Центарот за социјални работи и Општина Велес ќе го организираат погребот на трите деца


Скопје, 21 јуни, 2018 - 11:24 (META) 

Центарот за социјална работа во Велес и Општина Велес денеска се ангажираат за организирање на погребот на трите деца, две сестри и еден брат, на возраст од 1,2 и 4 години, кои вчера ги загубија животите во пожарот во нивниот дом под ридот Вршник во Велес, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Од министерството појаснуваат дека семејството било корисник на социјална помош.
Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата, две сестри и еден брат, и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.

Јавниот обвинител издал наредби за обдукција на починатите деца и продолжува со постапката за утврдување на причините на несреќата.


Лични асистенти ќе им помагаат на лицата со попреченост во секојдневните активности


Скопје, 13 март, 2018 - 15:53 (META) 

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата на денешната седница ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година, информираат од МТСП.

Оваа услуга се воведува првпат во Македонија и е целосно финансирана од буџетот.

„Со оваа програма ќе се обезбеди персонална асистенција за 100 лица на возраст од 18 до 64 години, кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост или лица со целосно оштетен вид. Личните асистенти ќе им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место“, се вели во соопштението на МТСП.

За реализација на Програмата издвоени се 17.500.000 денари од буџетот на МТСП.

Асистентите ќе бидат лица кои поседуваат сертификат за завршена обука за стекнување со вештини за лична асистенција, верифицирана од ЈУ Центар за образование на возрасни. Во Оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица.


Рускиот патријарх Кирил и бугарскиот Неофит ќе разговарат за статусот на МПЦ-ОА


Софија, 2 март, 2018 - 16:03 (META) 

Статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе биде тема на средбата на бугарскиот патријарх Неофит и рускиот патријарх Кирил, кој денеска и утре е во посета на Софија по повод одбележувањето 140 години од ослободувањето на Бугарија од османлиското ропство.

Тоа го потврди бугарскиот митрополит Антониј во изјава за Бугарската национална телевизија, посочувајќи дека статусот на МПЦ-ОА е актуелна тема во православниот свет за која треба да се разговара.

– Светиот синод на БПЦ секогаш настојувал да им помогне на македонските христијани да имаат канонски призната православна црква – вели митрополитот западноевропски и средноевропски Антониј.

Посочи дека и БПЦ во својата историја поминала низ „шизматски пат“, слично на Македонската, кога се одделувала од грчката црква.

– БПЦ сака да се реши статусот на Македонската црква и не може да се држи настрана од тоа прашање, но истовремено не сака да ги наруши каноните – изјави митрополитот Антониј.

Патријархот Кирил, за време на престојот во Софија, освен со бугарскиот патријарх Неофит, ќе има средби и со претседателот на Бугарија Румен Радев и со премиерот Бојко Борисов.


МТСП: Владата усвои законски измени за да се опфатат дополнителни 1.900 стечајци


Скопје, 27 февруари, 2018 - 15:12 (META) 

На денешната 56. седница, Владата ги усвои најавените измени на Законот за материјално обезбедување на невработените лица, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, предложени од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Од МТСП информираат дека, со законот кој што беше донесен во септември 2017 година, досега се издадени решенија на 2.732 стечајни работници. Со овие измени ќе бидат опфатени дополнителни 1.900 лица.

„Со усвоените измени и дополнувања на законот се олеснуваат потребните услови утврдени со постојниот закон, кои се однесуваат на стекнување на правото на материјално обезбедување доколку престанокот на работниот однос настанал во моментот кога претпријатието со доминантна сопственост на државата се приватизирало, под услов единствениот матичен број на субјектот да не е променет од моментот на засновањето на работниот однос во тоа претпријатие, до неговиот престанок. Истовремено, поголема флексибилност е дадена со условот за потребната возраст која треба да ја има невработеното лице (најмалку 52 години за жени, односно 55 години за мажи), со тоа што истата сега се исполнува не од моментот на стапување во сила на постојниот закон, туку во моментот на поднесување на барањето за остварување на правото за материјално обезбедување“, информираат од МТСП.


Понеделник е неработен ден за сите граѓани


Скопје, 25 декември, 2017 - 16:13 (META) 

Министерството за труд и социјална политика, соопштува дека согласно со Законот за празниците, 1 јануари 2018 година (понеделник), Нова година е неработен ден за сите граѓани на Македонија.

 „Истовремено, Министерството за труд и социјална политика, на граѓаните им ја честита Нова година“, информираат од министерството.


Зголемувањето на пензиите ќе се усогласува со порастот на трошоците за живот, велат од МТСП


Скопје, 19 август, 2017 - 11:39 (META) 

Усогласувањето на пензиите во 2017 година се врши согласно член 37 од законот за пензиското и инвалидското осигурување, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Оттаму велат дека, усогласувањето на пензијата се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50 проценти.

„Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи. Со таквото усогласување на пензиите се обезбедува еднаквост на корисниците на пензијата, бидејќи пензијата е лично право и се остварува од остварениот работен стаж и платите“, се додава во соопштението.


Од 1 септември градинките ќе работат во две смени и секоја прва сабота во месецот


Скопје, 18 август, 2017 - 11:06 (META) 

Од 1 септември градинките треба да почнат со двосменското работење, согласно владината одлука, донесена на 10 јули оваа година, соопшти денеска на прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Според одлуката, првата смена ќе биде од 7 до 14.30 часот, а втората од 14 до 21.30 часот, а ќе се работи и секоја прва сабота во месецот од 8 до 16 часот.

– Целта на двосменското работење е децата и родителите да ја добијат потребната грижа од јавите установи – рече Царовска на прес-конференцијата.

Таа најави нови инвестиции во градинките и руралните средини и истакна дека Министерството е подготвено за отворање нови работни места, што како потреба ќе ги наложи двосменското работење.


И Општина Гевгелија барала Владата да ја повлече стратегијата за бегалци


Гевгелија, 10 август, 2017 - 13:26 (META) 

Мислење во врска со нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 година до Министерството за труд и социјална политика и до Владата, преку Здружението на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС), доставила и Општина Гевгелија. Оттаму денеска испратија реакција до „Мета“, во која, повикувајќи се на текстот со наслов „Доза ксенофобија и најави за референдуми од општините за стратегијата за бегалци“, нагласуваат дека покрај општините Ново Село, Демир Капија, Крива Паланка, Велес, Гази Баба и Прилеп, мислење доставила и Општина Гевгелија.

Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, во мислењето неведува дека стратегијата треба „итно да биде повлечена“, за тоа што, според него, Македонија нема ниту финансиски потенцијали ниту, пак, какви било капацитети за спроведување на „ваква обемна и претенциозна стратегија“.

„Јас, како градоначалник на општина Гевгелија, не можам да дадам позитивно мислење за стратегијата, во име на граѓаните на општината, кога ќе се потсетам што истрпевме во 2015 година, кога ни се случуваше ситуација во еден ден во нашиот град да влезат и по 10.000 бегалци, кои едноставно го блокираа секојдневното живеење во градот“, наведува Франгов во мислењето.

Според него, Владата треба да ги насочи своите капацитети на намалување на стапката на невработеност и на изградба на станови за граѓаните кои сè уште немаат решено станбено прашање.

Инаку, безмалку сите општини што доставиле мислење до МТСП се против стратегијата за бегалци, а како што оценуваат од Министерството, образложенијата на дел од општините се на линија на ксенофобија.

Општина Ново Село најавува и референдум за изјаснување на граѓаните по ова прашање.


Доза ксенофобија и најави за референдуми од општините за стратегијата за бегалци


Скопје, 9 август, 2017 - 16:33 (META) 

Вкупно шест општини во земјава доставиле мислења до Минитерството за труд и социјална политика и до Владата во врска со нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 и за предложениот акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.

Од МТСП за „Мета“ оценуваат дека делови од образложенијата на повеќето од општините се „на линија на ксенофобија“.

Според дописот што „Мета“ го доби од Министерството за труд и социјална политика, во предвидениот рок за реакции и за мислења кој истече вчера, мислења доставиле општините Ново Село, Демир Капија, Крива Паланка, Велес, Гази Баба и Прилеп.

Повеќето од општините имаат идентични, односно негативни ставови околу стратегијата, а како аргументи во мислењата имаат наведено дека Македонија треба да остане транзитна земја за мигранти и дека општините немаат просторни, финансиски и инфрастуктурни услови да одговорат на мерките предвидени со стратегијата.

Така, во мислењето на Општина Ново Село, меѓу другото, се наведува дека со оваа стратегија државата непотребно финансиски ќе се оптовари и трајно би се нарушила демографската слика, имајќи предвид дека „во општина Ново Село живее 99,9 отсто македонско население со православна веросиповед“.

Од Општина Ново Село нагласуваат дека ќе распишат референдум за изјаснување на граѓаните по ова прашање.

Идентични се ставовите во мислењата на општините Демир Капија, Крива Паланка, Прилеп и Гази Баба, од каде велат дека прифаќањето бегалци и странци во Македонија „ќе ги дестабилизира регионот и државата во целина“.


Ѓорчев: Со стратегијата за бегалци Македонија ќе стане земја за траен престој на мигранти


Скопје, 9 август, 2017 - 15:28 (META) 

Со новата стратегија на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, Република Македонија не е веќе транзитна земја туку станува земја за траен претстој на голем број мигранти, бегалци и странци од голем број земји, рече на партиска прес-конференција Владимир Ѓорчев, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека стратегијата не е привремена и дека во неа има одредби за олеснето добивање државјанство без да се бараат документи од земјата на потекло, што, според него, отвора можност за големи злоупотреби.

– Владата директно, со писмо, и во својот акционен план и во својата стратегија, бара повеќе од 100 локации за почнување на изградба на згради низ цела Македонија. Ако станува збор за привремена работа, зошто тогаш зборуваме за трајно вработување на голем број лица, што е дел од стратегијата за мигранти, бегалци и за странци, а во Република Македонија и понатаму имаме 218.000 луѓе што сè уште бараат работа – рече Ѓорчев, порачувајќи дека во владините политики приоритет треба да бидат граѓаните на Република Македонија.