!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Советот за безбедност ја продолжи мисијата на ОН во Авганистан


Њујорк, 18 март, 2017 - 12:00 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа едногласно ја донесе резолуцијата со која се продолжува мисијата на ОН во Авганистан (УНАМА) до март 2018 година.

Во неа, како што пренесуваат светските медиуми, се изразува сериозна загриженост поради присуството и потенцијалното зајакнување на разгранокот на Исламска држава, што претставува сериозна закана за безбедноста на Авганистан и на земјите во регионот.

Советот за безбедност на ОН ја повика владата на Авганистан да почне да ги решава алармантните закани, кои доаѓаат од талибанците, Ал каеда и од нејзините разграноци и од други екстремистички групи.

Исто така, Советот за безбедност ја повтори поддршката за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили, особено во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

Според податоците на ОН, минатата година во Авганистан се убиени 3.498 лица, вклучувајќи 923 деца, а уште 7.920 лица се ранети.


Арсовска-Томовска до ОБСЕ/ОДИХР: Опозицијата користи државни ресурси за партиски цели


Скопје, 26 ноември, 2016 - 12:40 (META) 

Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, упати отворено писмо до Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во кое ја критикува опозицијата дека ги користи институционалните ресурси за партиски активности.

„Преку дел од медиумите се врши политичко етикетирање на вработените, истите се нарекувани со погрдни зборови („крлежи“, „штетници“, „корумпирана стока“), а институциите „штали“. Ова говори за фактот дека на вработените се гледа само како на „број на гласачи#, при што целосно се деградира нивниот углед и достоинство, како нивната егзистенција да треба да зависи од нечија политичка милост, а не од оцената за квалитетот и од нивната работа“, вели Арсовска-Томовска во писмото.

Таа додава дека претставниците на опозицијата во институциите ги користат институционалните ресурси за партиски активности.

„Со партиски ресурси или од партиски спонзори се финансираат постери, летоци и веб страни на кои се става државен потпис и со кој се повикува на авторитетот на државни институции, постојано се надминуваат законските надлежности и овластувања и се припишуваат туѓи надлежности“, додава Арсовска-Томовска во писмото.

Во писмото таа ја известува Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР дека опозицијата создава перцепција дека партијата на власт прави политички притисоци на вработените во јавниот сектор, а дека таа перцепција ја зајакнуваат невладините организации.

Министерката Арсовска-Томовска ја повика Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР објективно да ја следи состојбата, и објективно да известува за изборниот процес, единствено врз основа на докази и факти.


ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи изборите со повеќе од 300 набљудувачи


Скопје, 3 ноември, 2016 - 15:48 (META) 

Канцеларијата на мисијата на ОБСЕ за демократски институции и за човекови права (ОДИХР) денеска официјално ја почна набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори кои се закажани за 11 декември.

Мисијата се состои од главен тим на 14 експерти и од 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја во тимови по двајца, почнувајќи од 9 ноември.

ОДИХР ќе побара од земјите членки на ОБСЕ да обезбедат 300 краткорочни набљудувачи што ќе го надгледуваат процесот на денот на изборите.

Мисијата е предводена од Тана де Зулуета, која веќе се сретнала со членовите на Државната изборна комисија и со претставници на МНР. Во наредниот период претставници на ОБСЕ ќе се сретнат со политичките партии, цивилното општество и со медиумите.

– Мандатот ни е да вршиме набљудување и оценка на изборната кампања и на денот на изборите. Бројот на набљудувачи е висок и ни овозможува да имаме добра анализа за изборниот процес – рече Де Зулуета.

Таа додаде дека набљудувачите на ОБСЕ ќе бидат неутрални и дека доколку се случат сериозни безбедносни ситуации, тоа ќе го истакнат, но решавањето на вакви ситуации е работа на владата.

Де Зулуета заклучи дека политичката волја да се оди на избори се чини дека е едногласна.

На новинарско прашање дали може ОБСЕ/ОДИХР да сугерира непризнавање на резултатите од изборите, таа рече дека тие немаат мандат за тоа и ќе остават тоа да го одлучат надлежните органи.

ОБСЕ ќе го објави конечниот извештај следната година, околу осум недели по завршувањето на изборите.


Јанева: Нема да нè обесхрабрат да ја исполниме мисијата што ни е доверена


Скопје, 14 јуни, 2016 - 19:18 (META) 

И покрај секојдневните предизвици со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство, нема да дозволиме да нè обесхрабрат во одлучноста и во посветеноста да ја исполниме мисијата која ни е доверена, водејќи се од принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и пред законите. Ова го кажала специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска во Брисел, на работилница на тема „Зајакнување на отпорноста кон корупцијата и заробувањето на државата во Југоисточна Европа“.

Јанева во својот говор нагласила дека институциите имаат обврска да преземат мерки за да спречат услови во кои индивидуи кои раководејќи се од лични интереси ќе ги злоупотребуваат институционалните капацитети.

Во фокусот на работилницата била размената на искуства во поглед на следење на имплементацијата на механизмите за борба против корупција и напредокот во спроведувањето на антикорупциските политики.

Учесниците размениле искуствата во поглед на проблемите со кои се соочуваат во справувањето со корупцијата, како и значењето од вклучување на граѓанскиот сектор, особено и во насока на реализација на иницијативите за регионална соработка за зајакнување на отпорноста кон корупција.

На работилницата учествуваат високи претставници на Европската комисија, членови на Европскиот парламент, како и претставници на граѓанскиот сектор од регионот и од Европа.

Во рамки на посетата на Брисел, покрај учеството на работилницата, Јанева ќе се сретне и со членови на Европскиот парламент.


Обама одобри зајакнато ангажирање на војската на САД во Авганистан


Вашингтон, 11 јуни, 2016 - 12:05 (META) 

Претседателот на САД, Барак Обама, одобри закајнато ангажирање на американските трупи во поддршка на авганистанската војска во конфликтот со талибанците.

Официјални лица од САД велат дека американските војници нема само да ги обучуваат и да ги советуваат авганистанските трупи, туку дека ќе ги следат и во операциите на терен.

Со ова е проширена постоечката мисија на војската на САД, која не учествува во борбите во Авганистан, но не е одобрена нова мисија.

Обама кој во претседателската кампања најави дека ќе стави крај на военото ангажирање на САД во Ирак и во Авганистан, одлучи во октомври 2015 година да го одложи целосното повлекување и да задржи 9.800 војници оваа година.

Во американскиот напад на беспилотно летало во мај, убиен беше талибанскиот лидер Мула Ахтар Мухамед Мансур, а Обама тогаш рече дека тоа е јасна порака за талибанците и за другите дека САД ќе ги штитат своите луѓе.


Ахмети: Одлуката на т.н. претседател Иванов мора да се повлече без одложување


Тетово, 13 април, 2016 - 16:05 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) не се согласува со избрзаната одлука на, според партијата, таканаречениот претседател Ѓорге Иванов и бара итно повлекување. Ова го посочил лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната средба со шефот на мисијата на ОДИХР во Македонија за вонредните избори, Јан Петерсен, која се одржала во седиштето на партијата во Тетово.

„Оваа оспорена и неправдна одлука го нарушува Договорот од Пржино и досегашните постигнувања и треба да се повлече без никакво одложување“, рекол Ахмети, стои во партиското соопштение за средбата.

Според Ахмети, политичката криза може да се реши само со одржување на вонредни избори и со спроведување на Договорот од Пржино, бидејќи, како штo додал, „граѓаните не можат да ја издржат оваа општествена агонија од која трпи економијата, социјалната помош, но и безбедноста и стабилноста на земјата“.

„Македонските политички партии треба да ги надминат теснопартиските интереси бидејќи државата, институциите и граѓаните не можат да останат заложник на партиски и на политички пресметки на која било партија“, рекол Ахмети.


ОБСЕ/ОДИХР ја започна набљудувачката мисија за изборите на 5 јуни


Скопје, 31 март, 2016 - 16:19 (META) 

ОБСЕ/ОДИХР денес официјално ја започнa набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни.

Мисијата е предводена од амбасадорот Јан Петерсен и се состои од главен тим од 12 експерти, со седиште во Скопје, и 24 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја, во тимови по двајца, започнувајќи од 13 април.

Дополнително, ОДИХР ќе побара земјите-членки на ОБСЕ/ОДИХР да обезбедат 300 краткорочни набљудувачи. Краткорочните набљудувачи ќе пристигнат неколку дена пред денот на изборите.

„Мисијата ќе ја оценува усогласеноста на овие избори со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашните прописи. Набљудувачите внимателно ќе ги следат регистрацијата на кандидатите и гласачите, активностите во кампањата, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива и нејзината имплементација и решавањето на изборните спорови“, велат од ОБСЕ/ОДИХР.

Како дел од набљудувањето, Мисијата исто така ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата.

На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите

На прес-конференција, на денот по изборите, ќе биде објавена изјава за првичните наоди и заклучоци. Конечниот извештај за за набљудувањето ќе биде објавен околу осум недели по завршувањето на изборниот процес.


Економска мисија на ССК во Албанија за подобра соработка меѓу компаниите од двете земји


Тирана, 15 март, 2016 - 15:14 (META) 

Бизнис-делегација од Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) заедно со делегација на Комората на Северозападна Македонија учествуваат во тридневна економска мисија во Албанија, чиј фокус е интензивирање на деловната соработка и воспоставување нови бизнис-релации помеѓу компаниите од двете земји.

Целта за организирањето на економската мисија во Албанија е креирање конкретни можности за зголемување на деловната соработка и директно соочување со одредени проблематики што влијаат на условите за водење бизнис помеѓу двете земји.

– Има многу малку информации и анализи достапни за бизнисите на двете страни околу можностите за трговија и за инвестиции во другата земја. Поголем дел од производите и од индустриите во Македонија и во Албанија не се комплементарни, туку меѓусебно конкурентни. Македонските производи не се многу ценовно конкурентни на албанскиот пазар поради високите транспортни трошоци вградени во цената – се вели во соопштението на ССК.

Во рамки на економската мисија се оствариле состаноци со премиерот на Албанија, Еди Рама, како и со повеќе министри.

За последниот дел од економската мисија е предвидено одржување на голем деловен и инвестициски форум.

Македонија и Албанија немаат голем обем на трговска размена.


Германската армија бара зголемување на составот


Берлин, 5 декември, 2015 - 16:59 (META) 

Откако вчера парламентот на Германија го одобри приклучувањето кон воената операција против терористичката организација Исламска држава во Сирија, германската војска побара зголемување на нејзиниот состав.

Од армијата велат дека во моментов имаат потреба од 5.000 до 10.000 војници.

Андре Вустнер, претставник на армијата, повика горната граница за бројот на војници да биде зголемена, а квалитетот на опремата подобрен.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја исклучи можноста за ангажирање на германските војници во обезбедувањето на улиците во градовите на Германија.

– Безбедносните мерки ќе бидат такви какви што се во моментов – изјави Меркел во неделното видеообраќање.


ОБСЕ/ОДИХР изборите на 24 април ќе ги следи со 300 набљудувачи


Варшава, 29 ноември, 2015 - 19:05 (META) 

Предвремените парламентарни избори закажани за 24 април 2016 година ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи со 300 набљудувачи, стои во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР објавен на 27 ноември.

Во извештајот се наведени наодите од скенирањето на актуелната политичка состојба во земјата и процените за потребите на мисијата при следењето на изборите, спроведено во периодот меѓу 2 и 5 ноември.

Поради „тензичната и фрагилна политичка атмосфера во земјава“ и потребата од промовирање доверба во изборниот процес, заклучокот на ОБСЕ/ОДИХР, според извештајот, е дека е потребно проширување на набљудувачката мисија за изборите во 2016 година.

„Врз основа на наодите во овој извештај, ОБСЕ/ОДИХР препорачува проширување на набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година. Како дополнување на јадрото на тимот на аналитичари, ОБСЕ/ОДИХР ќе побара назначување на 24 набљудувачи кои на подолг рок ќе го следат изборниот процес низ целата земја, како и 300 набљудувачи кои ќе ја следат процедурата на денот на изборите“, стои извештајот на ОБСЕ/ОДИХР во делот „Заклучоци и препораки“.

Во извештајот се наведува дека иако голем дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР се опфатени со законите, сепак, сè уште има поголем број прашања за кои би било корисно подолготрајно и континуирано внимание.

„Ова ги вклучува имплементацијата на законските решенија, работата на изборната администрација, процедурата за прочистување на избирачкиот список, изборната кампања и потенцијалните притисоци врз гласачите и злоупотреба на државните ресурси, покривањето на изборите од медиумите, придржување до правилата за финансирање на кампањите на политичките партии, ефективноста на механизмите за жалби и за поплаки и работата на админстрацијата на денот на изборите, вклучувајќи го и пребројувањето на гласовите“, стои во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР.