Уште само три работни дена за договор за нова влада и премиер


Скопје, 3 јануари, 2017 - 10:58 (META) 

На претседателот на државата, Ѓорге Иванов, му преостануваат шест дена да го додели мандатот на „кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието“ за формирање на нова владина коалиција по предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември.

Од овие шест дена за преговори, три дена се работни, а три дена се неработни, меѓу кои се и два празници за православните граѓани. В петок, на 6 јануари, е Бадник, а следниот ден е Божиќ, што значи партиите имаат три ефективни дена да се договорат кои партии ќе влезат во новата владина коалиција.

Имајќи предвид дека Бадник и Божиќ се големи православни празници, малку е веројатно дека токму овие два дена Собранието би избирало претседател и дека Иванов в сабота или недела би го доделил мандатот за премиер.

Иако ниту една од партиите не сака официјално да каже, неофицијално за коалиција од минимум 61 пратеник има повеќе комбинации на маса, па така сè уште е неизвесно кој ќе ја формира новата влада.

Конститутивната седница на Собранието беше одржана на 30 декември минатата година, па оттогаш почнаа да течат 10 дена предвидени со Уставот во кој претседателот на државата го доделува мандатот за формирање влада.

На првата седница на новото Собрание, како трета точка на дневен ред беше ставен изборот на претседател на Собранието, но со оглед на тоа дека политичките партиите сè уште преговараат кој ќе ја формира владината коалиција, изборот за спикер на Собранието, за кој е потребно мнозинство од 61 пратеник, беше оставен за по новогодишните празници.

Крајниот рок во кој Иванов треба да го додели мандатот за формирање нова влада е понеделник, 9 јануари.

– Постои Устав во кој се одредени роковите и треба да ги почитуваме тие рокови. Јас сум обврзан, според Уставот, по конституирањето на Собранието, во рок од десет дена да го доделам мандатот на тие што ќе формираат мнозинска коалиција – рече Иванов.

На предвремените парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ – 49 мандати, ДУИ – 10, движењето Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА има 2 мандати.


Заев: Влада треба да состави коалицијата што ќе има минимум 61 пратеник во Собранието


Скопје, 20 декември, 2016 - 16:32 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, очекува претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да го даде мандадот за составување нова влада на таа партија, партии или коалиција што ќе имаат мнозинство во Собранието од минимум 61 пратеник.

– Членот 90 од Уставот на Република Македонија е јасен и вели дека претседателот на Република Македонија го доделува мандатот на оној претседател на партија, на политичка партија или политички партии, коалиции што ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието. Тоа значи минимум 61 пратеник – изјави денеска Заев, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што очекува од Иванов, односно кому претседателот ќе му го додели мандатот за нова влада.

Инаку, во членот 90 од Уставот пишува дека „претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието“.

Според првичните резултати од изборите на 11 декември што ги објави Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ има 51, а СДСМ 49 пратеници, ДУИ – 10, Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратеници.

Каков ќе биде конечниот распоред на силите во новиот собраниски состав, треба да пресече Управниот суд, кој денеска треба да одлучи по тужбите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, од што зависи дали на некои избирачки места ќе има прегласување и евентуални промени во бројот на освоени пратенички мандати меѓу власта и опозицијата.


„Рејтинг“: За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 29,9 отсто, а за СДСМ 28,6 отсто од граѓaните


Скопје, 2 декември, 2016 - 22:05 (META) 

За ВМРО-ДПМНЕ и за Коалицијата за подобра Македонија би гласале 29,9 проценти од испитаниците, а за СДСМ и за Коалицијата за живот во Македонија – 28,5 проценти од испитаните граѓани, покажува новата анкета направена од агенцијата „Рејтинг“, а по нарачка на телевизијата „24 Вести“.

За коалицијата ВМРО за Македонија би гласале 3,3 проценти од испитаниците.

Анкетата покажа дека неопределени се 8,5 проценти од испитаниците, а на прашањето за кого би гласале, одбиле да одговорат 12,5 проценти од испитаните граѓани.

Што се однесува до албанските партии, за ДУИ би гласале 6,8 проценти од испитаниците, потоа следува Беса со 3,2 проценти, ДПА со 2,8 проценти и Алијансата за Албанците со 2,7 проценти.

Од помалите политички партии, за Левица би гласале еден процент од испитаниците, за Либералната партија 0,9 отсто, а за Коалицијата за промени и правда и за ПДП 0,2 отсто од испитаните граѓани.

Анкетата била направена во периодот од 24 до 30 ноември на 1.200 испитаници.


ВМРО-ДПМНЕ бара апсолутно мнозинство во комисијата за отповикување на Иванов


Скопје, 27 мај, 2016 - 16:23 (META) 

Шест од вкупно 11 членови во новата комисија која ќе треба да ја оцени основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов да бидат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, предложи Зоран Илиоски, претседател на комисијата за прашањата за изборите и именувањата.

Останатите пет члена треба да бидат од СДСМ (2), од ДУИ (2) и од ДПА (1).

Опозицијата смета дека овој предлог не е прифатлив, бидејќи според соодветна застапеност на пратениците, СДСМ и коалициските партнери заслужуваат три, а не два члена.

– Немате право да го правите ова. Доставивме писмен предлог со тројца наши членови. Вие можевте и со ДУИ да имате мнозинство, но очигледно е дека не му верувате на вашиот коалициски партнер.  Сакате да го одбраните Иванов, но треба да бидете свесни дека ова е неодбранливо. Никој не ви верува дека сте против аболицијата – рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески.

Илиоски посочи дека владејачката партија е против аболицијата, но сепак, тоа е уставно право на претседателот и од таа причина, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи барањето за импичмент на Иванов.

– Комисијата нема да носи заклучоци туку технички ќе го достави извештајот до Собранието. Одлуката ќе се носи на пленарна седница – рече Илиоски.

Од  ДУИ и ДПА рекоа дека ја поддржуваат иницијативата на СДСМ.

– Свесни сме дека иницијативата нема да помине. Поддршка од ДУИ имате, затоа што ние први побаравме Иванов да ја повлече аболицијата и ние ќе инсистираме на тоа – рече пратеникот од  ДУИ, Рафиз Алити.

Имер Алиу од ДПА, рече дека предлогот комисијата да брои шест члена од ВМРО-ДПМНЕ е неисправен. Тој побара уште еднаш да се разгледа соодносот на членовите, со цел да се види каде ќе одат одлучувачките гласови од ДУИ.

По расправата, без да донесат одлука, пратениците зедоа еден час пауза.

На паузата од седницата на комисијата, изјави за новинарите дадоа Ермира Мехмети од ДУИ и Горан Сугарески од  СДСМ. Мехмети рече дека ДУИ ќе гласа за импичментот на Иванов, а за Сугаревски, денешниот предлог на Илиоски е потврда дека зад срамната, незаконска и неуставна одлука за аболиција стои Никола Груевски.


Иницијативата за импичментот на Иванов влезе во собраниска процедура


Скопје, 26 мај, 2016 - 12:46 (META) 

Барањето за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов која ја поднесе пратеничката група на СДСМ досега ја потпишале вкупно 52 пратеника, што е доволно за да може да се почне процедурата за импичмент.

Како што информираат од пратеничката група на опозицијата, иницијативата за импичмент на Иванов ја потпишале пратениците од СДСМ и коалиционите партнери, 16 пратеници од ДУИ, независните пратеници, Лилјана Поповска од ДОМ и Павле Трајанов од Демократски сојуз.

Овие потписи се доволно за иницијативата да влезе во собраниска процедура, но засега нема двотретинско мнозинство, односно 82 гласа, кое е потребно за оваа иницијатива да има позитивен епилог.

Барањето на СДСМ беше поднесено на 13 април, а претседателот на Собранието е должен за оваа иницијатива да формира комисија, која за седум дена од формирањето мора да даде извештај.

Парламентот ќе мора да заседава за седум дена од поднесувањето на извештајот.

Пратениците ќе расправаат за оваа иницијатива, а на седницата претседателот на државата може да одговори и писмено или лично да се обрати пред пратениците.


Првоаприлска бомба: Падна ли владата или само ДУИ излезе?


Скопје, 1 април, 2016 - 10:23 (META) 

Одлуката на Претседателството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) да ги повлече своите министри од Владата на Република Македонија и да ја испита политика на партијата во следните денови, е нова практика во македонската политика за која законодавецот не предвидел решение.

Никој утрово не знае да каже дали сега Македонија има функционална влада, кој раководи со земјата, дали е тоа се уште премиерот задолжен за спроведување на изборите, Емил Димитриев, претседателот на Собранието или претседателот на државата кој има ингеренции во одбраната (врховен командат) и надворешната политика.

Уште повеќе непознаницата се засилува со формулацијата во соопштението на ДУИ дека партијата одлучила да ги „повлече“ министрите, а не „да излезе од владата“, „да ја напушти коалицијата“, или функционерите „да дадат оставки“ на досегашните функции.

Најблиску до ова што се случи синоќа според Уставот на Република Македонија е предвидено во член 94 во кој стои дека доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.

ДУИ во владата од 26 министерски ресори има девет министри што е една третина од составот.

Според член 90 од Уставот, пак, претседателот на Република Македонија во ваков случај ќе мора во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

На состанокот, синоќа, покрај одлуката за повлекување на министрите, партиското претседателство ги потврдило и ставовите дека лидерот Али Ахмети има потполно овластување да ги носи одлуките за натамошните чекори на партијата.

„Партијата го реафирмираше статутарното право и го овласти лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да одлучува за натамошните постапки на ДУИ. Демократската унија за интеграција во наредните денови ќе ги извести меѓународната заедница и локалните власти за промените во нејзината политика“, стои во соопштението на ДУИ.

Засега не се знае причината за ваквата одлука.

 


Белата куќа прави план да го затвори затворот Гвантанамо


Вашингтон, 23 јули, 2015 - 15:46 (META) 

Белата куќа соопшти дека во средата донеле одлука да го затворат воениот затвор Гвантанамо на Куба.
Веќе се работи на планот чија цел е затворот да се затвори на сигурен и одговорен начин. Овој план подоцна треба да се претстави пред членовите на Конгресот.

По терористичкиот напад на 11 септември 2001 година, во Гвантанамо се наоѓаат уште 116 затвореници.
„Ова е приоритет за претседателот Барак Обама, кој уште на почетокот на својот мандат вети дека ќе затвори овој затвор“, изјавил Џош Ернест, портпарол на Белата куќа.

Републиканците во Конгресот, кои се мнозинство во двата дома, сè уште жестоко се спротиставуваат на затворањето на овој објект.


На ВМРО-ДПМНЕ „му пукна“ мнозинството во Општина Охрид


Охрид, 30 април, 2015 - 15:40 (META) 

Советот на Општина Охрид на вчерашната седница не ја усвои одлуката за поништување на постапката за концесија на јавното осветлување во Охрид, по пат на јавно партнерство со чешка фирма.

ВМРО-ДПМНЕ, иако го има, не го обезбеди потребното мнозинство за оваа точка, за која гласаа само 11 советници.

Од мнозинството, отсутни беа советниците Илјат Ибраими и Коста Трифуноски, додека опозициските беа воздржани.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Коста Трифуноски не дојде на седница и претходно најавил оправдано отсуство.
Советниците кои се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Павел Попоски и Љупчо Настоски, не гласаа за точката. Самостојниот советник Павел Попоски гласаше против, а од говорницата упати критики кон предлагачот, градоначалникот Никола Бакрачески.

Љупчо Настоски, пак, од партијата ГРОМ на Стевчо Јакимоски, не остана на гласањето на седницата, иако претходно најавил дека ќе гласа „за“.

Иако на прв поглед станува збор за техничко прашање, односно за грешка и за невнимание на претседателот на Советот и на координаторот, сепак, настанот предизвика особено внимание.

Дел од советниците проговорија и на говорницата за извесни „есапи“ и „математики“, кои некој ги правел, но не прецизираа на што мислат.

Градоначалникот Бакрачески ги повика јавно да ги обелоденат имињата, но ништо конкретно не беше кажано.

На една од претходните седници, советниците ја изгласаа одлуката за избор на приватен партнер кој би требало да го одржува и модернизира уличното осветлување во градот.

Во јавното-приватно партнерство требаше да влезе компанијата „ИЦС системи“ од Чешка, која, според планот на Општината, ќе го добиеше јавното осветлување во Охрид под концесија со времетраење од 15 години. Тогаш локалната самоуправа најави инвестиција од околу 3,5 милиони евра во модернизација на системот за осветлување, а по завршување на договорот, целиот систем, во функционална состојба, да припадне на Општина Охрид.

На ваквиот потег се спротиставија советниците од опозициските партии, кои отворено го поставија и прашањето дали, можеби, причината за оваа економски нелогична зделка е што зад наводниот инвеститор од Чешката Република, всушност, стои македонски државјанин, близок до локалната власт и до ВМРО-ДПМНЕ.


Владејачката коалиција убедлив победник на изборите во Јапонија


Токио, 14 декември, 2014 - 16:57 (META) 

Партијата на јапонскиот премиер Шинзо Абе убедливо победи на дешените предвремени парламентарни избори, покажуваат излезните анкети, пренесуваат медиумите.

Либерално-демократската парија на Абе, според првичните резултати, освоила меѓу 275 и 306 места во Долниот дом на јапонскиот парламент, кој брои вкупно 475 места и заедно со нивниот помал коалиционен партнер, партијата Комеито, ќе има двотретинско мнозинство.

Предвремените избори во Јапонија беа распишани на иницијатива на премиерот Абе, кој побара нов мандат за спроведување на неговата економска програма.

Абе дојде на власт пред две години, ветувајќи заживување на економијата, но досега не успеа целосно да ги исполни своите предизборни ветувања.


Манчевски: Во два часот наутро, Коце и мнозинството донесоа буџет против интересите на Скопје


Скопје, 3 декември, 2014 - 10:05 (META) 

Коце Трајановски во текот на целиот ден не присуствуваше на седницата во расправата за буџетот на Град Скопје. Тој не беше тука да го брани сопствениот буџет и интересите на граѓаните, оние кои го гласале, рече на прес-конференција Дамјан Манчевски, координатор на советничката група „Сојуз за иднината“.

– Коце Трајановски и владејачкото мнозинство, вечерва, во два часот наутро, го усвоија буџетот, којшто е против интересите на граѓаните на Скопје. Ова е буџет на раскош и на луксуз, но буџет којшто не ги решава реалните проблеми на скопјани. Денеска владејачкото мнозинство усвои буџет и гласаше за споменици, а не за подземна сообраќајница. Советниците на власта гласаа за нови фонтани, а не за ново средно училиште во Аеродром. Денеска гласаа за плоштади, а не гласаа за намалување на загаденоста во градот. Гласаа за уште еден нов карусел, ама не гласаа за нови водоводи и улици. Денеска гласаа за уште многубројни барокни фасади, ама не гласаа за проекти за енергетска ефикасност – рече Манчевски.

Само во следната година, истакна Манчевски, Град Скопје ќе потроши 14.000.000 евра на раскош и на луксуз, фонтани, барокни фасади и на споменици.