Саемот на уметност „Ин Ситу“ со повик за заинтересираните учесници


Скопје, 21 јуни, 2018 - 11:02 (META) 

Меѓународниот саем на уметност„Ин Ситу“, кој досега беше познат како Паратисима Скопје, а се ребрендира за своето петто издание, објави повик за учество во поставката за визуелни уметности, за која е задолжена Ана Франговска, како и повик за учество во изложбената поставка за дизајн, под кураторство на Драган Христов – Лудус. Првиот повик е отворен до 15 јули, а вториот до 20 јули.

Саемот, кој досега претстави повеќе од 450 независни автори учесници кои потекнуваат од 39 земји, ќе се одржи од 13 до 15 септември во Младинскиот културен центар, Скопје.


Мандолинскиот оркестар на МКЦ Скопје со концерт одбележува 35-годишен јубилеј


Скопје, 27 април, 2017 - 12:09 (META) 

Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар (МКЦ) од Скопје, под диригентската палка на Ванчо Јовчев, вечерва, во 20 часот, во салата „25 Мај“ на МКЦ, со свечен концерт ќе го одбележи својот 35-годишен јубилеј. Влезот е бесплатен.

Членовите на оркестарот од сите генерации, собрани по овој убав повод, ќе изведат дела од Бах, Огински, Брамс, Пучини, Марчело, Вагнер, Хрисиќ, Трајковски, Бранѓолица,… како и неизбежното „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски. Солисти ќе бидат Здравко Ангелов – кларинет, Гонце Богоромова – сопран, Јане Дунимаглоски – тенор и Ана Димовска – обоа.

Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар (некогашен Дом на млади „25 Мај“) е основан во 1981 година од академскиот музичар Рамадан Шукри. Низ годините зад диригентскиот пулт застанаа и нашиот врвен диригент Сашо Татарчевски, а на една од турнеите во Португалија како гостин-диригент и Вања Николовски – Ѓумар. Во моментов со ансамблот, освојувач на врвни државни и меѓународни награди и признанија, раководи Ванчо Јовчев.

Повеќе од три децении оркестарот добиваше стоечки овации, освен од домашната, и од публиката во Португалија, Шпанија, Белгија, Полска, Чешка, Австрија, Данска, Шкотска, Унгарија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Грција, Бугарија…