Мицкоски: Заев ги распродава државните и националните интереси


Скопје, 13 февруари, 2018 - 15:18 (META) 

Она што Зоран Заев го нарекува „одлична надворешна политика”, за граѓаните и за нашата држава преставува распродажба на националните и државни интереси, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на неговиот „Фејсбук“ профил.

Тој вели дека не е поентата да се биде актуелен во регионот по тоа што се попуштило, или отстапило, туку суштината е да се биде актуелен во сопствената земја застапувајќи ги државните и национални интереси.

– Во изминатиот период владата стана актуелна по попуштањето, но не и по одбраната на интересите, па се изроди закон за јазици кој е неуставен и хаотично однесување без концепт во поглед на спорот со јужниот сосед. И она што премиерот вели дека е „свесен за некои пропусти во домашната политика” за граѓаните е хроничен хаос во секое поле и област што е директна последица на неспособноста да се менаџира со домашната економија, да се креираат реформи и унапредат состојбите, но и неспособност да се реализира ветеното – пишува Мицкоски.

Според него постои „африканизација“ и уназадување на Македонија во поглед на демократијата и усовршениот политички терор на власта, во здравството, образованието, науката, студентскиот стандард и младите, земјоделието, економијата.

– Граѓаните се повеќе сфаќаат колку е сериозна ситуацијата и колку многу се пропушта да се направи. Зборот никако да се преточи во дело. Македонија се буди и многу скоро ќе каже стоп за овие погубни политики на владата – додава Мицкоски.


Коѕиас на „Твитер“: Со нашата надворешна политика ставаме крај на иредентизмот


Атина, 24 јануари, 2018 - 20:36 (META) 

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, по завршувањето на средбата помеѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Давос на „Твитер“ напиша дека ставаат крај на иредентизмот.

Во грчките медиуми се коментира дека објавата е напад и критика до опозициската Нова демократија.

„Со нивната инерција дозволија да се градат „иредентистички Александровци Велики“. Со нашата надворешна политика ставаме крај на иредентизмот. Народот ќе види и ќе суди. Условите се создаваат со нашата активност, а не со глупави инерции“ напиша Коѕиас.


Груевски: Сто дена на лаги, неспособност, партизација и кадровски дебакл на СДСМ


Скопје, 5 септември, 2017 - 19:08 (META) 

„Поминаа речиси 100 дена на лаги, неспособност и на понижување, партизација, кадровски дебакл, незаконско работење и на уривање на институциите. Сто дена неработење и укинување проекти, економско тонење, задолжување, непромислени и површни потези, ова е тоа што го трпеа Македонија и граѓаните на Македонија изминатите 100 дена, ова е тоа што денеска Зоран Заев на својата прес-конференција полна со полувистини и со голи фрази свесно го премолче“. Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на прес-конференција по отчетот на Владата предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Груевски рече дека Владата дошла на власт со помош на лаги, манипулации и на интриги и дека така управува со државата.

– Ние не очекуваме повеќе од нив, но тие што очекуваа видоа каков експеримент ѝ се случува на нашата држава. Сега граѓаните можат добро да споредат како изгледа кога СДСМ е на власт – рече Груевски, додавајќи дека кошмарот може да прекине на 15 октомври.

Тој рече дека е загрижен за тоа што ѝ се случува на економијата, велејќи дека политиките на СДСМ ќе имаат силен удар врз неа, што нема да може да се надмине ниту за неколку мандати откако ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на власт.

– Ниту една странска инвестиција не е реализирана, а веќе има најави, според медиумите, за повлекување на странски инвеститори. Иако им оставивме 60 инвеститори кои беа пред одлука за инвестирање, тие воопшто не се контактирани – рече Груевски, додавајќи дека така не се отвораат нови работни места.

Груевски се осврна и на надворешната политика на новата влада, велејќи дека таа води кон понижување, попуштање и кон уривање на достоинството на Македонија. Тој оцени дека штетите од Договорот со Бугарија ќе се почувствуваат за една до две години и дека со него се отвора пат за нови блокади при процесот на евроатлантските интеграции.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека само со масовно гласање на 15 октомври „може да се стави крај на цунамито што го предизвикала новата Влада и да се отвори пат за одржување нови предвремени парламентарни избори“.

Сепак, Груевски не даде прецизен одговор на новинарското прашање дали ќе го прифати барањето на дел од членовите за реформи во партијата и за смена на лидерот.

– Тоа се внатрепартиски работи, за кои ќе одлучуваме во партијата – рече Груевски.


Димитров: Македонија мора да покаже дека има капацитет да решава отворени проблеми


Скопје, 4 јули, 2017 - 16:01 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика изјави дека се отвора ново поглавје во однос на надворешната политика на Македонија и ја повика опозицијата на соработка и на консензус, особено во остварувањето на стратешките цели – членството во НАТО и во ЕУ и градењето на добрососедските односи.

Во однос на неговата прва официјална посета како министер за надворешни работи на Атина, Димитров рече дека со својот грчки колега не разговарал за спорот за името, туку за градењето на добрососедски односи.

Говорејќи за посетата на Софија, Димитров истакна дека новата влада има голема политичка волја и желба да го истурка до крај договорот за добрососедство со Бугарија. Тој рече дека Македонија мора да покаже дека има капацитет да решава отворени проблеми и дека ова прашање со Бугарија влијае и на релациите со Грција.

На ова, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, порача дека договорот со Бугарија не смее да задира во прашања поврзани со идентитетот и побара објаснување од премиерот Зоран Заев за изјавата во однос на тоа кој е тој ситен детаљ што останал да се усогласи.

Пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека денешната седница на Комисијата е преседан бидејќи не се минати ниту 100 дена од изборот на Владата за да се дебатира за нејзината работа.


Заев ќе ја убедува Грција да дозволи да влеземе во НАТО под референцата


Скопје, 6 јуни, 2017 - 21:38 (META) 

Премиерот Зоран Заев во интервју за МРТВ изјави дека планира експертската бранша да биде вклучена во изборот на јавниот обвинител, но и експерти да ја водат државната телевизија.

Заев истакна дека разрешувањето на јавниот обвинител и измените во судството се неопходни, имајќи предвид дека проблемите со правосудниот систем се постојано нотирани во извештаите на Европската комисија.

– Размислувањата кои ги имам јас се како да дојдеме до постапка да мотивираме за функцијата јавен обвинител независни луѓе, кои немаат никаква поврзаност со политика, а имале гласни ставови, некој кој оставил впечаток пред граѓаните и е подготвен да се фати во костец. Процесот на одлучување почнува со заминувањето на Марко Зврлевски. Ако порано почнеме со реформите, побрзо ќе стигнеме до целта – рече Заев и ги повика сите заинтересирани експерти и претставници од судската бранша да се произнесат јавно, за јавноста да може да ги оцени и да има јавна дебата.

Новиот премиер рече дека јавниот сервис мора да биде раководен од експерти и оти не смее да се случи да стане само гласило на власта.

– Укинувањето на радиодифузната такса ќе биде направено со пакетот за реформи во медиумите. Не може сега да ја укинеме, а финансирањето да стапи на сила во 2018 година – рече Заев, додавајќи дека новата влада нема да има рекламни кампањи, туку сè што ќе спроведуваат преку соопштенија ќе се пласира на јавниот сервис.

На прашање дали е можно заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори, Заев истакна дека веќе има ново парламентарно мнозинство и дека нема потреба од нови парламентарни избори.

Во однос на спорот за името, рече дека опозицијата ќе биде вклучена во целиот процес и изрази надеж дека ќе успеат да ја убедат, како што рече, пријателска Грција, да не ја блокира Македонија на патот кон НАТО и „да дозволи да влеземе под референцата“.

Заев рече дека во телефонски разговор, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му најавил дека во текот на летото ќе дојде во Македонија и „дека ќе донесе добра вест“.

Тој истакна дека кон крајот на месецот, заедно со министрите од неговата влада ќе замине во официјална посета на Бугарија, чиј приоритет за време на претседавање со ЕУ ќе биде зачленувањето на Македонија во Унијата.


Руско МНР: Да нема надворешни влијанија при формирањето на новата влада


Москва, 14 декември, 2016 - 15:59 (META) 

„Ги повикуваме сите политички партии во Македонија да ја почитуваат волјата на гласачите, да дејствуваат единствено во рамките на Уставот и да ги избегнат надворешните контрапродуктивни влијанија во врска со формирањето на новиот владин кабинет“, се вели во коментарот на министерството за надворешни работи на Руската Федерација во врска со предвремените парламентарни избори во Македонија.

„Веруваме дека македонските политичари се свесни за одговорноста за зачувување на стабилноста во Македонија и на меѓуетничката хармонија, кои се главен фактор за мирот на целиот Балкан. Очекуваме дека новата влада на Република Македонија ќе води балансирана надворешна политика, фокусирана на зајакнување на мирот и безбедноста на целиот европски континент“, стои во соопштението на руското министерство за надворешни работи.

Оттаму наведуваат дека Русија е задоволна што изборите на 11 декември, и покрај екстремно тензичната политичка ситуација во земјава, поминале во мирна атмосфера.

„Меѓународните набљудувачи, меѓу кои имаше и руски претставници, не регистрираа значајни прекршувања на меѓународните изборни стандарди“, се вели во соопштението, во кое е нотирано и дека според резултатите, ниту една од политичките партии не успеала да освои апсолутно мнозинство.


Папандреу: Грција треба да презема иницијативи за решавање на прашањата од надворешната политика


Атина, 19 јуни, 2016 - 14:29 (META) 

Грција треба да води активна дипломатија на иницијативи за решавање на отворените прашања од надворешната политика, како спорот за името и грчко-турските проблеми, вели експремиерот Јоргос Папандреу, во интервју за грчката државна информативна агенција.

Според Папандреу, грчката дипломатија е неопходно да биде проактивна околу отворените прашања и да предлага идеи во насока на грчките национални интереси, без да чека идеи и сугестии од друга страна.

– Грција треба постојано да презема иницијативи и да нуди предлози за решавање на секој проблем. Го велев и секогаш ќе го велам ова: проблемот со кој не се справувате, нема да се реши и почнува да гние. И ако треба да се реши, во наш интерес е да се реши врз основа на наши предлози. Не треба да чекаме никого. Иницијативи, иницијативи, иницијативи – вели Папандреу.

Тој посочува дека Грција нема потреба да се плаши за ништо околу отворените прашања со Македонија, Албанија и со Турција бидејќи ги има на своја страна меѓународното и европското право. Истакнува дека грчките власти и понатаму треба да продолжат да ги поддржуваат европските амбиции и на нашата држава, но и на другите две.

– Ние треба да ја поддржуваме нивната пристапна перспектива во ЕУ, без отстапки во однос на нивното усвојување на европските принципи – додава експремиерот.

Папандреу за време на премиерскиот мандат од 2009 до 2011 година имаше 11 средби со тогашниот премиер Никола Груевски, што се смета за најголем број билатерални средби на премиерско ниво од почетокот на преговорите за спорот за името.


Грција без конечен одговор за признавањето на Косово


Атина, 14 октомври, 2015 - 9:19 (META) 

Бегалската криза, грчката надворешна политика и одбрана се најдоа високо на агендата на грчкиот премиер Алексис Ципрас. Тој вчера го свика владиниот совет за надворешна политика и одбрана за да се дискутираат и да донесат одлуки за клучни прашања што се очекува да бидат под лупа на меѓународната јавност, како бегалската криза, за која се очекува утре да расправа ЕУ.

Советот одлучи да го поддржи процесот на решавање на кипарското прашање, кое се очекува да биде една од клучните теми на меѓународен план следниов период.

Признавањето на Косово, кое исто така во Атина се шпекулира дека е високо на меѓународната агенда, сè уште не добива целосно зелено светло од грчка страна. Според информациите на неделникот „Реал“, владиниот совет не успеал да постигне едногласна одлука за признавањето на Косово, за кое врз Грција се смета дека има големи притисоци, поради што се предвидува нов состанок на кој ќе се разгледува ова прашање. Неделникот тврди дека друга тема што ја загрижува Грција се односите со Албанија и другите случувања на Балканот.

Покрај отворените проблеми со државите од Балканот, грчкиот премиер и министрите разговараа за позициите со кои Ципрас ќе настапи на Советот на Европската унија за справување со бегалската криза. Ципрас, кој се очекува денеска телефонски да разговара со германската канцеларка Ангела Меркел, во Брисел ќе побара помош околу центрите за мигранти, поголема финансиска помош, но и засилена контрола од страна на Фронтекс на грчките граници.

Паралелно со надворешната политика, Ципрас се најде под лупата на САД и за активностите во енергетската политика. На ненајавена средба во премиерската палата се појави американскиот специјален претставник за енергетски прашања, Амос Хохстајн.

Неговата посета се поврзува со проверка и со анализа на грчките чекори во енергетската игра во Европа, како потенцијалното изведување гасовод меѓу Грција и Бугарија, како и работата на Трансјадранскиот гасовод кој ќе пренесува азербејџански гас во Европа како алтeрнатива на рускиот.

САД се сметаат за тајни противници на идејата за Грција да почне нова енергетска соработка со Русија, коментирајќи дека доколку дојде до оваа соработка и изградба на нов руски гасовод преку Турција, Грција ќе биде одговорна за нови комплицирања на енергетската сцена во европски рамки.