Манчевски: Дигитализацијата ги брише родовите разлики и препознава само вештини


Скопје, 8 март, 2018 - 15:28 (META) 

Дигитализацијата создава еднакви можности за сите без разлика на полот, бидејќи интернетот ги препознава само вештините, знаењата и способностите, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на првата конференција „Дигиталната ера и жената“ која денеска се одржа во хотел „Мериот“.

Главната тема на конференцијата беше улогата и значењето на дигиталната технологија во развојот на општеството, како и нејзиниот придонес за еднакво учество на жените и мажите во сите општествени процеси, вклучувајќи го и бизнисот.

– Друга придобивка на дигитализацијата е што создава огромна можност за економски развој. Таа носи развој, обединува луѓе и ги прави услугите побрзи, поевтини и поефикасни. Исто така овозможува надминување на родовите јазови – рече Манчевски.

Министерот им порача на жените да продолжат со борбата за рамноправност и истакна дека во неговиот кабинет има шест жени кои се професионални и се најдобри во она што го работат.

Додаде дека во администрацијата многу малку жени се на раководните позиции, но Владата до 2020 година со законски измени, планира зголемување на бројот на жените во политиката до 50 проценти. Манчевски се придружи на повикот на еврокомесарката Мариа Габриел, дека нема да прифати учество на ниту една конференција, ако нема минимум една жена учесник.

Директорот на „Вип“, Мислав Галер рече дека дигиталната трансформација ги анулира различностите, бидејќи сите ја прифаќаат дигитализацијата и брзо се адаптираат на новите трендови.

Во неговата презентација наведе дека од седум милијарди луѓе на земјата, околу 4 милијарди користат интернет, а од тие, три милијарди се на социјалните мрежи.

– Од вкупниот број на корисници на Интернет, пет милијарди користат уреди со екрани. Осум и пол милијарди луѓе прават мобилна конекција, бидејќи користат повеќе екрани во исто време. Пенетрацијата на паметните телефони е зголемена за 50 проценти, а 3 милијарди луѓе ги користат социјалните мрежи за редовна комуникација – истакна Галер.

Тој рече дека „Вип“ како компанија е доказ за родова еднаквост, па така, од вкупно 1.100 вработени 50 отсто се жени, од кои 46 отсто се на менаџерските позиции во компанијата.

ПР консултантката и обучувач, Славица Биљарска вели дека дигитализацијата овозможува полесна и побрза работа, соработка со клиенти кои не се од Македонија, одржување на состаноци без физичко присуство.

– Но, дигитализацијата значи и одземање на слободното време со следење и одговарање на пораки и на меилови веднаш – додаде Биљарска.

Според последното истражување направено во февруари, 99,5 отсто од луѓето во Македонија имаат барем еден телевзиор, а 100 отсто имаат мобилни телефони, 78 отсто од испитаниците лап-топ, 35 отсто – таблет, 76 отсто – паметни телефони, а 24 отсто купуваат онлајн.


Конференција „Дигиталната ера и жената“ денеска во „Мериот“


Скопје, 8 март, 2018 - 10:14 (META) 

Денеска ќе се одржи конференцијата „Дигиталната ера и жената“ во хотел „Мериот“, во 11.30 часот во организација на „Оне-Вип“.

Главни теми на конференцијата ќе бидат улогата и значењето на дигиталната технологија во развојот на општеството, како и нејзиниот придонес за еднакво учество на жените и мажите во сите општествени процеси, вклучувајќи го и бизнисот.

На конференцијата свое обраќање ќе имаат министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски како и извршниот директор на „Оне-Вип“, Мислав Галер.

Покрај нив, во рамките на конференцијата ќе се обратат и претставници на „Вип нет“ од Хрватска. Во панел дискусијата, која е дел од конференцијата, за продобивките од дигитализацијата во деловниот свет своите искуства ќе ги споделат директорки на неколку компании, адвокатки и консултантки.


Мислав Галер ќе биде нов извршен директор на „Оне-Вип“


Скопје, 26 септември, 2017 - 10:38 (META) 

Мислав Галер ќе биде нов извршен директор на телекомуникацискиот оператор „Оне-Вип“. Тој обврските на новата функција ќе ги преземе од октомври 2017 година и ќе го наследи Димитар Ковачевски, кој одлучил да ја напушти компанијата.

„Ковачевски ќе остане во „Оне-Вип“ до крајот на годината за да помогне во веќе почнатите проекти кои се однесуваат на зацврстување и на позиционирање на брендот на компанијата, а во исто време да овозможи непречено продолжување на операциите и пренесување на обврските на својот наследник“, информираат од компанијата.

Новиот извршен директор на „Оне-Вип“, Мислав Галер, доаѓа од позицијата постар директор за големи корисници и е член на менаџерскиот тим за Хрватска и за Македонија.

„Со долгогодишното искуство на динамичниот хрватски пазар, познавањето на бизнис-трансформација, како и на процесите при спојување на компании и на продажни тимови, тој сигурно ќе даде голем придонес за уште посилно позиционирање на „Оне-Вип“ на македонскиот пазар“, додаваат од компанијата.