Мотоциклист загинал во судир со автомобил и друг мотоцикл


Кочани, 12 март, 2018 - 11:39 (META) 

Во тешка сообраќајна нессреќа вчера на патот Штип – Кочани животот го загубил 39-годишен жител на Свети Николе, откако мотоциклот со кој управувал се судрил со друг мотоцикл и со автомобил.

Според полицијата, во сообраќајната незгода која се случила пред 17 часот учествувале автомобил „фолксваген голф“ управувано од 19-годишна жителка на Кочани,  мотоцикл „сузуки“ со светиниколски регистарски ознаки управуван од В.Ц. (39) од Свети Николе и мотоцикл „хонда“ со бугарски национални ознаки управуван од В.Ј. (33), на кој сопатник бил К.Г. (22), двајцата од Свети Николе.

Од здобиените повреди починал В.Ц., додека В.Ј. и сопатникот К.Г. се здобиле со телесни повреди и се пренесени во Медицински центар Штип.


Урко доби условна казна за сообраќајката по која почина повреденото момче


Скопје, 14 август, 2017 - 16:25 (META) 

Дејан Митровски – Урко, кој едно време беше телохранител на тогашниот премиер Никола Груевски доби само условна, но не и затворска казна за сообраќајката на 27 јуни лани, кога кај Стара рампа на булеварот Борис Трајковски во Скопје со автомобил удри млад мотоциклист, кој почина од повредите пет дена подоцна в болница.

Пресудата е донесена на 20 јуни годинава, а на предметот работела Биљана Коцевска од Основен суд Скопје 1. Таа одредила условна казна од две години затвор, која ќе се активира ако во следните пет години Митровски стори ново кривично дело.

22-годишниот Стојанчо Андонов беше удрен од автомобилот „бмв“ зад чиј волан бил Митровски, во момент кога автомобилот прегазувал двојна полна лента. Семејството на починатото момче не побарало оштета.

Митровски на судењето ја признал вината.

Судијката се повикала на вештачењето, според кое мотоциклот со кој управувал Андонов се движел со брзина од 94,6 километри на час, а немал вградено предно светло.


Мотоциклист загинал во сообраќајка во Битола


Битола, 25 јули, 2017 - 13:23 (META) 

Во сообраќајна несреќа што се случила вчеравечер во Битола, загинал 40-годишен маж од битолското село Горно Оризари, соопшти СВР Битола.

Несреќата се случила во 20.35 часот, на крстосницата на улиците 8 Септември и  Арон Ароести. Дошло до судир на автомобил „голф 3“ со битолски регистарски таблички, управуван од А.К. (29) од Битола, и мотоцикл „хонда“ со битолски таблички, управуван од И.Г. (40) од селото Горно Оризари. Мотоциклистот од добиените повреди починал веднаш.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Битола, а телото на загинатиот по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција.


Мотоциклист во Тетово излетал од патот и го загубил животот


Тетово, 17 јуни, 2017 - 21:55 (META) 

Мотоциклист го загубил животот во тешка сообраќајна несреќа што вечерва околу 19 часот се случила на булеварот Маршал Тито во близина на железничкиот надвозник на излезот од Тетово.

Тетовецот Е.А. (26) од засега неутврдени причини загубил контрола на мотоциклот што го управувал, по што удрил во заштитната метална ограда. Притоа добил тешки телесни повреди, поради кои бил префрлен во тетовската Клиничка болница, но кога бил донесен таму, лекарите само ја констатирале неговата смрт.


Мотоциклист загина на регионалниот пат Охрид – Струга


Охрид, 16 октомври, 2016 - 11:51 (META) 

Едно лице го загуби животот, едно е со потешки повреди, а уште две се полесно повредени, во тешката сообраќајна незгода што синоќа се случи на регионалниот пат Охрид – Струга, во близина на Оровничка плажа.

Од повредите, на местото на несреќата починал Александар С. (26) од селото Горенци, општина Дебарца.

Тешки телесни повреди добил Р.А. (39) од Охрид, кој поради сериозноста на повредите е префрлен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.

Лицата И.С. (29) и В.Т.(55), двајцата од Охрид, имаат лесни повреди и по извршениот медицински преглед во болницата „Св.Еразмо“ се пуштени на домашно лекување.

– Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, по регионалниот пат во правец од Струга кон Охрид управувал мотоцикл марка „јамаха“, при што од засега непознати причини се случил директен судир со патничко такси-возило „форд мондео“ со охридски регистарски таблички. Од ударот, сега починатиот мотоциклист излетал надвор од коловозот – вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на јавен обвинител, овластен судски вештак, главниот инспектор за сообраќајни работи при СВР Охрид и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид.

По наредба на јавниот обвинител, патничкото возило „форд мондео“ и мотоциклот „јамаха“ се подигнати за понатамошно техничко вештачење, а врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција.


Мотоциклист загина на магистралниот пат Охрид – Кичево


Охрид, 23 август, 2016 - 19:52 (META) 

Четириесет и двегодишниот К.В. од Охрид попладнево загина во сообраќајна несреќа што се случила во близина на селото Требеништа, на магистралниот пат Охрид – Кичево.

Како што соопштуваат од МВР, несреќата се случила кога К.В. со мотоциклот со кој управувал удрил во камион. Охриѓанецот веднаш бил пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија, каде била констатирана смрт.


Почина момчето повредено во сообраќајката кај Рампа во Кисела Вода


Скпје, 1 август, 2016 - 10:53 (META) 

Стојанчо Андонов, 22-годишното момче што беше повредено од сообраќајката кај Рампа во Кисела Вода, утринава во 7.30 часот им подлегна на повредите. Момчето од Сингилиќ пет дена беше приклучено на апарати и се бореше за живот.

Дејан Митровски – Урко, поранешниот шеф на обезбедувањето на експремиерот и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го управувал автомобилот марка „бмв“, кој пред пет дена учествуваше во сообраќајната несреќа во Кисела Вода на булеварот Борис Трајковски.

На возилата им се врши вонреден технички преглед, а одделот за криминалистичка техника ги анализира примероците од крв од момчето и од Митровски.

Според првичните информации, Митровски направил прекршок, поминувајќи две полни ленти во моментот кога го удрил мотоциклистот.


Дејан Митровски – Урко го возел „бмв-то“, стои во записникот од сообраќајката во Кисела Вода


Скопје, 27 јули, 2016 - 15:31 (META) 

Дејан Митровски – Урко, поранешниот шеф на обезбедувањето на експремиерот и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го управувал автомобилот марка „бмв“, кој ноќеска учествувал во сообраќајната несреќа во Кисела Вода, во која тешко е повреден 22-годишен мотоциклист. Ова го покажува записникот од сообраќајката, што денеска го објави порталот „Нова ТВ“.

Од записникот може да се види дека сообраќајката се случила 30 минути по полноќ на крстосницата од булеварот Борис Трајаковски и улицата Невена Ѓеоргиева Дуња и крај од Јужен булевар.

Во несреќата е повреден Стојанчо Андонов, роден 1994 година, чиј мотоцикл, марка „хонда цбр 900“, без регистарски ознаки, како што стои во записникот, излегол десно од коловозот и преминувајќи го тротоарот удрил во прозорско стакло и во алуминиумски рам од месарницата „Солета“, а возачот со телото удрил во билборд поставен на тротоарот.

Мотоциклистот со возило на итната помош бил пренесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди, односно дека момчето е во животна опасност.

За сообраќајката во 2 часот била известена јавната обвинителка Катерина Коларевиќ, која, како што стои во записникот, не излегла на местото, а увидот го препуштила на увидната екипа на полицијата.

„На 27 јули 2016 година, во 00.40 часот во Скопје, на булевар Борис Трајковски, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Д. (43) од Скопје и мотоцикл „хонда цбр“ без регистарски ознаки, управуван од С.А. (22) од Скопје. Во незгодата, тешки телесни повреди добил возачот на мотоциклот, кој со возило на итна медицинска помош бил префрлен во Градска општа болница „Наум Охридски“. Истиот е неконтактибилен и се наоѓа во животна опасност. Увид извршила екипа на СВР Скопје“, стои во белешката за случајот во денешниот билтен на МВР.

Дејан Митревски – Урко беше разрешен од обезбедувањето на Груевски во септември 2014 година, а причините не беа официјално соопштени.

Неговото име се споменува и во дел од прислушуваните материјали што минатата година ги објави лидерот на опозицискиот СДСМ.


Момче во кома, по судир меѓу „бмв“ и мотоцикл во Кисела Вода


Скопје, 27 јули, 2016 - 13:04 (META) 

Ноќеска, четириесетина минути по полноќ, на булеварот Борис Трајковски, во населбата Кисела Вода, се случила сообраќајна незгода меѓу автомобил, марка „бмв“ и мотоцикл, чиј возач, 22-годишно момче, бил тешко повреден во несреќата.

Мотоциклистот со тешки телесни повреди, со возило на итна медицинска помош бил префрлен во Градската хируршка болница „Наум Охридски“. Како што информираат од МВР, момчето е неконтактибилно и е во животна опасност.

Возачот на „бмв-то“ е со иницијали М.Д. (43), од Скопје.

„На 27 јули 2016 година, во 00.40 часот во Скопје, на булевар Борис Трајковски, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Д. (43) од Скопје и мотоцикл „хонда цбр“ без регистарски ознаки, управуван од С.А. (22) од Скопје. Во незгодата, тешки телесни повреди добил возачот на мотоциклот, кој со возило на итна медицинска помош бил префрлен во Градска општа болница „Наум Охридски“. Истиот е неконтактибилен и се наоѓа во животна опасност. Увид извршила екипа на СВР Скопје“, стои во белешката за случајот во денешниот билтен на МВР.

На социјалната мрежа „Твитер“ почнаа да се појавуваат информации дека, наводно, возачот на „бмв-то“ бил Дејан Митревски – Урко.


Мотоциклист се бори за живот по сообраќајна несреќа на Илинденска


Скопје, 20 ноември, 2015 - 22:48 (META) 

Тешка сообраќајна несреќа се случила вечерва околу 20 часот на булеварот Илинден, во која учествувале два автомобили и мотор.

Мотоциклистот бил потешко повреден и се наоѓа на Ургентен центар, каде што се бори за живот.

Истрагата е во тек.