Односот долар – евро и падот на цената на нафтата – фактори за деловните проекции во 2019 година


Скопје, 8 јануари, 2019 - 10:17 (META) 

Прогнозите за цената на нафтата, односот меѓу доларот и еврото во 2019 година можe да влијаат врз проекциите во деловниот сектор во Македонија.

Во најновиот извештај за макроекономските показатели, Народната банка соопшти дека во најновите оцени за цената на нафтата за 2019 година е извршена надолна ревизија во однос на октомври. Во услови на очекувања за помала светска побарувачка и повисоко ниво на залихи, сега се очекува значителен пад на цената, наместо пораст, во 2019 година. За 2020 година ревизиите кај овој енергент се во нагорна насока.

Со оглед на тоа што цената на бензините во земјава се формира по формула во која битна улога има цената на нафтата на берзите, може да се очекува дека годинава ќе има намалување на цените на нафтените деривати, ако се остварат прогнозите на НБРМ.

Оттаму очекуваат и дека странската ефективна инфлација ќе изнесува 1,9 отсто во 2019 година и 2 отсто во 2020 година. Нагорната ревизија во најголема мера се должи на оценките за повисока увезена инфлација од Бугарија за целиот период на проекции.

Девизниот курс евро/долар за 2019 година е нагорно ревидиран, при што се очекува помала депрецијација (намалување на вредноста) на доларот во 2018 година и мала апрецијација (зголемување на вредноста) во 2019 година.

„Нагорната ревизија во најголема мера е резултат на пониската инфлација и очекувањата за понизок раст во еврозоната и пазарните очекувања за започнување на процесот на нормализација на монетарната политика на ЕЦБ подоцна од најавите. Од друга страна, за 2020 година е извршена минимална надолна ревизија (поголема депрецијација на САД-доларот)“, се вели во извештајот на НБРМ.


Осумдесет отсто од дизелот го трошат камиони и автобуси (инфографик)


Скопје, 22 ноември, 2018 - 12:24 (META) 

Половина од возилата кои се учесници во сообраќајот возат на дизел, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Дизел користат над 90 отсто од автобусите, 80 проценти од товарните возила и 48 отсто од автомобилите регистрирани во Македонија.

„Речиси 80 отсто од дизел горивата кои се продаваат во Македонија се користат во транспортниот сектор, во тешките товарни возила и автобусите. Железничкиот сообраќај во Република Македонија се погонува со дизел гориво и електрична енергија. Најголемиот дел од моторните бензини кои се продаваат во Република Македонија се употребуваат во транспортниот сектор, во лесните патнички возила“ – стои во Националниот план за заштита на воздухот 2013-2018 година.

Решавање на проблемот со загадувањето на воздухот ќе биде стратешки приоритет на Владата, соопшти минатата недела заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули. Во Планот за чист воздух стои дека активностите за спречување на загадувањето од транспортот ќе бидат насочени не само кон намалување на емисиите, туку и кон намалување на изложеноста на граѓаните дури се движат од едно до друго место.

Според Државниот завод за статистика, во 2016 година, во однос на 2015 година, превозот на стоки во товарниот патен превоз е зголемен за 40,5 отсто, а во железничкиот превоз има намалување од 13,3 отсто.

Бројот на регистрирани патнички автомобили во 2017 година изнесувал 403.316 што е зголемување од над 100.000 возила во споредба со 2012 година кога биле регистрирани 301.761 автомобили. Автобусите во земјава лани минале 42,3 милиони километри, а камионите 902 милиони.

Податоците на ДЗС покажуваат дека патниот сообраќај учествувал со 2,2 отсто во загадувањето со ПМ2,5 честички во 2016 година, а со 1,9 отсто во загадувањето со ПМ10 честички. Студијата на МАНУ за загадувањето на воздухот од транспортот вели дека кај емисиите на нитроген оксид (NOx) главен виновник е транспортниот сектор кој учествува со 60 отсто од емисиите.

Меѓународната агенција за истражување на ракот, издувните гасови од дизелот, ги категоризира во група 1 канцерогени супстанци и предизвикуваат рак на белите дробови и имаат поврзаност со рак на мочниот меур. Освен тоа, тие влијаат и на оштетување на срцето, белите дробови и на мозочните активности.

Пишува: Игор К. Илиевски


Горивата поскапуваат за еден денар


Скопје, 1 октомври, 2018 - 13:26 (META) 

Центата на горивата од ноќеска нa полноќ се зголемува за еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Новата малопродажна цена на „еуросупер БС-95“ ќе изнесува 73,5 денари за литар, „еуросупер  БС-98“ ќе се продава за 75 денари, „еуродизел“ за 67 денари.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 4,17 отсто повисоката просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,53 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.


Цената на литар дизел пораснала за 15,5 денари во споредба со лани


Скопје, 11 јуни, 2018 - 16:38 (META) 

Цената на барел нафта од 2011 година до сега бележи опаѓање, но цената на литар дизел во Македонија во последните седум години не е значително намалена, покажува најновата анализа и визуелизација на „Дата“.

Во 2011 година барел нафта чинел 117,74 долари, а литар дизел 66,5 денари. Во 2018 година, цената на барел нафта се намалила на 74,95 долари за барел, но дизелот не претрпел некоја голема промена и за литар сега се плаќа 63,5 денари.

Регулаторна комисија за енергетика денеска ги намали цените на горивата за 1,5 денари по литар, но сепак граѓаните плаќаат дури 15,5 денари повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Според податоците, од секој литар дизел најмногу плаќаме за рафинериската цена која е речиси половина од вкупната цена, а најмалку се издвојува за животна средина – од сто литри продаден дизел само 3 денари се одвојуваат за животната околина.

Малопродажната цена за литар дизел е 63,5 денари.

Од нив 34,66 денари одат за рафинериската цена, 15,12 денари за акцизата, 9,69 денари за ДДВ, 3,2 денари за трговска маржа, 0,5 денари за транспорт, 0,3 за нафтени резерви и 0,03 за животната средина.


Горивата поевтинуваат за 1,5 денари


Скопје, 11 јуни, 2018 - 14:16 (META) 

Горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Новата малопродажна цена на „еуросупер БС-95“ изнесува 72 денари за литар, „еуросупер БС-98“ ќе се продава за 74, a „еуродизел“ за 63,5 денари.

Како причина за намалувањето на малопродажната цена на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 4,75 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,899 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.


Анѓушев: Никој не може да каже дали струјата ќе биде поевтина


Скопје, 30 мај, 2018 - 13:47 (META) 

Никој со сигурност не може да каже дали цената на електричната енергија во иднина ќе биде пониска. Тоа е како да прашате, дали цената на нафтата или на некој метал ќе биде пониска, одговори денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев на новинарско прашање во врска со цените на струјата согласно новиот Закон за енергетика.

– Сепак можам да гарантирам дека со новиот Закон, цената на електричната енергија за граѓаните секогаш ќе биде поповолна во споредба со тоа што го нудеше претходниот. Компаниите ќе мораат своите трошоци да ги вклучат на некаква маргина над набавената електрична енергија и тука ќе биде нивната конкуретност. Законот стимулира пазарно ориентирани компании, што на конкуретна основа ќе бидат стимулирани да ги намалуваат непродуктивните трошоци – рече Анѓушев.

Тој појасни дека ова се овозможува со механизмот на универзален снабдувач, што се воведува со Законот.

Согласно новото законско решение треба да биде објавен оглас за универзален снабдувач во рок од 90 дена од стапување во сила на Законот. Тие 90 дена веќе течат, со оглед на тоа што законот неодамна беше донесен, а универзалниот снабдувач ќе се избира на тендер и во тој избор повеќе нема да има признавање на непродуктивни трошоци од страна на Регулаторната комисија.

– Ќе има голем бенефит за компаниите и за сите кои сакаат да бидат на слободниот пазар, бидејќи средните компании денес плаќаат 140 до 150 евра по мегават час, а нивната конкуренција од Европа плаќа 50 до 60 евра мегават часови. Ова им овозможува тие да се борат на светиот пазар  – рече Анѓушев.

Тој нагласи дека во моментов во земјата за тргување со електрична енергија се лиценцирани над 50 компании, додека за снабдување над десет.


Државата останува на ставот за зголемена акциза на дизелот


Скопје, 29 мај, 2018 - 16:56 (META) 

Државата нема да преземе мерки во однос на континуираниот пораст на цената на нафтата и нафтените деривати и останува на ставот дека мора да остане акцизата за дизелот која од оваа година е зголемена за 3,5 денари, одговори на новинарско прашање вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, во врска со поскапувањето на горивата.

Тој вети мерки кои се однесуваат на транспортерите кои работат со странство.

Методологијата за пресметка на цените нема да се менува, се додека не одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Не може да се укине ниту ставката за производство, која подразбира во цената на нафтата да се вкалкулираат и 27 долари по тон за нафта произведена во државата, иако не се произведува гориво веќе шест години.

Такво нешто, според најавите, може да се очекува дури догодина кога истекува важноста на договорот потпишан меѓу владата и „Хеленик петролеум“ во 1999 година.

„Државата мора да ги почитува обврските од меѓународните договори, кога ќе истече овој, ќе се ослободиме од таквите клаузули“, додаде Анѓушев.


ВМРО-ДПМНЕ: Секое домаќинство во просек плаќа 12.000 денари повеќе за дизел од лани


Скопје, 29 мај, 2018 - 9:30 (META) 

СДСМ удри по најсиромашните, секое домаќинство во просек плаќа 12.000 денари повеќе за дизел од лани, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „СДСМ не работи за граѓаните, затоа и ја покачи акцизата за 3,5 денари.“

„Тоа предизвика директен трошок од над 40 милиони евра за граѓаните и за стопанството, а во исто време ја поттикна спиралата на раст на цените, со што трошокот за граѓаните е неколкукратно поголем. Фрапантни се бројките кои покажуваат дека со една просечна плата во јуни 2017 година се купувале 487 литри дизел, а сега да можат да се купат само 364 литри, односно 123 литри помалку“, се додава во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани кои не се сложуваат со, како што велат, економската катастрофа која и се случува на државата на 2 јуни во 20 часот пред Владата, да излезат и да кажат „НЕ за економскиот колапс, за распродажбата на националните интереси, за заробената држава и партизираното судство.“


Цената на нафтата на највисоко ниво во последните три години


Лондон, 21 мај, 2018 - 11:46 (META) 

На лондонскиот пазар, цената на нафтата се зголеми за разлика од претходните шест недели, па достигна на највисоко ниво во последните три и пол години.

Зголемување на цената на нафтата е последица на падот на производство во Венецуела, зголемената глобална побарувачка и најава за повторно воведување на санкции кон Иран од страна на САД.

На лондонскиот пазар, цената за барел нафта се зголеми за 2,5 отсто, односно по прв пат од декември 2014 година се зголеми на повеќе од 80 долари.

На американскиот пазар, барелот поскапе за 0,8 отсто односно на 71,30 долари.


Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат до два денари


Скопје, 14 мај, 2018 - 13:34 (META) 

Цената на горивата од ноќеска на полноќ се зголемува од еден до два денари, одлучи денеска Регулаторна комисија на енергетика.

Цената на „еуросупер БС – 98“ се зголемува за два денара за литар, на „еуросупер БС-95“ за еден ипол денар, а на „еуродизелот“ се зголемува за еден денар.

Просечната цена на суровата нафта во изминатите 14 дена изнесуваше 75,134 долари за барел, а курсот на денарот во однос на доларот 51,30 денари.