Четиримина повредени во напад со нож во училиште во Русија


Москва, 18 април, 2018 - 10:21 (META) 

Средношколец стар 17 со нож нападнал соученичка и професорката по информатика, а потоа се обидел да се самоубие. Нападот се случил во едно од училиштата во градот Стерлитамак во руската република Башкортостан. Во инцидентот е повредена уште една ученичка, која по тревогата скокнала од прозорец. Повредени се вкупно четиримина, заедно со напаѓачот, јавија руските медиуми.

По нападот тинејџерот, кој во последно време на социјалните мрежи објавувал насилен материјал, меѓу кои и видео од масакрот во средно училиште во Колорадо и се заканувал дека ќе „елиминира луѓе“, се обидел да ја запали училницата.

Сепак, набргу е совладан и е во болнички притвор.


ОЈО поднесе обвинение за напаѓачот на пратеникот Горан Милевски


Скопје, 4 април, 2018 - 15:34 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) соопшти дека поднело обвинение против напаѓачот на пратеникот Горан Милевски, кој е и претседател на Либерално-демократската партија (ЛДП).

Обвинението е за насилство, но од ОЈО Скопје не го соопштуваат идентитетот на напаѓачот, но откриваат дека е откриен по јавување на граѓани, откако била објавена негова фотографија на веб-страницата на МВР. Обвинителството од судија на претходна постапка побарало и притвор за напаѓачот.

Нападот се случи на 25 март годинава на плоштадот Македонија во Скопје.


ОЈО во 13 часот ќе поднесе обвинение за упадот во Собранието на 27 април


Скопје, 27 март, 2018 - 10:06 (META) 

Основното јавно обвинителство денеска во 13 часот ќе одржи прес-конференција на која ќе информира за завршената истражна постапка за насилството од 27 април минатата година во Собранието.

Вчера Врховниот суд донесе одлука да му го замени притворот со куќен притвор на осомничените во овој случај, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски.

Врховниот суд одлучи од притвор да се пуштат и Митко Пешев, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски и Мунир Пепиќ сите вработени во МВР, на кои исто така им е одреден куќен притвор.

По вчерашната одлука во притвор остануваат уште четворица осомничени за настаните од 27 април. Меѓу нив се членовите на патриотското здружение од Велес, Горанче Анѓелов и Илија Славевски.

Врховен суд, исто така, вчера решаваше за жалбите на пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, кои повеќе од еден месец се во куќен притвор на кои им го укина притворот и им одреди мерка на претпазливост, односно одземени им се патните исправи и тие мора задолжително да се јавуваат во суд еднаш неделно.

На 27 април минатата година група граѓани кои протестираа пред законодавниот дом упаднаа во Парламентот откако парламентарното мнозинство го избра Талат Џафери од ДУИ за собраниски спикер.

При упадот повредени беа повеќе пратеници, меѓу кои сегашниот премиер Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шекеринска и министрите Оливер Спасовски и Дамјан Манчевски, а најтешко беше повреден лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села. Освен пратеници при упадот беа повредени и неколку новинари и граѓани.


Уапсени близнаци кои планирале бомбашки напад во Њујорк


Њујорк, 16 февруари, 2018 - 10:13 (META) 

Браќа близнаци се уапсени во нивниот стан во њујоршкиот квартот Бронкс со повеќе од десет килограми материјал за составување бомба во текот на претрес од страна на припадниците на Федералното биро за истраги и њујоршката полиција.

Дваесет и седумгодишните Кристијан и Тајлер Торо се уапсен со материјалот, од кој дел потекнува од производи за огномет за деца, изјави заменикот началник за разузнавачки и антиерористички операции, Џон Милер.

Полицијата, исто така, пронашла и дневник во кој се зборува за операцијата „Флеш“ и белешки, вклучително и онаа во којашто се истакнува дека браќата имаат намера да убиваат деца.

-Под полната Месечина, малечките ќе почувствуваат терор – изјави Милер цитирајќи ја белешката.
Истрагата започна по наводна закана со бомба од 4-ти декември во училиште во Харлем, додаде Милер.


Седумнаесет застрелани во напад на средно училиште на Флорида


Паркленд, 15 февруари, 2018 - 10:33 (META) 

Најмалку 17 лица се убиени, а голем број се ранети во средно училиште во американската сојузна држава Флорида, при вооружен напад што се случи вчера пред крајот на наставата во во училиштето „Марџори Стоунмен Даглас“ во Паркленд, седумнаесет километри северно од Мајами.

Полицијата соопшти дека напаѓачот е уапсен и дека станува збор за 19-годишниот Николас Круз, поранешен ученик во училиштето, кој се наоѓа во притвор.

Двајца американски сенатори од Флорида, по разговорот со полицијата, пренесоа дека напаѓачот носел гас-маска кога влегол во училиштето носејќи автоматска пушка, кутии со муниција и димни гранати, а потоа го активирал противпожарниот аларм, што довело тоа учениците и персоналот да излезат од училниците во ходниците, пренесуваат светските агенции.

„Таму се случи масакр“, изјави сенаторот Бил Нелсон за „Си-ен-ен“.

Како средношколец, Круз учествувал во воено спонзорирана тренинг програма на американската војска во училиштето, изјавила 19-годишната Џулијан Дејвис, која неодамна дипломирала во истата програма.

Во разговор со „Ројтерс“ Дејвис се присетила на „чудните приказни за ножеви и пушки“ на Круз, додавајќи дека „никој никогаш не го сфаќал сериозно“.

Дванаесет лица се убиени внатре во училишната зграда, две надвор, едно лице на улица, а две подлегнале на повредите во болница, изјави шерифот на округот.

Напаѓачот се предал на полицијата, појасни шерифот, кој на прес-конференција кажа дека ранетите се префрлени во околните болници.

„Ова е страшен ден…ова е катастрофално“, изјави шерифот.

Објавена е снимка направена од локален репортер, на која се гледа како полицијата го приведува напаѓачот, облечен во црвена маичка.

Средното училиште веднаш по нападот е затворено, а учениците се криеле кај стигнале – под работните маси, плакари или ги забарикадирале вратите, додека не дошла полицијата да ги спаси.

Многумина од нив мислеле дека станува збор за вежба, бидејќи кратко пред пукањето го слушнале противпожарниот аларм.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази сочувство по повод нападот на Флорида, додавајќи дека „ниту едно дете, професор, ниту било кој друг не смее да се чувствува небезбедно во американските училишта“.

Белата куќа ја откажа редовната прес-конфренција по извештаите за нападот. Претседателот Трамп разговарал со гувернерот на Флорида, Рик Скот и напиша дека Белата куќа соработува со полицијата „околу ужасниот напад“.

Сенаторот на Флорида, Марко Рубио на „Твитер“ порача дека нападот е „осмислен и изведен за да страдаат што повеќе лица“.


Најмалку 11 загинати во напад на воена база во Кабул


Кабул, 29 јануари, 2018 - 15:35 (META) 

Најмалку 11 војници загинаа, а 15 се ранети во напад на воена база во близина на воената академија во главниот град на Авганистан, Кабул, соопшти авганистанското министерство за одбрана, пренесуваат светските медиуми.

Во нападот учествувале петмина милитанти, од кои четворица се убиени за време на нападот, а еден е уапсен, рекле од министерството.

Како што јавува новинската агенција „Амак“, одговорноста за нападот ја презела Исламска држава.

Денешниот напад доаѓа два дена по смртоносниот напад во Кабул, кога во експлозија на амбулантно возило загинаа најмалку 100 луѓе, а повеќе од 15 беа повредени. Одговорноста за овој напад ја презедоа талибанските милитанти.

Пред една недела талибанските милитанти убија 22 лица во напад на луксузен хотел во Кабул.


Приврзаници на чешкиот претседател Земан ги нападнаа новинарите по изборната победа


Прага, 28 јануари, 2018 - 14:46 (META) 

Чешката полиција поведе истрага откако редарите и симпатизерите на чешкиот претседател Милош Земан ги нападнаа новинарите во неговиот изборниот штаб по победата во вториот круг од претседателските избори во земјата.

Редарите и симпатизерите синоќа со тупаници ги напaднаа акредитираните новинари, турнаа и скршија камера на чешката приватна телевизија „ТВ Нова“ и ги навредуваа медиумските работници.

Нападот се случи во хотелот ТОП во Прага, каде што во изборниот штаб се славеше победата на претседателот Земан.

Инцидентот се случи кога новинарите сакаа да го снимаат доаѓањето на итната помош поради еден гостин на Земан, кој видно алкохолизиран падна со шишето пиво в рака.

Поради тоа реагираа од изборниот штаб, почнаа да ги туркаат новинарите за да ја затворат салата и да ги спречат да снимаат.

Еден од редарите ја фрли камерата на земја на приватната телевизија, а во тепањето се приклучи и еден од гостите на претседателот со иста жолта новинарска пропусница кој со тупаници нападна еден од новинарите, а од насилство неа беа поштедени ниту новинарките.

Од кабинетот на претседателот се правдаат дека напаѓачите не се од државното обезбедување на претседателот и ги повикаа новинарите на кафе како гест на извинување.

Инцидентот го осудија и „Репортери без граници“ од каде истакнаа дека тоа е срам за европската демократија и дека нападите врз новинарите мора да престанат.


Турски авиони денеска нападнаа 45 цели во Африн


Дамаск, 21 јануари, 2018 - 17:33 (META) 

Турски воени авиони денеска нападнале 45 цели во северниот сириски реон Африн, соопшти армијата и додаде дека копнените сили навлегуваат во зоната која е под контрола на курдската милиција поддржана од САД.

Во соопштението се информира дека 32 авиони нанеле удари против засолништа, скривници, магацини за оружје и борбени позиции на курдските Сили за заштита на народот, во вториот ден од операцијата „Маслиново гранче“. Сите авиони по нападите се вратиле во базата, истакна генералштабот на турската армија.

Во исто време, турските медиуми јавија дека турската армија и Слободната сириска армија навлегле пет километри внатре на територијата на сириската област Африн.

Почетокот на копнената операција „Маслиново гранче“ за чистење на Африн од борците на сириските Сили за заштита на народот и ПКК, кои се сметаат за терористички групи кои и се закануваат на територијалната целост на Турција, беше означен денеска во 11 часот по локално време, еден ден по воздушните напади на турски воени авиони врз позиции на противникот.

Турската армија заедно со силите на опозициската Слободна сириска армија извршија масовен напад врз Африн, навлегувајќи од точката Ѓулбаба, во граничната област Килис.

Според турски известувачи од областа, каде што е формиран прес центар за новинари, во операцијата учествуваат тенкови, оклопни возила, пешадија и командоси од специјални сили. Во операцијата учествувале и 72 турски воени авиони Ф-16, а поразени биле 153 цели на противникот.


Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот на хотелот во Кабул


Кабул, 21 јануари, 2018 - 15:30 (META) 

Одговорноста за синоќешниот напад врз хотелот „Интерконтинентал“ во Кабул ја презедоа талибанците. Во нивното образложение се вели дека пет напаѓачи со самоубиствени појаси барале странци и припадници на авганистанската власт.

Портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид изјавил дека бунтовниците првично планирале хотелот да го нападнат во четвртокот вечерта, но нападот се одложил затоа што во тоа време таму се одржувала свадба, а тие сакале да избегнат цивилни жртви.

Авганистанските специјални сили утрово соопштија дека операција за ослободување била завршена.
Спасени се 126 луѓе, а сите напаѓачи биле елиминирани.


Убиени напаѓачите на хотелот во Кабул, пет лица загинати


Кабул, 21 јануари, 2018 - 11:25 (META) 

Нападот на хотелот „Интерконтинентал“ во главниот град на Авганистан, Кабул е завршен, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Авганистан, Надиб Даниш.

Четворицата напаѓачи се убиени, а 153 луѓе биле спасени, вклучувајќи и 41 странец.

По 13 часа судир со напаѓачите од хотелот, загинаа најмалку пет лица, меѓу кои и еден странец а вкупно шест се повредени за време на опсадата, изјавуваат официјални лица. Тројца од жртвите биле припадници на безбедносните сили.

Нападот се случи само неколку денови откако Амбасадата на САД во Кабул предупреди на евентуални напади врз хотели во Кабул.

До сега никој не презеде одговорност за нападот.