Грција официјално излегува од европската програма за помош


Атина, 20 август, 2018 - 11:53 (META) 

Грција денеска официјално ќе го одбележи завршувањето на програмата за европска помош, со што излезе од една од најголемите кризи во својата историја, која исто така силно се закануваше на еврозоната. Сепак, земјата ја очекуваат уште многу потешкотии за одржување на нејзината економска одржливост.

Првиот пакет за помош Грција, како членка на еврозоната, го доби во мај 2010 година, а потоа вкупно уследија 326 милијарди евра од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд.

– Без европската финансиска помош, грчката економија ќе доживееше колапс, од кој веројатно не ќе можеше да се извлече неколку децении – рече Пјер Московиси, еврокомесарот за економска прашања.

За да го поддржи враќањето на Грција во состојба на економска и финансиска автономија, Еврогрупата во јуни додели дополнителни 24 милијарди евра за покривање на сите финансиски потреби на Грција до летото 2020 година.


Гувернерката Ангеловска – Бежоска учествува на Годишното генерално собрание на БИС


Цирих, 22 јуни, 2018 - 13:12 (META) 

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска, денеска и утре, во Швајцарија учествува на два настана на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), важни за развојот на меѓународната соработка во областите на монетарната и финансиската стабилност и за унапредување на комуникацијата меѓу централните банки за клучните теми кои што го засегаат централнобанкарското работење на глобално ниво, информираат од НБРМ.

„Денеска, таа учествува на 17. годишна конференција на оваа најстара меѓународна финансиска институција, на која, во Цирих, гувернери и експерти од централните банки, високи претставници на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и универзитетски професори и истражувачи дискутираат на тема „Десет години по Големата финансиска криза: што е сменето?“. Претпладневните сесии на Конференцијата беа посветени на карактеристиките на новиот глобален финансиски систем и на прашањето дали во изминативе десет години, на светско ниво, се промени инфлацискиот процес ‒ начинот на формирање на цените, нивната динамика и фундаменталните врски со нивните главни детерминанти. Попладнево, учесниците ќе дискутираат за тоа дали сега, по завршувањето на кризата, глобалниот финансискиот систем е поотпорен на шокови од претходно“, соопштуваат од НБРМ.

Во текот на утрешниот ден, гувернерката ќе учествува на 88. годишно генерално собрание на БИС, коешто секоја година се одржува во Базел. На Собранието ќе учествуваат високи претставници на шеесетте централни банки и монетарни институции коишто членуваат во БИС и имаат право на глас и учество на ваквите собири, меѓу кои е и НБРМ.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе го искористи учеството на Собранието и за билатерални средби со повеќе гувернери на централни банки коишто се членки на БИС, заради унапредување на позицијата на НБРМ во меѓународната централнобанкарска заедница.


Делегација предводена од Тевдовски и Богов на Пролетни средби на ММФ и СБ во Вашингтон


Вашингтон, 20 април, 2018 - 9:30 (META) 

Делегација предводена од министерот за финансии, Драган Тевдовски и гувернерот на Народната банка, Димитар Богов од денеска учествува на редовните Пролетни средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската инвестициска банка, Централната банка на Европа и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).

Во рамки на средбите закажани се состаноци со заменик претседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, со извршниот директор на Светска банка, Френк Хемскирк, со Пол Томсен, извршен директор на ММФ за Европа и шефот на мисијата на ММФ за Македонија, Јасмин Рахман.

Во фокусот на разговорите ќе бидат тековната и идната соработка на Македонија со двете институции.

Пролетните состаноци на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година. На настанот учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки. Дискусијата е поврзана со актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и потикнување на економскиот раст.


Тевдовски – Соса: ММФ ќе помогне во спроведувањето на реформите


Скопје, 28 февруари, 2018 - 14:54 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска се сретна со новоназначениот резидентен претставник на Меѓународниот монетарен фонд ММФ во Македонија, Себастијан Соса.

На состанокот било истакнато дека Македонија нема потреба од аранжман со ММФ, но Фондот ќе понуди експертска и техничка помош, со цел помагање на реформите кои се во тек и се планираат, како среднорочното буџетирање, фискалниот совет и правила и даночната реформа.

На средбата биле разменети мислења околу остварениот и очекуваниот економски раст, како и фискалната политика во тековната и наредните години.

„Притоа, беше констатирано дека се совпаѓаат очекувањата на Владата и ММФ за пораст на економијата од 3,2 проценти во 2018. Исто така, Тевдовски истакна дека мерките на фискалната политика ќе бидат насочени кон стабилизирање на нивото на јавниот долг на среден рок“, информираат од министерството.

Резидентниот претставник во Македонија, Себастијан Соса истовремено е и резидентен претставник на ММФ во Србија. Тој ќе остане со седиште во Белград, но ќе има редовна комуникација со властите во Македонија. Фондот инаку две години немаше резидентен претставник во земјава, од завршувањето на мандатот на Патрик Гитон.


ММФ: Потребна ви е политичка стабилност, реформи и поголема отвореност на пазарот


Скопје, 16 февруари, 2018 - 15:03 (META) 

Охрабрени сме од економскиот напредок на регионот, вклучувајќи ја и вашата земја. За овој регион е важно да остане отворен и економски да се ангажира надвор од границите. Многу е важно да се зајакнат врските со најголемите трговски партнери.

Тоа денеска го порача заменик-главниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Тао Џанг, на Меѓународната конференција за монетарна политика и управување со финансиски средства, која што ја организира Народна банка.

Според Џанг, сега е момент нашата држава да го поддржи заздравувањето на регионалната економија.

– Се чувствува итна потреба макроекономската политика да доживее реформа за да се консолидира прогресот кој досега е остварен. Политичката стабилност на државите од регионот е позитивно нешто и е неопходна за да може да се покренат економски реформи – рече Џанг.

Шефицата на Мисијата на ММФ во Скопје, Јасмин Рахмен, рече дека во Македонија се потребни структурни реформи во управувањето и владеењето на правото.

– Во тие две области Македонија не стои добро во споредба со другите слични мали економии. Потребни се реформи во правосудството и транспарентност на јавните институции за да се зголеми довербата, не само меѓународен план и кај луѓето. Има висока стапка на миграција во развиените земји. Моја прва препорака е да се подобрат јавните институции и владеењето, за да се задржат стручните работници во државата. Имате една од највисоките стапи на невработеност во Европа и потребни се реформи на политиките, поголема отвореност на пазарот, пониски даночни стапки и инвестирање во образованието – рече Рахмен.

Таа додаде дека одливот на стручен кадар скапо ја чини нашата економија.

– За да ги задржите дома, треба да создадете работни места и подобрување на условите за работа, како и предвидлива бизнис средина. Кога би имале подобра иднина, тие би останале. Тие мора да сметаат на институциите дека ќе обезбедат вработување и затоа се потребни реформи во институциите и образованието, за вештините кои ги стекнуваат да соодветствуваат на работните места кои се отвораат – додаде Рахмен.

ММФ останува на ставот дека се потребни реформи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи како што рекоа неговите претставници, вака е неодржлив на долг рок, поради стареење на населението, ниските придонеси и ниската старосна граница за пензионорање во споредба со земјите членки на ЕУ.

На конференцијата следуваат уште две сесии. На следната ќе се расправа за согледување на централните банки и на менаџерите на финансиски средства за стратегиите за ефективно намалување на ризиците, а на четвртата сесија е предвидена дебата за Југоисточна Европа „Кој е тековниот пат кон интеграција и пораст?“, на која ќе учествуваат министерот за финансии Драган Тевдовски и министерот за финансии на Бугарија, Владислав Горанов.

Конференцијата се одржува во хотелот „Мериот“ во Скопје и на неа учествуваат високи претставници од ММФ, Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка, гувернери, вицегувернери, претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).


Почна конференцијата на претставници од ММФ, ЕЦБ, Светска банка, гувернери и банкари


Скопје, 16 февруари, 2018 - 9:23 (META) 

Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства, која што ја организира Народна банка, почна денеска во хотел „Мериот“.

На конференцијата учествуваат високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка, гувернери, вицегувернери, претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).

Темата на која што се дискутира е „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“.

На прес-конференцијата во 11 часот предвидено е да се обрати членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, а во 13 часот заменикот на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Тао Џанг.

Она што Џанг и другите ќе го кажат денеска, со внимателност ќе го проследат сите најважни светски финансиски институции и ќе има влијание врз финансиските пазари.


Очите и ушите на светските финансиери утре ќе бидат вперени кон конференцијата во Скопје


Скопје, 15 февруари, 2018 - 11:01 (META) 

Високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка утре во Скопје ќе дебатираат за тековните состојби во глобалната економија и во кој правец таа ќе се движи.

Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства ја организира Народна банка, а темата е „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“.

Она што утре ќе го каже заменикот на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Тао Џанг, со внимателност ќе го проследат сите најважни светски финансиски институции и ќе има влијание врз финансиските пазари.

– Светските финансиски пазари се пред нови предизвици поради нестабилната монетарна политика. Американската централна банка (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ), минатите години вбризгаа огромно количество пари, за да се избегнат импликациите од светската економска криза. Но, со стабилизирање на светската економија и со нејзиниот пораст во последните две години, најавеното повлекување на тие средства предизвика реакција на светските финансиски пазари, како што беше падот на американската берза. А, токму ова е предизвикот со кој ќе се соочува светската економија следните години – смета гувернерот на Народна банка, Димитар Богов.

Во рамките на конференцијата предвидени се четири сесии, а една од темите на која ќе се зборува се предизвици со кои се соочуваат централните банки при остварување на нивните цели за одржување на ценовната и финансиската стабилност.

Носителите на политики, експерти и академски претставници ќе дебатираат за тековните предизвици во однос на мандатот на централните бани за одржување на финансиска стабилност.

За оваа година, за светската економија се проектира раст од 3,7 процетни, но учесниците треба да дадат одговор дали е одржлив овој раст. Какви се ефектите на геополитичките и политичките ризици врз изгледите на светската економија.

Во светски рамки, долгот е на рекордно високо ниво. Во 2016 година состојбата на долгот на не-финансискиот сектор во земјите од групата Г20 изнесуваше 220 проценти од домашниот-бруто производ БДП, што е за 40 процентни поени повисоко од 2007 година.

На конференцијата, исто така ќе учествуваат и членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, и Луиз Авазу Переира да Силва, заменик главен директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).


ВМРО-НП бара укинување на приватните пензиски фондови


Скопје, 12 февруари, 2018 - 12:24 (META) 

ВМР -Народна партија бара итно укинување на приватните пензиски фондови, односно откажување од т.н. втор столб и враќање кон единствен државно гарантиран пензиски систем.

Ставот на партијата на Љубчо Георгиевски е во рамките на дискусиите за реформа на пензискиот систем, што се отвора деновиве, а која, според партијата, оти во два правци – да се зголемат годините за пензионирање на граѓаните и второ, да се зголеми процентот на придонесите на платите.

„Сакаме да потсетиме дека оваа реформа со втор пензиски столб и беше наметната на Македонија, но и на цела Источна Европа од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка без никаква сериозна поткрепа во економијата“, стои во соопштението на ВМРО-НП.

Од партијата додаваат дека денесе во цела источна Европа се води дискусија за промашеноста на пензиските реформи, а Романија е веќе во завршна фаза за укинување на овој тип наметнати решенија.


ММФ: Инфраструктурата е пречка за побрз економски развој на земјите од Западен Балкан


Вашингтон, 8 февруари, 2018 - 20:29 (META) 

Анализата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажува дека, недостатокот на основна јавна инфраструктура на земјите од Западен Балкан е значителна пречка за побрз економски развој.

„Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија имаат недоволно развиена транспортна, енергетска и телекомуникациска мрежа во однос на просекот на Европска унија. Западен Балкан заостанува зад европскиот просек кога се работи и за поддржување на економскиот развој со адекватна инфраструктура“, се наведува во соопштението.

Како што се оценува, подобрата транспортна, енергетска и телекомуникациска мрежа ќе им помогне на земјите од Западен Балкан да ја подобрат продуктивноста, да остварат подобра интеграција во светската трговија и да го направат регионот атрактивен за странски инвестиции.

„Регионално координираните интензивни активности на унапредување на јавната инфраструктура, во комбинација со подобро управување со проектите, може да го зголеми приходот по глава на жител“, се вели во соопштението на ММФ.

Како пречка за зголемување на јавните инвестиции се наведува високото ниво на јавен долг и високиот буџетски дефицит во најголем број од земјите на Западен Балкан, но и слабото управување со јавните инвестиции.

Од ММФ оценуваат дека, земјите од Западен Балкан треба да вложат во модернизација на клучните сообраќајници, енергетската и телекомуникациската инфраструктура.


Странските инвеститори сметаат дека бизнис-климата е добра


Скопје, 12 септември, 2017 - 15:29 (META) 

Претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од Јасмин Рахман, шеф на Делегацијата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија, денеска се сретнаа со потпретседателот на Советот на странски инвеститори (ССИ), Ирена Јакимовска, информираат од Стопанската комора на Македонија.

Јакимовска ги информирала претставниците на ММФ дека странските инвеститори кои веќе се дел од македонското стопанство веруваат во системот и со тоа што веќе подолго време се на македонскиот пазар, генерално бизнис-климата ја сметаат добра за стопанисување.

„Постојат области во кои е потребно надградување, особено поголема соработка помеѓу домашните и странските инвеститори. На тој план, Советот на странски инвеститори веќе работи на поинтензивни контакти и деловни врски со домашните компании“, изјавила Јакимовска.