!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турците вчера пред да телефонираат мораа да го слушаат Ердоган


Анкара, 16 јули, 2017 - 13:55 (META) 

Обидот да се повика мобилен број во Турција вчера доведуваше до неочекуван соговорник – гласот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По вртењето на бројот, пред да почне воспоставувањето на врската, повикувачот првин ја слушаше снимената аудиопорака од претседателот, а дури по нејзиниот крај почнуваше вртењето на бројот, јавуваат турските медиуми.

Во пораката, Ердоган им го честитал на повикувачите „националниот празник на демократијата и на единството“, со кој се одбележа првата годишнина од неуспешниот пуч.

„Како претседател, испраќам честитки за 15 јули – Денот на демократијата и националното единство и посакувам милост за мачениците, а на хероите (кои се бореа против пучистите) здравје и благосостојба“, гласи пораката која траеше 16 секунди.

Дека нарачката за оваа „услуга“ ја направила државата, на својот твитер-профил потврди Омер Фатих Сајан, директор на Комисијата за информации и комуникациски технологии (БТК).

Овој потег предизвика гнев кај многумина корисници, а многумина критикуваа и објавија видеоснимки на кои се гледа како мора да почекаат да заврши пораката пред да може да разговараат.


Притвор за осомничениот за убиство на сосетката во Охрид


Охрид, 23 февруари, 2017 - 13:19 (META) 

Поради основан сомнеж дека сторил разбојништво, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.К. (37) од Куманово, со привремен престој во стан на улицата Галичица во Охрид, информираат од СВР Охрид.

Нему, Основното јавно обвинителство му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, по што е пренесен во казнено-поправна установа во Скопје.

– На 20 овој месец, во 11.45 часот, пријавениот, заради стекнување противправна имотна корист, заsвонил кај неговата соседка, сега починатата Спаса Б. (67) од Охрид. Пријавениот, претходно се осигурал дека таа е сама во станот и подготвувајќи се да го изврши кривичното дело, зел една водоводна цевка и ставил бели хируршки нараквици на рацете. Објаснувајќи ѝ на сосетката дека сака да го погледне распоредот на станот, сега починатата му дозволила влез на Ј.К. и незабележувајќи дека има нараквици и водоводна цевка,  од ходникот на станот се упатила кон дневната соба. Тогаш, сега притворениот Ј.К., од зад грб, со водоводната цевка ѝ задал неколку силни удари во пределот на главата и вратот, по што таа паднала на подот. Веднаш потоа, Ј.К. почнал да пребарува низ собите, пронашол и одзел еден мобилен телефон и паричник со 3.200 денари во разни апоени – информираат од СВР Охрид.

Пред да го напушти станот, забележувајќи знаци на живот кај соседката и плашејќи се дека ќе биде кажан и откриен, сега притворениот Ј.К. се вратил во кујната и пронашол нож со должина од околу 30 сантиметри, со кој ѝ задал неколку удари во пределот на вратот и ја усмртил.

Потоа го напуштил станот, заклучувајќи го со клучот од влезната врата и се упатил во казино.

Заради расчистување на казнено-правниот настан, СВР Охрид во координација со јавниот обвинител, презеде низа мерки за обезбедување траги и доказен материјал, извршен е криминалистичко-технички увид на местото на настанот, извршени се претреси, анкети со граѓани, како и други оперативно-тактички мерки.


Граѓаните да не плаќаат ДДВ на сумата што ја донираат преку мобилен телефон


Скопје, 10 декември, 2015 - 10:05 (META) 

Граѓните да не плаќаат ДДВ на сумата што ја донираат во хуманитарни цели преку специјален број од мобилните оператори.

Ова го предвидуваат последните измени и дополнувања на Законот за додадена вредност доставени до Собранието, а предлагач е Министерството за финансии.

– Цените на услуги од телекомуникациски оператор со кои се овозможува донирање финансиски средства преку отворен специјален телефонски број за донации, да бидат ослободени од данок на додадена вредност, со што директно ќе се влијае на намалување на цените на овие услуги – се вели во предлог-измените на Законот.


„Македонски телеком“ ја задржува водечката позиција на пазарот


Скопје, 5 ноември, 2015 - 12:51 (META) 

„Македонски телеком“ АД-Скопје ја задржа водечката позиција во фиксниот и во мобилниот сегмент во првите девет месеци од 2015 година, покажуваат неревидираните финансиски резултати на компанијата.

Приходите од продажба во првите девет месеци изнесуваат 7.853 милиони денари, што претставува намалување за 4, 3 проценти, во споредба со истиот период од 2014 година.

Добивката од редовното работење пред оданочување, на крајот од првите девет месеци изнесува 1.106 милиони денари и е намалена за 20,6 проценти, споредено со истиот период од минатата година.

Вкупната нето-добивка на крајот од првите девет месеци изнесува 965 милиони денари и е зголемена за 99 проценти во споредба со истиот период од претходната година. Капиталните инвестиции се во висина од 974 милиони денари.

„Македонски телеком“ ја одржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 61,9 проценти. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 15 проценти, споредено со истиот период лани, со бројката од 227.000 корисници, „Македонски телеком“ е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Во мобилниот сегмент, „Македонски телеком“ има водечка позиција на пазарот со удел од 47,2 проценти во согласност со интерната проценка. Базата на претплатници изнесува 1.235.000 и е зголемена за 2 проценти во однос на истиот период од минатата година, кога изнесуваше 1.210.000 претплатници.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите девет месеци од 2015 година се намалени за 11,8 проценти во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите.


Македонците трошат повеќе од три часа месечно на мобилен телефон


Скопје, 9 ноември, 2014 - 9:15 (META) 

187,32 минути месечно Македонците зборуваат на мобилен телефон, покажуваат истражувањата за второто тримесечје од 2014 година. Најголем дел од разговорите се во сопствена мрежа и изнесуваат 147,24 минути (78,61%).

Сообраќајот кон други мобилни мрежи во Македонија е помал и изнесува 35,01 минути (18,69%) додека, пак, сообраќајот кон фиксни телефонски мрежи во земјава и кон мрежи во странски држави изнесува 4,05 минути (2,16%), односно 1,01 минути (0,54%).

Споредено со првиот квартал од 2014 година, може да се забележи намалување на волуменот на сообраќај по претплатник кон сите дестинации. Споредено со вториот квартал од 2013 година зголемување се забележува кај собраќајот кон други мобилни мрежи во Македонија и кон домашни фиксни мрежи, додека намалување се забележува кај сообраќајот во сопствена мрежа и кај сообраќајот кон мрежи во странски држави.

 


„Ел Џи“ подготвува „G Chocolate“, „G Black“ и „G Plus“?


Сеул, 8 ноември, 2014 - 14:53 (META) 

„Ел Џи“ неодамна поднесе барање за патентирање нови имиња, кои би можеле да се искористат за претстојните смартфони на компанијата. Меѓу имињата кои се откриени, се вклучени LG G Chocolate, LG G Black, LG G Black Slim, LG G Black Sound и LG G Plus. Сите заштитни имиња покриваат широк спектар на производи, од мобилни телефони до таблети и со носечки уреди.

Пред неколку години, „Ел Џи“ имаше серија на телефони Black, која ги вклучуваше моделите LG Chocolate, LG Shine, LG Secret и LG New Chocolate BL40.

Па, може да се претпостави дека G Chocolate и G Black би можеле да бидат искористени како имиња за новите телефони.

Секако, не се искористуваат сите имиња кои ќе се заштитат со патент на вистинските производи. Меѓутоа, матрицата со новите имиња се совпаѓа со неодамна лансираните смартфони „ел џи“, како што се LG G Vista или LG G Pro.

Во минатото тримесечје, „Ел Џи“ продаде 16,8 милиони смартфони, така што сега е одлично време за нови телефони кои дополнително ќе ја подобрат продажбата.