа година да бидат укинати визите за нејзините граѓани кои патуваат во земјите на Унијата, а претседателот Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ги отвори границите и ќе пушти мигрантите да тргнат кон Европа ако Брисел не го исполни својот дел од договорот.

Од друга страна, ЕУ од властите во Анкара бара да ги променат законите кои се однесуваат на борбата против тероризмот, односно на широко поставената дефиниција за тероризам, врз основа на која во Турција се апсат новинари, судии, обвинители, професори, академици и сите оние кои го критикуваат Ердоган.


Хан: Реформите во судскиот систем на Албанија се добри вести за Балканот


Тирана, 7 декември, 2016 - 18:20 (META) 

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, денеска се сретна со спикерот на собранието на Албанијa, Илир Мета, и истакна дека успехот на судските реформи и декриминализацијата во Албанија ќе значат добри вести за целиот балкански регион.

Хан рече дека Албанија имала добар напредок со приоритетните реформи. Тој му се заблагодари на собранискиот спикер Мета за постојаната поддршка и за донесување на судската реформа со консензус во парламентот, нешто што, како што рече Хан, е клучно за европската интеграција на земјата.

Мета ја изрази својата благодарност до Хан и до Европската комисија за последниот извештај за напредокот на земјата и за позитивната препорака за преговори за членство во ЕУ.


СДСМ: По 11 декември Македонија ќе се врати на вистинскиот пат кон ЕУ


Скопје, 9 ноември, 2016 - 16:59 (META) 

„Катастрофалните политики на Никола Груевски и на „фамилијата“ ја држат Македонија заглавена во евроинтеграциските процеси веќе осма година по ред. Поради коруптивната и неодговорна власт, повторно добивме условена препорака за почеток на преговори со Европската Унија“, реагираат од СДСМ по објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.

„Во извештајот јасно се посочува дека корупцијата е широко распространета и сè уште претставува сериозен проблем за земјата, а судството сериозно назадува поради постојано мешање на политиката во неговата работа. И Европската комисија ги потврди тврдењата на СДСМ и на експертската јавност дека економијата не напредува, јавниот долг продолжува да се зголемува, намалена е конкурентноста на приватниот сектор, младинската невработеност е голема, нема инвестиции во инфраструктурата“, стои во реакцијата.

Еден од условите, се вели во соопштението, за да се одблокира препораката за почеток на преговорите е спроведувањето на реформските приоритети од извештајот на Прибе, но, според СДСМ,  оваа власт не покажала ниту волја ниту желба да ги спроведе.

„Граѓаните имаат цврста определба и иднината на Република Македонија ја гледаат во Европската Унија и во НАТО. На 11 декември заминуваат промашените и криминални политики на Никола Груевски кои ја одалечија државата од европските интеграции и го загрозија нормалниот живот на граѓаните во земјата. Македонија ќе се врати на вистинскиот пат и ќе биде вистинска европска земја. Македонските граѓани ќе живеат во Европа без да се излеат од Македонија“, се вели во соопштението од СДСМ.