!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Почина светската музичка ѕвезда Џорџ Мајкл


Лондон, 26 декември, 2016 - 9:39 (META) 

Пејачот и светска музичка ѕвезда Џорџ Мајкл вчера починал во својот дом во Оксфордшир, Велика Британија, на 53-годишна возраст, соопштил неговиот публицист, пренесува „Би-би-си“.

Медицинските екипи биле повикани во неговиот дом, вчера во 13.42 часот, според локално време, а полицијата соопштила дека смртта на пејачот засега ја третира како неразјаснета, но дека нема сомнителни околности.

Веста за смртта на Џорџ Мајкл ја соопшти неговото семејство, преку публицистот на пејачот.

„Со голема тага можеме да потврдиме дека нашиот сакан син, брат и пријател Џорџ почина во својот дом за време на божиќните празници. Неговото семејство бара нивната приватност да биде почитувана во овој тежок и емотивен период за нив“, стои во изјавата за смртта на Џорџ Мајкл.

Мајкл, кој е со грчко потекло и е роден како Георгиос Кирјакос Панајоту во северен Лондон, беше талентиран пејач, текстописец и продуцент, кој за време на својата кариера, која траеше речиси четири децении, продаде повеќе од 100 милиони албуми.

Својата кариера ја почна со музичкото дуо „Вем“ (Wham), со кое четирипати беше на врвот на британската листа за најдобри песни, пред да продолжи со издавање албуми како соло-артист, меѓу кои и „Faith“ во 1987 година, кој беше продаден во повеќе милионски тираж.

Мајкл соработуваше со голем број светски музички ѕвезди, меѓу кои и Арета Френклин и Елтон Џон, трипати беше победник на британските музички награди „Брит авордс“, а освои и две награди „Греми“.

По повод смртта на светската музичка икона, почит изразија повеќе негови колеги и пријатели, како неговиот партнер од дуото „Вем“, Ендрју Риџвеј, и Елтон Џон кој на својот профил на „Инстаграм“ напиша дека е во длабок шок.

„Изгубив сакан пријател – драг и добар човек и брилијантен уметник. Моето срце е со неговото семејство и сите негови обожаватели“, напиша Елтон Џон.


Почина канадскиот пејач, поет и уметник Леонард Коен


Монтреал, 11 ноември, 2016 - 10:15 (META) 

Вчера, на 82-годишна возраст, почина канадскиот пејач, текстописец и поет Леонард Коен. Веста за неговата смрт е објавена на официјалниот фејсбук-профил на музичарот, но не се наведени детали околу причините за смртта.

„Со длабока тага соопштуваме дека почина легендарниот поет, текстописец и уметник Леонард Коен“, стои во соопштението.

Канадскиот премиер Џастин Трудо му оддаде почит на пејачот, кој беше еден од највлијателните музичари и текстописци, кој со својот впечатлив баритон раскажуваше приказни за љубов, смрт, омраза, војна и за мир.

„Со длабока тага ја примив веста за смртта на легендарниот Леонард Коен. Тој ќе остане запаметен по своите груби вокали, карактеристичниот хумор и прогонувачките лирики кои ги направија негови песни омилени за многу генерации“, изјавил Трудо, пренесува „Би-би-си“.

Коен се појави во 1960-тите години, заедно со други музчки легенди, меѓу кои и годинешниот добитник на Нобеловата награда за литература, Боб Дилан, и неговиот сонародник Џони Мичел.

Во петдецениската кариера Коен објави 14 студиски албуми, од кои последниот, насловен „Сакавте помрачно“ (You Want It Darker), минатиот месец.

Во 2008 година канадскиот музичар беше примен во „Рокенрол холот на славните“.


Боб Дилан ја доби Нобеловата награда за литература


Скопје, 13 октомври, 2016 - 14:39 (META) 

Легендарниот музичар Боб Дилан е добитник на годинешната Нобелова награда за литература, соопштија од Шведската академија во Стокхолм.

Наградата ја добил за „создавање нови поетски изразувања во рамките на големата американска традиција на песни“.

Дилан е 259. Американец што добил Нобелова награда. Истовремено, тој е првиот Американец што ја доби Нобеловата награда за литература по 1993 година, кога таа награда и припадна на Тони Морисон.


Почина светската поп-икона Принс


Минеаполис, 21 април, 2016 - 21:03 (META) 

Прославената американска музичка ѕвезда и поп-икона Принс почина денеска на 57-годишна возраст во својот дом во Минесота, пренесуваат светските медиуми.

Како што пренесуваат медиумите во САД, полицијата денеска била повикана од итната помош на неговиот имот, Пејсли парк, и во тек била истрага која треба да ги утврди причините за смртта.

Музичарот на 15 април беше хоспитализиран по концертот во Атланта и по неколку дена беше пуштен дома. Тогаш тој испрати порака до своите обожаватели дека се чуствува добро и дека се одмора во својот дом.

Роден како Принс Роџерс Нелсон во 1958 година, Принс својата кариера ја почна уште на млади години, а светска слава стекна во 1980-тите години од минатиот век со албумите „1999“, „Purple rain“ и „Sign O’ the Times“.

Неговиот иновативен музички стил, во кој провејуваше рок, фанк и џез, изврши големо влијание на светската музичка сцена, со повеќе од 100 милиони продадени албуми.

Пејач, автор, аранжер и мултиинструменталист, Принс во текот на својата богата кариера сними повеќе од 30 албуми.

Во 2004 година тој беше примен во халата на славните „Рок енд рол“.


Боно Вокс се збогати преку „Фејсбук“


Лос Анџелес, 4 септември, 2015 - 10:45 (META) 

За 56 милиони фунти, Боно Вокс во 2009 година купил 2,3 отсто удел во акциите на „Фејсбук“.

Вредноста на неговите акции денес се искачила на вртоглави 940 милиони фунти. Тоа значи дека водачот на бендот „Ју ту“ во последните шест години, врз основа на тоа заработил повеќе отколку во текот на целата своја музичка кариера.

Со овој потфат, ирскиот музичар го симнал од тронот Пол Макартни, кој до неодамна важеше за најбогат светски музичар. Но, тој сега е на второто место со богатство од 739 милиони фунти, а на третото место е Мадона со 520 милиони фунти.

Пред три дена, „Фејсбук“ го оствари овој рекорд. Оваа социјална мрежа во еден ден ја користеле една милијарда луѓе, со што се пофалил и самиот нејзин основач, Марк Зукерберг.