!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Затвореник починал во скопски Клинички центар, Србин пронајден мртов на улица


Скопје, 31 октомври, 2017 - 12:56 (META) 

Затвореник што боледувал од рак вчера починал во Клинички центар – Скопје, а српски државјанин бил пронајден мртов на улица во Македонски Брод, соопштува полицијата.

Според билтенот на МВР, вчера, рано наутро, во затворското одделение на Клинички центар починал П.Ј. (60) од Скопје, кој боледувал од карцином на грлото. Тој издржувал затворска казна во „Идризово“.

Во вториот случај, жител на Радовиш вчеравечер на улица во Македонски Брод пронашол паднат 49-годишен државјанин на Србија, кој немал знаци на живот. Го пренел во Здравствениот дом во Македонски Брод, по што била известена и полицијата. Лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство, а увид извршиле полицијата и јавен обвинител, по што, по наредба на обвинителот, телото е предадено за обдукција.


Битолчанец, кој бил пријавен за исчезнат, пронајден мртов


Битола, 19 март, 2017 - 12:36 (META) 

Вчера во 12.35 часот во Секторот за внатрешни работи Битола било пријавено дека на улицата Партизанска бил пронајден починат 68-годишниот М.Ј. од Битола, соопшти МВР.

Како што информираат од полицијата, М.Ј. на 12 март оваа година бил пријавен за исчезнат.

По наредба на надлежен јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.


Непознат маж пронајден починат во бараките на Министерство за здравство


Скопје, 14 март, 2017 - 15:26 (META) 

Во бараките на Министерството за здравство, веднаш до Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, вчера било пронајдено мртво тело на непознат маж.

Како што соопшти МВР, по наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција.


Српски државјанин е пронајден мртов во камион на Качанички пат


Скопје, 15 февруари, 2017 - 14:41 (META) 

Во камион со српски регистарски ознаки, вчера околу 07.30 часот на ул. Качанички пат во Скопје, бил пронајден починат Н.Ј. (37) од Србија, информира МВР.

Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција, а камионот бил запечатен за понатамошна постапка.


Рускиот конзул во Атина пронајден мртов


Атина, 9 јануари, 2017 - 20:30 (META) 

Рускиот конзул во Атина, Андреј Маланин, денеска е најден мртов во неговата резиденција во центарот на Атина. Според првичните информации во грчките медиуми, конзулот починал од природна смрт и нема знаци на насилство на телото или насилно влегување во домот ниту, пак, кражба на предмети.

Соработниците на 55-годишниот конзул од руската амбасада во Атина се загрижиле откако тој не се појавил на работа. Првично, сами отишле до резиденцијата и откако никој не им отворил врата, ја повикале полицијата за да може да влезат во неговиот дом.

Во резиденцијата испитување врши единицата за криминални дела и ќе биде извршена аутопсија за да се открие причината за смртта.


Руски новинар пронајден мртов во Украина


Киев, 28 август, 2016 - 13:47 (META) 

Рускиот новинар Александар Шчетинин е пронајден мртов во својот стан во Киев, соопшти украинската полиција.

Како што се наведува во соопштението, Шчетинин е пронајден мртов на балконот од станот, со прострелна рана во главата, а се претпоставува дека смртта настапила во саботата вечер.

На местото на злосторството пронајден е пиштол со соодветни куршуми, а влезната врата била заклучена.

Полицијата би можела овој случај да го прогласи на самоубиство, со оглед на тоа дека е пронајден еден меил кој Шчетинин им го испратил на своите пријатели, а во кои пишува дека размислува за самоубиство.


Крпач ли беше сведокот поради кој Јанева бараше надлежност во заштитата на сведоци?


Скопје, 28 април, 2016 - 15:09 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека Коста Крпач, кој вчера беше најден мртов во неговиот стан, со прострелна рана во градите, бил сведок во една од предистражните постапки што ги води СЈО.

Тој, како што соопштија оттаму, доброволно се пријавил во СЈО и соработката со него била беспрекорна.

„Ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент. Секако, доколку се јави потреба ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот“, стои во дописот од кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Специјалното јавно обвинителство, на почетокот од годината побара од Собранието да донесе измени во Законот за заштита на сведоци за да може СЈО да предлага и да бара заштита на одредени сведоци.

Ваква иницијатива Јанева последен пат испрати до Собранието на 1 април, шест дена пред да се распушти законодавниот дом, поради предвремените парламентарни избори.

„Ја информираме јавноста дека од страна на ова јавно обвинителство до Собранието на Република Македонија денеска беше доставена иницијатива за донесување Закон за изменување и за дополнување на Законот за заштита на сведоци, која произлегува од потребата за уредување на надлежноста на Јавното обвинителсто за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување бројни пречки во работата на ова јавно обвинителство“, беше наведено во соопштението на СЈО од 1 април годинава.

Но, и оваа иницијатива, како и претходните, како што укажаа од СЈО, беа игнорирани од Собранието и измените воопшто не се ни најдоа на дневен ред ниту пред надлежните комисии, а уште помалку на пленарна седница.

Коста Крпач е еден од 56-те лица аболирани од претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Но, од Специјалното јавно обвинителство денеска соопштија дека против Крпач СЈО не водело никаква кривична постапка.

„За нас нејасна е одлуката на претседателот на Република Македонија да го помилува токму ова лице и сè уште чекаме одговор на поднесеното барање за достава на податоци во врска со тоа од каде му се информациите на претседателот на Република Македонија дека, наводно, против ова лице се водела кривична постапка“, велат од СЈО.


„Анималиа“: Отруен лебед кај селото Радожда – остатоците испратени на вештачење


Струга, 1 април, 2016 - 13:00 (META) 

Невладината организација за заштита на животни „Анималиа”, со соопштение алармираше дека кај струшкото село е отруен лебед. Остатоците од лебедот денеска биле подигнати од ветеринарен инспекторат и се испратени на вештачење во Скопје.

Локалниот ветеринарен инспектор потврдил дека испратил лица да го подигне мртвиот лебед.

– Очекуваме преку тоа вештачење да стигнеме не само до откривање на материјата која била расфрлана како отров, а била наменета за труење на бездомни мачки и кучиња, туку и до доказен материјал за лицето кое тоа го сторило, а за кое жителите на селото Радожда имаат одредени сомневања. Истрагата продолжува, заедно со граѓаните и институциите мора да ставиме крај на овие и на сите злодела. Оној кој посега по живот на животинче, не е далеку од тоа да посегне и по човечки живот – се вели во реакцијата на „Анималиа”.

Пред речиси еден месец охридската, но и целата македонската јавноста жестоко реагираа, откако медиумите објави фотографии на кои се гледа како туристка извлекува повреден лебед од водата, наводно, за да се слика со него.

Овој случај предизвика внимание и беше пренесен и од повеќе светски медиуми.


Исчезнатиот охриѓанец пронајден мртов во кампот „Партизан“


Охрид, 18 февруари, 2016 - 9:51 (META) 

Без видливи повреди и траги на насилство, пронајдено е безживотното тело на 49-годишниот охриѓанец Есад М. кој беше пријавен и се водеше за исчезнат од седми овој месец.

Телото е пронајдено во кампот „Партизан“, во населбата Воска во Охрид, во близина на местото каде и беше забележан последен пат .

Според наводите во пријавата поднесена од неговиот брат, сега починатиот последен пат бил забележан на втори февруари годинава, а неговото место на живеење било во камп-приколка од Феријалниот сојуз во населбата Воска.

По наредба на јавен обвинител, во текот на денешниот ден врз безживотното тело ќе биде извршена обдукција во судска медицина при Медицинскиот центар во Битола.


Побегнат пациент од болницата во Бардовци пронајден мртов


Скопје, 10 јануари, 2016 - 17:09 (META) 

Педесет и тригодишниот Демир Ш., пациент во душевната болница во скопско Бардовци, вчера бил пронајден мртов во близина на болницата, соопшти полицијата.

Според полициските информации, Демир Ш. починал надвор од кругот на болницата, од која побегнал претходниот ден, на 8 јануари.

Смртта била констатирана од лекар на итната медицинска помош. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено за обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.