ЕБОР ќе финансира 181 милиони евра за надградба на патната мрежа


Скопје, 26 февруари, 2018 - 17:09 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе обезбеди 86 милиони евра за надградба на транспортната инфраструктура и зајакнување на регионалната интеграција на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Инвестицијата е делумно поддржана и од Фондот на Централнo европската иницијатива (ЦЕИ), обезбеден од Владата на Италија.

Од втората транша во вкупен износ од 181 милиони евра од ЕБОР, ќе се финансира надградбата на 26 делови од македонската патна мрежа, која покрива над 400 километри од регионалните и локалните патишта во земјата. Втората транша се надградува врз иницијативите од претходните проекти и дополнително ќе ги олесни реформите во финансирање на патниот сектор.

„Обезбедувањето на одржлива инфраструктура е еден од нашите развојни приоритети и благодарение на соработката со ЕБОР, добро напредуваме во обезбедувањето на подобар транспорт во земјата“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Инвестициската програма вклучува и градење на институционалниот капацитет за зајакнување на националните стандарди за безбедност на патиштата, преку обука, спроведување на ревизија и истражувања за безбедноста на регионалните патишта.


Бројот на патници во јануари е зголемен за 18,7 отсто во однос на истиот месец лани


Скопје, 20 февруари, 2018 - 14:53 (META) 

Во јануари годинава, од двата аеродроми превезени се вкупно 151.381 патници, што претставува зголемување од 18,7 отсто споредено со истиот месец лани, информираат од Министерство за транспорт и врски.

На скопскиот аеродром, регистрирани се вкупно 145.592 патници што во споредба со јануари 2017 година, кога биле превезени 123.118 патници, се забележува зголемување од 18,3 отсто.

На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, бројот на превезени патници е зголемен за 30,8 проценти во однос на бројот на патници во јануари, лани.


Екипите на „ЕВН Македонија“ ги санираат дефектите во дистрибутивната мрежа


Скопје, 14 февруари, 2018 - 14:32 (META) 

Големо невреме проследено со обилни врнежи од дожд и снег предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија во Југозападниот дел на Македонија. Без струја се дел од населените места во планинските региони околу Охрид, Струга, Гостивар, Кичево, Тетово, Маврово и Реканскиот крај.

„Екипите на ЕВН Македонија во текот на вчерашниот ден ги санираа дефектите во повеќе населени места, освен онаму каде што имаше проблеми со пристапот поради големи наноси од снег и одрони на патот. Од утринава, екипите се постојано на терен и како што ги санираат дефектите, така населените места се пуштаат под напон. ЕВН ги активираше сите расположливи ресурси, човечки и материјални, со цел побрзо справување со дефектите од невремето“, велат од компанијата.

Од таму додаваат дека зимските возила, моторните санки и целата опрема е во служба на екипите за пробивање на најкритичните и непристапни места.

„ЕВН Македонија е во постојана координација со другите енергетски компании кои го сочинуваат енергетскиот систем во земјава, со цел надминување на сите проблеми кои ги предизвика невремето“, се додава во соопштението.


ЈП „Енерго“ Штип треба да изработи проекти за гасифицирање на градот догодина


Штип, 12 јануари, 2018 - 13:33 (META) 

Јавното претпријатие „Енерго“ Штип, годинава треба да ги заврши сите проекти, односно да ја изработи документацијата за следната година да биде ставена мрежа за гасифицирање на градот, најави штипскиот градоначалник, Благој Бочварски по средбата со директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Благојче Котески.

ЈП „Енерго“ Штип било формирано од претходната власт, но седум години не ја вршело функцијата за кое било основано.

– Ќе продолжиме со ревидирање на физибилити студијата и со изработка на инфраструктурен и основен проект за гасификација на Штип. Годинава очекувам дека ќе ги завршиме сите проектни документации, и догодина, доколку се тече како што треба, граѓаните ќе можат да бидат сведоци на поставување на нова алтернативна инфраструктура во градот – изјави Бочварски.

Котески информираше дека Штип има можност да биде првиот град од регионот кој ќе може да се гасифицира, и е во предност од останатите општини.

– Општина Штип е во предност затоа што на само три километри се наоѓа главната гасоводна мрежа. Главната мерна регулациона станица е во состојба да дава гас за Штип – изјави Котески.

Во буџетот на Општина Штип предвидени се шест милиони денари за проектите кои треба да го реализира ЈП „Енерго“. Првично е предвидено да се гасифицираат индустриските објекти, кои се во непосредна близина на гасоводната мрежа на МЕР, а исто така да бидат и опфатени и општинските институции, градинки, училишта и  домаќинствата.

Котески потенцираше дека до сега само општините Штип и Битола се обратиле до МЕР за проектот гасификација и ова се општините, кои имаат обезбедено свои буџетски средства за оваа намена.


МЕПСО ќе гради нов далекувод од Штип до Пробиштип


Скопје, 28 декември, 2017 - 11:33 (META) 

МЕПСО ќе инвестира 2,45 милиони евра во изградба на нов 110-киловолтен далекувод што ќе ги поврзува Штип и Пробиштип, информираат од компанијата.

Генералниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски и Ерион Муши, претставникот на конзорциумот изведувачи „Пинг гао груп“ од Кина и „Ндрекај“ од Албанија го потпишаа договорот за изградба на новиот далекувод.

„Далекувод што ќе ги поврзе трансформаторските станици „Штип“ и „Пробиштип“ ќе биде долг 27,2 километри. Овој линиски енергетски објект ќе се гради на истата траса на која сега поминува 110-киловолтен далекувод што ги поврзува двете трансформаторски станици и е во функција 45 години, од 1972 година. Изградбата на новиот далекувод ќе трае 12 месеци“, информираат од МЕПСО.

Во соопштението се додава дека, овој проект значајно ќе го зголеми капацитетот на преносната мрежа во источниот регион, а особено е значајно подобрувањето на условите за снабдување со квалитетна електрична енергија за Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива Паланка.

Изградбата на нов далекувод меѓу Штип и Пробиштип е дел од проектот за ревитализација на преносната мрежа што опфаќа изградба на вкупно шест далекуводи од мрежата на МЕПСО.


„Оне-Вип“: Има проблеми поради прекин на главните оптички врски


Скопје, 14 декември, 2017 - 14:47 (META) 

Корисниците на телекомуникацискиот оператор „Оне-Вип“ претпладнево се жалат на прекин на мрежата и невозможност за остварување телефонски повици како и употреба на интернет.

Од „Оне-Вип“ велат дека се соочуваат со проблем поради прекин на главните оптички врски.

„Поради прекин на главни оптички врски во моментов се соочуваме со глобален проблем кој се манифестира со остварување на повици кон мрежата на ‘Оне-Вип’ и проблем со употреба на интернет сервисите. Нашите екипи веќе работат на отстранување на потешкотиите во најбрз можен рок. Ви благодариме на разбирањето“, велат од „Оне-Вип“.


Државните службеници во подрачните одделенија во Тетово два дена се без греење


Тетово, 13 јануари, 2017 - 15:34 (META) 

Државните институции сместени во зградата на Општина Тетово, од вчера се без греење. Работи само една фаза од електричната мрежа, на која не можат да се приклучат грејни тела. Административците од подрачните одделенија во Тетово, на министерствата за правда, земјоделство, финансии, работат со јакни, капи, шалови.

– Па, нема никакакви услови, многу е студено, работиме на температура под нулата, а не е првпат ова да ни се случува – изјави еден вработен во тетовското подрачно одделение на Министерството за финансии.

Од ЕВН велат дека поради замена на електричен кабел, вчера не работела една фаза во тој дел од градот каде се лоцирани и државните институции.

Денеска, како што ни изјави портпарол на ЕВН, Атанас Ковачевски, бил прегорен осигурувач, па затоа не работеле двете фази во просториите каде се сместени државните институции.

Оваа грејна сезона, зградата на Општина Тетово нема централно греење. Во октомври минатата година целосно изгоре котларницата. Сега административците се греат на разни печки на струја и поради преоптовареност на мрежата, честопати се појавуваат прекини во напојувањето со струја.

Од Општина Тетово велат дека се работи на реконструкцијата на котларницата, но поради ниската температура десетина дена градежните активности биле во мирување. Деновиве се очекува целосно да се обнови котларницата и зградата на Општина Тетово повторно да добие централно греење.


Македонскиот и бугарскиот Омбудсман разговараа за мрежа на правобранители


Софија, 16 октомври, 2016 - 10:50 (META) 

Идеа за креирање на мрежа на омбудсмани на Западен Балкан беше тема на разговорите помеѓу македонскиот народен правобранител, Иџет Мемети, и неговата бугарска колешка, Маја Манолова, за време на нивниот состанок во Софија.

Идејата e идната организација да им помага на граѓаните од земјите-членки во случај на проблем на територијата на странска земја.

Манолова се понуди да биде домаќин на првиот состанок на јавни правобранители од регионот.

Мемети и Манолова дискутираа и за борбата против монополите при што Мемети го истакнал одложениот процес на либерализација на пазарот на електрична енергија и дека една компанија има монопол на оваа услуга. Манолова му кажа за битката со „Топлификација Софија“.

Народните правобранители на двете земји се согласија околу идејата за мрежа на омбудсмани и да соработуваат околу борбата против монополите, бидејќи постојат ретки случаи каде исти компании или нивните подружници обезбедуваат исти јавни услуги во неколку соседни земји.

Манолова ја прифати поканата на Мемети наскоро да дојде во посета на Скопје.


Почна да се гради гасоводната мрежа Штип – Неготино


Неготино, 30 август, 2016 - 16:50 (META) 

Гасоводната мрежа Штип – Неготино во должина од 36 километри почна да се гради денеска. Инвестицијата чини околу 16 милиони евра, а ќе ја гради македонски конзорциум предводен од кумановски „Рапид билд“, заедно со уште четири компании „Ел-Те“, „Сектартермо“, „Чакар партнер“ и „Квалитет пром“.

Оваа мрежа се надоврзува на гасоводот Клечовце – Штип, чија изградба во должина од 61 километар заврши минатиот месец, а беа инвестирани 75 милиони долари.

Се очекува изградбата на делницата Штип – Неготино да заврши до крајот на следната година.

Паралелно со изградбата на оваа делница, во текот на следниот месец се очекува да почне и изградбата на гасоводните делници Неготино – Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар, со што ќе се заокружи првата фаза од изградбата на националната гасоводна мрежа.

Премиерот Емил Димитриев истакна дека до 2019 година се планира да бидат изградени 265 километри од гасоводниот систем.


„Оне-Вип“ почна со изградба на нова интегрирана мрежа


Скопје, 23 декември, 2015 - 14:45 (META) 

Компанијата „Оне-Вип“ ја почна изградбата на новата интегрирана мобилна мрежа. Создавањето нова мрежа почнува на крајот од 2015 година и ќе се одвива регион по регион. Придобивките ќе бидат достапни за поголемиот дел од корисниците кон крајот на 2016 година.

– Новата мобилна мрежа ќе има цел на сите корисници на „Оне-Вип“ да им обезбеди значително поголеми капацитети на технологијата 3Г, поголема мрежна покриеност на целата територија на земјата и 4Г ЛТЕ достапност низ цела Македонија, за да се обезбеди најдобро корисничко искуство и најнови светски технолошки достигнувања во мобилниот сегмент – соопштуваат од компанијата.

Со спојувањето на двете компании во октомври 2015 година, новоформираната компанија „Оне-Вип“ прерасна во еден од најголемите телекомуникациски оператори во Македонија, која опслужува повеќе од 1,3 милиони корисници со услуги на мобилна и на фиксна телефонија, интернет-комуникација и телевизија.