Мотоциклист од Охрид загинал кога удрил во паркиран автобус


Охрид, 6 август, 2018 - 12:51 (META) 

Во сообраќајна несреќа кај охридското село Косел, вчера животот го загубил 32-годишниот охриѓанец Љ.Ј., соопшти СВР Охрид.

Несреќата се случила околу 17.15 часот на магистралниот пат Охрид – Ресен, кај Косел. Сега загинатиот охриѓанец управувајќи мотоцикл „јамаха“ удрил во задниот дел на паркиран автобус „мерцедес“ со кочански таблички и го загубил животот.

Полицијата извршила увид заедно со Јавен обвинител, а телото на починатиот со наредба од обвинителот е предадено за обдукција.


Урко доби условна казна за сообраќајката по која почина повреденото момче


Скопје, 14 август, 2017 - 16:25 (META) 

Дејан Митровски – Урко, кој едно време беше телохранител на тогашниот премиер Никола Груевски доби само условна, но не и затворска казна за сообраќајката на 27 јуни лани, кога кај Стара рампа на булеварот Борис Трајковски во Скопје со автомобил удри млад мотоциклист, кој почина од повредите пет дена подоцна в болница.

Пресудата е донесена на 20 јуни годинава, а на предметот работела Биљана Коцевска од Основен суд Скопје 1. Таа одредила условна казна од две години затвор, која ќе се активира ако во следните пет години Митровски стори ново кривично дело.

22-годишниот Стојанчо Андонов беше удрен од автомобилот „бмв“ зад чиј волан бил Митровски, во момент кога автомобилот прегазувал двојна полна лента. Семејството на починатото момче не побарало оштета.

Митровски на судењето ја признал вината.

Судијката се повикала на вештачењето, според кое мотоциклот со кој управувал Андонов се движел со брзина од 94,6 километри на час, а немал вградено предно светло.


Мотоциклист загинал во сообраќајка во Битола


Битола, 25 јули, 2017 - 13:23 (META) 

Во сообраќајна несреќа што се случила вчеравечер во Битола, загинал 40-годишен маж од битолското село Горно Оризари, соопшти СВР Битола.

Несреќата се случила во 20.35 часот, на крстосницата на улиците 8 Септември и  Арон Ароести. Дошло до судир на автомобил „голф 3“ со битолски регистарски таблички, управуван од А.К. (29) од Битола, и мотоцикл „хонда“ со битолски таблички, управуван од И.Г. (40) од селото Горно Оризари. Мотоциклистот од добиените повреди починал веднаш.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Битола, а телото на загинатиот по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција.


Мотоциклист во Тетово излетал од патот и го загубил животот


Тетово, 17 јуни, 2017 - 21:55 (META) 

Мотоциклист го загубил животот во тешка сообраќајна несреќа што вечерва околу 19 часот се случила на булеварот Маршал Тито во близина на железничкиот надвозник на излезот од Тетово.

Тетовецот Е.А. (26) од засега неутврдени причини загубил контрола на мотоциклот што го управувал, по што удрил во заштитната метална ограда. Притоа добил тешки телесни повреди, поради кои бил префрлен во тетовската Клиничка болница, но кога бил донесен таму, лекарите само ја констатирале неговата смрт.


Момче загинало на Водно во сообраќајка со мотоцикл


Скопје, 30 август, 2016 - 11:23 (META) 

Дваесет и две годишно момче загинало на локалниот пат Скопје – Средно Водно откако синоќа, околу 23.15 часот, управувајќи мотор удрило во метални еластични браници.

Скопјанецот, роден 1994 година, управувал мотоцикл марка „сузуки 750“.

Момчето било префрлено во Ургентен центар, каде му биле констатирани тешки телесни повреди и по извесно време им подлегнало на повредите.


Две лица загинаа во сообраќајна несреќа во близина на Пештани, Охридско


Охрид, 7 август, 2016 - 11:05 (META) 

Две лица, кое се превезувале на мотоцикл, загинаа во сообраќајна несреќа која вчера попладне по 18 часот, се случи во близина на селото Пештани, Охридско, на патот над хотелот „Десарет“.

До несреќата, според полициските информации, дошло кога мотоциклот, со странски регистарски таблички, на кој се превезувале двајцата настрадани, од засега непознати причини, директно удрил во комби, марка „фолксваген“, движејќи се во правец од Свети Наум кон Охрид.

Екипи на СВР Охрид извршиле увид на местото за утврдување на причините и околностите за сообраќајната несреќа.

Поради несреќата сообраќајот на патот Свети Наум – Охрид беше блокиран, а возила во километарска колона неколку часа чекаат да се расчисти патниот правец.


Tешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп – Битола


Прилеп, 28 јуни, 2016 - 18:08 (META) 

Едно лице загина, а уште едно е повредено во тешка сообраќајна несреќа при судир на возило марка „пасат“ и мотоцикл, на патниот правец Прилеп – Битола, кај селото Лагово.

СВР Битола соопшти дека во несреќата загинала жена на возраст од 66 години, додека повредениот маж е префрлен во Градската болница во Прилеп.

Загинатата била сопатничка на мотоциклистот, кој е хоспитализиран.

На местото на несреќата, која се случила околу 16 часот, во тек е увидот на полицијата и на јавен обвинител.


Двајца загинати во сообраќајка на автопатот Тетово – Скопје


Тетово, 19 јуни, 2016 - 10:10 (META) 

Две лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа со мотоцикл, што синоќа се случи во близина на бензинската пумпа „Петрол компани“, на автопатот Тетово – Скопје.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски, соопшти дека загинатите се на возраст од 20 и 25 години и оти лицето што го управувало моторциклот загубило контрола, при што излетале од патот.

Увид на местото извршиле екипи на полицијата и јавен обвинител по што, како што рече Јосифовски, ќе се знаат точните причини за сообраќајката.


20-годишен охриѓанец загина во сообраќајка кај Лагадин


Охрид, 2 септември, 2015 - 14:29 (META) 

Дваесетгодишен охриѓанец го загубил животот во сообраќајна незгода што вчера попладне се случила на регионалниот пат Охрид – Свети Наум, кај населбата Лагадин.

Според полициските информации, сообраќајката се случила околу 15 часот, а во неа учествувале автомобил, марка „форд мондео“ со охридски регистарски ознаки, управуван од П.П. (30) од селото Косел и моторцикл „хонда“, што го управувал Б.С. (17), кому сопатник му бил починатиот Тони Т. (20).

По несреќата, возачот на моторот со тешки повреди бил пренесен во Клиничкиот центар во Скопје, а Тони Т., кој бил пренесен во болницата „Свети Еразмо“, околу 20.20 часот им подлегнал на повредите.

Јавен обвинител и полициска екипа извршиле увид на местото и работат на утврдување на причините и на околностите во кои се случила несреќата. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено за обдукција.


Украле „скутер“, а се обиделе да однесат и три автомобили


Скопје, 24 јуни, 2015 - 13:40 (META) 

Двајца скопјани, на возраст од 18, односно 20 години, се осомичени дека месецов украле мотоцикл, на улица во градот, а според полицијата, се обиделе да одземат и три автомобили.

Протви М.Д. (18) и А.Р. (20), СВР Скопје поднел пријава за четири кривични дела одземање моторно возило, од кои три во обид.

Судија на претходна постапка на двајцата им одредил мерка притвор од осум дена. На А.Р., мерката му е изречена во отсуство, бидејќи е во бегство.

Како што информираат од полицијата, осомничените на 19 јуни, на улицата Франце Прешерн, украле „скутер“, а потоа на истата улица, преку совозачкото седиште, влегле во уште три автомобили, но не успеале да ги стават во погон.