ААВМУ мора да биде вистински носител на политики за медиумите, не само регулатор


Скопје, 2 февруари, 2018 - 14:56 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) мора да биде вистински носител на политики за медиумската сфера, покрај својата редовна работа како регулатор, што барем во периодот април – септември минатата година, ја работеше квалитетно. Програмскиот совет, пак, на јавниот радиодифузен сервис Македонска радио телевизија (МРТ), мора да биде поотворен за јавноста и повеќе да ја игра својата улога во контрола на работењето на куќата, вели претседателот на Центарот за развој на медиумите (ЦРМ), Дејан Георгиевски, кој денеска го презентираше извештајот за работата на ААВМУ и Програмскиот совет на МРТ подготвен од ЦРМ.

Една од главните забелешки за двете тела што ги дадоа и Георгиевски и новинарот Столе Наумов, кој работел на извештајот, е што ААВМУ предолго чекала за да реагира со допис до Програмскиот совет на МРТ за покривањето на настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година од страна на информативните редакции на МРТ, а пак Програмскиот совет не смеел да чека да му реагира регулаторот, туку морал самиот да почне постапка за утврдување на одговорноста за (не)известувањето на дел од информативните редакции.

Проблем со Програмскиот совет е и во тоа што не обезбедува правилен пристап на јавноста на седниците, иако тоа му е обврска.

– Програмскиот совет беше главно нетранспарентен, и иако имаат обврски да известуваат за закажаните седници, тоа на веб-страницата на МРТ го нема, а пак некои одлуки и документи може тешко да ги најдете. Ние како набљудувачи имавме проблем да присуствуваме, а голем дел од работите за седниците ги дознававме не официјално, туку моравме да бараме инсајдерски информации – вели Георгиевски.

Како највпечатлив пример за тоа во извештајот се посочена седницата на која се решавало за забелешките од ААВМУ за настаните од 27 април, нарекувајќи ја „кулминација на затвореноста и нетранспарентноста“.

„Повикувајќи се на проблематичниот Деловник – кој незаконски овозможува затворање на седницата, на уредно пријавените претставници на невладиниот сектор, претставници на Здружението на новинари на Македонија ЗНМ и на претставници на медиумите не им
дозволи да присуствуваат на седницата. Образложението беше дека темата е сензитивна и со цел да се избегне притисокот врз уредниците на МРТ, кои требаше да реферираат за известувањето на програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис за настаните во Собранието на РМ од 27 април 2017 година“, се вели во извештајот.

Препораката за ААВМУ пак е дека мора да прави анализа на пазарот на трудот во радиодифузната дејност, да доаѓа до податоци за потребите и навиките на публиката, но и за огласувачите и и нивните потреби, како и за слушаоста и гледаноста на радиостаниците и телевизиите.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Кој ќе ги плати пералните и сушалните за студентските домови, ВМРО-ДПМНЕ или Владата?


Скопје, 20 јануари, 2016 - 18:50 (META) 

Поранешниот премиер Никола Груевски, денеска во својство на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, пред Унијата на млади сили на партијата порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи многу работи за младите.

Меѓу другите проекти, Груевски вети и дека партија ќе им обезбеди бесплатен железнички превоз за викенд на младите до 27 години, како и дека ќе набави перални и сушални во сите студентски домови.

ВМРО-ДПМНЕ во насока на задоволување на потребите на студентите, сместени во студенстките домови во Република Македонија и воедно зголемување на студентскиот стандард, следејќи ги најновите позитивни искуства применувани во студентските домови во повеќе европски држави, се реши да ги опреми со нови перални и сушални сите 10 постоечки студентски домови во Република Македонија – рече Груевски.

Нејасно е дали Груевки ова го ветуваше како поранешен премиер, портпарол на Владата или како лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

На обраќањето на Груевски реагираат и од опозицискиот СДСМ, од каде велат дека тој не може да се помири со фактот дека повеќе не е премиер.

„Никола Груевски не може да се помири со фактот дека не е премиер и дека уште кратко време ќе биде само претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Лажните и лицемерни ветувања на Никола Груевски во името на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажуваат дека нема капацитет да разграничи што е држава, а што партија. Тоа е истиот Никола Груевски кој за 10 години не изгради ниту еден студентски дом. Како што самиот призна, 10 години барал локација. Доцна е за Никола Груевски, никој не му верува, а најмалку студентите“, реагираат од СДСМ.

На прашањето како претседател на партија ветува што ќе прави Владата и какви проекти ќе спроведува, Иво Котевски, директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека најавените проекти биле дел од нивната програма.

– Истите луѓе што седат во Владата се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Колку што знам јас, мнозинството во Владата сè уште го има ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се проекти за кои се разговарало и за кои се дискутирало – вели Котевски.


НВО: Најавите на Груевски за попис на населението се несериозни


Скопје, 3 август, 2015 - 14:29 (META) 

Повеќе од 40 невладини организации и иницијативи, денеска преку писмено соопштение реагираат на најавите на премиерот Никола Груевски за спроведување електронски попис на населението. Невладините, најавата на премиерот ја оценуваат како „несериозна“ и како „уште една манипулација и намерно дефокусирање на граѓаните“.

„Како граѓански организации и активисти што се залагаат и лобираат за спроведување регуларен попис, сметаме дека оваа најава на Груевски е несериозна и претставува само уште една манипулација и намерно дефокусирање на јавноста и на граѓаните. Уште повеќе, затоа што планираното „техничко-технолошко“ решение не ги задоволува критериумите за спроведување реален попис на населението според меѓународните стандарди“, стои во реакцијата.

Од невладините, исто така, истакнуваат дека, според нив, актуелната владина коалиција нема ни легитимитет ни кредибилитет да спроведе попис бидејќи таа сè уште не даде никаков отчет за причините поради кои пропадна пописот во 2011 година и не презеде никаква одговорност за тоа свое големо и сериозно промашување.

„Груевски излезе во јавноста со тврдење дека Владата спречила фалсификат, но до денешен ден ниту надлежните институции презедоа нешто, ниту некој одговараше за обид за фалсификат на пописот. Граѓаните не само што не знаат зошто пропадна пописот, не знаат ни колку милиони евра се одлеаја од државниот буџет за оваа пропадната операција. Единствено што беше јасно е дека причините за неуспешноста на пописот не се технички, туку имаат длабока политичка заднина“, се вели во реакцијата.

Според потписниците на реакцијата, тоа што најавата за реализација на пописот доаѓа во моментот кога почна спроведувањето на договорот од 2 јуни, „го наметнува заклучокот дека е ова само евтин пропагандистички обид на Груевски да го одвлече вниманието на јавноста од главните приоритети“.

„Деновиве, исто така, сме сведоци дека Владата на Груевски, преку ноќ и без каква било одговорност и сериозност, донесе одлука за завршување на лустрацијата, како и за повлекување на законот за хонорарците. Ваквото однесување на власта недвосмислено упатува на констатацијата дека таа е подготвена да направи сè за да го минира спроведувањето на Договорот од Пржино и да го осуди на неуспех. Имајќи го предвид сево ова, уште еднаш укажуваме на тоа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ нема никаков кредибилитет да подготви и да спроведе каков било попис на населението“, сметаат од невладините, потпишани во реакцијата.

Тие додаваат дека и понатаму се залагаат за што е можно поскоро реализирање на пописот, но, како што велат, тоа мора да го направи „влада која ќе биде избрана на демократски и фер избори и која ќе изгради политичка волја за пребројување на населението според сите меѓународни стандарди и прописи“.

Писмената реакција е потпишана од 46 невладини организации и иницијативи.


Шилегов: Најавите на Груевски се само за внатрепартиска употреба


Скопје, 4 мај, 2015 - 16:04 (META) 

Најавите на премиерот Никола Груевски за освежување на неговиот владин тим, соопштени на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, што изминативе два дена се оддржа во Куманово, според портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, се потези кои „не се однесуваат на политичката криза“, туку му служат на Груевски „само за внатрешна употреба“.

– Тоа што Никола Груевски го соопшти на нивниот т.н. Конгрес е само само за внатрешна употреба за зацврстување на неговите позиции во ВМРО-ДПМНЕ и тоа не е и не може да се однесува на политичката, односно државната криза во земјата – изјави денеска Шилегов.

Во врска со петте точки што Груевски ги понуди на Конгресот како одредници околу кои власта и опозицијата треба да имаат консензус, Шилегов – со идентичен одговор. Тој вели дека за разлика до петте точки на СДСМ, кои, според него, се реална основа за решавање на политичката криза, точките на Груевски се само за „внатрепартиска употреба“.

– Нашите точки се поддржани не само од СДСМ туку и од целата слободомислечка јавност и од релевантните меѓународни политички институици, како и од западните држави, односно од големите сили. Од тие причини сметаме дека тие се единствените точки што ќе понудат реална можност државата достоинствено да ја надмине оваа политичка криза. Она што Никола Груевски го фингира и го глуми како наводни негови услови или желби за надминување на политичката криза, се однесува на внатрепартиска употреба – изјави Шилегов.


Сите 43 бројки на Груевски од митингот во Штип


Скопје, 30 март, 2015 - 14:37 (META) 

Трибините што ВМРО-ДПМНЕ ги одржува во градовите, премиерот ги користи да потсети на она што го направиле и на она што Владата во иднина планира да го направи.

Говорите на лидерот на партијата се (пре)полни со бројки, кои често, поради тоа што се многу, тешко е и да се следат.

Еве ги бројките (вкупно 43) што премиерот ги најави во Штип.

  • 100 отсто обештетување за сите погодени во поплавите;
  • 6 нови фабрики (4.500 работни места);
  • 3 нови фабрики (750 работни места);
  • 100 милиони евра за хидросистемот „Злетовица“;
  • 200 нови вработувања  во фабриката на „Џонсон контролс“ во околината на Штип;
  • 500 хектари земјоделско земјиште ќе добие систем за наводнување;
  • 90 милиони евра за субвенции;
  • 4.000 денари по грло за секој сточар што ќе пријави загуба од болеста син јазик;
  • 15 милиони евра земјоделски субвенции;
  • 600 вработувања во фабриката „Техникал текстил“;
  • 2.000 нови работни мести во технолошко-индустриската зона Кочани –  Виница;
  • 10 отсто зголемување на социјалната помош;
  • 20. 000 до 25.000 вработувања со палетата на мерки за вработувањето, со кое за сите возрасни групи, но и посебно за ранливите категории граѓани, се обезбедуваат специјални поволности за да потикнат нови вработувања;
  • 3.000 граѓани ќе добијат работно место со мерката за вработување на волонтери и граѓани кои се вработени со договор на дело;
  • 542 лекови со намалени цени;
  • 10.000 униформирани лица ќе бидат опфатени со зголемување на платите на вработените во МВР. Зголемувањето ќе биде за околу 3.000 денари по работник месечно;
  • 200 нови вработувања во компанијата „Актива аутомотив“;
  • 15 милиони евра инвестиција во атомобилската индустрија и 300 нови работни места;
  • 40 милиони евра инвестиција и најмалку 250 нови вработувања во компанијата „Кондево“ од Италија;
  • 47 километри автопатска делница Скопје – Свети Николе – Штип;
  • 26 километри на делницата Велес – Кадрифаково;
  • 10 километри изградба на патната делница Карбинци – Зрновци – Виница;
  • 30 километри – Кочани – Каменица – Делчево;
  • 60 милиони евра за изградба на експересниот пат Штип – Радовиш;
  • 14 милиони евра за локални и за регионални патишта во Штип и во тој регион;
  • 8 милиони евра за изграбда и за реконструкција (се реализираат) на патната инфраструктура во истокот обезбедени од Светската банка и од Европската банка за обнова и развој;
  • 75 милиони долари за изградба на 60 километри гасоводна мрежа;
  • 3 милиони евра за проекти за водоводна и за канализациска мрежа во источниот регион;
  • 100 нови вработувања во здравството;
  • 10 нови возила за итната медицинска помош;
  • 5 милиони евра за опрема во болницата во Штип;
  • 10 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани;
  • 20 милиони денари за нова опрема во болницата во Кочани;
  • 8 пункта за проектот „Рурален доктор“;
  • 34 милиони евра за нова клиничка болница во Штип;
  • 3.900 пензионери биле на бесплатна бања;
  • 1 милион евра е вкупната сума простени долгови на семејства од тој регион;
  • 9 милиони евра за изградба на 55 училишта, осум спортски сали и осум повеќенаменски игралишта.