Скопје со изложба се потсети на акцијашите што помогнаа по земјотресот


Скопје, 27 јули, 2018 - 10:22 (META) 

Во Музејот на град Скопје, во рамките на манифестацијата „Зборува Скопје“ (23-26 јули) со која се одбележа 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес, градоначалникот Петре Шилегов ја отвори изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.

– Со денешната изложба на фотографии, архивски материјали и на експонати од младинските работни акции и бригади врз чии плеќи се издигна новото Скопје ја привршуваме серијата настани наречена „Зборува Скопје“ со која оддадовме почит за жртвите од катастрофалниот земјотрес, но и на сите оние што со својата хуманост и солидарност помогнаа во обновата на Скопје. Музејот на Град Скопје преку оваа изложба успеа да ни ја доближи претставата за дадената помош од младинските бригади од сите републики на поранешна Југославија кои со својот волонтерски труд го понесоа најголемиот дел од товарот при расчистувањето на урнатините и изградбата на голем дел од објектите на новото Скопје – истакна Шилегов.

Тој појасни дека младинските акцијашки бригади пристигнале уште во првите денови од катастрофата, а организираната сојузна младинска акција траела сè до крајот на 1963 година, при што тие работат и на подигањето на новите населби.

На изложбата присуствуваа и претставници на акцијашите од многу држави од поранешна Југославија, кои уште во вториот ден по катастрофата во 1963 година дошле да помогнат во расчистувањето на урнатините. Шилегов им додели благодарници.

Присутните граѓани во Музејот на град Скопје вчеравечер можеа да го проследат и поетското читање под мотото „За Скопје кое го сакам“ на Организацијата на жените на град Скопје, како и да ги погледаат филмовите од Кинотеката на Македонија за катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Во Музејот на современа уметност беше отворена изложба на дела од грчки автори, а во Младинскиот културен центар имаше проекции на серијата „Досие Скопје“ и богата музичка програма.

Традиционално вчера се одржа и крводарителската акција организирана од Црвен крст на град Скопје, а организационен одбор положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.


Одбележувањето на годишнината од земјотресот продолжува со филмови и концерти


Скопје, 25 јули, 2018 - 10:54 (META) 

Во денешниот настан од манифестацијата „Зборува Скопје“, со која градот се потсетува на жртвите од земјотресот од 26 јули 1963 година, вечерва во 20.30 часот во галеријата „Графити“, кај автобуската постојка во ГТЦ ќе биде прикажан краткометражниот филмски колаж на младата режисерка Дина Дума, насловен „Скопје сонува“. Половина час подоцна, во 21 часот ќе биде изведен перформансот „Тивка реконструција на земјотресот“ на Билјана Радиноска.

По овие две содржини во 21:30 часот ќе почне музичката програма „Разговор со смисла“  која вклучува концерти на Mammoth & Yashem, Тодор Караколев, импров сесија со музичари од новата скопска сцена.

„Зборува Скопје“ завршува утре кога група урбани уметници од Центарот за совремни уметници организираат аудио акција точно 5:17 минути на пет различни локации кои ќе не потсетат на точното време на трагичниот настан.

Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција организирана од Црвен крст на град Скопјеа организационен одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Организацијата на жените на град Скопје ќе одржи поетско читање а Здружението на акцијашите од студентскиот дом  „Стив Наумов“ ќе организираат марш до Музејот на Скопје каде што во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.

Во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори.  Во Младинскиот културен центар пак ќе има проекции на серијата Досие Скопје и богата музичка програма.


Изложба на Јован Миронски во Музеј на град Скопје


Скопје, 26 октомври, 2017 - 15:47 (META) 

Во Музеј на град Скопје во тек е ретроспективна изложба на избрани дела од ликовното творештво на Јован Миронски, кој се смета за еден од првенците на модерната уметност во Македонија, како и за извонреден портретист.

На оваа прва самостојна изложба се поставени бројни дела работени во различни техники и периоди, но главниот интерес е насочен на делата настанати во втората половина на педесеттите, шеесетите и една помала серија на цртежи и акварели од средината на седумдесетите години од минатиот век.

„Миронски и генерацијата ликовни уметници, кои паралелно почнуваат да работат со него, биле насочувани кон модернистичките ликовни модели кои тие подоцна ги разработиле, некои од нив и ги радикализирале и во низата години што следувале, темелно го промениле ликовниот профил на средината. За сето ова да биде можно, морало да биде присутен еден основен елемент – нивната отвореност и подготвеност за прифаќање на модернизмот и на модерноста на општеството“, оценува кустосот Лазо Плавевски во каталогот на Музеј на град Скопје.

Јован Миронски завршил Виша педагошка школа во Скопје, во класата на професорот Вангел Коџоман, а дипломирал на Архитектонскиот факултет во Љубљана во 1963 година.

Како архитект, реализирал голем број проекти во Скопје, а во текот на целиот живот активно се занимавал со ликовно творештво во повеќе ликовни техники.


Заврши фестивалот „Скопје постер“ кој се одржа во Музеј на град Скопје


Скопје, 5 декември, 2016 - 15:35 (META) 

Денеска завршува деветтото издание на фестивалот „Скопје постер“, кој во изминативе 15 дена се одржа во Музеј на град Скопје.

Во рамки на фестивалот, покрај изложените дизајнерски дела во рамки на четирите изложби, се одржаа и презентации и работилници на светски реномираните предавачи на теми „Македонија како туристичка дестинација“, „Дизајнирај влијателен социјален плакат“, „Плакат, уметност од улицата“, „Дизајнирање постер за џез-настан“, наменети за студенти и за професионалци дизајнери.

„Секоја година битно ни е плакатите на младите дизајнерски надежи да ги испромовираме на повеќе локации. Минатата година изложби имавме во Бугарија, Србија и во Русија. Оваа година планираме уште многу изложувања, покрај првично договорените во Њујорк, Порто, Солун и во Вилнус“, вели Гере Постеров, претседател на невладината организација „Плакарт“.

На фестивалот, насловен „Криза на идентитет“, во рамки на главната изложба на плакати од меѓународниот конкурс за плакат, беа изложени дела на студенти од сите континенти, оценувани од страна на петчлена жири-комисија составена од меѓународни судии.

Оваа година, двете главни награди ги добија Мигуел Ангел Рангел од Мексико и Река Немеди Варга од Унгарија.