Владата потврди дека Димитров и Коѕиас ќе се сретнат до крајот на месецов


Скопје, 20 април, 2018 - 14:12 (META) 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски потврди дека до крајот на месецов треба да има нова средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, но дека точниот датум се уште не е утврден.

– До крајот на месецот ќе има нова средба, а датумот се уште треба да биде потврден меѓу министрите за надворешни работи. Се уште сме големи оптимисти, како што најавија и премиерот и министерот за надворешни работи на Република Македонија, бараме и очекуваме да најдеме решение што ќе биде достоинствено за сите граѓани – рече Бошњаковски на денешната прес-конференција во Владата.

Во однос на ставот на грчкото МНР дека и покрај добиената препорака од ЕК за почеток на преговорите, сепак, конечната одлука за тоа ја носи Советот на ЕУ каде Грција повторно може да блокира ако не се најде решение за името, Бошњаковски рече дека Советот во наредните шест месеци треба да се произнесе, меѓутоа се останато во однос на преговорите за името продолжува со зацртаната динамика.

На прашање каде се разговорите помеѓу обвинетите од случајот „Монструм“ и Невзат Бејта, Бошњаковски рече дека како Влада нема да си дозволат да коментираат судска постапка што е во тек и потенцираше дека сите материјали и целосната надлежност се во рамки на судовите.

Одговарајќи дали премиерот Заев има намера да сведочи како што бараат семејствата во случајот „Монструм“, Бошњаковски уште еднаш повтори дека целосната надлежност за судскиот процес по предметот „Монструм“ е во рамки на македонскиот правосуден систем.

– Македонската Влада не се меша во работата на правосудството и ниту има намера на некој начин да интервенира. Тоа што го очекуваме е дека сите отворени прашања поврзани со овој случај на крајот од постапката ќе бидат соодветно одговорени и адресирани и дека целата македонска јавност ќе има транспарентно увид во конечната пресуда и во секоја одлука на Судот – додаде Бошњаковски.


Само што почна, рочиштето за „Монструм“ се одложи за 15 мај


Скопје, 17 април, 2018 - 10:34 (META) 

Рочиштето за случајот „Монструм“ е одложено за 15 мај, поради отсуство на обвинетиот Фејзи Азири кој бил хоспитализиран на пулмологија. Денешното рочиште, кое беше прво откако СЈО го презеде предметот, беше прекинато на самиот почеток, на што реагираше обвинителката Фатиме Фетаи.

Таа истакна дека несериозно е, отсуството на обвинетиот да се правда само со еден документ дека е во болница, на што, судијата Огнен Ставрев одговори дека ќе побара целосна болничка документација за Азири.

На денешното рочиште присуствуваа и родителите на петмината убиени кај Смилковско езеро. Tаткото на едно од убиените момчиња, Горан Наќевски побарал од судијата стражарно да го приведе премиерот Зоран Заев, пишува sdk.mk. Тој рекол дека како политички противник на ДУИ им изнел конкретни докази за вмешаност на функционери од ДУИ во свирепото убиство.

Наќевски, под морална и кривична одговорност, изразил желба, неповикан, на денешното судење за предметот „Монструм“ да даде изјава, и судијата Ставрев му дозволил.

„Кога бевме кај Заев рече дека ќе ни даде шест разговори државна тајна за шест функционери на ДУИ. Но, подоцна тие станаа пет. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие 5 државни тајни“, рече Наќевски.

Тој во името на сите родители побарал да се изврши претрес во седиштето на СДСМ.

„Тврдам дека тие транскрипти се таму. Бараме да не соочите со премиерот Заев, дека не лажеме и не измислуваме. Стражарно приведете го, ќе го почекаме“, додаде Наќевски.

Судот не се изјаснил за барањата на родителите на убиените деца.


Денеска почна рочиштето за „Монструм“, прво откако предметот е под СЈО


Скопје, 17 април, 2018 - 9:45 (META) 

Денеска во Кривичен суд почна рочиштето за случајот „Монструм“, прво откако овој предмет го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Во судницата се присутни обвинителите Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска и Гаврил Бубевски, како и сите обвинети, освен Фејзи Азири кој е хоспитализиран на пулмологија и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се недостапни за судот. Присутни се и родителите на петмината убиени кај Смилковското езеро.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева на 21 март, на новинарско прашање одговори дека Специјалното јавно обвинителство воспоставило надлежност за овој предмет.

– Се надеваме дека за рочиштето во април ќе бидеме спремни за презентирање пред судот. Продолжува постапката во фазата во која се наоѓа предметот – рече Јанева.


СЈО го презеде случајот „Монструм“


Скопје, 21 март, 2018 - 13:08 (META) 

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во одговорите на новинарски прашања на прес-конференцијата на која беа објавени три нови случаи, рече дека Специјалното јавно обвинителство воспоставило надлежност за предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година.

– Се надеваме дека за рочиштето во април ќе бидеме спремни за презентирање пред судот. Продолжува постапката во фазата во која се наоѓа предметот – рече Јанева.


СЈО истражува дали парите се одлеале во Чешка, Грција, Велика Британија и Холандија


Скопје, 5 март, 2018 - 13:18 (META) 

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешниот настан за соработка за водење финансиски истраги рече дека СЈО криминал во повеќе европски земји.

– Се надевам дека ќе откриеме каде се одлеани парите и дали се во Македонија – рече Јанева и посочи дека истражуваат финансиски криминал во Чешка, Грција, Велика Британија и Холандија

Во изјава за медиумите, Јанева рече дека СЈО подолго време презема активности за проектот „Скопје 2014“.

– Не би сакала да прејудицирам, но се надевам дека наскоро ќе излеземе со јавнообвинителска одлука – рече таа.

Исто така, Јанева додаде дека водат сметка да не застарат предметите кои ги водат. За дел од истрагите кои ги објавиле лани, рече дека се во завршна фаза.

Јанева рече дека во извештајот што ќе објави на 15 март, јавноста ќе дознае дали СЈО ќе се вклучи во случајот „Монструм“, а ќе се знае и за многуте отворени предистраги додека ова обвинителство ги чека Владата и Собранието да го решат неговиот статус. Доколку не се реши статусот на СЈО, во однос на тоа дали ќе може да покрене обвиненија за случаите што водиме, Јанева рече дека во јуни ќе одлучат што ќе биде со отворените и сработените истраги.

Таа искритикува дел од адвокатите кои ги бранат обвинетите во предметите на СЈО.

– Има Асоцијација на адвокати. Таму има тела, институти. Треба да се ангажираат за интегритетот  на нивните колеги – рече Јанева и додаде дека дел од адвокатите намерно ги одложуваат рочиштата.


Судењето за „Монструм“ одложено за 14 март, останува обвинението за „тероризам“


Скопје, 12 февруари, 2018 - 12:13 (META) 

Обвинителот на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Наум Пановски, на почетокот на новиот судски процес за петкратното убиство кај Смиљковското езеро, истакна оти останува на првичниот обвинителен акт од пред пет години, односно дека шестмината обвинети сториле кривично дело тероризам.

Сепак, денешното рочиште за случајот „Монструм“ се одложи за 14 март, бидејќи Пановски во судницата прочита само еден од двата обвинителни акти.

Имено, откако Пановски го прочита обвинителниот акт, реагираше адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи, кој рече дека недостига второто обвинение за Сами Љута, кој беше уапсен година и половина по апсењето на останатите, поради што тогашната обвинителка Гордана Гешковска направи посебно обвинение за него. Обвинителството за новото судење технички не ги споило двете обвиненија што беше причина за денешното одлагање.

Судскиот процес против шестемина обвинети за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро во Скопје што се случи на 12 април 2012 година почна од почетокот откако на 24 ноември, минатата година Врховниот суд ги уважи жалбите на одбраната на обвинетите и ги укина првостепената и второстепената пресуда од првичниот судски процес.

За убиството на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Самил Љута. По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сè уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Инаку, обвинителот, Наум Пановски, кој сега го застапува обвинението заедно со својата колешка Вилма Рускоска го застапуваа обвинението за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година.

Новото судење го води судијата Огнен Ставрев.


Судењето за „Монструм“ почнува од почеток


Скопје, 12 февруари, 2018 - 9:05 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска почнува повторното судење за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во Скопје на 12 април 2012 година.
Шест лица беа осудени во „Монструм“ на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам.

На 24 ноември Врховниот суд на Република Македонија ги уважи жалбите на одбраната за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Првостепената и второстепената пресуда за предметот се укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.

За убиството  доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Самил Љута. По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сè уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.


Новиот судски процес за петкратното убиство кај Смиљковско езеро почнува на 12 февруари


Скопје, 18 јануари, 2018 - 15:40 (META) 

На 12 февруари во Кривичниот суд е закажан почетокот на новиот судски процес за петкратното убиство кај Смиљковско езеро, за кое се обвинети шест лица.

Судењето за случајот „Монструм“ ќе го води судијата Огнен Ставрев, а процесот стартува од почеток откако Врховниот суд на барање на Вишото јавно обвинителство ги укина пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд со кои шестемина обвинети беа осудени на доживотни затворски казни.

Јавната обвинителка Лилјана Спасоска на 3 октомври, минатата година на јавна седница во Врховниот суд побара укинување на пресудите и враќање на предметот на повторно судење, а како причина ги наведе „неутврдената фактичка состојба“, но и евентуално постоење на прислушувани разговори, кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство, и кои би можеле да го сменат текот на постапката.

На 24 ноември 2017 година Врховниот суд ги укина пресудите за „Монструм“ и го врати случајот на повторно судење, а на 1 декември ги ослободи обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута од притвор и им одреди други мерки за претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето – Скопје и два пати неделно да се јавуваат во Кривичниот суд.

За останатите двајца обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ меѓународните потерници што беа распишани за нивно пронаоѓање и понатаму остануваат на сила.

Тие беа уапсени на Косово за поседување на оружје и по отслужувањето на двегодишната затворска каза беа пуштени на слобода, а косовските власти одбија да ги екстрадираат во Македонија.

Врховниот суд покрај укинувањето на пресудите даде многуборјни забелешки и насоки, поради што се очекува Обвинителството да направи измени и допрецизирања во обвинителниот акт за новиот судски процес.

На првото судење обвинениот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и коруција го застапуваше обвинителката Гордана Ѓешковска.

Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.


ДУИ ја поздрави одлуката на Врховен суд за случајот „Монструм“


Тетово, 2 декември, 2017 - 15:02 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја поздрави одлуката на Врховен суд за повторно судење на случајот „Монструм“ и за ослободување на обвинетите да се бранат од слобода.

„Барањето на обвинителството, како и одлуката на судиите се праведни и во согласност со нашите и со очекувањата на граѓаните. Уште од почетокот на истрагата, и потоа, на судењето на случајот, Демократската унија за интеграција инсистираше на целосно расветлувањето на вистината, транспарентно судење на случајот со истакнат меѓународен надзор и регионална соработка на институциите“, се вели во соопштението на ДУИ.

Во него се додава дека „партијата останува силно посветена на реформи во судството според препораките на Европската Унија и за владеење на правото и законот и во сите други спорни случаи кои предизвикаа сомнежи“.


Врховен ги ослободи обвинетите за „Монструм“ и им определи други мерки за претпазливост


Скопје, 1 декември, 2017 - 16:23 (META) 

Врховниот суд денеска донесе решение со кое обвинетите во случајот „Монструм“, кои беа осудени на доживотни затворски казни, се пуштени на слобода.

На обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута им се определени други мерки за претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, како и двапати неделно јавување пред Основниот суд Скопје 1.

Врховниот суд ги укина шесте доживотни казни и со пресуда го врати предметот во нов судски процес.

Со решението се укинуваат пресудите на Кривичниот суд од пред три години и потврдата на пресудата од Апелацискиот суд.