!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Државниот и јавниот долг намалени во третото тримесечје од годинава


Скопје, 31 октомври, 2017 - 16:35 (META) 

Министерството за финансии денеска ги објави податоците за државниот и за јавниот долг за третото тримесечје годинава, според кои, има намалување на државниот и на јавниот долг во однос на претходното тримесечје.

Заклучно со вчера, државниот долг изнесува 3,87 милијарди евра или 37,8 отсто од домашниот бруто-производ (БДП), што споредено со претходното тримесечје е намалување за 9,6 милиони евра, односно за 0,1 процентен поен.

Јавниот долг на државата, кој ги вклучува државниот и гарантираниот долг, за третото тримесечје годинава изнесува 4,69 милијарди евра, што претставува 45,8 отсто од БДП или, споредено со претходното тримесечје, претставува намалување за 16,8 милиони евра во апсолутен износ, односно за 0,2 процентни поени.

Намалувањето на јавниот и на државниот долг, според Министерството за финансии, се должи на отплата на обврски за надворешен стар долг, во вкупен износ 101,9 милиони евра.


Цената на горивата се намалува за половина денар


Скопје, 16 октомври, 2017 - 15:27 (META) 

Малопродажните цени на бензинот „еуросупер БС-95“, на дизелот и на екстралесното масло за домаќинство, од вечер на полноќ се намалуваат за половина денар по литар, одлучи денеска Регулатрната комисија за енергетика.

Новата цена на „еуросупер БС-95“ изнесува 63 денари за еден литар, на „еуродизел“ – 51 денар, а „еуросупер БС-98“ останува со цена од 65 денари за еден литар.

Намалувањето се должи на пониската просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар, како и на намалувањето на курсот на денарот во однос на доларот.


НБРМ: Кредитирањето на компаниите намалено и во првиот квартал од годината


Скопје, 28 септември, 2017 - 13:30 (META) 

Кредитната активност на банките во првиот квартал од 2017 година се намалила, се вели во извештајот на Народна банка за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од годината.

Во истиот период, намалено било и кредитирањето на компаниите, а на домаќинствата се зголемило.

„По значителното „чистење“ на кредитните портфолија на банките од старите и целосно резервирани нефункционални кредити лани, на крајот од првиот квартал од 2017 година, учеството на нефункционалните во вкупните кредити е намалено и е на ниво од 6,4 проценти, наспроти 6,6 проценти на 31 декември 2016 година. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата е стабилно, околу 2,5 проценти“, се вели во извештајот на Народна банка.


Индустриското производство во јули намалено за 2,2 проценти во однос на лани


Скопје, 30 август, 2017 - 14:36 (META) 

Индустриското производство во јули цодинава во однос на истиот месец лани е намалено за 2,2 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, во овој период индустриското производство во секторот рударство и вадење камен бележи опаѓање од 3,4 проценти, во секторот преработувачка индустрија бележи
опаѓање од 2,6 проценти, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е забележан пораст од 2,1 отсто.

Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сè, на намаленото производство на облека, на метали, на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и производство на машини и уреди.


Владата го усвои ребалансот на буџетот, се очекува Собранието да го изгласа до Илинден


Скопје, 7 јули, 2017 - 17:41 (META) 

Влaдата на денешната седница го усвоила ребалансот на државниот буџет за 2017 година, кој ќе биде доставен во Собранието на Република Македонија, кое треба да го изгласа, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.

Како што рече премиерот, ребалансот е резултат на сеопфатната и детална анализа на Министерството за финансии, а целта, истакна тој, е да се отстранат разликите меѓу она што е проектирано при носењето на буџетот со реалните можности и да се да се скратат непродуктивните трошоци.

Новиот ребаланс го проектира порастот на 2,2 отсто од БДП.

Со ребалансот вкупните приходи се намалени за 2 милијарди денари, односно од претходно проектираните 187 милијарди, сега изнесуваат 184,7 милијарди денари. Расходите претходно биле предвидени на 206,2 милијарди денари, а со овој ребаланс изнесуваат 203,3 милијарди денари.

– Проекцијата на претходната влада беше дека порастот ќе изнесува 3 отсто од БДП. Но, имајќи предвид дека порастот во првиот квартал изнесуваше нула отсто, нашите проекции се дека до крајот на годината ќе постигнеме пораст од 2,2 отсто – рече Заев.

Тој нагласи дека најголемо кратење на непродуктивни трошоци на владата е направено кај буџетот на премиерот, или ставката Влада на РМ.  Со кратењето од премиерскиот буџет ќе се добијат повеќе од 420 милиони денари, кои ќе се пренасочат. Таа сума во буџетот била планирана за кампањи, емитување и реемитување на рекламни спотови во странство, како и за одредени граѓански организации.

Со ребалансот, истакна Заев, се обезбедуваат пари за субвенционирање на минималната плата, која треба да изнесува 12.000 денари. Оваа мерка ќе почне од 1 септември, а со неа ќе бидат опфатени 70.000 граѓани. Владата ќе субвенционира 70 отсто од минималната плата.

– Трајно ќе се реши и проблемот на стечајните работници, кои со години протестираа. Станува збор за околу 3.000 лица, кои ќе стекнат право на месечен надомест – рече Заев, кој не кажа колку ќе изнесува овој месечен надомест, но посочи дека сумата ќе биде приближна до таа што ја бараат стечајните работници.

Тој најави дека со ребалансот е предвидено и субвенционирање на годишни одмори за работниците со најниски месечни примања, пред сè од кожарската и од текстилната индустрија.

Околу 500 милиони денари, односно 9 милиони евра, се предвидени за поддршка на нови вработувања за младите, на кои ќе им биде понудено или вработување и дошколување или пракса, додека 135 милиони денари ќе бидат за поддршка на мали и на средни претпријатија.

– Со тоа ќе ги изедначиме домашните со странските инвестиции и ќе отвориме можности за домашни гринфилд-инвестиции – додаде Заев.

Проектираниот буџетски дефицит е 2,9 отсто од БДП, што е намалување од претходно проектираниот, кој беше 3,3 отсто од БДП.

Приходите од даноци во буџетот за годинава биле предвидени да се остваруваат со стапка од 8,9 отсто, а сега Министерството за финансии ги поставува на, како што рече Заев, реални 6,7 отсто.

Заев очекува ребалансот на буџетот да биде донесен пред празникот 2 Август – Илинден, доколку расправата и процедурите во Собранието поминат како што е предвидено во деловникот.


„Империал тобако“: Поскапувањето на цигарите беше интерна одлука


Скопје, 19 април, 2017 - 13:14 (META) 

„Врз последното поскапување на цигарите влијаеше пристапот на нашата компанија кон пазарот, нејзино позиционирање и градењето на портфолиото. Во овој случај акцизата не беше фактор кој влијаеше на промената на цената“, одговори директорот за корпоративни и за правни работи на „Империал тобако“, Стеван Вранеш, на новинарско прашање во врска со последното поскапување на дел од цигарите за пет денари.

Тој не одговори дали ќе има ново поскапување на цигарите во јуни, кога според календарот на зголемување на акцизите, повторно треба да поскапат за четири денари.

Вранеш додаде дека кога ќе има зголемување на акцизата, тоа не значи дека цигарите нужно ќе поскапат веднаш, туку поскапувањето може да биде одложено и зависи од одлуките на секоја компанијата.

„Формирањето на малопродажната цена на цигарите е комплексен процес врз кој влијаат повеќе фактори. Освен акцизата, влијаат и цената на тутунот, на материјалите, запазувањето на регулаторна рамка која подразбира приближување кон законите на ЕУ“, изјави Вранеш.


Пензионерите во Србија протестираат за поголеми пензии


Белград, 28 март, 2017 - 15:01 (META) 

Во центарот на Белград денеска протестираа пензионерите кои се незадоволни поради намалување на пензиите, а ги поддржаа и двајцата претседателски кандидати, Вук Јеремиќ и Бошко Обрадовиќ, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

На плоштадот Никола Пашиќ, но и на прошетката до Владата на Србија и do Уставниот суд, што се одржа во знак на протест, се собраа околу илјада пензионери.

Пензионерите од Уставен суд бараат да ја оценi уставноста на законот по кој, во ноември 2014 година, се намалени пензиите.

Учесниците на протестот носеа транспаренти на кои пишува „Ограбувањето на пензионерите не е реформа“, „Сакаме да живееме, а не да преживуваме“ и др.

Пензионерите во Србија тврдат дека од нивни пари се финансираат изборите и се плаќаат странските инвеститори, па затоа бараат да им се вратат пензиите на ниво пред намалувањето.


НЛБ ги намали каматните стапки на станбените кредити


Скопје, 1 март, 2017 - 13:55 (META) 

Каматните стапки кај станбените кредити за приматели на плата се намалени до 0,6 процентни поени и почнуваат од 3,9 проценти фиксна каматна стапка за првите три години кај станбениот кредит „ризико“, информираат од НЛБ.

Оттаму велат дека станбените кредити се одобруваат без манипулативни трошоци, додека другите станбени кредити се одобруваат со 50 проценти пониски манипулативни трошоци.

Кај потрошувачките кредити, банката го нуди виолетовиот потрошувачки кредит „ризико“ со фиксна каматна стапка од шест проценти за првите две години, без трошоци за одобрување.


Бројот на туристи лани е зголемен за 5 проценти во однос на 2015 година


Скопје, 13 февруари, 2017 - 13:01 (META) 

Бројот на туристи лани е зголемен за 5 проценти, во однос на 2015 година објави Државниот завод за статистика.

Кај домашните туристи зголемувањето е за 4,8 проценти, а кај странските за 5,1 процент.

За истиот период, бројот на ноќевањата е зголемен за 2,8 проценти и тоа кај домашните туристи има зголемување за 3,6 проценти, а кај странските за 1,7 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во декември 2016 година изнесува 42.101, а бројот на ноќевањата бил 81.060.


Петиција на „Арсена“: Бараме поради арсенот гевгеличани водата да ја плаќаат како техничка


Гевгелија, 12 февруари, 2017 - 20:18 (META) 

Граѓанската иницијатива „Арсена“ денеска поведе граѓанска петиција за намалување на цената на водата од градскиот водоводен систем во Гевгелија на ниво на техничка, со цена од 5 денари за потрошен кубен метар.

Поводот петицијата, велат од здружнието, е неколкугодишното игнорирање од страна на локалните власти и Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија да се соочат со проблемот со високата концентрација на отровниот металоид арсен во градскиот водоводен систем и забраната за употреба на водата изречена од државната Агенција за храна и ветеринарство.

„Општинските власти, пред сè Советот на општина Гевгелија досега не обезбедија мерки за снабдување на гевгеличани со чиста вода за пиење. Иако повеќе од 4 години и 4 месеци е на сила забраната за употреба на водата поради констатирани енормни концентрации на арсен кои се движат од 50 до 130 отсто над максимално дозволената граница пропишана од Светската здравствена организација, локалните власти и ЈПКД „Комуналец“ не се ниту обидоа граѓаните да ги известат дека водата смеат да ја користат само како техничка. Од тие причини, а и според Законот за заштита на потрошувачи, корисниците на вода од градскиот водоводен систем се должни да го плаќаат тоа што го добиваат – техничка вода за одржување на хигиената, а не и отровниот арсен за кој надлежните не најдоа решение“, велат од „Арсена“.

Здружението и граѓаните бараат ваквата цена за техничка вода да трае сè до моментот на обезбедување на чиста, здрава и безбедна вода за пиење за граѓаните на општина Гевгелија.