„Ројтерс“: Руските дипломати во Грција вршеле „многу нелегални активности“ на протестите против Македонија


Атина, 11 јули, 2018 - 16:27 (META) 

Руските дипломати кои Грција ќе ги протера поради мешање во внатрешните работи на Грција, како и обид да го поткопаат Договорот за името со Македонија, биле инволвирани и во „многу незаконски активности“ поврзани со протестите во Грција против Договорот, дознава агенцијата „Ројтерс“.

Како што пренесува агенцијата, Грција ја информирала Русија во петокот, давајќи неколку дена дипломатите да ја напуштат земјата.

Дипломатите се товарат и за обиди да се извлечат и да се протуркаат информации, како и да се поткупат грчки официјални лица и црковни великодостојници.

Со коментар за одлуката на официјална Атина се огласи и Карл Билд, поранешен премиер и министер за надворешни работи на Шведска, како и специјален пратеник на ЕУ на Балканот и Висок претставник во БиХ. Тој смета дека потегот на Грција е „интересен“.

„Интересно. Грција протерува руски дипломати поради мешање во внатрешните работи, наводно и такви кои го вклучуваат проблемото со името на Македонија“, напиша Билд на својот Твитер-профил.

 

 


Мицкоски побара предвремени избори догодина, Анѓушев вели дека тоа не е добро за економијата


Скопје, 3 јуни, 2018 - 19:14 (META) 

На протестот пред Владата, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара предвремени парламентарни избори кои би се одржале догодина заедно со престедателските.

– Избори мора да има! Предвремени парламентарни избори заедно со претседателските мора да има. Ајде да подготвиме чист и еднаков терен за сите политички партии. Ајде да избереме Претседател на ДИК на предлог од опозицијата. Ајде да формираме техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, впрочем исто како што беше во 2016-тата кога Зоран Заев и СДСМ ги загубија изборите и да видиме дали народот се согласува со ова што го прави Зоран Заев и СДСМ – повика Мицкоски.

Тој рече дека како човек му паѓа многу тешко кога гледа како некој друг кој е власт во оваа наша убава земја си игра со достоинството на сите и ја распродава честа како на пазар, она што е на сите и што ни припаѓа на сите, го продава многу евтино, иако тоа е бесценето и си игра со трпението и интелигенцијата на 2 милиони луѓе.

– Сакам во оваа прилика да повторам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име. Од ова појасен став нема! Историјата ќе суди кој бил во право, а името на нашата партија било и ќе биде Внатрешна Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија За Македонско Национални Единство. Ќе не заплашуваат, гонат и притискаат, ќе ни се закануваат и армадилата неверници ќе не критикуваат, мене и оваа генерација политичари во партијата, мои соработници и другари, но ќе им порачам нешто од овде, ако некој смета дека ќе се уплашиме, се лаже. Слушајте ме сега добро мои политички конкуренти од СДСМ. Не ви се плашиме! ВМРО- ДПМНЕ не се плаши кога Македонија е во прашање и иднината на нашата земја, нема страв и нема предавање! Затоа што ние одиме по патот на вистината, по патот на татковината, а кога си на таа страна тогаш си победник – рече Мицкоски.

На овие негови изјави реагираше владејачкиот СДСМ, според кој Мицкоски продолжува прецизно по патот на Груевски и за жал повторно одбива да им се извини на граѓаните за пустошeњето што ВМРО-ДПМНЕ го вршеше врз Македонија цели 11 години.

„Мицкоски вечерва повика Македонија да се врати назад, во темното минато на криминалот, корупцијата, осиромашувањто на граѓаните, на газењето на човековото достоинство, на оддалечувањето на земјата од европските вредности. И тоа нема да се случи“ се вели во соопштението.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев не го коментраше барањето за предвремени парламентарни избори што го упати опозициската ВМРО-ДПМНЕ од вчерашниот митинг, но забалежа дека многу чести избори не се поволни за економските активности.


Третиот митинг за иметo ќе биде „цунами“, предупредуваат грчки здруженија


Атина, 15 февруари, 2018 - 12:01 (META) 

За прашањето на името повторно се огласија грчките „светски семакедонски здруженија“, Сегрчката федерација на културните здруженија и организаторите на претходните две митинга во Солун и Атина, кои предупредија дека, ако е неопходно, ќе се организирал и трет митинг, кој немало да биде „мирно море од народ, туку цунами“.

Во соопштението на нивнатата „фејсбук“ страница тие велат дека на митинзите на 21 јануари и на 4 февруари „ грчкиот народ го кажал своето“ и се изјаснил дека никој во негово име не може да му го даде „правото на Скопје да се вика Горна Македонија или Нова Македонија“.

„Двата митинга се одржаа еден по друг, набрзина и ненадејно, а сепак народот дојде во голем број и кажа НЕ на оние кои ја искривуваат историјата“, се вели во соопштението во кое се додава дека „ако е потребно, ќе се организира и трет минтинг, ако владата и политичарите продолжат да инсистираат на сложено име кое ќе го содржи терминот „Македонија“ или негови изведенки, но овој митинг нема да биде мирно море од народ туку – цунами“.


Шилегов на изборен митинг на ДС од Србија со поддршка за Шутановац


Белград, 11 февруари, 2018 - 21:45 (META) 

Потпретседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов вечерва се обрати на првата конвенција за изборите за Град Белград на коалицијата „Да го ослободиме Белград“ предводена од Демократската странка (ДС) од Србија, сестринска партија на СДСМ.

Тој даде поддршка на претседателот на ДС и кандидат за градоначалник на Град Белград, Драган Шутановац.

-Кога ја започнавме нашата битка, многумина не веруваа дека ќе успееме. Но, со упорност, со добри кампањи, со посветена работа, пред една година успеавме да ја ослободиме Македонија, а пред неколку месеци да го ослободиме и Скопје. Одевме од врата до врата, од човек до човек и во исклучително тешки услови ја промовиравме нашата програма и успеавме да донесеме живот за сите во Скопје, живот за сите во Македонија  – истакна Шилегов и ги повика граѓаните на Белград да дадат поддршка на кандидатот Шутановац бидејќи „овој пат имаат прекрасна можност да изберат градоначалник кој ќе се грижи за нивните интереси и ќе гради инфраструктура којашто доликува на времето во коешто живееме“.


Теодоракис: Загубивме 25 години во спор со земја што може да биде верен сојузник


Атина, 22 јануари, 2018 - 12:16 (META) 

Ставрос Теодоракис, претседателот на грчката либерална и социјал-демократска партија „Потами“ (Река) вчера по големиот антимакедонски митинг во Солун, на својата Фејсбук страница искажа силна осуда за грчкиот национализам.

Во постот насловен „Зошто не сум на протестот во Солун“, тој вели дека Грција губи веќе 25 години со одржувањето на воинствена атмосфера кон една мала земја што може да биде нејзина верна сојузничка. Теодоракис искажува и презир кон оние што си градат кариера преку популистичко однесување и национализам.

„Бидејќи не гледам голема разлика помеѓу „Поранешна југословенска република Македонија“ – име што сите го прифативме – и Нова или Северна или Горна Македонија. Бидејќи во „македонското“ прашање, исто како во „кипарското“, неактивноста и одлагањето се на штета на Грција и елинизмот. Бидејќи со ништо не сум политички или естетски поврзан со оние што велат дека сме под окупација и зборуваат за предавници, анти-Хелени, бесења и ковчези. Бидејќи ваквото дејствување води до политички терор. Бидејќи секој пат кога една држава на Обединетите нации ја признава „Република Македонија”, грчката дипломатија е ослабена. Затоа што не сакам соседната земја да се распадне – сакам да го спречам „муслиманскиот подарок на турската мајка” и „Голема Албанија”, посочува Теодоракис на Фејсбук.

Тој вели и дека не сака децата во соседната земја да растат со омраза кон Грција и дека препораките да не се брза со решавање на проблемот со името од 1992 година досега „ја призна“ „Република Македонија“.

Според него, Солун е главен град на Балканот, а не фобичната провинција Атина и вели дека Касториа (Костур), Флорина (Лерин), Пела, Килкис (Кукуш), Серес, Драма, сакаат работни места и развој, а не сомнителни бизниси во нови „изолирани зони“.


МНР го осуди палењето на македонското знаме во Солун


Скопје, 22 јануари, 2018 - 10:23 (META) 

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) реагираше на инцидентот на големиот протест вчера во Солун, кога беше запалено македонско знаме. И покрај градењето мерки на доверба од страна на двете влади, за жал уште се случуваат инциденти од луѓе кои сѐ уште живеат во минатото, се вели во соопштението од МНР.

„Целиот регион и нашите две земји се на вистинскиот пат на доброседство кој ќе резултира со исполнување на евроатланските интеграции на нашата земја, како и стабилност и економски развој на целиот регион. За жал сѐ уште се случуваат изолирани инциденти како денешниот во Солун,  предизвикани од поединци и групи кои сѐ уште живеат во минатото и во политиките на конфронтација и национална изолираност, чии активности ги осудуваме како политики на омраза и нетрпение. Мнозинството граѓани сакаат да развиваат блиски и пријателски односи“, пишува во реакцијата.


Заев: Ајде заедно да ги заокружиме промените во Охрид


Охрид, 13 октомври, 2017 - 23:40 (META) 

„Повикувам заедно да испишеме историја во древниот Охрид. Да го сочуваме градот и да им обезбедиме работни места на младите и живот покрај своите најблиски. Ве повикувам, в недела, масовно да излеземе и да си го сочуваме Охрид, градот повторно да биде бисер на Балканот. На 15 октомври да ги заокружиме промените овде во Охрид и во цела Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на завршниот митинг на партијата вечерва во Охрид.

– Најдоброто доаѓа, имаме визија, имаме тим, со чесни политичари на централно и на локално ниво, ќе има живот и во Охрид и во цела Македонија – рече лидерот на СДСМ.

Тој додаде дека Охрид не е обичен град, дека „Охрид е наше и светско културно богатство и наша обврска е градот и Охридското Езеро да ги сочуваме за следните генерации”.

– Охрид нема да биде повеќе евтина туристичка дестинација, туку ќе има автентичен, уникатен и достоинствен туризам. Ќе имаат добивка и приватните бизниси и ќе има нови работни места и поголеми плати – порача лидерот на СДСМ.

Тој најави дека државата ќе ја преземе обврската со колекторскиот систем и државата ќе се грижи за Охридското Езеро.

Заев ги повика охриѓани в недела довербата да му ја дадат на кандидатот за градоначалник Јован Стојаноски, како чесен човек што ќе ги донесе промените во Охрид.

Стојаноски во своето предизборно обраќање истакна дека Охрид, како културна историја на Македонија, треба да го водат луѓе кои посветено, одговорно и домаќински ќе работат за да се подобрат условите за живот за сите негови граѓани, да се зголемат можностите за социјален и економски развој, зачувување на неговите природни, културни и духовни вредности и обележја.


Груевски: Нашите дела ќе бидат нашиот глас на изборите


Скопје, 13 октомври, 2017 - 22:25 (META) 

Петнаесетти октомври е денот кога ќе се одлучи нашите градови да добијат помодерен изглед, нашите луѓе да бидат побезбедни, 15 октомври е името на новата ера, новата љубов, новата возбуда и победа, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот, завршен митинг на опозициската партија пред Владата.

Груевски порача дека зад ВМРО-ДПМНЕ стојат дела и дека тие дела ќе бидат „гласот“ на локалните избори в недела.

– Денес сме горди на тоа што си стоиме на нашите ветувања затоа што ВМРО направи револуција во оваа земја, но не беше тоа револуција на демолирање и на палење, деструкција и уништување. Направивме револуција со градење нови патишта, направивме револуција поради многубројните проекти, отварање нови болници, училишта, фабрики, нови инвестиции и работни места за граѓаните на Македонија. Она што е важно е дека граѓаните ја гледаат реалноста и видливиот развој на секое поле. Нам тоа ни е единствено важно. А тоа е гласот на народот на Република Македонија – рече Груевски на завршниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија.

Тој пред граѓаните на булеварот пред владината зграда остро ја нападна коалицијата на СДСМ.

– Јасно е дека денот по утрото се познава и дека од овие луѓе ништо добро не може да се очекува за државата и за граѓаните. Тие немаат проекти како нашите, тие немаат визија, соништа и капацитет за да го реализираат сето тоа. Не само што се неспособни за да ги остварат ветувањата што ги даваат, туку и со нивната неспособност ги прават работите уште полоши. Тие не знаат како да ги водат економијата и општините. Единствено нешто што го знаат е како да оцрнуваат и да лажат. Тие нудат празни зборови, ние нудиме работа. Тие уништуваат, ние градиме. Затоа што ние сме ВМРО. Ние создаваме, ние успеваме, ние го исполнуваме она што ви го зборуваме и ветуваме. Коалицијата за подобра Македонија работи, гради, решава проблеми и унапредува – рече Груевски.


Ахмети: Дехари работел и ќе работи во интерес на сите кичевци


Кичево, 13 октомври, 2017 - 19:56 (META) 

На градскиот плоштад во Кичево, денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети, побара сите граѓани на општината од сите националности да гласаат за кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник од партијата, Фатмир Дехари, велејќи дека тој покажал дека умее да се грижи за сите. И самиот Дехари нагласи дека ќе биде добар градоначалник за сите.

– Ви ветувам дека и во наредните четири години, ако го добијам мандатот, ќе продолжиме со интензивна изградба, како во градот така и во руралните средини. Без никаква причина од некои партии беше изразена резерва кон мене како иден градоначалник и сметам дека такви поделби на народот во нашата општина не му се потребни – рече Дехари.

Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, во кратко обраќање истакна дека се негирани сите сомнежи во изминатите години дека градоначалник Албанец на чело на оваа општина ќе биде погубен за другите.

– Сè што беше добро за жителите на Кичево, но и за селата во општината во целост беше остварено, а така ќе биде и во наредниот четиригодишен мандат, кој очекуваме да го добие нашиот кандидат – рече Али Ахмети.


Заев: Изборите в недела ќе бидат новиот 11 Октомври за Прилеп и за Македонија


Прилеп, 11 октомври, 2017 - 23:08 (META) 

Кога секому е јасно дека Никола Груевски е минато, недозволиво е Прилеп да остане неосвестен. Прилеп прв се освестил кога требало, тука пукнала првата пушка, затоа 15 октомври ќе биде новиот 11 Октомври за Прилеп и за Македонија, а јас сум убеден дека Прилеп повторно ќе крене востание и повторно ќе победи. Ова вечерва го порача лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, од партискиот митинг во Прилеп.

Тој истакна дека потребни се чесни политичари на централно и на локално ниво, бидејќи само така Македонија ќе оди напред.

Претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, рече Заев, 11 години ширела лажен патриотизам и давала ветувања кои никогаш не биле исполнети.

– Со сите пет соседи бевме скарани. За четири месеци не само што изградивме пријателства со сите соседи, туку тие ни станаа сојузници. Со пријателство Македонија ќе оди напрад. Македонија ќе биде 30. членка на НАТО и ќе почне преговори со Европската Унија. И со Грција, која има проблем со нашето уставно име, изградивме пријателство. Македонија ќе го реши проблемот и ќе бидеме горди Македонци и ќе покажеме на сите дека Македонија може да решава проблеми со пријателство и со добар дух – рече Заев.

Тој вети целосна поддршка од централната власт и од Собранието за проектите за развој на Прилеп.

– Определба на Владата е да ја продолжиме децентрализацијата. Имаме намера социјалната заштита и здравствените домови да бидат под локалните власти. Прилеп ќе ја добие мојата и поддршката на Владата и на Собранието. Ќе стоиме и јас, и Владата и Собранието зад гасификација на Прилеп, зад нов модерен театар, зад регулирање на депониите, зад водоводи… – рече Заев.