Грција годинава ќе биде поскапа, но останува најпосетена дестинација


Скопје, 25 мај, 2017 - 15:48 (META) 

Туристичко-угостителската комора на Македонија (ТУК) пред почетокот на летната сезона оцени дека дел од аранжманите за летување се продадени, поради попустот за предвремена резервација. Сепак, поголем дел од аранжманите се очекува да се продадат во претстојниот период.

Како резултат на случувањата и неизвесноста поголем дел од граѓаните се уште не се одлучиле каде ќе летуваат годинава и термините за одмор ги добиваат подоцна во текот на сезоната. Туристичката понуда за оваа летна сезона е различна, од вообичаените аранжмани за Грција, Турција, па се до понуди за Азурниот брег, Шпанија, Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали, Куба и останати поегзотични и нетрадиционални дестинации. Најбарани се аранжманите за Грција и Турција,“ вели Аркан Керим, претседател на Туристичко – угостителската комора при Сојузот на стопански комори (ССК).

Од ТУК очекуваат дека поради близината и атрактивноста, Грција и годинава да биде најпосетена дестинација за македонските туристи, но велат дека има мало зголемување на цените.

Посебно оваа година, заради цената, атрактивни се понудите за одмор во Египет и Тунис и за младите, дестинации како Крит и Родос.

Според ТУК, годинешната летна туристичка сезона, согласно првичните проценки кои се направени и покрај влијанието на политичката криза и воздржаноста на граѓаните како резултат на неизвеснота, очекуваат да биде успешна со стабилизацијата на пазарот.

Од таму порачуваат, граѓаните да патуваат со етаблирани туристички агенции добро да се разгледаат аранжманите за да не се најдат во ситуација кога се изманипулирани и не ги добиле услугите кои претходно им биле ветени.


Пронајдени седум тела на мигранти кај Гибралтар


Мадрид, 16 јануари, 2017 - 10:03 (META) 

Шпанската поморска спасувачка служба за време на викендов пронашла седум тела на африкански мигранти кај морскиот теснец Гибралтар.

Последните жртви се пронајдени во чамец, кој со уште седум патници пловел околу брегот на шпанската енклава Суете, во Северна Африка.

Преживеаните се предадени на шпанските власти.

Спасувачките екипи во моментов патролираат во потрага по исчезнатиот брод за кој се знае дека испловил од Мароко.


Три жртви и голема материјална штета од силното невреме во Грција


Атина, 7 септември, 2016 - 10:46 (META) 

Тројца грчки граѓани го изгубија животот на Пелопонез, а една жена од Солун се води за исчезната во невремето и по обилните дождови што вчера ја зафатија Грција.

Во невремето се поплавени огромен број места низ целата земја, причинети се катастрофални материјални штети, а дел од градовите, селата и од автопатите се блокирани и привремено отсечени.

Во Солун ситуацијата беше особено лоша во Термаикос и во Агиа Триада, а затворен е дел од патот од Епаноми кон Неа Михањона. Пожарната служба помогнала во повеќе од 20 случаи да се извлечат луѓе кои живеат во подрумите на зградите за да се избегнат жртви поради поплавите.

Невремето предизвика големи штети на Пелопонез, целосно беше поплавен градот Калмата, а катастрофални последици има и во Западна Грција, со поплави во градот Илиа и со штети од торнадо во градот Катаколо.

Силно невреме имаше и на островот Кефалонија, кој беше погоден од град, а туристите на Закинтос утринава се разбудија со несекојдневна глетка на торнадо среде море.


Земјотрес од 4,3 степени го погоди Родос


Атина, 6 септември, 2016 - 11:09 (META) 

Послаб земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала забележан е во морето кај грчкиот остров Родос.

Агенцијата АНА пренесува дека според податоците на институтот за геодинамика на атинската опсерваторија, епицентарот бил на 31 километар југозападно од островот.

Нема податоци за повредени или причинета материјална штета.


Кучи на конференција за економска соработка меѓу земјите што немаат излез на море


Женева, 23 јуни, 2016 - 13:57 (META) 

Министерот за економија, Дритон Кучи, денеска и утре престојува во Женева, каде учествува на Петтата седница на министрите за трговија на земјите во развој без излез на море.

Настанот се организира по повод новата Спогодба за олеснување на трговијата на Светска трговска организација (СТО), а меѓународните организации ќе понудат концепт на соработка со овие земји.

– Како континентална земја со отворена пазарна економија, Македонија е многу ранлива на ефикасноста на движење на стоките преку граници, поради што земјата се фокусира на развој на концепт за олеснување на трговијата, олеснување на царинските формалности и документи, кои претставуваат пречка во трговијата, едношалтерски систем, издавање лиценци и дозволи, системот за електронско плаќање и влијанието на трговијата следено од бизнис-секторот – истакнал Кучи на конференцијата.

Учеството на земјите без излез на море во регионалниот и во глобалниот синџир на набавки, кој треба да биде двигател за намалување на трошоците во трговијата, и влијанието на новата Спогодба за олеснување на трговијата беа дел од темите на кои се задржа министерот во своето обраќање.


Мазутот од „Ина“ во Јадранско море е најголема еколошка катастрофа на Кварнер


Кострена, 19 мај, 2016 - 12:19 (META) 

Чистењето на крајбрежјето на морето кај Кострена во Хрватска се уште трае, откако од нафтената платформа на рафинеријата „Ина“ во Урињ истече мазут.

Надлежните институции и мештаните сметаат дека се работи за огромна еколошка катастрофа која ја погодила областа Кварнер.

Ова може да ја доведе во прашање и претстојната туристичка сезона, имајќи предвид дека фотографиите од загадувањето го обиколија светот.

Од „Ина“ информирале дека мазутот истекол од кругот на рафинеријата надвор од заштитната брана.

Истрагата ќе утврди кој е одговорен за овој еколошки инцидент кој предизвика непроценлива штета по еко-составот на морето.


Хеликоптер се урна во море, 14 лица загинаа


Берген, 29 април, 2016 - 17:35 (META) 

Хеликоптер се урна во море близу градот Берген, Норвешка, при што загинаа 14 лица.

Несреќните патници завршија во вода, а хеликоптерот е целосно уништен.

Норвешките медиуми јавуваат дека во тек е акција за спасување.


ИОМ: Годинава во Европа стигнале повеќе од еден милион мигранти


Женева, 22 декември, 2015 - 11:06 (META) 

Бројот на мигранти што влегле во Европа оваа година, преку копно и море, надмина еден милион лица, што е четирикратно повеќе во споредба со минатата година, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Најголем дел од мигрантите, односно повеќе од 800.000 луѓе, стигнале во Европа преку море, патувајќи од Турција во Грција. Според државјанството, најбројни се мигрантите со потекло од Сирија, Ирак и од Авганистан.

Како што соопшти ИОМ, 3.695 мигранти се удавиле или сè уште се водат како исчезнати.

Бројката од повеќе од еден милион луѓе била надмината вчера, кога според ИОМ биле регистрирани вкупно 1.005.504 мигранти што влегле во Европа.

Обединетите нации (ОН) минатата недела соопштија дека бројот на присилно раселени лица во светски рамки годинава надминува 60 милиони луѓе.


Пронајдено ново наоѓалиште на гас во Црно Море


Букурешт, 19 февруари, 2015 - 12:55 (META) 

Ново наоѓалиште на гас во Црно Море пронашле компанијата „Петром“, единствениот локален произведувач на нафта и на гас во Романија, и американскиот гигант „Ексонмобил“.

Двете компании соопштуваат дека сè уште ги проучуваат податоците од сондата „Пеликан“, распоредена во делот „Нептун“ во Црното Море.

Во 2013 година вкупната потрошувачка на гас во Романија изнесуваше 12,5 милијарди кубни метри.


Италија: Спасени 2.164 мигранти


Рим, 16 февруари, 2015 - 10:50 (META) 

Вкупно 2.164 мигранти од Либија вчера се спасени во Средоземно Море, во пределот меѓу либискиот брег и италијанскиот остров Лампедуза, до кој се обиделе да стигнат со 12 чамци, јавуваат италијанските медиуми, повикувајќи се на безбедносните служби.

Минатонеделните поволни временски услови ги охрабриле мигрантите да тргнат на опасното патување од Северна Африка. Најголем дел од мигрантите се од Либија, каде политичкиот и безбедносниот хаос ѝ отежнуваат на полицијата да се справи со шверцерите, кои на несигурни пловила качуваат премногу луѓе.

Повеќе од 300 лица загинаа минатата недела, обидувајќи се да го минат теснецот, кој минатата година однесе 3.500 животи.