Се чека од пештерата во Тајланд да се спасат последните две момчиња и тренерот


Бангкок, 10 јули, 2018 - 12:55 (META) 

Од пештерскиот систем Там Луанг во Тајланд, во кој беа долго заглавени, денеска се извлечени уште две момчиња, и сега внатре се уште две и нивниот тренер, јавија светските агенции.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување, двајца нуркачи придружуваат едно момче и го носат неговиот канистер со кислород, а момчињата имаат нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.


 


Значителен пораст на бројот на деца со зголемена тежина во Македонија


Скопје, 10 октомври, 2017 - 15:48 (META) 

За шест години, од 2010 до 2016 година, бројката на момчиња со зголемена телесна тежина или кои се дебели се зголемил од 37,9 отсто на 39,4 отсто, додека кај девојчињата порастот бил од 31,5 на 32,9 отсто, покажува споредбата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Истовремено, во извештајот по повод 11 Октомври – Светскиот ден за борба против дебелината, се одбележува дека дури 62,7 отсто од полнолетните мажи во Македонија имаат зголемена телесна тежина, наспроти 48,4 отсто од полнолетните жени, додека во категоријата дебели се 19,6 отсто од мажите и 17,2 отсто од жените. ИЈЗ овие бројки ги припишува на лошата исхрана и на слабата физичка активност.

Во препораките за справување со проблемот на зголемената телесна тежина, како еден од најзначајните фактори кои создаваат ризик за кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2 и малигни болести, се вели дека треба да се спроведе едукација за креирање здрава околина, да се осигури лесна достапност до здрава храна и да се подобри локалната инфраструктура, која ќе овозможи и активен транспорт, односно возење велосипед или пешачење, но и физичка активност заради задоволство.

ИЈЗ препорачува во справувањето со овој проблем да се вклучи целото општество, како и да се врши промоција на здравите навики.

За справувањето со дебелината се препорачува да се вршат бесплатни консултации во примарната здравствена заштита, да се изврши соодветна обука на медицинскиот кадар, како и да се воведат индивидуални услуги за луѓето што имаат проблем со дебелина.


Притворен осомничениот што ги избоде момчињата во Ново Лисиче


Скопје, 26 ноември, 2014 - 20:22 (META) 

Скопската полиција го привела осомничениот за обидот за убиство што се случи минатиот викенд на булеварот АСНОМ, во населбата Ново Лисиче, а во кој беа избодени две момчиња од кое едното беше хоспитализирано на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување.

Како што информираат од полицијата, станува збор за Д.Р. (18), против кого е поднесена кривична пријава за обид за убиство, а судија на предходна постапка му одредил мерка притвор од 30 дена.

Момчињата биле избодени од осомничениот, кој бил во алкохолизирана состојба и повраќал, откако го виделе како лежи на земја и сакале да му помогнат.

Тој во изјавата во полицијата негирал дека го сторил делото.

Од полицијата додаваат дека против него во 2013 година биле поднесени кривични пријави за учество во толпа и четири прекршочни пријави за нарушување на јвниот ред и мир.

Скопската полиција расчистила уште еден случај на обид за убиство, кој се случил на 21 овој месец, пред трговскиот центар „Капитол мол“, во кој во тепачка меѓу четири лица, двајца биле избодени со ножици. Кривична пријава за обид за убиство ќе биде поднесена против едно лице, а друго ќе одговара за помагање.


Едното од избодените момчиња во Ново Лисиче оперирано и сместено на КАРИЛ


Скопје, 23 ноември, 2014 - 14:51 (META) 

На едно од двете момчиња, кои ноќеска, триесетина минути по полноќ, беа избодени со нож во скопската населба Ново Лисиче, му бил извршен хируршки зафат, по што е сместено на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување и е приклучено на респираторна машина, велат за „Мета“ од Ургетниот центар.

Оттаму додаваат дека момчето имало посериозни повреди на крвните садови, кои биле санирани, но поради нивната природа неговата состојба сè уште се води како критична и е под постојан лекарски наздор.

– Во ургентиот центар се примени две момчиња, од кои едното со посериозни повреди на кривните садови на натколеницата. Извршен е хируршки зафат и момчето е на интензивна нега и е приклучено на респираторна машина. Другото момче е примено на клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и кај него се констатирани полесни повреди – велат од Ургентиот центар.

Двете момчиња, како што неофицијално дознава „Мета“, не биле нападнати од поголема група, како што стоеше во првичната информација на полицијата, туку од едно лице.

Неофицијално, во разговор со полицијата, едно од повредените момчиња кое е во контактибилна состојба, рекло дека ноќеска додека џогирале во Ново Лисиче, забежале непознато лице, спружено на клупа, кое не се чуствувало добро и повраќало. Тие дошле до него со намера да му помогнат, но во тој момент тоа извадило нож и почнало да ги боде.

Полицијата трага по напаѓачот.