!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тони Јакимовски обвинет во „Тврдина“ разрешен од позицијата директор на СЕЛЕК


Букурешт, 19 септември, 2017 - 12:05 (META) 

Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинет на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, и обвинет во случајот „Тврдина“ на СЈО, денеска бил разрешен од позицијата директор на СЕЛЕК – организација за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа, со седиште во Букурешт.

Јакимовски бил разрешен на барање на македонското министерство за внатрешни работи. На тајното гласање, како што јавува „Телевизија 24“, повикувајќи се на извори од МВР, за разрешување на директорот гласале сите 11 члена на Советот на СЕЛЕК.

Инаку, Јакимовски е обвинет во случајот на СЈО за уништување на опремата од нелегалното следење на комуникациите, заедно со поранешниот шеф на петтата управа, Горан Грујовски, кој месец и половина е во бегство. Во рамките на постапката, судот на Јакимовски му ги одзеде обичниот и дипломатскиот пасош.

Тој беше назначен за директор на СЕЛЕК минатата година, на предлог на тогашниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков.


Горан Николовски – шеф на УБК, Лазо Велковски – на БЈБ, Владата донесе предлог за смена на Зврлевски


Скопје, 16 јуни, 2017 - 20:11 (META) 

На седницата што се одржува попладнево, Владата донесе одлука до Собранието да поднесе предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, и ги избра новите  директори на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање, односно деловите на МВР кои се задолжени за полициските сили и за тајната полиција и за контраразузнавањето.

Горан Николовски е избран за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, каде досега директоруваше Владимир Атанасовски. Нов директор на Бирото за јавна безбедност е Лазо Велковски, кој го наследува Митко Чавков.

Горан Николовски е вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, каде е раководител на одделот за контраразузнавање за Балкан, а Лазо Велковски, долгогодишен вработен во МВР, во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, до формирањето на техничката влада, бил преместен во Агенцијата за разузнавање.

На владината седница е констатирано дека новоименуваните директори, Велковски и Николовски, се квалитетни експертски решенија со долгогодишно работно искуство во областа, кои не биле и не се членови на политички партии. Изразено е уверување дека Велковски и Николовски успешно ќе одговорат на одговорностите во двата важни органа за безбедноста, што функционираат при МВР, на чии челни позиции се поставени, со оглед дека претстојат сериозни реформи во МВР и во тајните служби, согласно забелешките на Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе. За разрешените директори Чавков и Атанасовски е констатирано дека учествувале во недозволиви и незаконски активности против државата, соопшти Владата.

Одлуката за разрешување на републичкиот обвинител Зврлевски е донесена поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.  Констатирано е дека обвинителот Зврлевски не е способен за извршување на функцијата, не поднесувал барања за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и со тоа го нарушил нарушил угледот на функцијата, се вели во соопштението од Владата.

 


Спасовски уште се консултира, новите шефови на УБК и на БЈБ ќе бидат познати утре или задутре


Скопје, 14 јуни, 2017 - 13:55 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска изјави оти очекува дека в четврток или петок Владата ќе ги разреши старите и ќе ги избере новите директори на Управата за безбедност и за контраразузнавање (УБК) и на Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

Како што рече Заев, сè уште траеле консултациите на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со кандидатите за директори на најважните организации во рамките на МВР.

– Верувам дека в четврток или петок ќе ги избереме на владина седница. Сè уште министерот кој е овластен предлагач до Владата, прави консултации со самите луѓе. Штом ќе пресече и конечно ќе одлучи, ќе ги предложи на Владата, а потоа и Владата ќе дебатира – изјави премиерот по завршување на конференцијата „Неплатена работа, родова нееднаквост и ветувањето на економијата на грижа и нега“ во организација на агенциите на Обединетите нации во Македонија, на која Заев имаше воведно обраќање.

Според законите за внатрешни работи и за полиција, директорите на УБК и на БЈБ ги именува и ги разрешува Владата, на предлог на министерот за внатрешни работи.

Сегашните директори на УБК и на БЈБ, Владимир Атанасовски и Митко Чавков, беа поставени од техничката влада што ги спроведе изборите на 11 декември, како кадри на ВМРО-ДПМНЕ. И Чавков и Атанасовски се посочени во извештајот на работната група на МВР како одговорни за ненавременото и непрофесионално дејствување за време на насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април, кога беа нападнати и повредени пратеници, новинари и граѓани.


Владата денеска треба да ги разреши Чавков и Атанасовски и да именува нови директори на УБК и на БЈБ


Скопје, 13 јуни, 2017 - 10:21 (META) 

Новата Влада денеска треба да одржи седница на која, според најавите, на дневен ред ќе биде разрешувањето на актуелните директори на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Владимир Атанасовски и Митко Чавков.

Ќе се расправа и за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција, користењето на фондовите од ЕУ, како и за реализацијата на приоритетите на РМ за влез во НАТО.

По нивното разрешување, се очекува Владата да именува нови директори на двете најважни организации во рамките на Министерството за внатрешни работи.

Во јавноста досега се појавија шпекулации за неколку личности што би можеле да бидат именувани на овие позиции, но ниту премиерот Зоран Заев, ниту министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, или кој било друг владин функционер, не сакаа да ги коментираат шпекулациите.

Инаку, сегашните директори на УБК и на БЈБ, беа поставени од техничката влада што ги спроведе изборите на 11 декември, како кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

И Чавков и Атанасовски се посочени во извештајот на работната група на МВР како одговорни за ненавременото и непрофесионално дејствување за време на насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април, кога беа нападнати и повредени пратеници, новинари и граѓани.

Чавков важеше за човек од доверба на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ и лице преку кое партијата го контролираше МВР, по оставките на Гордана Јанкулоска и на Сашо Мијалков.

Атанасовски неколкупати беше критикуван и поради опструкциите на работата на Специјалното јавно обвинителство, на кое не му дозволуваше увид во системите за прислушување и во документацијата поврзана со незаконското следење на комуникациите.


Спасовски сè уште размислува кои да ги предложи за директори на УБК и на БЈБ


Скопје, 1 јуни, 2017 - 16:56 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, сè уште не донел одлука кого ќе предложи за нов директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, а кого за Бирото за јавна безбедност.

– Сум размислувал и ќе размислувам за ова прашање и во наредните денови, а кога ќе донесам одлука, ќе ѝ ја соопштам на јавноста – рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната негова прва прес-конференција како министер за внатрешни работи во новата влада на премиерот Зоран Заев.

Инаку, УБК и БЈБ се најважните безбедносни институции, со кои во моментов раководат кадри поставени од претходната коалициска влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Со УБК раководи Владимир Атанасовски, додека на чело на БЈБ формално сè уште е Митко Чавков, кој е посочен како еден од главните виновници за несоодветното и ненавремено дејствување на 27 април, кога при упад во Собранието беа нападнати пратеници, новинари и граѓани.


Нухиу: Што поскоро полицијата да се стави во служба на сите граѓани и на државата


Скопје, 8 мај, 2017 - 12:31 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска во кругот на објектот на МВР со пригодна свеченост го одбележа 7 Мај, Денот на македонската полиција.

На свеченоста присуствуваа министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање, Митко Чавков и Владмир Атанасовски, и други високи функционери на МВР, како и роднини на загинатите полицајци и бранители од 2001 година.

Говор на свеченоста одржа само министерот Нухиу, кој порача дека крупните реформи во полицијата мора да продолжат.

– Полицијата треба да гарантира безбедна средина за сите гараѓани. На Бирото за јавна безбедност (БЈБ) му е потребен професионализам, а сите ние заедно треба да се ангажираме за да поставиме една темелна транспарентност во односот на полицијата со граѓаните, заедниците и со пошироката јавност – рече Нухиу.

Тој истакна дека полицијата треба да биде доведена во параметрите поставени од меѓународните стандарди.

– Ќе се ангажираме што поскоро полицијата да се стави во служба на сите граѓани и на државата – рече Нухиу.

На говорот на Нухиу не му аплаудираше директорот на БЈБ, Митко Чавков. Нухиу положи венец цвеќе на споменикот на загинатите полицајци, а Чавков, заедно со директорот на УБК, Атанасовски, и со државниот секретар на МВР, Сања Димитриевска, положија цвеќе на споменикот на загинатите бранители од конфликтот во 2001 година.

Чавков и Атанасовски по положувањето на цвеќето не се вратија на продолжението на свеченоста.


Нухиу поднел барање до Владата да се разреши Митко Чавков од БЈБ


Скопје, 3 мај, 2017 - 13:46 (META) 

Враќање назад нема, работите мора да се расчистат докрај и секој ќе одговора за своите постапки, порача министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на денешната прес-конференција во МВР, на која соопшти дека до Владата поднел барање да се разреши Митко Чавков од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, и порача дека формирал оперативен штаб што ќе ја испитува одговорноста на сите припадници на МВР вклучени и одговорни за дејствувањето минатиот четврток при хаосот, дивеењето и тепањето во Собраниетто на Република Македонија.

– Дел од структурите на МВР предизвикаа многу штета на нашата држава и на демократските вредности. Тоа што се случи во четвртокот во Собранието е големо зло и за да ја поправиме оваа штета, ќе треба многу време и ангажман не само од МВР, туку и од јавното обвинителство и од судството – кажа Нухиу на почетокот на денешната прес-конференција.

Министерот за внатрешни соопшти дека формирал работна група од професиналци во МВР, која има задача да утврди дали оперативниот штаб и организациските единици на МВР постапувале во согласност со утврдените процедури и да утврди одговорност за направени пропусти, пречекорувања на овластување или неизвршување на работните обврски. Заклучоците ќе бидат дел од извештајот за јавното обвинителство, рече министерот.

– Ги повикувам сите вработени во МВР да се вклучат активно и да доставуваат службени материјали за настаните во Собранието – порача Нухиу.

Тој рече дека до Владата поднел предлог за разрешување на Митко Чавков од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, а со писмена наредба, за кооординатор на оперативниот штаб го назначил Горанчо Савовски, државен советник во БЈБ.

Нухиу порача дека на МВР му се потребни исклучиво професионалци.

– На крајот сакам уште еднаш да ги повикам и да ги охрабрам вработените во МВР сите да бидеме еден покрај друг и професионално да продолжат да си ја вршат работата. На МВР му се потребни професионалци кои во иднина ќе бидат столб на оваа институција – рече министерот за внатрешни работи.

Министерот се заблагодари и на медиумите, велејќи дека дале голем придонес за согледување на сите работи и изрази надеж дека и во иднина ќе продолжат да даваат свој придонес за демократијата.


СДСМ: Чавков ќе одговара за служењето на Груевски


Скопје, 1 мај, 2017 - 18:39 (META) 

СДСМ вечерва порача дека директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Митко Чавков, ќе одговара што не ги вршел функциите, туку, како што велат од партијата, му служел на Груевски.

„Митко Чавков како раководител на оперативен штаб во МВР бил достапен за Никола Груевски во моменитите на насилното крваво сценарио во Собранието, а не бил достапен за никој друг во државата! Тоа го призна лично Груевски. Тоа е уште една потврда дека Чавков, заедно со Груевски, Иванов, Велјаноски, е меѓу нарачателите на организираниот обид за убиство на пратеници од страна на внесени криминалци и убијци во зградата на Собранието, како и насилството врз новинари и вработени во него. Тоа е тешко кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста“, порача СДСМ.


Димитриев: Не се согласувам со Нухиу, Чавков ја има мојата доверба и почит


Скопје, 29 април, 2017 - 10:39 (META) 

Го осудувам насилството од секој облик, физичкото насилство врз пратениците, насилството кое го доживееја и граѓаните и насилството врз процедурите, деловникот, законот и Уставот, изјави техничкиот премиер Емил Димитриев, кој апелираше на смиреност и на разумност кај сите политички партии и граѓани.

– Би сакал повредените што побргу да оздрават и враќање на состојбата во нормала. Го осудувам интонирањето на странска химна во Македонија, го осудувам изборот на незаконското избирање на претседател на Собранието и ускратување на правото на пратениците и овие две работи претставуваат грубо нарушување на правото на владеење. Ваквото незаконско постапување во Собранието треба да биде поука за сите дека во иднина не треба да се преземаат останати неделовнички, незаконски и изнасилени чекори во Собранието – рече Димитриев.

Техничкиот премиер истакна дека не се согласува со обидот на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу да персонализира некаква наводна одговорност во директорот во Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, и во полициските професионалци и додаде дека тие ја имаат неговата доверба и почит.


СДСМ: Никој, па ни Чавков, нема да избегне одговорност


Скопје, 28 април, 2017 - 20:51 (META) 

СДСМ со соопштение реагираше на денешната прес-конференција на Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност, кој порача дека полицијата реагирала соодветно, откако биле потребни мерки од нејзината страна.

Партијата порача дека и Чавков е извршител на вчерашното дивеење, заедно со Никола Груевски, Ѓорге Иванов и со Трајко Вељаноски.

„Никој нема да ја избегне одговорноста за своите постапки. Непрофесионализмот и негрижата за безбедноста на граѓаните со вчерашното насилство во Собранието го достигна својот врв. Чавков е извршител на Груевски, заедно со Иванов и со Вељаноски и лицемерството не може да му помогне. Доаѓа време на професионализација на Министерството и стабилизација на целокупниот безбедносен систем во државата“, реагира СДСМ.