!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕК се надева на поголема искористеност на средствата од новата програма ИПАРД


Брисел, 24 октомври, 2017 - 13:14 (META) 

Јиржи Богдан Плева, генерален директор за земјоделство и рурален развој во Европската комисија, на средбата со министерот за земјоделство, шумарско и водостопанство, Љупчо Николовски, во Брисел, позитивно го оценил големиот интерес и бројот на доставени барања за користење на финансиски средства од програмата ИПАРД 2014-2020 на првиот јавен повик и изразил надеж дека нема да се повтори искуството со (не)искористувањето на финансиските средства од ИПАРД 2007-2013.

Тој порачал дека за ефикасно искористување на финансиските средства од руралните програми, како што е ИПАРД, клучни се човечките ресурси и функционалноста на Платежната агенција.

Николовски на средбата истакнал дека за новата влада членството во ЕУ е приоритет.

Според Николовски, две значајни активности на кои се работи е зајакнување на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и воспоставување механизам за претфинансирање на ИПАРД-корисниците.

Инаку, досега имаше забелешки за недоволната искористеност на средствата од програмата ИПАРД 2007-2013, а постојат сомневања и за сторени злоупотреби за кои се отворени и истраги од страна на правосудните органи во земјава.


МЗШВ исплати 125 милиони денари субвенции за земјоделците


Скопје, 18 септември, 2017 - 16:41 (META) 

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство исплати околу 125 милиони денари субвенции за земјоделство, известуваат од таму.

Најголемиот дел или околу 61 милиони денари се субвенции за дополнителна финансиска поддршка за сертифициран семенски материјал, 35 милиони денари за субвенција за литар предадено млеко, повеќе од 17 милиони денари се субвенции за предаден зеленчук во преработувачки капацитети.

„Остатокот од исплатените субвенции се за различни земјоделски сектори. Во моментов се обработуваат решенијата за исплата на преостанатите субвенции за 2016 година, по што наскоро ќе следува исплата. Од 1 јуни досега се исплатени повеќе од 60 милиони евра за субвенции, кои легнаа директно на сметките на околу 50.000 земјоделци“, додаваат од МЗШВ.

Од таму потсетуваат дека работат на подготовка на петгодишната национална програма за финансиска поддршка на земјоделството и на руралниот развој и дека со Светска банка ќе спроведат анализа на досегашната ефикасност на субвенциите.


Николовски најави ревизија на 7.000 договори за закуп на државно земјиште


Скопје, 14 септември, 2017 - 14:45 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ќе направи ревизија на сите договори за закуп на државно земјоделско земјиште, склучени во 2016 година и во периодот пред тоа, а резултатите од анализата ќе бидат соопштени до крајот на годинава, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Министерот рече дека постојат сознанија за направени злоупотреби и дека со анализата ќе бидат опфатени околу 7.000 договори. Првите резултати ќе бидат презентирани кон крајот на декември годинава.

– Променет е планот за внатрешната ревизија и дадени се сите овластувања од моја страна. Направени се сите неопходни состаноци за најтранспарентно да се одвива оваа активност. Според тоа што досега ме информираа, ќе биде спроведена длабинска и опсежна активност која ќе почне со ревизија на последните огласи – рече Николовски, додавајќи дека веќе е почната постапка и за раскинување договори за илјадници хектари поради тоа што со години не е плаќан надомест за закуп.

Според податоците на Агенцијата за катастар за недвижности, земјоделското земјиште во сопственост на државата изнесува 170.000 хектари, од кои под закуп се 100.000 хектари.


МЗШВ изврши авионско снимање на целата територија


Скопје, 22 август, 2017 - 14:01 (META) 

Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од јуни до средината на август изврши авионско снимање на целата територија на Македонија, по втор пат после 2009 година, информираат оттаму.

Согласно европските регулативи и препораки, авионските снимки се основа за функционирање на Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП).

„Со просторната идентификација на земјишните парцели се определуваат границите и големината на обработливата површина за која земјоделците аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. На овој начин, ќе се овозможат прецизни контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции и фактичката состојба на терен“, информираат од МЗШВ.

Во рамките на процесот ќе бидат направени „ортофото“ карти, дигитален модел на теренот на целата држава и ќе биде направена иницијална дигитализација на земјоделските површини според употребата на земјиштето.

Новите просторни податоци ќе овозможат ажурирање на промените настанати на земјишните парцели во периодот помеѓу двете снимања.

Активностите на изработка на авионските снимки, „ортофото“ картите, дигиталниот модел на теренот, како и дигитализацијата на земјоделското земјиште финансиски е помогнато од страна на Европската Унија преку ИПА-фондовите.


Хрватска и официјално објави дека го повлекува новиот правилник за увоз


Скопје, 10 август, 2017 - 15:36 (META) 

Веста за повлекување на новиот и за враќање на стариот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, е објавена на официјалната веб-страница на Министерството за земјоделство на Хрватска, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Со враќањето на стариот правилник, трошоците за контрола на квалитет на овошјето и на зеленчукот од трети земји остануваат 12 евра по производ.

– Одлуката на Хрватска за враќање на старите цени за инспекциски контроли за увоз на зеленчук и на овошје од трети земји, е позитивна за македонските компании кои извезуваат во Хрватска – велат од МЗШВ.

Одлуката на Хрватска доаѓа по само три дена од заедничкиот состанок на надлежните министри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, кој се одржа во понеделникот во Сараево. На состанокот беа донесени заеднички заклучоци и тие беа испратени до Европската комисија и до Хрватска.

Следниот месец е договорен состанок на надлежните министри од регионот во Скопје, на кој ќе се разговара за тоа како да се отстранат бариерите што ја загрозуваат слободната трговија.


Регионот побара од Хрватска да укине одредби од правилникот за увоз на овошје и зеленчук


Сараево, 7 август, 2017 - 15:06 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, надлежните министри од Босна и Херцеговина – Мирко Шаровиќ, од Република Србија – Расим Љајиќ и од Црна Гора – Драгица Секулиќ, на денешниот итен состанок во Сареаво донесоа неколку заклучоци во врска со новиот хрватски правилник за увоз на свежо овошје и зеленчук.

Министрите ја повикуваат Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина.

Воедно министрите потписници бараат оваа недела да се одржи итен состанок со надлежните министри од Хрватска, а при тоа да се има предвид дека секое одложување за наоѓање решение ќе предизвика значителни последици врз производителите од земјите од регионот, со оглед на тоа дека сето ова се случува во период кога има зголемен извоз на сезонско овошје и на зеленчук.

Заклучоците со потпис од сите министри кои присуствуваа на состанокот ќе бидат испратени во Брисел.

Министерите од регионот во решвање на проблемот со Хрватска ја повикаа да се вклучи и Европската Унија.

Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе конкретни мерки и механизми кои смета дека се адекватни.

Македонското Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави нота до хрватското Министерство за земјоделство за стопирање на правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук.


Ќе бидат исплатени субвенциите за овоштарите и за лозарите, велат од МЗШВ


Скопје, 31 јули, 2017 - 12:43 (META) 

Подготвени се решенијата за исплата на субвенции на 544 овоштари во висина од 28 милиони денари, пари што производителите ќе ги добијат на почетокот од неделава, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Освен за овоштарство, подготвени се и решенијата за исплата на субвенции за лозарство и за штетите од невремето во општина Гази Баба. Исплатата на овие субвенции ќе биде на почетокот на следната недела.

Во однос на исплатата на обесштетувањето за ланските пролетни мразови во Преспанскиот Регион, Министерството подготвило информација која ќе се разгледува на една од следните владини седници.


Струга и годинава организатор на „Денови на македонскиот мед“


Струга, 25 јули, 2016 - 13:41 (META) 

Здружението на пчелари „Матица“ од Струга, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Општина Струга, втора година по ред ќе ја организира манифестација „Денови на македонскиот мед“.

Тридневната манифестација на пчеларите од Македонија ќе се одржи од 5 до 7 август, на Плоштадот на револуцијата во Струга, а на неа се очекува да учествуваат повеќе од 30 пчелари од сите делови на Македонија.

На манифестацијата се поканети претседатели и претставници на повеќе сојузи и здруженија на пчелари од Албанија, Србија, Бугарија и од Косово.


МЗШВ: Николовски шири клевети, манипулации и дезинформации


Скопје, 18 јули, 2016 - 10:51 (META) 

Со вчерашната изјава, Љупчо Николовски од СДСМ уште еднаш покажа дека нема никакви конструктивни идеи, туку воден од желбата постојано да биде присутен во медиумите, само шири клевети, манипулации и дезинформации, надевајќи се притоа на политички поени, се вели во реакцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на вчерашната прес-конференција на Николовски.

„Уште еднаш ќе потсетиме дека покрај законската постапка која е спроведена во целост, министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата дополнително формираше комисија за проверка на изведени работи поврзани со чистењето на каналите за одводнување и за наводнување, во чиј состав, покрај членови од МЗШВ, има и членови од други надлежни државни институции. Дополнително формираната комисија беше на терен, состави писмен извештај поткрепен со фотодокументација, со што се потврдува дека сите економски оператори ги извршиле активностите во согласност со условите во договорите“, се вели во соопштението министерството.

Од МЗШВ велат дека Платежната агенција работи во согласност со важечките законски и подзаконски прописи и акти, што е потврдено од сите досегашни ревизии извршени од Европската комисија, надворешните независни ревизии, како и од државниот ревизор.


МЗШВ воведува ограничување на движењето низ шумите


Скопје, 7 јули, 2016 - 11:44 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) објави дека се воведува ограничување на движењето на сите лица во шумите и во шумските појаси од денеска до 15 август, во периодот од 7 часот наутро до 17 часот попладне.

Ограничувањето не важи за лица што имаат соодветна дозвола од Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и за субјектите што управуваат со заштитените подрачја.

Oграничувањето не важи за организирана тура на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена и на националните паркови, но неопходна е придружба на преставник од „Македонски шуми“ или од управата на националните паркови.

За непочитување на забраната, граѓаните што ќе бидат затекнати да се движат во шума без соодветна дозвола ќе платат глоба од 1.500 до 2.000 евра.