!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

OJO идентификувало еден од убиените напаѓачи во менувачницата во Кисела Вода


Скопје, 27 ноември, 2017 - 22:47 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје извршило увид во менувачницата во Кисела Вода каде попладнево при обид за разбојништво две лица беа убиени. Од ОЈО информираат дека познат е идентитетот на едно од починатите лица.

Надлежен јавен обвинител издал наредба за обдукција на починатите и за вештачење на прибраниот доказен материјал.

„Обезбедени се траги од местото на настанот, како и видеонадзорот од менувачницата. Идентитетот на едно од починатите лица е утврден. Во моментов се преземат дејства за идентификација на второто починато лице“, велат од ОЈО.

Двојното убиство се случи попладнево кога две вооружени лица се обиделе да ограбат менувачница на улицата Борис Трајковски во скопската населба Кисела Вода. Сопственикот на менувачницата по физичка пресметка со напаѓачите, пукал во нив и ги убил. Од ОЈО информираат дека му е укажана медицинска помош, поради добиени телесни повреди.


Најмладата жртва во Барселона е тригодишно девојче


Барселона, 18 август, 2017 - 10:18 (META) 

Меѓу загинатите и повредените во терористичкиот напад во Барселона има државјани од најмалку 24 земји, а најмладата жртва е тригодишно девојче.

Шпанската полиција потврдила дека меѓу убиените во Барселона, тројца се Германци и еден Белгиец.
Повредените се државјани на Франција, Германија, Холандија, Аргентина, Венецуела, Белгија, Австралија, Унгарија, Перу, Романија, Ирска, Грција, Куба, Македонија, Кина, Италија и Алжир, соопшти шпанската агенција за цивилна заштита.

Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека македонски државјанин е пореден при нападот во Барселона, но е вон животна опасност. Тој е хоспитализиран со скршеница на зглобот, а претставник на македонската амбасада веднаш по добиената информација заминал во болницата каде се наоѓа повредениот македонски државјанин.

Во нападот, извршен со комби, кое влетало во пешаци во близина на плоштадот „Каталуња“, во центарот на Барселона, загинаа 13 лица, а повеќе од 100 се повредени. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група Исламска држава.

Шефот на каталонската полиција, Луис Траперо, соопшти дека две лица се приведени за учество во нападот во Барселона, а интензивно се трага по трето лице за кое се претпоставува дека е возачот на комбито. Еден од напаѓачите е идентификуван. Станува збор за Мароканецот Дриш Оукабир.

Шпанскиот премиер Мариано Рахој синоќа прогласи тридневна жалост во Шпанија и рече Каталонија била цел на напад на џихадистичкиот тероризам, како и други градови во светот.

Ова е најкрвавиот напад во Шпанија, после оној од 2004 година кога напаѓачи инспирирани од Ал каеда извршија координирани напади врз патнички возови во Мадрид, во кои загинаа 192 лица.


Седум загинати во нападот во Лондон, тројцата осомничени убиени во судир со полицијата


Лондон, 4 јуни, 2017 - 10:41 (META) 

Седум лица загинаа, а 48 се повредени во терористичкиот напад што синоќа се случи на две локации во Лондон – на маркетот Бороу и на Лондонскиот мост, пренесува „Би-би-си“. Како што е соопштено на брифингот рано утрово, полицијата при интервенцијата застрелала и убила тројца мажи, осомничени дека го извршиле нападот.

Според полицијата, осомничените доше во судир со полицијата и биле убиени 8 минути откако безбедносните служби го добиле првиот повик, кој бил во 22.08 часот.

Марк Роули, помошник комесар на Метрополитен полицијата, соопштил дека „осомничените носеле нешто што личело на појаси со експлозив, но дополнително било утврдено дека тие биле лажни“.

Повеќе од 30 луѓе, по нападот на Лондонскиот мост и на Бороу биле пренесени во шест болници. Од лондонската итна медицинска служба соопштиле дека меѓу тешко повредените е и еден полицаец на сообраќајната полиција, но дека не е во животна опасност.

Полицијата соопштила дека бројот на повредени би можел да се зголеми. Истрагата за нападот продолжува, а ја спроведува антитерористичката полиција, рекол Марк Роули.

Матрополитен полицијата во детално соопштение навела дека околу 22 часот полицијата реагирала на пријава за автомобил кој се качил на тротоар и удирал во луѓето на Лондонскиот мост, а потоа полициски екипи одговориле на повик за напад на Бороу, каде две лица влегле во ресторан и со нож изболе две лица. Полицијата интервенирала и на инцидент во лондонската област Ваухол, но соопштено е дека овој случај не бил поврзан со првите два.

Половина час по полноќ двата напади на Лондонскиот мост и на Бороу, кој е популарно место на кое се сообираат луѓето во сабота навечер, се прогласени за терористички.

Британската влада утрово одржува итен состанок со службите за безбедност т.н. „Кобра“. Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, претходно соопштила дека инцидентот се третира како „потенцијален акт на тероризам“ и дека „истрагата се одвива брзо“.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, порачал дека „неговите мисли се со оние кои се погодени од случувањата и се заблагодарил на службите за безбедност и на итната помош, кои брзо одговориле на повиците.

Белата куќа соопшти дека претседателот на САД, Доналд Трамп, е известен за случувањата во Лондон. Тој во меѓувреме на „Твитер“ напиша дека САД ќе направат сè што можат да му помогнат на Лондон и на Велика Британија, а подоцна имал и телефонски разговор со премиерката Тереза Меј.

Со соопштение се огласи и американскиот Стејт департмент, во кое се вели дека САД ги осудуваат кукавичките напади чија цел се невини цивили во Лондон.

„САД се подготвени да обезбедат каква било помош на властите во Обединетото Кралство. Нашите срца се со семејствата на жртвите. Цела Америка се солидаризира со народот на Велика Британија“, стои во соопштението на Стејт департментот.

Пораки со осуда за нападот во Лондон и за помош на Велика Британија упатија и францускиот претседател, Емануел Макрон, премиерот на Канада, Џастин Трудо, како и австралисткиот премиер, Малком Трнбул, и неговата министерка за надворешни работи, Џули Бишоп, и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Засега никој не ја презел одговорноста за терористичкиот напад во Лондон.


ОЈО ги гони двајцата напаѓачи на Села за обид за убиство и побара притвор


Скопје, 10 мај, 2017 - 20:14 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје информираше дека до овој момент биле идентификувани двајца напаѓачи на пратеникот З.С. за време на настаните во Собранието на 27 април.

Оттаму додаваат дека од досега прибавените докази, обвинителството оценило дека постои основано сомневање дека овие две лица, заедно со други, кои во овој момент не се идентификувани, го извршиле кривичното дело, обид за убиство.

„Надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против двете лица за наведеното кривично дело. Истовремено, по оценка на Јавното обвинителство, против осомничените неопходно е да биде изречена мерка за нивно обезбедување, поради што јавниот обвинител до судија на претходна постапка поднесе предлог за одредување притвор, бидејќи постојат сите законски основи за тоа“, информираат од обвинителството.

Полицијата рано утринава извршила претрес во домот на К.Ѓ. (39), а потоа го привела заедно со неговиот татко Ц.Ѓ. (68), под сомневање дека се едни од напаѓачите на пратеникот Зијадин Села во Собранието за време на насилното влегување на група граѓани во законодавниот дом.


Полицијата приведе двајца од напаѓачите на Села, кривична пријава доби напаѓачот на Заев


Скопје, 10 мај, 2017 - 11:06 (META) 

Полицијата рано утринава извршила претрес во домот на К.Ѓ. (39), а потоа го привела заедно со неговиот татко Ц.Ѓ. (68), под сомневање дека се едни од напаѓачите на пратеникот Зијадин Села во Собранието за време на насилното влегување на група граѓани во законодавниот дом.

Од МВР соопштуваат дека при претресот во 6 часот утринава биле пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека и три мобилни телефони кои се одземени, по што осомничените биле приведени во полициската станица во Кисела Вода за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

„При преземањето на мерките и активностите било утврдено дека во салата 3, каде се одржувала прес-конференција, Ц.Ѓ. најпрвин фрлил стол, а К.Ѓ. фрлал разни предмети кон присутните пратеници, по што двајцата заедно физички го нападнале и го влечеле пратеникот З.С.“, информираат од МВР.

Вчера полицијата на информативен разговор повикала еден од напаѓачите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по што го ослободила и за него е поднесена кривична пријава за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство.

Од МВР додаваат дека во соработка со ОЈО и понатаму преземаат мерки и активности за идентификување и за документирање на лица за нападите во Собранието.


Повеќе од 100 лица убиени во напад на воена база во Авганистан


Кабул, 22 април, 2017 - 11:08 (META) 

Повеќе од 100 војници загинале во нападот на талибанците на воена база на северот на Авганистан, соопштило утрово авганистанското министерство за одбрана, јавуваат светските агенции.

Станува збор за прво официјално соопштение на авганистанските власти по нападот на базата во градот Мазар-е-Шариф, кој се случи вчера и траеше неколку часа и за кој првин извести командата на силите на САД во Кабул.

Британскиот национален сервис „Би-би-си“, повикувајќи се на локални извори, наведува дека во нападот на талибанците загинале повеќе од 130 лица, од кои најголем број биле авганистански војници, како и дека бројот на жртви би можел да биде поголем.

Најмалку 10 талибанци биле убиени во вчерашниот судир, а еден од напаѓачите е приведен.


Насилствата во Скопје продолжуваат – тинејџери тепани од групи насилници


Скопје, 3 март, 2017 - 13:54 (META) 

Насилствата од претходните денови, кога во Скопје групи насилници напаѓаа и тепаа граѓани, продолжиле и вчера, се дознава од најновиот полициски билтен. Вчера во Скопје имало два такви напади.

Првиот се случил во автобус на ЈСП, кој сообраќал на линијата 50. На автобуската постојка кај АСУЦ, околу 13 часот, 16-годишник бил физички нападат од неколку засега непознати насилници. Потоа тие се симнале од автобусот и избегале.

Половина час претходно бил нападнат 18-годишник, во автобус на ЈСП на линијата 68, додека сообраќал од Маџари кон АСУЦ. Во еден момент тинејџерот бил без причина нападнат од седум-осум непознати лица, кои потоа избегале.

Полицијата вели дека работи на откривање на сторителите.


Избоден бегалец од Сирија на островот Хиос


Атина, 27 декември, 2016 - 14:55 (META) 

Нов инцидент се случи во бегалскиот камп Суда на островот Хиос, кога пет лица брутално нападнаа бегалец од Сирија. Момчето на 26-годишна возраст било прободено повеќепати во градниот кош и во раката.

Повредениот бегалец сам успеал да дојде до болницата на островот и колабирал само што стигнал пред влезот. Извори од болницата за локалните медиуми на островот изјавиле дека бегалецот се појавил доцна вечерта сам и веднаш бил префрлен на интензивна нега поради големиот број рани, кои, за среќа, не биле премногу длабоки и не претставувале опасност за неговиот живот. Сепак, момчето било задржано во болница од безбедносни причини.

Грчката полиција објави дека бегалецот бил нападнат од пет лица, кои, според тврдењето на нападнатото момче, биле со потекло од Алжир. Засега нема информации дека се најдени напаѓачите.

Нападите меѓу бегалците во камповите стануваат сè почеста појава, а неретко се и причина за поголеми демонстрации, масовни насилни судири кои водат до палење и до уништување на дел од камповите. Причините некогаш се финансиски, некогаш етнички, а некогаш и банални, како земање туѓо место во редот за храна.


Напаѓачите од Германија добивале инструкции од членови на ИД во Саудиска Арабија


Берлин, 6 август, 2016 - 13:02 (META) 

Напаѓачите кои во јули изведоа терористички напади во Германија преку интернет добивале упатства од членови на Исламска држава, кои се наоѓале, меѓу други земји, и во Саудиска Арабија, јавуваат германските медиуми, повикувајќи се на извори од Сојузната канцеларија за борба против криминалот.

Двајцата напаѓачи, 17-годишниот мигрант од Авганистан кој на 18 јули во воз во Баварија со нож и секира тешко повреди неколку патници, пред да биде убиен од полицијата, како и 27-годишниот сириски мигрант кој се разнесе со бомба пред концерт во Ансбах, исто така во Баварија, кратко пред нападите преку интернет-комуникација добивале инструкции од лица од Блискиот Исток, пред се од Саудиска Арабија.

Напаѓачот од возот од непознато лице, за кое се претпоставува дека е припадник на ИД, добило инструкции нападот да го изврши со автомобил, на тој начин што ќе влета во маса на луѓе. На ова, младиот мигрант одговорил дека не знае да управува автомобил и дека се решил нападот да го изврши со нож и секира во воз.

Според оваа комуникација, како што јавува „Шпигел Онлајн“, 27-годишниот сириец пак требало експлозивната направа да ја остави меѓу публиката на концертот, а тој, заради пропагадни цели на ИД, целиот напад да го снима со камера.

Наводно, според информациите на германските медиуми, бомбата во ранецот на сириецот детонирала случајно, додека тој сè уште ја носел со себе.

Како што пренесува „Шпигел“, Саудиска Арабија им понудила помош на германските власти за откривање на лицата кои комуницирале со напаѓачите во Баварија.


Идентификуван еден од напаѓачите во Сент Етјен ду Рувре


Сент Етјен ду Рувре, 27 јули, 2016 - 10:45 (META) 

Француските власти идентификуваа еден од двајцата терористи што вчера упаднаа во црквата во Сент Етјен ду Рувре и го убија свештеникот Жак Амел. Станува збор за 19-годишниот Кермиш Адел од Монт Сант Ењан, кој немал криминално досие, но ѝ бил познат на полицијата по двата неуспешни обиди да замине во Сирија.

– Сè уште е во тек идентификацијата на вториот напаѓач, кого специјалните полициски сили, исто така, го застрелаа – соопшти јавниот обвинител Франсоа Молан.

Француските медиуми јавуваат дека вториот напаѓач е малолетник, роден во Алжир и е помлад брат на едно лице по кого има распишано меѓународна потерница.

Одговорноста за нападот, во кој повреден беше и еден верник, ја презеде екстремистичката организација Исламска држава.