Грчките партии кажаа „не“, владата нејасно „можеби“ за Илинденска Македонија


Атина, 19 мај, 2018 - 21:54 (META) 

Сите политички лидери кои телефонски ги информирал и ги консултирал грчкиот премиер Алексис Ципрас изразиле несогласување со предлогот Република Илинденска Македонија како можен компромис за деценискиот спор околу името.

За лидерите на Нова демократија, Пасок, Потами и за другите помали партии, предлогот е неприфатлив и поттикнува иредентизам.

Со кусо и воопштено соопштение се огласи грчката влада.

Во него се вели „го поздравуваме тоа што од страна на БЈРМ е прифатено дека решението на проблемот со името не може да има без ерга омнес, односно употреба на новото име насекаде и од сите“.

Грчката влада повика „да се продолжи со соработка во барањето на заедничко прифатливо име со временска или географска одредница“ и потсети дека секое решение подразбира и промена на Уставот.


Нова демократија не прифаќа решение за името „на рати и со одложено дејство“


Софија, 16 мај, 2018 - 11:18 (META) 

Околу можноста за решение на проблемот со името и можноста а постигнување на договор Ципрас – Заев, извори од опозиционата Нова демократија (НД) за грчка „Иефимерида“ велат дека нема да прифатат никакво решение „на рати“,  бидејќи сметаат дека со тоа не би се исполнил условот договорот да биде траен.

Лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, денеска е во Софија на Конгрес на европските десничарски партии (ЕПП) и изјави дека нема да прифати никаков притисок од страна на ЕУ или на НАТО во врска со името на северниот сосед.

Според партијата, Грција не треба да прифати решение со „одложено дејство“ и дека само „конечно име и промена на Уставот“ би биле гаранција за поддршка за ЕУ и НАТО.

– Потребна е промена која нема само да претпостави, туку и ќе гарантира и ќе се примени во практика пред било каков конечен договор – вели одговорниот за надворешна политика во НД, Јоргос Кумуцакос.


Атина: Мигрантската криза полека работи во прилог на Македонија


Атина, 2 февруари, 2016 - 11:35 (META) 

„Постои опасност ние да останеме заглавени, а вистинската европска граница да стане БЈРМ. Во опасност сме да се најдеме со илјадници луѓе, бегалци и мигранти без документи, кои не можеме да ги контролираме и ние како држава немаме јасни приоритети и цели“, рече поранешниот шеф на грчката дипломатија и екслидер на ПАСОК, Евангелос Венизелос, во интервју за телевизијата „Скај“.

Загриженост за бегалската криза изрази и лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Лидерот на десничарите истакна дека лично ќе се заложи да помогне околу справувањето со кризата и да не се дозволи поради ова државата да се најде изолирана во ЕУ и исклучена од шенген-зоната.

Во анализа на весникот „Катимерини“, пак, се забележува дека бегалската криза и проблемите на Грција полека, индиректно работат во корист на Македонија. Повикувајќи се на дипломатски извори, весникот забележува дека улогата на Грција сè повеќе се намалува и се потценува, додека ЕУ сè повеќе ја уважува и ја цени улогата на Македонија во целата бегалска приказна.

Според анализата, европските функционери сè повеќе ја оценуваат Грција како неспособна да се справи со бегалската криза, односно да го спречи влезот на илјадници бегалци и мигранти од Турција, што се смета дека ѝ оди во корист на Македонија.
„Во клучните европски одлучувачки центри веќе се почнати „тивки“ разговори за наоѓање формула, која ќе ги заобиколи инсистирањата на Атина за одложување на датум за почеток на пристапни преговори за Скопје, колку грчката страна и да инсистира дека тоа не може да се случи, па дури и да се најде начин да се заобиколу одлуката од Букурешт за прием во НАТО со привремената референца БЈРМ“, се вели во текстот на „Катимерини“.