!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Иванов – Иваниќ: Македонија и БИХ треба да ја интензивираат економската соработка


Скопје, 20 април, 2017 - 13:56 (META) 

Политичките односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина (БИХ) се одлични, но недостига поинтензивна економска соработка, на која мора да се работи во следниот период. Ова е задничката оценка на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, и на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, на денешниот бизнис-форум што се одржа во Скопје.

Иванов и Иваниќ посочија дека постои солидна основа за интензивирање на економската сораборка и изразија подготвеност за создавање правна рамка за зголемување на трговската размена меѓу двете држави.

Македонскиот претседател посочи дека статистичките податоци, кои покажуваат дека БИХ е дури 20-ти трговски партнер на Македонија, а трговската размена во 2016 година изнесувала 155,7 милиони долари, не соодветствуваат со високото ниво на политички, културни и општествени односи што постојат меѓу двете држави.

Во насока на продлабочување на економската соработка, Иваниќ изрази надеж дека наскоро ќе се овозможи патување од едната во другата држава со лична карта, отворање директна авионска линија меѓу Скопје и Сараево и заеднички настап на трети пазари на македонските и на компаниите од Босна и Херцеговина.

Во следниот период се очекува двете држави да потпишат договор за економска соработка и договор за соработка меѓу стопанските комори.

Во присуство на претседателот Иванов и на председавачот Иваниќ, денеска е потпишана и спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.


Груевски – Иваниќ: Односите помеѓу двете земји се пријателски и со заемно разбирање


Скопје, 19 април, 2017 - 20:41 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска придружуван од партиските соработници Владимир Ѓорчев и Александар Николоски, се сретнал со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.

Двајцата соговорници позитивно ги оцениле односите помеѓу двете, земји кои се карактеризираат со заемно пријателство и со разбирање.

Груевски, како што се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, го запознал својот соговорник со аспектите на политичката криза наметната од опозицијата и со позициите и со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на клучните прашања и начините за надминување на предизвиците.

Разговарајќи за можните решенија, како што се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, тие ја повториле оценката дека единствениот начин за излез од политичката криза и за постигнување стабилност е спроведување на брзи парламентарни избори, заедно со редовните локални избори, каде граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат „за тиранската платформа која ја прифати СДС“.


Заев – Иваниќ: Стабилноста и мирот се приоритет за Македонија и за земјите од регионот


Скопје, 19 април, 2017 - 19:55 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателката на партијата, Радмила Шекеринска, и од генералниот секретар Оливер Спасовски, денеска се сретнал со делегација на Босна и Херцеговина, предводена од претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.

Како што информираат од СДСМ, на средбата се разговарало за унапредување на долгогодишната соработка и пријателство помеѓу девете земји, како и за итноста и за важноста од деболкада на демократските процеси во земјата што е интерес и на Македонија и на регионот.

Заеднички било констатирано дека стабилноста и мирот во земјата се врвен приоритет за граѓаните на Македонија, а исто така се важни и за земјите од регионот.

Затоа, било истакнато, институциите на системот мора да овозможат продолжување на демократските процеси во земјава.


Иванов не го дава мандатот, оти го почитувал Уставот


Скопје, 19 април, 2017 - 15:59 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов нема да го додели мандатот сè додека не се отстранат правните и политичките пречки. Тој на прес-конференцијата со претседавачот на Претседателството на БИХ, Младен Иваниќ, изјави дека не може да донесе одлука која подоцна може да биде оспорена.

– Ако биде оспорена една таква одлука, тогаш ќе биде отворено прашањето за моја одговорност. Затоа барам и инсистирам правната и политичката пречка да бидат отстранети – рече Иванов.

Тој истакна дека не чувствува одговорност за кризата бидејќи го почитува Уставот и дека немаше да има институционалната криза ако ја немаше платформата која од политичка криза воведе во институционална криза.

– Едно е политичката криза што ја решивме со изборите на 11 декември, а со платформата добивме институционална криза. Јас тука не чувствувам одговорност бидејќи го почитувам Уставот и тоа што се бара од мене, а ги имам предвид и одлуките на Уставниот суд и затоа не смеам да донесам одлука што ќе биде оспорена од кого било – рече Иванов.


Претседавачот на Претседателството на БИХ во посета на Македонија


Скопје, 19 април, 2017 - 10:00 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска и утре ќе биде домаќин на претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, кој ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Иванов и Иваниќ денеска ќе остварат тет-а-тет средба, како и пленарен состанок на официјалните делегации на двете држави.

На вториот ден од посетата, ќе се одржи бизнис-форум со учество на стопанственици од Република Македонија и од Босна и Херцеговина, на кој свои обраќања ќе имаат претседателот Иванов и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Иваниќ.


Раководствата на Србија и на Република Српска сложно против Изетбеговиќ


Белград, 22 февруари, 2017 - 17:38 (META) 

Барањето од Бакир Изетбеговиќ е акт на омраза на муслиманите во Сараево кон Србија и има цел да се укине Република Српска, порача денеска претседателот на Република Српска, Милорад Додик, по средбата во Белград што тој и претседавачот на Претседателството на БИХ, Младен Иваниќ, ја имаа со претседателот и со премиерот на Србија, Томислав Николиќ и Александар Вучиќ.

Темата на средбата беше најавeното барање од босанскиот член на Претседателството на БИХ, Бакир Изетбеговиќ, за ревизија на пресудата на Меѓународниот суд на правдата по тужбата на БИХ против Србија за геноцид.

Додик и Иваниќ по средбата рекоа дека со најавата дека ќе поднесе барање за ревизија, Изетбеговиќ ги урива БИХ и нејзините институции, оти одлуката ја донел сам. Со одлуката не се согласува ниту хрватскиот член на Претседателството на БИХ.

Николиќ и Вучиќ рекоа дека Србија секогаш ќе биде зад Србите во БИХ, но и дека ќе го почитуваат интегритетот на таа земја и дека главната цел е да се сочуваат мирот и стабилноста.

– Србија вистински и искрено посакува мир, а не кавга и судири со своите соседи – рече Вучиќ, кој додаде дека со најавата за ревизија на пресудата, односите со БИХ се вратени 25 години наназад.

Меѓународниот суд на правдата на 26 февруари 2007 година пресуди дека Србија не може да се смета за одговорна за геноцидот извршен во Сребреница од страна на силите на Република Српска, но и дека ја прекршила Конвенцијата за геноцид со тоа што не сторила сè што е во нејзина моќ за да спречи геноцид, а потоа ниту ги казнила ниту ги предала сторителите на Хашкиот трибунал.

Рокот за поднесување барање за ревизија е 10 години, односно истекува за четири дена.