!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Пукање во автобус во Лас Вегас, едно лице убиено


Лас Вегас, 26 март, 2017 - 11:00 (META) 

Во автобус во Лас Вегас дошло до пукање во кое еден маж убил едно лице, а полесно повредил друго.

Полицијата го уапсила напаѓачот по напната ситуација која траела четири часа, соопшти градската полиција со напомена дека тој напад не е поврзан со тероризам.

Осомничениот напаѓач во двокатен автобус бил забарикадиран четири часа додека тактичките тимови и преговарачите пристигнале на местото, на булевар во Лас Вегас кој тогаш бил затворен за сообраќај.

Мажот се предал во 15.20 часот по локално време, а полицијата наведе дека тој во себе имал пиштол.

Нема докази дека овој инцидент е поврзан со грабежот кој претходно се случил во хотелот „Белаџо“, при што никој не е повреден.


Откриен идентитетот на напаѓачот од Лондон


Лондон, 23 март, 2017 - 20:38 (META) 

Британската полиција го откри идентитетот на напаѓачот од Лондон. Станува збор за 52-годишниот Халид Масуд, кој од претходно ѝ е познат на полицијата.

Полицијата го уби Масуд откако со автомобил прегази пешаци и со нож прободе полицаец.

Иако не бил под истрага, ниту против него се водела некаква постапка, на полицијата ѝ бил познат по претходни прекршоци. Од Скотланд јард велат дека не бил поврзан со терористи и оти полицијата не го следеа поради сомнежи за терористички активности.

Во неговото досие има пријава за напад, нанесување тешки телесни повреди, поседување оружје и за кршење на јавниот ред и мир. Првите проблеми со законот ги имал уште во 1983 година, а последен пат е казнет во 2003 година поради нелегално поседување оружје.


Седум лица се уапсени по нападот во Лондон


Лондон, 23 март, 2017 - 10:09 (META) 

Британската полиција утринава изврши рација во една куќа во Бирмингем во врска со нападот во Лондон и уапси седум лица, објавија британските медиуми.

Скотланд јард соопшти дека биле уапсени седум лица на шест различни локации.

– Пребаравме шест адреси и упасивме седум лица. Рацијата во Бирмингем и во други делови на земјата ќе продолжи – изјавил шефот на службата за борба против тероризмот, Марк Роули.

Полицијата не го откри името на напаѓачот, но Роули изјавил дека полицијата го знае неговиот идентитет, како и тоа дека нападот го извршил бидејќи бил поттикнат од „меѓународниот тероризам и од радикален ислам“.

Во вечерашниот напад во близина на британскиот парламент убиени се пет лица, а 40 се ранети.

Напаѓачот најпрво со автомобил се втурнал во група пешаци на мостот што води до парламентот, а потоа со нож прободел полицаец пред Вестминстер. Напаѓачот потоа бил застрелан од полицијата.

 


Убиениот напаѓач од аеродромот „Орли“ бил на листата на радикализирани поединци


Париз, 18 март, 2017 - 15:54 (META) 

Напаѓачот кој денеска беше убиен на аеродромот „Орли“ во Париз, бил на листата на радикализирани поедници и имал долго криминално досие, вклучувајќи и пресуди за вооружено разбојништво, соопштиле француските власти, пренесува „Би-би-си“.

Тој беше застрелан и убиен од француските безбедносни сили, откако се обидел да одземе пиштол од припадничка на воена патрола на јужниот терминал на аеродромот.

Станува збор за 39-годишен маж, чиј идентитет сè уште не се открива.

Тој, како што пренесуваат француските медиуми, повикувајќи се на информации од полицијата, утрово бил вмешан во вооружен инцидент во северниот дел на Париз, по што украл автомобил и со него дошол на аеродромот „Орли“, каде ја нападнал припадничката на воената патрола и се обидел да ѝ го земе оружјето.

Мотивите за нападот засега не се познати. Таткото и братот на напаѓачот биле веднаш приведени, што е стандардна процедура кога станува збор за сомневања за терористички напад.

Од француската полиција соопштиле дека напаѓачот не носел експлозив. Во двата инциденти нема други повредени лица.

Откако беше затворен и евакуиран, делови од аеродромот „Орли“ се повторно отворени по, како што го опишуваат француските власти, екстремно сериозниот инцидент.


Уапсен напаѓачот од новогодишната ноќ во Истанбул


Истанбул, 17 јануари, 2017 - 12:03 (META) 

Уапсен е напаѓачот кој во новогодишната ноќ во Истанбул уби 39 лица во ноќен клуб, јавуваат турските медиуми.

Узбекистанецот Абдулкадир Машарипов е уапсен во заедничка операција на турските разузнавачки служби и на полицијата, во стан во истанбулскиот кварт Есенјурт.

За време на апсењето, тој бил заедно со четиригодишниот син во куќа на свој пријател.
Турските власти соопштија дека осомничениот го признал делото и кажал дека бил обучуван во Авганистан, а во Турција влегол илегално.

Неговите отпечатоци се совпаѓаат со тие што се пронајдени на местото на злосторството.
Според зборовите на гувернерот на Истанбул, Васип Сахин, 50 лица биле приведени во неколку операции во потрага по напаѓачот.

Турската агенција „Доган“ објави и фотографија на уапсениот, на која се гледа црнокос маж со модринка на лицето, во сива крвава маица, додека полицаец го држи за врат затоа што, наводно, се противел на апсењето.

Исламска држава која на 2 јануари презеде одговорност за нападот, наведе дека тој напад бил одмазда за учеството на Турција во конфликтот во Сирија.

Турската полиција на 8 јануари успеа да го утврди идентитетот на напаѓачот Машарипов. По нападот тој отишол во семејната куќа каде што живеел со сопругата и со децата, го зел синот и исчезнал.


Пукал пред црква во Остин, полицијата го убила


Остин, 14 јануари, 2017 - 17:35 (META) 

Полицијата во Остин убила маж кој неколкупати пукал од автоматска пушка во воздух пред црква во сојузната држава Тексас.

Напаѓачот бил убиен откако одбил да го фрли оружјето, соопшти полицијата.

Властите наведуваат дека пукањето во северозападен Остин се случилo откако полицијата добила повик во кој бил пријавен грабеж, а потоа и тепачка на паркиралиште на истата локација. Во повикот се велело дека мажот имал автоматска пушка и сачмарка.

Помошникот началник на полицијата, Крис Мекајвен, рече дека мажот прво пукал во воздух пет или шест пати, потоа се приближил до црквата и продолжил да пука.

Тој одбил да го послуша барањето да го фрли оружјето, а во моментот кога полицијата го застрелала, се наоѓал во дворот на црквата.

Името на напаѓачот сè уште не е објавено.


Турција ги блокираше граничните премини со Бугарија


Анкара, 4 јануари, 2017 - 20:06 (META) 

Турција ги блокираше граничните премини со Бугарија поради стравување дека напаѓачот што изврши терористички напад во ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул, би можел да избега преку Бугарија во Европа.

Турција на граничните премини распореди специјални сили за борба против тероризмот. Сите автомобили и патници се проверуваат, јавуваат бугарските медиуми.

Идентитетот на напаѓачот на ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул е утврден, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

Напаѓачот кој уби 39 лица за време на дочекот на Нова година сè уште е во бегство, а Чавушоглу не сакаше да го открие неговото име.

Одговорноста за терористичкиот напад ја презеде Исламска држава.


Утврден идентитетот на напаѓачот од ноќниот клуб во Истанбул


Анкара, 4 јануари, 2017 - 12:50 (META) 

Идентитетот на напаѓачот од ноќниот клуб во Истанбул е утврден, соопшти денеска шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

Напаѓачот, кој побегна по нападот во кој загинаа 39 лица, и понатаму е во бегство.

Чавушоглу, сепак, не сакаше да го соопшти името на напаѓачот.

Досега 20 лица се приведени во рамки на истрагата за нападот кој се случи во ноќен клуб за време на новогодишната ноќ.

Истовремено, турската полиција денеска во Измир уапси пет осомничени припадници на Исламска држава, поради сомнеж дека се поврзани со терористичкиот напад, за кој одговорност презеде ИД.


Во Тунис уапсен роднина на напаѓачот од Берлин


Тунис, 24 декември, 2016 - 15:20 (META) 

Министерството за внатрешни работи на Тунис соопшти дека се уапсени три лица осомничени дека му помогнале на Анис Амри да го изврши нападот на божиќниот базар во Берлин

Во нападот убиени беа 12 лица, а ранети повеќе од 50. Еден од уапсените осомничени е роднина на Амри.

Како што се наведува во соопштението на министерството, тројцата осомничени биле членови на терористичка мрежа која била поврзана со Анис Амри.

Исламска држава вчера објави снимка на која се гледа како Амри му се заколнува на верност на лидерот на ИД, Абу Бакир ал Багдади. На снимката се гледа како Амри стоејќи на мост во Берлин со слушалки на ушите на мобилен телефон се снима себе како ја изговара заклетвата на верност кон Багдади.

На снимката се слуша како Амри го најавува нападот и вели дека сака да умре како „маченик“.


Убиецот на рускиот амбасадор е 22-годишен турски полицаец


Анкара, 19 декември, 2016 - 19:31 (META) 

Новинарите на турските медиуми кои присуствуваа на изложбата на која е убиен рускиот амбасадор Андреј Карлов, наведуваат дека напаѓачот бил припадник на обезбедувањето.

Напаѓачот се вика Мевлут Мерт Алтинтас и бил припадник на полициската единица за сузбивање демонстрации. Тој е роден во 1994 година и се школувал во Измир.

„Ројтерс“ претходно извести дека рускиот амбасадор во Турција бил убиен од човек кој кај себе имал полициска легитимација.

Сведоци истакнуваат дека слушнале четири или пет пукања кои го погодиле амбасадорот. Напаѓачот подоцна е убиен во престрелка со полицијата.

Светските медиуми пренесуваат дека напаѓачот за време на нападот извикувал „Не заборавајте го Алепо, не заборавајте ја Сирија“.