Најмалку 64 загинати во големиот пожар во Кемерово


Москва, 26 март, 2018 - 11:47 (META) 

Во големиот пожар што вчера се случи во трговскиот центар „Зимска вишна“ во јужниот руски град Кемерово, според досегашните податоци, загинале најмалку 64 луѓе, од кои голем број деца, соопштија руските власти.

Според „Раша тудеј“, бројката на загинати би можела да биде помала, доколку вработени во центарот не ги излажале доброволците што сакале да спасуваат луѓе од пожарот дека нема деца.

– Се обидуваа да влезат во кино-салата, но вработените таму рекоа дека нема деца. Луѓето спасуваа повредени буквално борејќи се за воздух во чадот. А потоа се покажа дека има деца – вели една жена.

За сега причината за пожарот не е позната, а истрагата е во тек. Речиси сите загинати се задушиле од чадот.

Трговскиот центар кој се простира на 23.000 квадратни метри бил отворен во 2013 година. Покрај продавниците и кино-салата, има и сала за куглање, детски центар и градина за животни.


Албанската „Балфин груп“ го купила земјиштето на Скопски саем од бугарската „Кардфинанс“


Скопје, 25 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Парцелата на Скопски саем, сосе објектите, е продадена, а „Скопски саем“ како бренд и компанија ќе ги продолжи своите активности за организирање саемски манифестации на нови локации, потврди Дејан Кошутиќ, директор на „Скопски саем“, на денешното отворање на саемот „Технома 2017“ во „ВИП-арена – Борис Трајковски“.

Тој појасни дека на 28 јули годинава нов сопственик на парцелата и на компанијата „Скопски саем“ станала бугарската компанија „Кардфинанс“. Сега таа, иако не е повеќе сопственик на парцелата, продолжува со саемската дејност, рече тој.

Кошутиќ ги потврди информациите дека албанската корпорација „Балфин груп“, која во понеделникот објави дека купила 155.000 квадратни метри земјиште во Скопје на раскрсницата на булеварот Александар Македонски и улицата Беласица, е новиот сопственик на просторот на Скопски саем. „Балфин груп“, инаку, го изгради и неколку години стопанисуваше со „Сити мол“, а минатата година го продаде на британска компанија за сума од 92 милиони евра.

Покрај парцелата на која се саемските хали, која се протега на повеќе од 150.000 квадратни метри, во планираниот деловно-станбен комплекс што на 250.000 квадратни метри планира да го гради „Балфин груп“, веројатно ќе се најде и парцелата од околу 80.000 квадратни метри меѓу хотелот „Континентал“ и Скопски саем. Таму сега има само огромна дупка, ископана во 2008 година, кога помпезно беше најавуван проектот „ЕРА сити“.

Компанијата „ЕРА Велење“ од Словенија, која во 2001 година го купи Скопски саем сосе земјиштето, поради неподмирени хипотеки кон НЛБ и „Комерцијална банка“, го загуби имотот и тој беше продаден на бугарската „Кардфинанс“.

Според објавата на веб-страницата на албанската „Балфин груп“, на парцела од 250.000 квадратни метри во следниве пет до седум години ќе се изгради трговски центар на 45.000 квадратни метри, како и станбени и деловни згради. Инвестицијата се прави преку фирмата – ќерка „Скопје ист гејт риал естејт дивелопмент“.


Поранешниот газда на „Сити мол“ ќе гради огромен комплекс кај Скопски саем


Скопје, 24 октомври, 2017 - 16:31 (META) 

Корпорацијата од Албанија, „Балфин груп“, која беше сопственик на „Сити мол“, објави дека купила 155.000 квадратни метри земјиште на раскрсницата на улицата Беласица и булеварот Александар Македонски, каде што се наоѓа Скопски саем. Станува збор за почетна инвестиција од 180 милиони евра, а во следните 5 до 7 години таа би пораснала до 300 милиони евра, со изградбата на гигантски трговски центар и станбени и деловни згради. Тоа, според албанската корпорација, ќе биде најголемата приватна инвестиција од тој тип во историјата на Македонија, а ќе отвори неколку илјади нови работни места.

Според информации од некои фирми кои користеле деловни простории под наем во објектите на Скопски саем, а кои сега се иселуваат, многу веројатно е дека „Балфин груп“ ја купила и парцелата на Скопски саем, чиј сопственик летово стана бугарската фирма „Кардфинанс“ ДООЕЛ, купувајќи го од НЛБ и од Комерцијална банка. Банките го презедоа Скопски саем поради неплатени долгови на претходниот сопственик, словенечката компанија ЕРА.

Според објавата на веб-страницата на „Балфин груп“, на парцела од 250.000 квадратни метри ќе се изгради трговски центар на 45.000 квадратни метри, како и станбени и деловни згради. Инвестицијата се прави преку фирмата – ќерка „Скопје ист гејт риал естејт дивелопмент“.
Трговскиот центар ќе биде на две нивоа, со паркиралиште за 2.500 возила, а станбените згради ќе се градат следните пет години.

На локацијата во 2008 година беа направени првите чекори за изградба на гигантскиот комплекс „ЕРА сити“, но откако беше ископана огромна дупка до хотелот „Континентал“, градежните работи сопреа.


Детски саем во „Скопје сити мол“


Скопје, 19 ноември, 2014 - 11:37 (META) 

Четвртиот саем за деца од четврток до недела, ќе се одржи „Скопје сити мол“.

Богатата програма вклучува попусти и голем број едукативни игри, конкурси, натпревари, детска мини-олимпијада, дружење со македонските фудбалски ѕвезди, претстави, како и детска модна ревија.