!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Молотов коктел фрлен во угостителски објект во Тетово


Тетово, 20 март, 2017 - 13:59 (META) 

Утрово, околу 4.30 часот, две непознати лица го искршиле изложното стакло и фрлиле молотов коктел во угостителски објект во Тетово, информираат од МВР.

Случајот бил пријавен од очевидец, а екипа на тетовската противпожарна бригада го изгаснала пожарот, во кој биле оштетени неколку маси и столови во објектот, лоциран на крстосницата од улиците ЈНА и Јане Сандански.

Полициските екипи кои извршиле увид, во близина на местото пронашле уште едно шише со течност, чекан и тесла.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.


Молотов коктел фрлен во угостителски објект


Скопје, 14 март, 2017 - 16:00 (META) 

Во угостителски објект во Скопје, кој во моментот не работел, непознат сторител фрлил молотов коктел, од кој изгорел дел од теписонот.

Како што информира СВР Скопје, инцидентот на улицата Анастас Митрев е пријавен во полиција вчера, малку пред 22 часот. Се преземаат мерки да се откријат сторителите.


МНР на Албанија: Сите да останат смирени и да престане антиалбанската реторика


Тирана, 7 март, 2017 - 16:06 (META) 

„Министерството за надворешни работи на Албанија жали и го осудува нападот на Музејот на албанската азбука во Битола, кој се случува на овој важен ден за албанскиот јазик и за Албанците“, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Албанија, а јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Оттаму бараат македонските власти да го истражат овој вандалски чин што поскоро и да ги казнат сторителите.

– Нападот врз Музејот е доказ дека е потребна поефикасна заштита од страна на надлежните органи на заедничкото наследство – се вели во реакцијата на МНР на Албанија.

Албанското МНР ги повикува сите страни да останат смирени и да престане антиалбанската реторика.

– Ги повикуваме сите страни да останат смирени и да престане реториката против Албанците, која има цел само да го оттргне вниманието од вистинските проблеми на земјата, им штети на меѓуетничките односи во земјата и на нејзиниот евроатлантски пат – се додава во реакцијата на МНР на Албанија.

Отатму велат дека „веруваат дека овие напади се дела на една мала група луѓе, водени од екстремните националистички чувства, страв, недостиг на информации и штетна реторика во последниве неколку години“.

– Би сакале да нагласиме дека историјата, традицијата, јазикот и културата на Албанците се додадена вредност за нашите соседи во Македонија и дека нивната заштита покажува високи демократски и човекови вредности. Албанија и Албанците биле и ќе продолжат да бидат постојани пријатели на Македонија. Ние веруваме во вредностите на соживот, хармонија и на соработка меѓу нашите земји и граѓани – се додава во реакцијата.


Фрлен молотов коктел врз возило во Скопје


Скопје, 12 февруари, 2017 - 13:14 (META) 

Ноќеска околу 2.20 часот 42-годишна скопјанка во Единицата за информации и команда Скопје пријавила дека непознат сторител фрлил шише со запалива течност врз нејзиното возило, марка „пежо“.

Возилото било паркирано во дворот од нејзината куќа на улицата Ѓорги Крапчев, во населбата Горно Лисиче.

Како што информираат од полицијата, во инцидентот опожарен бил предниот дел од автомобилот, а огнот бил изгаснат од екипа на скопската противпожарна бригада.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.


Уништено локално седиште на републиканците во САД


Хилсбороу, 17 октомври, 2016 - 10:22 (META) 

Локалното седиште на Републиканската партија во Јужна Каролина е уништено во текот на ноќта откако бил фрлен молотов коктел, соопштија властите во градот Хилсбороу и додадоа дека немало жртви.

Молотовиот коктел е фрлен низ прозорецот, додека напаѓачите на соседната зграда испишале графит „Републиканците се нацисти. Напуштете го градот“.

Локалниот републикански претставник, Далас Вудхаус, изјави дека „за среќа нема жртви“ и притоа го овалификува нападот како „политички тероризам“.

Полицијата во Јужна Каролина отвори истрага.

Републиканскиот кандидат за Белата куќа, Доналд Трамп, на „Твитер“ ги обвини „животните што ја претставуваат неговата ривалка Хилари Клинтон“ за нападот.

Клинтон го осуди „застрашувачкиот напад“ и додаде дека е добро што нема жртви.


Фрлен молотов коктел во локал во Тетово


Тетово, 22 декември, 2015 - 12:57 (META) 

Непознат сторител, утрово околу 4 часот, фрлил молотов коктел на улицата ЈНА во Тетово, кај угостителскиот објект „Бар код“, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, во случајот нема повредени лица, а била причинета материјална штета.

Полициска екипа извршила увид на местото и презема мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.