!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Мост“ ќе ги следи изборите со 2.500 набљудувачи


Скопје, 14 октомври, 2017 - 12:27 (META) 

Граѓанската асоцијација „Мост“ утрешните локални избори ќе ги следи со повеќе од 2.500 набљудувачи, од кои 2.100 ќе бидат статични, информираше невладината организација на денешната прес-конференција.

– Статичните набљудувачи ќе покријат околу 50 отсто од гласачките места во Република Македонија и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање, од отворање на гласачките места, преку текот на гласањето, затворање на гласачките места, па сè до пребројување на гласовите – рече директорот на „Мост“, Дарко Алексов.

„Мост“ ќе има и 120 мобилни тимови од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние гласачки места во кои „Мост“ нема статични набљудувачи. Дополнително, 81 набљудувач ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии и на изборната комисија на Град Скопје, а еден ќе ја набљудува работата на Државната изборна комисија.

Покрај гласањето на 15 октомври, „Мост“ го набљудува и денешното предвремено гласање на болните и на немоќните лица, внатрешно раселените и на лицата во затвор и во притвор.

– Во текот на изборниот ден, граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе може да го направат тоа на бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk – рече Алексов и апелираше за одржување фер, демократски и мирен изборен процес.

„Мост“ сите информации од денот на гласањето ќе го соопшти на четири прес-конференции што ќе се одржат утре во 9.30, 13.30, 17.30 и во 20.30 часот.


Заев – Гловер: Ќе има строги санкции за секој што ќе ја наруши регуларноста на изборите


Скопје, 26 септември, 2017 - 16:22 (META) 

Не смееме да дозволиме поради изборни нерегуларности да ги доведеме во прашање нашите евроатлантски аспирации, на кои работевме многу во изминатите неколку месеци, рекол премиерот Зоран Заев на денешната средба со шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори, Одри Гловер.

Заев посочил дека ќе има строги санкции за секој поединец или организација што ќе се осмелат да се впуштат во прекршување на регуларноста на изборниот процес, како во предизборниот период, така и на денот на изборите.

Тој, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, ја замолил шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР навремено да го информира за сите обиди за нарушување на регуларноста на избирачкиот процес, за да не се дозволи никаков пропуст што ќе предизвика оспорување на легитимноста на изборите.

– Би сакал да сугерирам, да се посвети повеќе внимание на забелешките на опозицијата, не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на сите опозициски партии. На овие избори Македонци ќе гласаат за Албанци, и Албанци ќе гласаат за Македонци, тоа е една солидна гаранција за заедничка иднина, која цврсто верувам дека ќе ферментира во една позитивна практика во иднина – рекол Заев.

Гловер на средбата го информирала премиерот со претстојните активности на ОБСЕ/ОДИХР поврзани со изборниот процес, за бројот на краткорочни и долгорочни набљудувачи на мисијата, кои веќе се на терен и го набљудуваат предизборниот процес. Таа инфрормирала дека пред денот на изборите мисијата ќе го засили надзорот со дополнителни 200 краткорочни набљудувачи.


Гловер: Избирачкиот список не е финализиран, ќе набљудуваме сè што е поврзано со него


Скопје, 24 септември, 2017 - 10:57 (META) 

„За изборите да бидат регуларни, постои сеопфатна законска рамка, но се разбира дека зависи и од луѓето кои учествуваат во изборите, властите, општините и од Државната изборна комисија. Ние ќе набљудуваме како ќе ја спроведуваат таа рамка“, вели шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија, Одри Гловер, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

На прашањето дали избирачкиот список е доволно прочистен, таа вели дека тој е важен, бидејќи ОБСЕ/ОДИХР веруваат во еднаквото и универзално право на глас и тоа е нешто што внимателно го набљудуваат.

„Избирачкиот список сè уште не е финализиран и, како што кажав, и тоа ќе го набљудуваме бидејќи за избирачкиот список имавме забелешки во минатото. Затоа многу внимателно ќе следиме сè што е поврзано со ова прашање“, изјави Гловер.

Таа информираше дека во тимот на ОБСЕ/ОДИХР имаат 16 луѓе кои ќе останат во главниот град, а ќе имаат и набљудувачи кои ќе дојдат пред изборите.

Изборната кампања за локалните избори на 15 октомври почнува утре.


ОБСЕ/ОДИХР со 336 набљудувачи ќе ги следи локалните избори


Скопје, 13 септември, 2017 - 16:51 (META) 

Локалните избори на 15 октомври ќе ги следат 336 набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР. Шефицата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, амбасадорката Одри Гловер, денеска на прес-конференција соопшти дека 16 експерти на ОБСЕ/ОДИХР се веќе во земјава, а ним оваа недела ќе им се придружат уште 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја, во тимови по двајца, почнувајќи од 18 септември.

Пред локалните избори во Македонија ќе допатуваат уште 300 краткорочни набљудувачи, кои ќе ги следат изборите во сите 80 општини и во Градот Скопје.

Набљудувачите, како што истакна Гловер, внимателно ќе го следат процесот на регистрација на кандидатите и на гласачите, кампањите, работата на изборната администрација и на владините институции, изборната регулатива, нејзиното спроведување и решавањето на изборните спорови.

Како дел од процесот на набљудување, Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањите на партиите и на кандидатите за градоначалници.


Рамуш Харадинај прогласи победа на изборите во Косово


Приштина, 11 јуни, 2017 - 21:31 (META) 

Рамуш Харадинај вечерва прогласи победа на коалицијата на Демократска партија на Косово, на предвремените парламентарни избори.

По затворањето на избирачките места, Харадинај изјави дека оваа коалиција убедливо победила со освоени 40 проценти од гласовите.

На второ место е движењето Самоопределување, кое добило 30 проценти од гласовите. На трето место е коалицијата на Демократскиот сојуз на Косово, Алијансата на ново Косово и иницијативата Алтернатива со 27 отсто од гласовите.

Поради изборни неправилности, обвинителството во Приштина поднесе седум обвиненија, а неколку лица се приведени. Изборите ги следеа 5.000 набљудувачи.

Околу 1,8 милиони запишани избирачи имаа можност да избираат 120 пратеници во собранието.


Изборите во Србија ќе ги следи и Централната изборна комисија на Русија


Белград, 20 март, 2017 - 21:10 (META) 

Претседателските избори во Србија на 2 април ќе ги следи и Централната изборна комисија на Русија, која ќе има двајца набљудувачи, соопшти Републичката изборна комисија на Србија.

За разлика од нив, ОБСЕ/ОДИХР нема да имаат набљудувачи на изборите, туку само ќе испратат мисија со ограничен капацитет, која ќе следи посебни аспекти на изборниот процес, односно правната рамка и медиумското известување.

Од домашните организации, пријава за набљудување на изборите досега поднеле само Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА), „Граѓани на стража“, Центар за слободни избори и демократија и Комитетот на правници за човекови права.

Рокот за пријава за странски набљудувачи на изборите истекува на 22 март, а за домашни набљудувачи на 27 март.


Градоначалникот на Алепо побара да се испратат набљудувачи од ЕУ


Брисел, 15 декември, 2016 - 14:08 (META) 

Градоначалникот на Алепо ги повика лидерите на ЕУ да испратат набљудувачи за извлекувањето цивили од градот да биде под контрола.

– Никогаш не сме побарале од која било дражва да влезе во војна. Само баравме да се спасат цивилите и да осигураат коридори за нивна евакуација –  изјави Брита Хаги Хасан од седиштето на ЕУ во Брисел.

Хасан истакна дека на повеќе од 800 ранети во источниот дел на Алепо им е потребна итна евакуација, но и повеќе од 5.000 други повредени бараат излез од овој регион. Тој предупреди дека околу 50.000 цивили во источен Алепо би можеле да станат жртви на општ масакр.


ОБСЕ: Изборите поминаа добро, но државата мора да ги зајакне институциите


Скопје, 12 декември, 2016 - 16:10 (META) 

Изборниот ден главно помина добро, а доколку има поплаки, инстутициите и државата треба да се справат со нив, изјави специјалниот претставник на ОБСЕ, Роберто Батели, при презентирањето на првичните наоди за текот на изборниот процес.

Во заедничкиот заклучок на меѓународните набљудувачи се истакнува дека граѓаните ја сфатиле важноста и улогата на изборите, а политичарите сега треба да ја искористат можноста за да се справат со политичката криза.

Странските претставници очекуваат новата влада да ги спроведе реформите во институциите и да продолжи да ги спроведува исправките на избирачкиот спиосок, кај кој се забележани недостатоци.

Во заклучоците од изборниот процес се наведува дека ДИК не успеала да ги запази сите рокови и да ги спроведе сите неопходни промени поради што се регистрирани случаи на лица кои се избришани од избирачкиот список.

Во извештајот се наведува загриженоста од случувањата од последната недела од изборниот процес, кога се регистрирани заплашувања и вршење притисоци врз граѓани и претставници на јавната администрација. Ваквата појава мора целосно да се искорени бидејќи е неприфатлива, сметаат набљудувачите.

– По изборите, Македонија се наоѓа на крстопат кој отвора можност за нормализирање на политичкиот живот. Политичарите мора да ги спроведат препораките од ЕУ за да се вратат на патот кон евроинтеграциите – изјави Штефан Шенан.

Тој истакна дека меѓуетничката поделба во изминатиот период е намалена, а тоа можело да се забележи од минатогодишните протести кои биле меѓуетнички и покажале што може да се постигне ако се работи заедно.

Во извештајот, исто така, се наведува дека новата влада ќе мора да продолжи да работи за реформи за независност на медиумите и на судството, како и за одвојување на центрите на моќта.

На новинарско прашање како реално ги оценуваат изборите поради различните извештаи на партиите, Батели рече дека изборите поминале добро, но дека државата мора да ги зајакне институциите и сама да ги решава проблемите, а не постојано да бара помош од странство во решавање на внатрешните кризи и проблеми.


„Мост“: Навреме се отворени гласачките места, забележано е фотографирање ливчиња


Скопје, 11 декември, 2016 - 9:57 (META) 

Граѓанската асоцијација „Мост“ информира дека навреме се отворени сите гласачки места на кои имаат распоредено свои набљудувачи, освен две места во Куманово и во Велес.

– Гласачкото место 1.036 во општина Куманово е отворено со 15-минутно задоцнување. Гласачкото место 2.210 во општина Велес е отворено со 30-минутно задоцнување поради тоа што немало електрична енергија – се додава во соопштението на „Мост“.

Оттаму информираат дека досега е забележано фотографирање гласачки ливчиња со мобилен телефон.

– На гласачкото место 1.580/1, во општина Радовиш, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче со мобилен телефон. Избирачкиот одбор не забележал и не реагирал. На гласачкото место 2.556 во општина Ѓорче Петров, пак, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче. Повикана е полиција – велат од „Мост“.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.

Граѓанската асоцијација „Мост“ ги следи изборите со повеќе од 3.000 набљудувачи.

 


„Мост“: Гласајте по своја волја и пријавете нерегуларности


Скопје, 10 декември, 2016 - 11:50 (META) 

Граѓанската асоцијација „Мост“ ќе ги следи изборите утре со повеќе од 3.000 набљудувачи, со што ќе покријат 55 проценти од вкупниот број на избирачки места.

– Статичните набљудувачи (2.664) ќе го следат гласањето, процесот на затворање и на броење на гласовите и на финализирање на административните работи од страна на избирачките одбори. Логистика на статичните набљудувачи ќе им бидат 120 мобилни тимови, а 80 набљудувачи ќе ја следат работата на општинските изборни комисии, како и Државната изборна комисија – изјави престедателот на „Мост“, Дарко Алексов, на денешната прес-конференција.

Согласно упатството на ДИК, од „Мост“ потсетија дека се гласа со сино мастило и со заокружување. Ако се гласа со мастило во друга боја, ливчето ќе биде неважечко.

Алексов додаде дека „Мост“ го следи и денешното предвремено гласање на болните, внатрешно раселените лица и затворениците. Освен доцнење со предавање на материјалот за гласање, други неправилности засега нема, кои доколку бидат забележани, јавноста ќе биде известена денеска или во прелиминарните извештаи утре.

Оттаму ги повикаа граѓаните ако сакаат да пријават нерегуларности, тоа да го направат преку телефонскиот број 080 080 080, како и преку интерактивната платформа neregularnosti.most.org.mk

Од асоцијацијата „Мост“ апелираа за одржување на фер и демократски избори, а граѓаните да гласаат по сопствена волја, бидејќи гласањето е слободно, а тајноста на гласот загарантирана.