ЕК со платформа за запирање на изумирањето на инсектите-опрашувачи


Брисел, 1 јуни, 2018 - 13:41 (META) 

Дури еден од десет инсекти-опрашувачи е на работ на изумирање, а една третина од видовите пчели и пеперутки се во опаѓање. За справување со тој проблем, Европската комисија (ЕК) денеска ја предложи првата генерална иницијатива на ЕУ за справување со проблемите што ги погодуваат опрашувачите.

Иницијативата содржи мерки за подобрување на набљудувањето и пребројувањето на инсектите и причинителите на проблемот, како и подобра координираност на политиките и секторите во ЕУ за справување со последиците од намалувањето на бројот на инсектите-опрашувачи во периодот до 2030 година. Ќе се работи на подобро запознавање со процесот на опаѓање на бројноста на овие инсекти, со причинителите, како и на зголемување на познавањата на населението во ЕУ за проблемот.

Опрашувањето преку инсекти е еден од клучните процеси на овозможување на репродукцијата на растенијата и билките. Четири од пет земјоделски култури или диви растителни видови во Европа зависат од инсекти за да остварат репродукција. Дури 15 милијарди евра од годишниот земјоделски производ на ЕУ се должи на опрашувањето од инсекти.

Инсекти што ги опрашуваат цветовите се пчелите, пеперутките, молците, потоа одредени видови мушички и некои видови бумбари.


Водени мушички предизвикаа хаос во Пенсилванија


Харисбург, 15 јуни, 2015 - 11:28 (META) 

Густ рој водени мушички предизвика хаос на сообраќајница и затворање на еден од главните мостови во американската држава Пенсилванија.

Големиот број инсекти ја намалиле видливоста, па поради тоа било неопходно мостот на реката Сускехана, во округот Ланкастер, да биде затворен бидејќи било особено лизгаво.

Мостот бил затворен доцна во саботата, а отворен е рано во недела, истакна полицијата.

– Беше вистинска меќава сред јуни, само што не беше од снег, туку од водени мушички – реле шефот на пожарникарите, Чек Лајвелсбергер.

Ројот водени мушички не е необична појава. Минатата година во Висконсин се појави толкав рој што на локалниот радар изгледал како дожд.