!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Серафиновиќ и Лупевска-Созен ја освоија првата награда „Никола Младенов“


Скопје, 7 март, 2017 - 13:32 (META) 

Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска-Созен го освоија првото место на годинешниот конкурс на Македонскиот институт за медиуми, за новинарската награда „Никола Младенов“, за најдобра истражувачка сторија.

Серафиновиќ и Лупевска-Созен ја добија наградата за сторија објавена во емисијата „Код“ на телевизија „Телма“, за смртта на Коста Крпач, сведок на Специјалното обвинителство и едно од лицата аболирани од претседателот.

Втората награда ја доби Зоран Јованоски за видеосторијата „Пеплиште на смртта“, објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат-М“, во која се откриваат последиците по здравјето на луѓето и на животната средина предизвикани од работењето на термоцентралата Осломеј.

Новинарката Ирена Мулачка од неделникот „Фокус“ ја освои третата награда за серијалот текстови што обелоденуваат дека за шест месеци на скопската Клиника за гинекологија починале 80 новороденчиња.

Годинава жири-комисија одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на новинарите Владо Апостолов и Стојанка Митреска.

Оваа година, МИМ по 16. пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.


Наградата „Прличеви беседи 2017“ за поема, врачена на Зоран Пејковски


Охрид, 5 февруари, 2017 - 18:18 (META) 

Денеска во Охрид, во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи 2017“, беше претставен лауреатот и му беше врачена „Прличевата награда“ за 2016 година, на поетот Зоран Пејковски, за поемата „Македонски стар и нов завет“.

– Пејковски, како автор, се одважил да ја доближи македонската историја до сите легенди и приказни, до она што како непобитна вистина ја носи во себе Библијата. Тоа е она што и авторот го нагонува на одмерена прецизна и строга реч, тоа истото го тера читателот со особена почит да приоѓа кон делото – рече претседателот на стручното жири, Трајче Кацаров.

Годинава се одбележува и 65-годишницата од востановувањето на наградата.

– Никогаш не сум имал намера да пишувам поема, затоа што сметав дека никој од нас писателите не сме биле достојни на тоа духовно ниво како Прличев во своето време. Но, ете и тоа се случи благодарение на Прличев во оној момент кога се зафатив да го проучувам и да ја пишувам драмата „Совршенство или смрт“ посветено нему, бидејќи догодина се навршуваат 125 години од смртта на поетот, кој македонската поема ја издигна на едно европско и светско ниво – рече лауреатот Пејковски.

Стихови од поемата читаа актерите Јасмина Билаловиќ и Павел Маслов, а свој настап имаше и хорот при Центарот за култура.

Се одржа и драмска презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски.

„Прличеви беседи 2017“ продолжува утре со панихида на гробот на Прличев, a ќе биде поставен ловоров венец пред неговиот споменик во центарот на Охрид.


На „Прличеви беседи 2017“, наградата за поема ја доби Зоран Пејковски


Охрид, 3 февруари, 2017 - 10:43 (META) 

Во Охрид од денеска се чествува ликот и делото на атинскиот ловоронесец, великанот на македонската преродба, Григор Ставрев Прличев.

Напладне, во библиотеката „Григор Прличев“, ќе се одржи промоцијата на поемата „Екот на вековите“ на авторот Мирко Томовски. Промотори ќе бидат Тоде Илиевски и Зоран Јакимоски.

Традиционалната манифестација „Охридска визита“ ќе се одржи утре, кога е и книжевниот портрет на Јовица Тасевски – Етернијан, како и промоцијата на адаптираното издание на прличевата „Автобиографија“ на Славе Ѓорѓо Димоски.

В понеделник ќе се одржи и панихида на гробот на Прличев, a ќе биде поставен ловоров венец пред неговиот споменик во центарот на Охрид.

Посебна програма се подготвува за недела, 5 февруари, кога ќе биде претставен лауреатот на „Прличевата награда“ за 2016 година, поетот Зоран Пејковски, за поемата „Македонски стар и нов завет“. Воедно и ќе му биде врачена наградата.

Артистичка изведба на поемата ќе имаат актерите Јасмина Билаловиќ и Павел Маслов.
Во делот на дополнителните содржини, ќе следи драмската презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.


Поемата „Македонски стар и нов завет“, најдобра на конкурсот за наградата „Григор Прличев“


Охрид, 24 јануари, 2017 - 19:13 (META) 

Жири-комисијата ја избра поемата „Македонски стар и нов завет“ за најдобра на конкурсот за наградата „Григор Прличев“ за 2016 година.

Најдобрата поема беше одбрана од трите кои влегоа во најтесен круг, (од вкупно 12 пристигнати): „Слово горко непремолк“ под шифра „892000“, „Македонски стар и нов завет“ под шифра „Библија“ и „Армагедон“ под шифра „Кузман Капидан“.

„Текстот на поемата „Македонски стар и нов завет“ се издвојува со лирско-епското пеење поставено на повеќе нивоа, каде низ тонските созвучја одгласува простумот на татковината низ временските длабочини. „Македонски стар и нов завет“ е поема што во себе ја вплотува драматичноста на времето и драматиката на опстојбите низ долгата низа македонски векови. Протекот на дејството, кој надоаѓа од високите врвови на егзистенцијата на родот, понесува со својот полифоничен одглас на каскадниот порој низ спектарот на тонови и на бои со силна ерупција на метафори. Таа е една кратка, збиена историја на битот на татковината што во целата широчина ги отвора големината на просторот и длабочината на времето од кои пулсира живата енергија на настаните. Кохерентна градба на естетска хармонија низ лирско и епско созвучје“, стои во соопштението за јавноста на жири-комисијата за избор на најдобра поема на македонски јазик за 2017 година, чијшто претседател е поетот Трајче Кацаров.


Светската награда за хуманизам за 2017 година денеска ќе му биде доделена на Јиржи Свобода


Охрид, 18 јануари, 2017 - 10:02 (META) 

Меѓународното жири на Охридската академија на хуманизмот, вечерва, во Куќата на Уранија во Охрид, ќе му ја додели Светската награда за хуманизам за 2017 година, на чешкиот режисер Јиржи Свобода.

Според најавите, на свеченоста предвидено е обраќање на претседателот на Охридската академија на хуманизмот, Јордан Плевнеш, амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Рамеш и на градоначалнкот на Охрид, Никола Бакарачевски, кој треба да ја врачи наградата.

„Пред присутните ќе зборува и Јиржи Свобода, автор со исклучителен животен и творечки опус, чијашто уметничка круна беше остварена минатата година со филмското ремек-дело посветено на Јан Хус, што го вброи меѓу големите имиња на светската хуманистичка мисла, кои изминативе години ја збогатија духовната меморија на Охрид“, велат од Охридската академија на хуманизам.

Од нејзиното воспоставување во 2007 година, Светската награда за хуманизам е доделена на Даисаку Икеда (Јапонија), Мануел де Олвеира (Португалија), Александр Солжењицин (Русија), Рави Шанкар (Индија), Питер Брук (Велика Британија), Херта Милер (Германија), Џон Ралстон Саул (Канада), Светлин Русев (Бугарија), Вида Огњеновииќ (Србија) и на Дарко Гашпаровиќ (Хрватска).


Наградата на Охридската академија за хуманизам за Јиржи Свобода


Охрид, 5 јануари, 2017 - 15:10 (META) 

Светската награда за хуманизам за 2017 година, на Охридската академија на хуманизам, му e доделeна на Јиржи Свобода, култно име на чешката и на светската кинематографија.

Доделувањето на наградата ќе се одржи во Охрид на 18 јануари, на празникот Богојавление, Водици, во Куќата на Уранија на МАНУ, со почеток во 19 часот.

– Неговиот исклучителен животен и творечки опус, чијашто уметничка круна беше остварена минатата година со филмското ремек-дело посветено на Јан Хус, го вброи меѓу големите имиња на светската хуманистичка мисла кои изминативе години ја збогатија духовната меморија на Охрид, градот на вечно живите македонски просветители свети Климент и свети Наум, ученици на апостолите на сесловенската култура светите Кирил и Методиј, заштитници на Европа – се вели во образложението на интернационалното жири.

 


Германското обвинителство распиша потерница по Анис Амри


Берлин, 21 декември, 2016 - 18:44 (META) 

Сојузната криминалистичка служба на Германија по налог на обвинителството и со поддршка на покраинската полиција, спроведува интензивна потрага по Анис Амри, кој е осомничен дека го изврши нападот на божиќниот базар во Берлин, во кој загинаа 12 лица.

Обвинителството нуди и награда до 100.000 евра за информација што би помогнала да биде уапсен осомничениот.

По налог на обвинителството, исто така, е распишана и јавна потерница во која првпат се споменува и презимето на бараниот, а наведено е дека е на возраст од 24 години и роден е во Тунис.


Утре ќе се додели државната награда „Мито Хаџи-Василев Јасмин“


Скопје, 20 декември, 2016 - 10:29 (META) 

Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ утре (21 декември) ќе ја додели истоимената награда за остварување во областа на публицистиката и на новинарството од интерес на Македонија, во Свечената сала на Собранието во 12 часот.

Добитници на наградата се Аљуш Камбери во областа на публицистиката и Тони Димков за остварување во областа на новинарството.


Познати добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“


Скјопје, 7 декември, 2016 - 12:41 (META) 

Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, утре, во 12 часот, ќе го додели признанието за 2016 година, во свечената сала на Собранието.

Наградата e највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Македонија.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и на образованието се доделува на фолклористот Марко Китевски, наградата за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на музичкиот уметник Гордана Јосифова-Неделковска, скулпторот Жарко Башески, поетесата Весна Ацевска-Стојчевска и на театарска критичарка и публицистка Лилјана Мазова.


Доделена наградата „Св. Климент Охридски“


Охрид, 6 декември, 2016 - 16:40 (META) 

Градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, на предлог на специјалната комисија, одлучи највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски“ за 2016 година, да ја добие основното музичко училиште „Методи Патче“.

Оваа образовна установа, како што нагласи на прес-конференција Бакрачески, веќе половина век продуцира извонредни музичари, дел од нив светски познати и признати, кои достојното го презентирале Охрид на домашните и на меѓународни натпревари каде училиштето има освоено стотици награди и признанија.

Општинската комисија за доделување награди и признанија, одлучи повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“ за 2016 година да ја добие стрелачката Нина Балабан.

– Признанието ѝ се доделува за исклучителни резултати од областа на стрелаштвото и за промоција на градот Охрид на летните Олимписки игри што годинава се одржаа во бразилскиот град Рио де Жанеиро – рече претседателот на комисијата, Дејан Пановски.

Наградата и повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“ на добитниците ќе им бидат врачени на свечената академија што по повод одбележувањето на патрониот празник на Охрид, „Св. Климент Охридски чудотворец“, ќе се одржи утревечер во центарот за култура „Григор Прличев“.