Кај скопјанец откриен арсенал оружје и муниција


Скопје, 23 октомври, 2017 - 17:25 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија, до скопското Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против З.Г. (57) од Скопје, поради сомнеж дека неовластено изработувал и поседувал оружје, односно дека посредувал и тргувал со оружје или распрскувачки материи, како и дека прикривал стоки кои се предмет на криумчарење и вршел царинска измама.

Како што соопшти МВР, по преземени оперативно-тактички мерки, Единицата за недозволена трговија дошла до сознание дека З.Г. набавил поголемо количество оружје и муниција. Дел од муницијата носел во мотоциклот што го управувал, а дел се наоѓала во неговиот дом.

„На 19 октомври 2017 година, околу 18.40 часот, полициски службеници го забележале З.Г. со мотоцикл, марка „априлија“, во близина на пазарот на улица Маџари. Притоа, бил извршен преглед на З.Г. и претрес на мотоциклот и под седиштето биле пронајдени и одземени два сигнални револвера, еден сигнален пиштол и 150 куршуми. З.Г. бил приведен, а по извршените консултации и добиена усна наредба од јавен обвинител, бил извршен претрес во домот и во другите простории на З.Г. на улица Маџари. При претресот биле пронајдени и одземени 54 сигнални пиштоли, два сигнални револвери, осум пневматски пушки, 48 додатоци за цевки за пиштоли, осум спрејови за самозаштита, поголемо количество дијаболи, 5.850 куршуми калибар 9 милиметри за сигнален пиштол, две комбинирани батериски ламби со електричен парализатор, еден дел од пиштол – навлака и две празни пластични кутии за пиштол“, се наведува во соопштението од МВР и се додава дека оружје е доставено на вештачење.


Франција предлага подобра контрола на муницијата на Балканот


Трст, 20 јули, 2017 - 12:00 (META) 

Франција на неодамнешниот самит за Западен Балкан во Трст предложила иницијатива што треба да овозможи подобра контрола на муницијата и на лесното вооружување во балканските земји.

– Предложивме подобра соработка кога станува збор за складирање оружје и подобра контрола на лесното вооружување, што е водечки проблем во регионот. Сметам дека тоа е чекор напред во поглед на безбедноста. Слично на тоа, имавме можност да поведеме иницијатива во борбата против криминалот и борбата против радикализацијата, што е исто така еден од проблемите во регионот. Постои насилен фундаментализам што се развива таму – изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Во Трст на 12 јули, во рамки на Берлинскиот процес, се одржа самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој присуствуваа високи претставници на Европската Унија, на земји членки на Унијата и лидерите на Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и на Косово.


Гори воената зона на турско-сириската граница, експлодирала муниција


Анкара, 13 јули, 2017 - 11:07 (META) 

Голем пожар изби во воената база во турската јужна провинција Килис, која се граничи со Сирија, пренесуваат утринава турските медиуми.

Како што се наведува, мали експлозии можеле да се слушнат од складиштето за муниција кое се наоѓа таму. Пожарот избил нешто по полноќ, а додека пожарникарите го гаселе, сообраќајот во регионот бил целосно запрен.

Засега нема податоци за евентуална штета и за причините за пожарот.


Две кофи со муниција и гранати пронајдени во подрум од зграда во Чаир


Скопје, 6 февруари, 2017 - 15:46 (META) 

Вчера попладне, во 15.22 часот, во Единицата за информации и команда (ЕИК Скопје) било пријавено дека во подрумските простории од станбен објект во населбата Чаир биле пронајдени две кофи со разна минуција, рачни бомби и минофрлачки гранати.

„При увидот на местото на настанот, во подрумските простории, пронајдени биле 19 гранати калибар 40 милиметри во реденик, 12 гранати калибар 40 милиметри, залепени со селотејп во картонска кутија, две рачни бомби од кинеско производство, една запалка за рачна бомба, 25 куршуми маневарска муниција калибар 7,62 милиметри и 10 куршуми калибар 7, 62 милиметри боева муниција“, информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека работат на целосно расчистување на случајот.


Исчезнало оружје од воен магацин во Белград


Белград, 17 ноември, 2016 - 16:57 (META) 

При редовна контрола на воен магацин во гарнизон во Белград, било откриено дека исчезнало поголемо количество полуавтоматски пушки и муниција, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Министерството за одбрана на Србија денеска соопшти дека недостигаат 70 полуавтоматски пиштоли, пет автоматски пушки и два сандака муниција, калибар 7,62 и 9 милиметри.

Српскиот министер за одбрана, Зоран Ѓорѓевиќ, и началникот на генералштабот на војската на Србија, Љубиша Диковиќ, формирале комисија која треба да утврди што се случило, а било наредено да се изврши и вонредна контрола на сите магацини.

Во истрагата биле вклучени и воено-безбедносната агенција, воената полиција и обвинителството.


Стефановиќ: ДНК-траги од најмалку три лица на оружјето најдено кај домот на Вучиќ


Белград, 31 октомври, 2016 - 13:39 (META) 

Со вештачење на оружјето и на муницијата пронајдени во близи на семејната куќа на српскиот премиер Александар Вучиќ, идентификувани биле парцијални траги од ДНК од најмалку три лица, соопшти денеска министерот на внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ.

Сепак, изјави Стефановиќ, дел од трагите биле едни преку други и тешко било да се изолира еден примерок на ДНК, кој би можел да се користи за споредување.

Во близина на семејната куќа на премиерот Александар Вучиќ во Јајинци, кај Белград во саботата беа откриени сандаци полни со оружје, односно ракетни фрлачи „зољи“, четири рачни бомби, 100 парчиња муниција со калибар 7,62 милиметри, 4-5 куршуми за автоматско оружје и 15 куршуми од непознат калибар.

Стефановиќ денеска изјави дека не може да зборува за истрагата, но дека е „малку веројатно дека некој го донел оружјето во шумата само за да го остави таму“.


Автомобил полн оружје пронајден во близина на домот на Вучиќ


Белград, 29 октомври, 2016 - 19:43 (META) 

Попладнево во близина на семејниот дом на премиерот на Србија, Александар Вучиќ, во белградската населба Јајинци, откриен е автомобил полн со оружје.

Како што објавуваат медиумите во Србија, автомобилот бил паркиран во шумата недалеку од домот на Вучиќ, а во него се пронајдени бомби, минофрлачи и муниција.

Сите безбедносни служби моментално се на терен. Вучиќ вечерва изјави дека нема да коментира ништо за овој настан сè додека не ги добие извештаите од Безбедносно-информативната агенција и од полицијата.


Русија: Експлозија во магацин за ракети, евакуирани 600 лица


Москва, 20 јуни, 2016 - 17:02 (META) 

Најмалку 600 лица се евакуирани поради експлозија во магацин за муниција на полигон во Астрахан, Јужна Русија, соопшти руското министерство за одбрана, додавајќи дека нема жртви.

Како што се наведува во соопштението, се запалиле лансирни рампи кои се користат за лансирање ракети во ниската орбита околу Земјата.

Противпожарните служби набргу успеале да го изгаснат пожарот.

– Пожарот се случи по низа силни експлозии. Според првичните информации, магацинот содржи делови за производство на ракети, вклучувајќи и ракетни мотори – соопшти претставник на руските власти.


Пронајдени оружје и муниција во куќа во скопско Кучевиште


Скопје, 6 мај, 2016 - 12:55 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава против двајца жители на селото Кучевиште, во чиј дом полициски екипи, при претрес, откриле повеќе парчиња оружје и муниција.

Како што информираат од МВР, станува збор за Н.Н. (32) и за Р.Н. (66), против кои е поднесена кривична пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, а судија на претходна постапка на двајцата им одредил притвор од 30 дена.

При претресот на домот на осомничените, кој бил извршен пред два дена, полицијата пронашла и одзела две пушки, еден пиштол, една граната за ракетен фрлач, три рачни бомби, две запалки за рачни бомби, една димна бомба и околу 1.000 куршуми со различен калибар.


Ловечки пушки и 1.000 парчиња муниција украдени од куќа во скопско Долно Коњари


Скопје, 20 јануари, 2016 - 14:49 (META) 

Непознат сторител од куќа во скопското село Долно Коњари, сопственост на Љ.Х. (52), украл неколку ловечки пушки и околу 1.000 парчиња муниција за нив, информираат од МВР.

Кражбата се случила меѓу 15 и 19 јануари, а сторителот, според полицијата, одзел ловечки карабин со оптички нишан, малокалибарска пушка со калибар 22 милиметри, ловечка пушка со калибар 20 милиметри и околу 1.000 парчиња миниција за нив.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителот.