„Скопје Синема Сити“ на 5 и 6 октомври, Руичи Сакамото горд на наградата


Скопје, 3 октомври, 2018 - 9:44 (META) 

Во пресрет на четвртиот филмски настан кој што „Скопје Синема Сити“ го организира годинава, Руичи Сакамото го изрази своето задоволство за наградата доделена од овој Фестивал за животно дело.

Четвртото есенско издание на „Скопје Синема Сити“ се одржува на 5 и 6 октомври во Кинотека на Македонија. На есенското издание ќе бидат прикажани четири филмови: „ЕКВ – Како да беше некогаш“, „Звуци и тишина: Патешествијата со Манфред Ајхер“, „Приказната за Ланг Ланг: Постигни или умри“ и „Стив Рајш: Соочување со фазата“.

Гости на ова издание на фестивалот ќе бидат режисерот и сценарист на филмот за ЕКВ, Душан Весиќ , кој воедно ќе има и промоција на својата книга за Маргита Стефановиќ „Маги: Како таа да беше некогаш“ и Сандра Ранчиќ, која е и косценарист на филмот и уметнички директор на филмскиот фестивал за музички документарни филмови од Белград „ДокендРитам“. Бидејќи „Скопје Синема Сити“ се приклучи на манифестацијата „Бела ноќ“ иницирана од МКЦ, проекциите на филмовите за Ланг Ланг и Стив Рајш ќе бидат со слободен влез.

Оваа година, „Скопје Синема Сити“ организираше четири филмски настани, на кои вкупно беа прикажани 26 музички документарни филмови и една изложба на џез-фотографии.

На Фестивалот оваа година уметник во фокус беше јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, со чиј филм „Кода“ на Стивен Номура Шибле беше отворено летното издание и кому фестивалот му врачи и награда за животно дело за „Достигнувања во филмот и музиката.“


Репризното издание на „Скопје синема сити“ во Кинотека на Македонија на 2 и 3 февруари


Скопје, 29 јануари, 2018 - 14:51 (META) 

Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ (Skopje Cinema City), во рамките на т.н зимско издание (Winter Edition) ќе репризира дел од филмовите од претходното, премиерно издание во 2017.

Репризите на проекциите ќе се одржат на 2 и 3 февруари во Кинотека на Македонија. Зимското издание е прв од четирите филмски настани што се планирани да се случат оваа година во различни периоди.

„Скопје синема сити“, преку својата платформа, има за цел да претставува разни музички теми и програми кои истовремено ќе едуцираат и ќе забавуваат.


Фестивалот „Скопје синема сити“ ќе се одржи од 15 до 19 јуни


Скопје, 5 јуни, 2017 - 16:45 (META) 

Третото издание на филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе се одржи од 15 до 19 јуни во Кинотека на Македонија.

Фестивалот ќе се отвори со филм за „Крафтверк“, односно „Поп арт“, во традиција на претходните изданија кога фестивалот им оддаде почит на Дејвид Боуви и на Леонард Коен.

Фестивалот ќе заврши со портрет на Дејвид Боуви, преку неговите интервјуа и снимки за „Би-Би-Си“, вклучувајќи и негови настапи снимени во разни периоди од неговата кариера за овој национален сервис.


„Скопје Синема Сити“ од 15 до 19 јуни во Кинотека на Македонија


Скопје, 24 мај, 2017 - 17:57 (META) 

Од 15 до 19 јуни, во киносалата на Кинотека на Македонија ќе се одржи третото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ во организација на граѓанското здружение „Номад-Арт“ во соработка на Кинотека на Македонија.

Фестивалот на својата програма ќе има документарни филмови чијашто главна тема ќе биде музиката, без оглед на жанрот или годината на продукција, со цел да создаде едно богато музичко искуство и патешествие. Една од целите на фестивалот е да го прикаже богатството на денешниот музички свет, изразен преку музичките документарци.

Оваа година Фестивалот му оддава почест на германскиот бенд Крафтверк, пионерите на електронската музика, со чијшто документарен филм „Поп Арт“ на режисерите Ханс Росашер и Симон Витер ќе се отвори „Скопје Синема Сити“.

За време на фестивалот ќе бидат прикажани музички филмови од светот на џез, поп, рок, електронската и класичната музика.


Странските инвеститори во државата организираа хуманитарен пикник


Скопје, 22 мај, 2017 - 10:19 (META) 

Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори организираа хуманитарен јавен настан во Градски парк. Специјалитетите од различни земји се продаваа за симболична цена од 100 дена, а собраните парични средства ќе бидат донирани на народната кујна во црквата „Св. Апостол Петар и Павле“ и на хуманитарното здружение „Ел-Хилал“.

Странските инвеститори кои доаѓаат од Австрија, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Луксембург, Франција, Холандија, Хрватска, САД, Словенија, Турција и Швајцарија се дружеа со граѓаните и ја промовираа гастрономијата на земјите од каде што потекнуваат преку најавтентичните рецепти од нивните национални кујни.

– Овој настан беше одлична можност да се прослави долгогодишната посветена работа на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и ветување за понатамошни успешни проекти, настани и случувања кои ќе ја потврдат нивната општествена одговорност – изјави Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Компании-членки на Советот на странски инвеститори вработуваат повеќе од 50.000 граѓани.


Македонската етно-група „Чалгија саунд систем“ настапи во Солун


Солун, 26 февруари, 2017 - 11:22 (META) 

Публиката во Солун имаше нова можност да запознае дел од македонската современа и традиционална култура преку концертот на етно-составот „Чалгија саунд систем“.

Македонската група, која ја одржува во живот традицијата на старите чалгиски песни, првпат настапи во Солун на фестивалот за балканска музика „Балкан фест“ (Balkan Fest).

Пред преполната концертна сала, групата претстави дел од својот репертоар на македонски чалгиски песни.

За време на настапот на „Чалгија саунд систем“, музиката преовлада и ги премости сите разлики и несогласувања кои постојат на политичко ниво, овозможувајќи им поинакво ниво на поврзување на грчкиот народ со македонската традиција и култура.

Покрај „Чалгија саунд систем“, на фестивалот со својата традиционална музика се претставија и групи од Грција и од Романија. Ова е седма година како се одржува овој фестивал.

Ова е втор настап на „Чалгија саунд систем“ во Грција за неполна година.


Почина пејачката Есма Реџепова


Скопје, 11 декември, 2016 - 10:25 (META) 

Пејачката на ромски песни Есма Реџепова-Теодосиевска почина утринава на 73-годишна возраст, по кратко и тешко боледување.

Есма, која уште ја нарекуваат и кралица на ромската музика, во 2013 гoдина ја доби и титулата Национален уметник на Република Македонија.

Освен по пеењето, Есма беше позната и по нејзината хуманост, има одржано голем број на хуманитарни акции, а во својот живот има одгледано 47 деца.


ЗАМП не попушта, плаќа огласи по весниците, а медиумите – збунети, не знаат кого да слушаат


Скопје, 3 ноември, 2016 - 15:20 (META) 

Здружението за заштита на авторски музички права ќе го обжали до надлежниот суд решенито на Министерството за култура, со кое се поништува одлуката на ЗАМП за забрана за емитување македонска музика во медиумите. Денеска ЗАМП во речиси сите дневни весници закупи по цела или по половина страница со објава на вчерашното соопштение.

Директорот на ЗАМП, Зоран Васковски, за „Мета“ вели дека решението на Министерството не е ниту извршно, ниту правосилно.

– Сè уште важи нашата одлука, односно одлуката на авторите. Само тие можат да ја повлечат забраната. Решението на Министерството за култура има правен лек за обжалување, на кој ние ќе се повикаме. Додека судот не донесе решение, нашата одлука е на сила – вели Васковски.

Денеска и Здружението за заштита на авторски музички права на Босна и Херцеговина забрани користење на авторски музички дела од нивниот репертоар.

Од ЗАПМ велат дека, во согласност со известувањето, оваа забрана стапува на сила веднаш.

Постапувањето или непостапувањето по решението со кое македонската музика се враќа во етер е законска одговорност на ЗАМП, се вели, пак, во реакцијата на Министерството за култура по вчерашната одлука на Здружение за заштита на авторски музички права овој документ да го прогласи за неважечки.

„Министерството за култура постапува исклучиво врз основа на своите надлежности, кои се утврдени со Законот за авторското право и сродните права. Решението за запирање на извршувањето на одлуката за забрана за емитување музика е донесено во јасна и дефинирана постапка и тоа решение е целосно законски основано. Правната неоснованост на овој акт може да ја цени само надлежниот суд, а не ЗАМП“, возврати Министерството.

Оттаму посочуваат дека ЗАМП е здружение кое врши колективно управување со авторски музички права врз основа на дозвола добиена од Министерството за култура и, според министерството, треба да работи во интерес на сите автори, почитувајќи ги законите во Република Македонија, вклучително и во согласност со актите на надлежното Министерство за култура.

Инаку, вчера, како што информираше ЗАМП, поради основани сомневања за несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената должност, против одговорните лица во Министерството за култура, Здружението поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство.

„Авторите преку ЗАМП ќе ги преземат сите потребни правни дејства за да си ги заштитат своите права и ќе поведат постапка против решението на Министерството за култура. Поради незаконските одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и на материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП сè додека судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават надвор од сила забраната за јавно емитување музика“, стоеше во соопштението од ЗАМП.

По почетокот на препирањето меѓу ЗАМП и Министерството за култура, во македонскиот етер владее хаос околу тоа дали и која одлука и решение треба да се почитува. Дел од медиумите го прифатија решението на Министерството и пуштаат македонска музика, а другите сè уште ја почитуваат одлуката на ЗАМП да не се емитува не само македонска, туку ниту музика од Балканот.


„Војна“ на линијата ЗАМП – Министерство за култура: Кривични пријави и силни зборови


Скопје, 2 ноември, 2016 - 11:24 (META) 

Поради основани сомневања за несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената должност, против одговорните лица во Министерството за култура, ЗАМП поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство. Како што информираа од Здружението за заштита на авторските узички права, авторите чии права ги штити ЗАМП, не се изненадени од ова најново незаконско постапување на надлежен државен орган.

„Само се прашуваат до кога Министерството ќе јава на беззаконието, за по секоја цена да ги задржи телевизиите и радијата за свои партнери! А за да си ги прикрие грешките и пропустите на кои постојано им укажуваме, сега е подготвено да ги жртвува и радиодифузерите, зашто бесправно им советува да не ја почитуваат забраната за емитување музика. Во решението за запирање на извршување, Министерството повторно прави намерна „грешка“ и не поведува постапка пред надлежен суд за оцена на законитоста на актот туку, спротивно на законот, упатува тоа да го направи ЗАМП. Иако тоа е од формален карактер, истовремено укажува дека при постапувањето Министерството имало намера и тенденција за повреда на закон“, се вели во реакцијата на ЗАМП.

Авторите во ЗАМП знаат, се вели во соопштението, а Министерството за култура има проверено и потврдено, дека авторите имаат потпишано договори со кои е пренесено остварувањето и грижата за остварувањето на моралните и на материјалните права.

„Авторите преку ЗАМП ќе ги преземат сите потребни правни дејства за да си ги заштитат своите права и ќе поведат постапка против решението на Министерството за култура. Поради незаконските одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и на материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП сè додека судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават надвор од сила забраната за јавно емитување музика“, стои во соопштението.

Министерство за култура вчера донесе решение за запирање на одлуката на ЗАМП.

– Министерството за култура донесе решение за запирање на извршувањето на одлуката на собранието на ЗАМП, со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување. Од надзорот на Министерството за култура над одлуката на собранието на ЗАМП се констатираше дека одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права – се вели во соопштението на Министерство за култура.


Во ЗАМП се затечени – допрва ќе решат како ќе му возвратат на Министерството за култура


Скопје, 1 ноември, 2016 - 16:56 (META) 

Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) деновиве ќе донесе одлука како и дали ќе возвратат на решението од Министерството за култура, со кое македонската и српската музика се враќаат пред гледачите на телевизија и слушателите на радио.

Претседателот на управниот одбор на ЗАМП, Григор Копров, не сакаше да ја коментира оваа одлука на Министерството за култура, пред органите на здружението да донесат одлука што понатаму.

– Деновиве, органите на ЗАМП треба да расправаат за оваа одлука на Министерството за култура. Јас ќе ја почитувам нивната одлука и ќе се залагам за неа – вели Копров.

Забраната за емитување македонска музика од страна на ЗАМП беше воведена на 19 септември, а како причина го наведоа „повеќегодишниот притисок од Министерството за култура врз работењето на ова Здружение и создавањето на можноста да се формира паралелно здружение за истите права, во случајов СОКОМ МАП“.