!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Поради Супер купот на УЕФА од денеска ќе има изменет сообраќаен режим


Скопје, 7 август, 2017 - 10:03 (META) 

Поради Супер купот на УЕФА од денеска ќе биде воведен посебен сообраќаен и пешачки режим за сообраќајниците во непосредна близина на стадионот.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека од осум часот денеска до завршување на натпреварот, односно до 9 август, на потегот од крстосниците на улиците Аминта Трети (поранешна Ленинова) и Јордан Хаџи Константинов-Џинот ќе се пропуштаат исклучиво лица и возила кои имаат соодветна акредитација од организаторот на мечот, УЕФА.

На денот на натпреварот, зависно од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање за сообраќај и на булеварот Илинден на потегот од објектот на Владата до крстосницата со улицата Рузвелтова.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, информираше дека Град Скопје е подготвен да ги пречека илјадниците навивачи од сите страни на светот за претстојниот натпревар меѓу двата најтрофејни клубови во Европа, „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За навивчите е подготвена т.н неутрална зона во согласност со стандардите на УЕФА, која ќе биде отворена во 11 часот.

– Во неутралната зона за обожаватели, сите ќе можат да играат фудбал, фудбалски тенис, да шутираат пенали, а и да си ги испробаат своите способности. Во оваа зона е предвидена богата музичка програма на познати македонски диџеи и музичари, кои ќе ги забавуваат посетителите на 7 и 8 август од 11 до 19 часот – рече Трајановски.

Тој додаде дека заедно со УЕФА и со ФФМ, на оваа локација ќе се постават и трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на шампионите, трофејот на Лига Европа и Супер купот.

Навивачите на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“, пред самиот натпревар ќе се соберат на плоштадот „Филип Втори“ и пред платото на спомен-куќата на „Мајка Тереза“, од каде ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.


Фестивалот на улична уметност „Баскерфест“ ќе почне утре


Скопје, 15 јуни, 2017 - 10:54 (META) 

Фестивалот на улична уметност „Баскерфест 2017“ почнува утре и ќе трае до 25 јуни. За време на одржувањето на фестивалот, градскиот плоштад Македонија во Скопје традиционално ќе се претвори во театар под отворено небо.

На отворањето ќе учествуваат педесетина изведувачи од светот, акробати, жонглери, танчери, магионичари, кловнови и музичари.

На плоштадот Македонија точките на артистите ќе се одвиваат на три локации во периодот од 18 часот до 1 часот по полноќ.


Утре марш „Борбата продолжува, гласот победува“ од СЈО до Собранието


Скопје, 10 октомври, 2016 - 15:26 (META) 

Утре во 14 часот, граѓани, граѓански активисти, новинари и уметници ќе маршираат по повод 11 Октомври.

Граѓанскиот марш го иницираат лидерот на СДСМ, Зоран Заев, новинарите Томислав Кежаровски и Атанас Костовски, активистот Влатко Васиљ, актерката Ирена Ристиќ, музичарите Златко Ориѓански и Бени Шакири и припадничката на Сојузот на борци, Вера Бунтеска.

Под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“, предводени од иницијаторите, граѓаните ќе го почнат маршот кај раскрсницата на булеварот Партизански одреди и улицата Франклин Рузвелт, во близина на новиот објект на Специјалното јавно обвинителство.

Граѓански марш под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“

Фото: Саша Богдановиќ („Фејсбук“)

Потоа, маршот ќе продолжи по булеварот Партизански одреди до зградата „Тифани“, а по улицата Димитрие Чупоски ќе продолжи кон Собранието.

Пред Законодавниот дом ќе има поставено бина и на граѓаните ќе им се обратат четворица говорници.

Утрешниот марш, според иницијаторите, ќе се одржи за да се одбележи Денот на востанието во Македонија и да се испрати слободарска порака.

„Ќе маршираме за борба против сиромаштијата, за повисоки плати, за работни места, за млади кои сакаат да останат да живеат во родната земја. Да застанеме рамо до рамо сите заедно, еднакво важни, независно од каква било различност“, велат организаторите.


Политичари, новинари и уметници ќе маршираат заедно на 11 Октомври


Скопје, 7 октомври, 2016 - 10:18 (META) 

Денеска на пладне во Кино Култура граѓански активисти, уметници и новинари ќе ги презентираат деталите за протесниот марш што ќе го организираат на 11 октомври.

Како главни иницијатори на настанот се наведуваат Зоран Заев, Вера Бунтеска, Златко Ориѓански, Ирена Ристиќ, Томислав Кежаровски, Бени Шаќири, Атанас Костовски и Влатко Васиљ.

Настанот ќе се одвива под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“.


„Охридско лето“: Вечерва концерт на „Судар перкашн“ и музика за удирачки инструменти


Охрид, 23 јули, 2016 - 10:59 (META) 

Во предворјето на црквата „Света Софија“ вечерва, со почеток во 21 часот, ќе настапи Ансамблот „Судар перкашн“ од Хрватска.

На програмата на концертот, кој е во рамките на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“, се дела од Мештровиќ, Моцарт и од други композитори.

Ансамблот е формиран во 2010 година за да се поттикне развојот и создавањето на музика за удирачки инструменти.

Во ансамблот членуваат млади професионални музичари од Самобор кои се стремат кон популаризирање на овие инструменти помеѓу младите преку работа на иновативни проекти.

„Судар перкашн“ досега соработувал со некои од најголемите имиња од светската удирачка сцена и музичката уметност воопшто, меѓу кои и композиторот Матеја Мештровиќ – соработка која резултирала со бројни концерти и настапи на еминентни фестивали на Балканот.

Ансамблот има издадено и авторски компакт-диск на Мештровиќ, наслов „Eat Suite“, за кој има освоено две награди, од вкупно шест номинации, на  „Индипендент мјузик авордс“ (Independent Music Awards) во Соединетите Американски Држави.


Регионални натпревари на ученици од државните средни музички училишта


Тетово, 3 април, 2015 - 14:49 (META) 

Во Државното средно музичко училиште „Тодор Скалоски Тетоец“ во Тетово се натпреваруваат 220 ученици како дел од регионалните натпревари на млади музичари, кои се одвиваат на ниво на цела Македонија. Младите таленти се натпреваруваат во теоретски предмети, ансамбли, хорови и во свирење на разни инструменти.

– Ова се шести по ред регионални натпревари. Освен во Тетово, исти вакви натпревари течат и во Штип, Скопје и во Битола. Во нашето училиште во Тетово, се натпреваруваат младите музичари од цела Западна Македонија. Целта на натпреварите е да се зајакнат музичките квалитети на учениците – изјави Симона Зафировска, директорка на Државното средно музичко училиште „Тодор Скалоски Тетоец“.

Регионалните натпревари ќе завршат утре. Најуспешните учесници ќе имаат можност своите музички вештини да ги покажат и на државниот музички натпревар, кој ќе се одржи во Скопје кон крајот на месецов.


Најплатените музичари за 2014 година


Лос Анџелес, 31 декември, 2014 - 14:11 (META) 

Познато е дека светските музичари заработуваат голема сума пари, а ова се десетте најплатени во 2014 година

 

  1. Тоби Кеит: 65 милиони долари
  2. Келвин Харис: 66 милиони долари
  3. Пол Мекартни: 71 милион долари
  4. „Уан дајрекшн“: 75 милиони долари
  5. Џастин Бибер: 80 милиони долари
  6. Брус Спрингстин: 81 милион долари
  7. Бон Џови: 82 милиони долари
  8. „Иглс“: 100 милиони долари
  9. Бијонсе: 115 милиони долари
  10. Д-р Дре: 620 милиони долари

Музичари ќе го тужат „Јутјуб“


Сан Бруно, 24 декември, 2014 - 14:37 (META) 

Видеосервисот „Јутјуб“ ќе се соочи со тужба во износ од една милијарда долари од Фарел Вилијамс, групата „Иглс“ и од други музичари кои бараат отстранување на околу 20.000 видеозаписи од сервисот.

Ирвинг Азоф, основач на асоцијацијата „Глобал мјузик рајтс“, која застапува повеќе од 40 уметници, меѓу кои Фарел Вилијамс, Крис Корнел, Смоки Робинсон, Џон Ленон, „Иглс“, тврди дека „Јутјуб“ нема права за илјада песни што се наоѓаат на сервисот.

Иако „Јутјуб“ преговарал и склучи договори со многу издавачки куќи, Азоф вели дека тоа не го направиле со неговите изведувачи. Тој изјави дека музичарите што ги застапува сакаат да го тужат баш „Јутјуб“ затоа што за разлика од другите сервиси за „стриминг“, тие се „најмалку кооперативни“.