МТСП: Државниот инспекторат за труд со засилени контроли за исплатата на К-15


Скопје, 9 јануари, 2019 - 11:49 (META) 

Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените, информираат од Министерство за труд и социјална политика (МТСП).

Надзорот кој што започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли.

„Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон. Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор  од областа на стопанството“, се вели во соопштението.

Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценри од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

„Истовремено ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131“, се додава во соопштението.


Сугарески апелираше општините да искористат 12 милиони евра за изградба на водоводи


Тетово, 7 мај, 2018 - 14:33 (META) 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески ги повика општините да достават инфраструктурни проекти, бидејќи на располагање има околу 12 милиони евра неискористени средства од кредитната линија од Европската инвестициона банка (ЕИБ).

Тој денеска изврши увид во изградбата на резервоар за вода и потисен и доводен цевковод во Општина Желино, каде што има 18 населени места од кои само во едно населено место целосно е регулирано водоснабдувањето. Проектот е со вредност од околу 665 илјади евра, а средства се обезбедени преку заем од ЕИБ.

„Во таа насока, сакам да потенцирам дека, во тек е реализација на десетина проекти во вредност од 3,3 милиони евра за изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Исто така со средства од ЕИБ, веќе се склучени договори за изградба и надзор за 11 проекти со вкупна вредност од 4,4 милиони евра, додека пак во фаза на тендерска постапка се осум проекти со вкупна вредност од 3,9 милиони евра“, додаде Сугарески.

Сугарески истакна дека овој проект е дел од програмска определба на Владата за обезбедување на високо ниво на покриеност на територијата со водоводна и канализациона мрежа.


Солза Грчева на „Канал 5“ изнела стереотипи и предрасуди за жените, утврдила ААВМУ


Скопје, 9 март, 2018 - 15:11 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по службена должност, извршила вонреден програмски надзор врз емисијата „Само вистина“, емитувана на 28 февруари 2018 година на ТВ „Канал 5“, при што утврдила дека во емисијата се изнесени „стереотипи и предрасуди врз основа на пол“, поврзани со жените и нивниот брачен статус.

Во емисијата учествувала Солза Грчева, претседателка на партијата „Глас за Македонија“ која, според ААВМУ, употребила „стереотипи и предрасуди врз основа на пол“.

„СДСМ личи на една уседелица, на една стара девојка, која што никој не сакаше да се омажи со неа, па ја омажија странците проводаџии на сила. ДУИ стално го исчистувате, еве сега не ви смета Талат, порано ви сметаше. Ми личи на една девојка која што нон-стоп си дозволува да изгуби невиност, ќе оди ќе ја поткрпат на гинекологија и е исчистена од сите гревови. Оди се премажува со друг. ВМРО ми личи на една разведена распуштеница, очајна, депримирана, која што веќе ни децата свои не ги гледа, чекајќи кој ќе сака да ја омажи“, рекла Грчева.

За ААВМУ Грчева „на стереотипен начин ги претставува половите и родовите улоги“.

Од Агенцијата сметаат дека новинарката требало да се огради од таквиот говор на Грчева.

„Новинарката ваквиот дискурс не го препозна како стереотипизација на која би требало да укаже или пак да се дистанцира од неа, односно гледачите не слушнаа и спротивставен став што е основа за „еднаквост на слободите и правата независно од полот“, посочуваат од ААВМУ.


МТСП подготвува кривични пријави за случајот со малолетничката од „25 мај“


Скопје, 21 февруари, 2018 - 11:26 (META) 

Вонредниот инспекциски надзор утврдил низа прекршувања на законите од страна на Центарот за социјални работи во случајот со малолетната девојка Р.И. од Заводот за згрижување на деца со вопитно – социјални проблеми и нарушено поведение „25 Мај“, информираат од Министерство за труд и социјална политика (МТСП).

Од таму додаваат дека се подготвуваат прекршочни и кривични пријави за одговорни и стручни лица. Покрај лоцирањето на одговорност во Центарот за социјална работа, МТСП врши и инспекциски увид во Заводот.

„Во периодот додека Р.И. била згрижена во згрижувачко семејство и во постапката за водење старателство врз малолетното лице, констатирано е дека старателите биле често менувани и притоа отсуствувале клучните елементи од старателската функција. При поставувањето на старател, Центарот не изготвувал наод и мислење на стручен работник, наод и мислење на стручен тим и лист за следење за работа со корисникот. Од извештајот на старателот кој непосредно ја вршел старателската должност, не може да се види неговата грижа за лицето ставено под старателство, а особено за неговото здравје, издржувањето и оспособувањето за самостоен живот, за негово воспитание и образование, како и за сѐ друго што е од значење за лицето ставено под старателство“, велат од МТСП.

Од таму додаваат дека Центарот во повеќе наврати давал согласност за видување и престој на малолетната Р.И. кај нејзините родители и покрај тоа што им било одземено вршењето на родителското право врз три малолетни деца, поради континуирано злоупотребување и занемарување на родителските должности.

„Документирано е дека за време на престојот кај родителите, таа била повторно присилувана и наведувана на питачење. По информациите добиени од Р.И. во октомври 2016 година дека во текот на летото имала полов однос со одредено лице, назначениот старател не повел постапка за утврдување на фактите, ниту пријавил до Министерството за внатрешни работи“, додаваат од МТСП.

По промената на координаторот на предметот во јули 2017 година, било утврдено дека тој ги преземал сите потребни мерки.

„До МВР се доставуваат редовни пријави, а кога се појавиле индиции дека Р.И. е можна жртва на трговија со луѓе, таа е привремено сместена во шелтер центар и со неа разговарале инспектори од Одделот за организиран криминал и жртви на трговија со луѓе. И покрај овие интервенции изостанала реакција од ОЈО“, се наведува во соопштението на МТСП.

Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) го обелодени случајот со 13-годишното девојче, кое минатата недела било подложено на абортус, а забременило по сексуално злоставување како штитеничка на Домот за деца „25 Мај“.

Директорот на Заводот за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение „25 мај“, Стевчо Соколовски, на 19 февруари поднесе оставка од морални причини.


Павле Трајанов предлага со дронови да се откриваат загадувачите на воздухот


Скопје, 5 јануари, 2018 - 10:15 (META) 

Демократскиот сојуз предлага со дронови да се детектираат загадувачите на воздух во Скопје и во другите градови со голема концентрација на штетни честички во воздухот, како Тетово, Куманово и Битола.

Од партијата на Павле Трајанов велат дека малиот број на “еколошки инспектори” не можат да се справат со загадувачите на воздух, посебно тие што користат искористено моторно масло или масло за јадење, пластика, гуми, стиропори и други недозволени средства за затоплување или што се користат во процесот на производство, поради што му сугерираат на Министерството за животна средина и просторно планирање да набави дронови и да започне со откривање на загадувачите на воздухот.

„Демократскиот сојуз предлага засилен и постојан мониторнинг над депонијата ‘Дрисла’ за да се спречи загадување при горење на медицински отпад или можно депонирање на друг опасен отпад. ДС ја поддржува идејата на Град Скопје за отворање телефонски број (193) на кој граѓаните можат да се јават и пријават загадувачи на воздух, но сугерираме да се разработи апликација каде можат граѓаните да праќаат и смс и вибер пораки, фотографии, видеа, или маил со информации за загадувачите“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз.


ВМРО-ДПМНЕ реагира за унапредување полицајци во Гевгелија и за автопатот Демир Капија – Смоквица


Скопје, 12 октомври, 2017 - 16:39 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска на две прес-конференции го обвини владејачкиот СДСМ дека е во паника и за партиски интереси деградира и унапредува полицајци, како и дека намерно не го пуштил во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, иако бил готов.

– СДС ги губи изборите и во Гевгелија. Затоа Спасовски е во паника и носи решенија спротивни на закон за да ги задоволи партиските послушници. Со издавање „писмени наредби“ со важност од 30 дена во екот на предизборната кампања, на само четири дена дена до изборите, се унапредени и разрешени полициски службеници по неколку скалила од системот на кариера. Ова е беззаконие и за ваквите предизборни партиски комбинаторики ќе следи одговорност – рече Милан Стефаноски на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

На друга прес-конференција Крсте Јовановски, пак, ја обвини Владата на СДСМ дека беспотребно ќе потрошела 850.000 евра преку нов анекс-договор за надзор, иако, како што рече тој, автопатот веќе бил готов.

– Значи, готов автопат, намерно го одолжуваат пуштањето во употреба поради изборите, а граѓаните тоа ќе го платат со 850.000 евра. Скандалозен анекс кој не се однесува на градежни работи, туку на надзор. Со ова, почитувани граѓани, се врши директна злоупотреба на вашите пари и се отвора сомнеж за тежок криминал кој СДС, Заев и Сугаревски свесно сакаат да го направат – обвини пратеникот Јовановски.


На клиниките за гинекологија и за трауматологија има лоши хигиенско-санитарни услови


Скопје, 7 јули, 2017 - 14:16 (META) 

Министерството за здравство информира дека синоќа министерот Арбен Таравари испратил инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и претставници од кабинетот на министерот за здравство, кои извршиле вонреден инспекциски надзор на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ургентен центар, клиниките за трауматологија и за ортопедија и на Институт за белодробни заболувања и туберкулоза.

„При надзорот на Клиниката за гинекологија е констатирано дека општата санитарно-хигиенска состојба не е на задоволително ниво, а медицинскиот отпад не се селектира прописно. Во Ургентниот центар, на Клиниката за ортопедија и во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, општата хигиенско-санитарна состојба е релативно добра, за разлика од Клиниката за трауматологија каде општата хигиенско-санитарна состојба не е на задоволително ниво“, информираат од Министерството.

Од Министерството соопштуваат дека целта на надзорот била да се провери дали се почитува работното време, да се провери работата на амбулантите за итни случи, дали се почитува Законот за заштита од пушење, а истовремено биле контактирани и пациенти по случаен избор да споделат мислење за етичкиот и за професионалниот однос на здравствените работници.


ДЗЛП лани повела 23 постапки за објавени слики, плати и ЕМБГ во медиуми


Скопје, 18 јануари, 2017 - 17:08 (META) 

Дирекцијата за заштита на личните податоци во изминатата година повела постапка за вкупно 23 предмети при надзор во медиумите, а пет од нив се сè уште во тек. Од почетокот на 2017 година, Дирекцијата почнала три инспекциски надзори во два медиума, велат од ДЗЛП за „Мета“.

При инспекцискиот надзор утврдено е дека биле објавени фотографии на малолетно дете, биле објавени лични податоци (име, презиме, возраст, град на живеење) на подносителите на барањата за утврдување на повредата, износ на приходи, односмо хонорари, потоа матични броеви, како и копија од патна исправа.

„Во однос на утврдените повреди, во дел од постапките во тек се прекршочни постапки пред Комисијата за одлучување по прекршок на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Воедно, во четири предмети донесени се заклучоци за одбивање на барањата за утврдување повреда на правото за заштита на личните податоци. За два предмети се води постапка пред Виш управен суд“, велат од ДЗЛП за „Мета“.

Дирекцијата за заштита на лични податоци пред два дена преку соопштение информираше дека минатата недела добила повеќе иницијативи за вршење инспекциски надзор врз медиуми, односно информативни интернет-портали, „заради утврдување на прекршувања на Законот за заштита на личните податоци“.


Локвенец: Во УБК има повеќе наредби за прислушување отколку што кажува Обвинителството


Скопје, 27 октомври, 2015 - 16:49 (META) 

Бројот на издадените судски наредби, објавен од Јавното обвинителство во извештајот за примена на посебните истражни мерки во 2014 година, не соодветствува со бројот на судските наредби за 2014 година евидентирани во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), изјави на денешната прес-конференција пратеникот и претседател на собраниската комисија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање, Хари Локвенец.

Според него, бројот на прикажани судски наредби во УБК е поголем од тој што е даден од Јавното обвинителство.

Локвенец посочи дека комисијата, која вчера беше во посета на УБК, од тајната полиција побарала да ѝ ги достави сите протоколи, процедури и подзаконски акти според кои работи. Но, како што соопшти Локвенец, добиле „само оскуден материјал на пет страници, именуван како информации“.

На прашањето на Комисијата, како снимките од кабинетот на Никола Груевски се нашле во провладините медиуми и на интернет, одговорот од УБК, според Локвенец, бил дека „не добиле налог да го истражат тоа“.

„При подготовката на посетата на УБК, комисијата писмено се обрати до Врховниот суд на Република Македонија. Побаравме одговор дали имало наредби издадени од судот за следење на комуникациите во периодот од 2007 до 2014 година. Одговорот е дека Врховниот суд нема издадено наредби за следење на комуникациите. Од друга страна, бројот на издадените судски наредби, објавен од Јавното обвинителство, во извештајот за примена на посебните истражни мерки во 2014 година, не соодветствува со бројот на судските наредби за 2014 година евидентирани во УБК. Бројот на прикажани судски наредби во УБК е поголем од оној кој е даден од Јавното обвинителство на РМ. Како е тоа можно? Овие факти отворија прашања кои мора да бидат одговорени, во интерес на граѓаните на Република Македонија“, рече Локвенец.


Собраниските комисии за надзор на тајните служби ги чекаат пратениците на СДСМ


Скопје, 25 август, 2015 - 16:46 (META) 

Седницата на Комисијата за надзор на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Агенцијата за разузнавање (АР) закажана за денеска, беше одложена бидејќи владејачкото мнозинство одлучило да ги почека пратениците од опозицијата да се вратат во Собранието на 1 септември.

На денешната седница беше предвидено Комисијата да ги разгледа извештаите за работата на УБК и АР за 2014 година и програмата за работа на УБК за 2015 година.

„Седницата ја одложивме, затоа што решивме да ги почекаме колегите од СДСМ да се вратат во Собранието, по што и нивни пратеници ќе се вклучат во овие тела“, кусо изјавил денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Иванов, пишува „Утрински“ на својата интернет-страница.

Со враќањето на СДСМ во Собранието, освен функционирањето на Комисиите за надзор на работата на УБК и АР и за контрола на следењето на комуникациите, со работа треба да почне и Анкетната комисија која треба да ги разгледува наводите од аферата „Прислушување“, што е предвидено со Договорот од Пржино и со коа треба да претседава пратеник од опозицијата.

Според „Утрински“ во СДСМ посебен тим работел со пратениците кои ќе бидат членови на Анкетната и на останатите две комисии.

Весникот, неофицијално пишува дека меѓу пратениците на СДСМ кои се очекува да бидат членови на двете Собраниски комисии се споменуваат имињата на актулениот портпарол на СДСМ, Петре Шилегов, потоа Васко Ковачевски, Хари Локвенец и Горан Сугаревски.