!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Со „Скопје го слави животот“ ќе се одбележат 54 години од катастрофалниот земјотрес


Скопје, 25 јули, 2017 - 11:18 (META) 

Со настани организирани од Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје, Музејот на Град Скопје и од Град Скопје, утре ќе се одбележат 54 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.

Мултимедијалниот културен настан што под мотото „МКЦ за Скопје“ го организира Младинскиот културен центар, кој традиционално се одржува на 26 јули, годинава се одржува два дена, односно почнува денеска, 25 јули, а ќе заврши утре.

Вечерва во 20 часот почнува книжевна вечер посветена на поетесата Даница Ручигај, а ќе има и проекција на документарните филмови „Поетот живее по смртта“ и „Соновите не заспиваат“.

Утре во 20 часот во галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложба на Димитар Аврамовски-Пандилов, а во 22.30 ќе почне концерт на повеќе музички изведувачи од САД. Истовремено, ќе се одржи и фотографска изложба на Вацлав Шваб, како и готографски инсталации „Јас, ти и градината, фотографии на отворено“ од Ан Д’Гела, Максим Делво, Герт Д’Теје, Алан Брејер.

Во Музеј на Град Скопје утре во 20 часот ќе биде отворена изложба на фотографии од Матијас Шуман од Дрезден, Германија, а со почеток во 21 часот ќе настапи ревискиот оркестар на „Македонска радио-телевизија“.

 


Утре се отвара изложбата на Пикасо во МКЦ


Скопје, 18 февруари, 2016 - 11:14 (META) 

Младинскиот културен центар во соработка со приватната галерија „Висконти“ од Љубљана, пред македонската публика ќе ја претстави изложбата на дела од шпанскиот сликар Пабло Пикасо во галеријата на МКЦ.

На оваа изложба ќе биде претставена збирка од 46 графички дела на Пабло Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, кои го опфаќаат временскиот период од 1932 до 1969 година. Во сржта на збирката се наоѓаат комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела.

Продуцент на изложбата е Михајло Несторовиќ, а делата се во сопственост на Жива Шкодлар Вујиќ и на Лазар Вујиќ од галеријата „Висконти“ во Љубљана, Словенија.

Реализацијата на изложбата е финансиска поддржана од Министерството за култура.
Изложбата ќе биде отворена од 19 февруари до 16 март од 9 до 21 часот, а влезот е бесплатен.


Вечерва „Лузер-фест“ ќе го отвори „Таксират“


Скопје, 29 ноември, 2014 - 12:01 (META) 

Со возобновениот „Лузер-фест“, вечерва, во 19 часот, официјално почнува 16. издание на „Таксират“.

„Лузер-фест“ ќе има програма на две сцени! Покрај сцената во „Денсинг-сала“, на која ќе настапат 14 групи, во холот на МКЦ, на втората сцена, задолжен за добрата атмосфера при заокружување на победникот ќе бидедиџеј Гето Руди.

Билетот за „Лузер-фест“ ќе чини 100 денари.

 


Концерт на „Грин аут“ во МКЦ


Скопје, 26 ноември, 2014 - 14:20 (META) 

Македонски хипхоп-состав „Грин аут“, неодамна издадениот албум „Рапаноја” ќе го промовира со концерт.

„Грин аут“ e хип-хоперско трио, составено од три уметници со микрофонот, кои зад себе веќе имаат едно албумско издание („Некои скопски бандити“, 2009). Антонио Арангеловиќ (Тонио Сан), Владимир Пешков (Ел-Ди Пистолеро) и Ненад Стефаноски (Фулиш Грин) се дел од новиот бран хипхоп-артисти, кои во досегашните кариери имаат сериозен број солистички проекти, како и членувања и соработки со многу музички имиња како Легијата, Против Сите,  Алтернативниот состав на Фулиш Грин итн.

Концертната промоција на „Рапаноја“ е закажана за 27 ноември, во танц-салата на МКЦ, со почеток во 21.30 часот.

Цената на билетите во претпродажба е 150 денари, а при влегување ќе чини 250 ден. За првите 200 посетители се обезбедени 200 гратис-албуми. Билетите можат да се набават во билетарницата на МКЦ.

„Грин аут“ го најавуваат и специјалниот гостин на настанот – Диџеј Гоце САФ.

 


„Со читање до лидерство“ во Детскиот креативен центар


Скопје, 8 ноември, 2014 - 14:31 (META) 

Денеска во Детскиот креативен центар при МКЦ – Скопје се организира заедничко читање сликовници. Проектот е на УСАИД и е наречен „Со читање до лидерство“ .

Настанот е наменет за ученици на возраст до 10 години, како и за возрасните кои би сакале да го посетат центарот и да се забавуваат со активностите за поттикнување на јазична и на математичка писменост кај децата.

Покрај заедничкото читање сликовници, сите посетители ќе имаат можност да ги користат ресурсите и активностите кои се достапни во центарот, како што се: библиотека со детска литература, џиновски сликовници, компјутери и интерактивни табли, математички игри, катчиња за читање, ликовно ателје и многу други.

Детскиот креативен центар е обновен и опремен во рамки на проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“.


На „Синедејс“ ќе има повеќе од 100 филмски проекции


Скопје, 6 ноември, 2014 - 14:33 (META) 

„Пази се! Доаѓа Синедејс“ е мотото на годинешниот фестивал на европски филм „Синедејс“, кој ќе се одржува од 13 до 22 ноември. Организатор на фестивалот е Младинскиот културен центар – Скопје, а публиката ќе може да гледа повеќе од 100 филмови, да се дружи со 200 гости, да присуствува на десет концерти и на пет филмиски работилници. На располагање за проекција на филмската програма ќе бидат сите кино-сали на МКЦ, Градското кино „Милениум“, Кино-салата „Фросина“, Џебното кино и Кинотека на Македонија.

– „Синедејс“, од година во година, станува сè поуспешен фестивал и бројот на посетители се зголемува, што говори за квалитетот на фестивалот и, се надевам, и годинава посетителите ќе бараат билет повеќе за филмските проекции- изјави Коце Трајановски, градоначалникот на Скопје на прес-конференција.

Директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски, најави дека годинава „Синедејс“ ќе го отворат и ќе го затворат со музика, односно фестивалот ќе го отвори филмот на Дарко Лунгулов, „Споменик на Мајкл Џексон“, а на проекцијата ќе биде присутен и поголемиот дел од екипата на филмот.

– Во соработка со Тони Шариќ, директорот на фестивалот ДОРФ од Хрватска, направен е изборот на најновите музички документарни филмови: филмот кој ја одбележа 2014 година, „Ник Кејв: 20.000 денови на Земјата“, филмот за контроверзниот нигерски џез-музичар Фела Кути, „Наоѓајки го Фела“, музичкиот документарен филм „Стоун розис: Направен од камен“, премиерата на филмот „Денот да е радосен“ за легендарните „Културно-уметнички работници“, музичкиот филм посветен на шугејз-движењето „Прекрасна бучава“, како и многу други. Во рамките на „Синедејс“ ќе се одржи и работилница на тема „Успешно донесување одлуки во VFX дизајнот“, со една од најпознатите светски аниматори, Виржини Бурдан, која е една од ретките жени претставници во ова поле – изјави Стевковски.


Прес-конференција за „Синедејс“


Скопје, 5 ноември, 2014 - 15:47 (META) 

Утре, во 11 часот, во просториите на Младинскиот културен центар, ќе се одржи конференција за печат по повод 13. издание на Фестиваллот на европски филм „Синедејс“.

На прес-конференцијата ќе присуствува и градоначалникот Коце Трајановски.


Промоција на книгата „Историја на Чешка“


Скопје, 4 ноември, 2014 - 9:11 (META) 

Промоција на книгата „Историја на Чешка“ од Јан Рихлик, Владимир Пенчев и од Новица Велјановски ќе се случи денеска во Младинскиот културен центар во Скопје.

„Историја на Чешка“ е објавена деновиве, во издание на „Македоника литера“ и на „Македонска реч“ од Скопје. Во неа е опфатена интегралната историја на Чешка од праисторијата, па до 2013 година. Презентирани се 16 периоди од историјата на Чешка, а на крајот се објавени и  географски карти, хронологија на поважните настани, список на владетели и државници низ историјата, како и на претседатели на влади.