НАТО-интеграција: Силни институции и вистински информации (Видео+инфографик)


Скопје, 27 септември, 2018 - 18:49 (META) 

Само за еден и пол месец се појавиле 25 веб-страници со идентични имиња како постоечки медиуми, но со лажни вести, вели националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски. Заедно со манипулациите и реакциите на социјалните мрежи, тие фрлаат сенка врз вистинските информации, кои се достапни, но стануваат недоволно видливи

Пишува Игор К. Илиевски

Повеќе од 25 години членството во Северноатлантската договорна организација (НАТО) е деклариран врвен стратегиски приоритет на Република Македонија и на секоја нејзина влада. Собранието на 23 декември 1993 година, со консензус на сите парламентарни партии, ја донесе одлуката за членство, која имаше огромна поддршка од граѓаните. Досега никогаш сериозно не било оспорувано ниту учеството на трупи на АРМ во НАТО-предводени операции, ниту во кои било други мисии надвор од територијата на Македонија, а Собранието, надлежно да го одобри секое ново испраќање војници во мисија, веќе 16 години само рутински ги изгласува новите одлуки за испраќање воени контингенти.

Но, во пресрет на референдумот за изјаснување за Договорот со Грција и членството во НАТО и ЕУ, јавноста, особено на социјалните мрежи, е преплавена со дезинформации и погрешни толкувања на вистинските информации за членството на Македонија во НАТО. Меѓу најчестите теми со кои се манипулира е дека Македонија, како членка на НАТО, ќе треба да испраќа војници да војуваат во странство и дека ќе треба да одвојува многу пари за членството. Покрај дезинформациите, манипулациите и спиновите, вистинските информации, иако достапни, стануваат помалку видливи.


Хиперпродукција на лажни вести

Само во период од еден и пол месец биле регистрирани 25 веб-страници со идентични имиња како медиуми, но со „контра-вести“ и дезинформации, вели Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО и поранешен советник за национална безбедност на двајца македонски претседатели. стево пендаровски

– Тоа е дел од таканаречените хибридни закани, а една од главните се лажните вести. Бевме сведоци на жестока антизападна пропаганда, во која исклучоци се претставуваа како правила. Тука има две нивоа, или групи. Има домашни актери, не тврдам дека тоа е опозицијата, иако слично функционира, но има и екстрарегионални сили. На пример, еден субјект кој на последните избори доби 1.500 гласови,сега дава 23.000 евра за билборди. За 1 и пол месец се регистрирани 25 веб страници со идентични имиња како медиуми, но контравести. Јас сум скептичен дека локална сила може да ги продуцира – смета Пендаровски.

Западните медиуми, а особено високите западни политички претставници, за војната со лажни вести ја обвинуваат Русија. Домашните политичари се придружуваат во сомнежите, но, според премиерот Зоран Заев, за тоа немаат докази.

Војници и пари

Две најчести тези со кои се манипулира во врска со членството на Македонија во НАТО е дека, ако стане членка на Алијансата, земјата ќе треба да испраќа војници да војуваат во странство и дека членството и финансиски скапо ќе ја чини државата, која ќе мора да го зголеми буџетот за одбраната и „да плаќа за членството“.

Но, Македонија веќе 16 години учествува во воени операции во странство, а статистички половина АРМ веќе била во мисија. Во текот на сите овие 16 години, Македонија учествува во операции предводени од НАТО во Авганистан – мисијата на Меѓународните безбедносни сили – Авганистан (ИСАФ) од 2002. До 2015 година, и новата операција „Одлучна поддршка“ од 2015 година до денес.

исмет рамадани

Финансиската „цена“ на членството ја коментира Исмет Рамадани, претседател на Евро-атлантскиот совет на Македонија.

– Не е точно дека чини многу. Напротив. Сега небото на Црна Гора го чува НАТО. Ние, на пример, нема да треба да купуваме авиони, нашето небо ќе го обезбедува НАТО – посочува Рамадани.

Според препораката на НАТО усвоена на самитот во Кардиф, Велс, во 2014 година, членките до 2024 година треба да достигнат буџет за одбрана во висина од 2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП). Македонија тој процент го одвојувала секоја година до 2008 година, од кога почнува намалување на буџетот, кој во 2014 година бил преполовен, и до годинава беше под 1 отсто од БДП.

Тезата на Рамадани ја потврдува и Данијела Баришиќ, амбасадорка на Република Хрватска во Република Македонија

– Што се однесува до буџетот за одбрана, во случајот на Хрватска, двапати е поевтино кога сте дел од НАТО. Ние за одбраната издвојувавме повеќе од 4 отсто од БДП кога бевме сами – вели Баришиќ.

Членството носи функционални институции

Зборувајќи за тоа што се сменило во Хрватска со членството во НАТО, Баришиќ нагласува дека државата добила функционални институции.

Промената во функционирањето на државните институции како најзначајна компонента ја нагласува и Горан Илиќ, декан на правниот факултет на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

горан илиќ1

– Суштествено е што во интеграциите прво се отвора поглавјето за владеење на правото. Секаде каде што било отворено, било ветер во грб за демократските институции. На долг рок, со интеграцијата треба да го трансформираме општеството. Да добиеме не силни лидери, туку силни институции – вели Илиќ.

Пендаровски го потврдува тој став.

– Ќе мора да одговориме на тие стандарди. Придобивките веднаш ќе ги имаме. Со првото отворено поглавје ќе имаме напредок во функционирањето на институциите а и свеста се менува, одговорноста се менува…

Тој додава дека уште една важна компонента на евроатлантските интеграции е нивното влијание врз меѓуетничките односи.

– Со членство меѓуетничките односи рапидно ќе отидат во позитивна насока. Оската на безбедност во Македонија лежи во меѓуетничките односи. Од крупните проекти, ова е единствениот кој не не дели. На пример, Црна Гора пред влезот во НАТО беше поделена по етничка линија – вели Пендаровски.

Информации има, ама треба да се погледнат

Во пресрет на референдумот, Пендаровски и Баришиќ беа дел од говорниците на низа трибини, најчесто организирани од граѓанскиот сектор, чија цел е да ја информираат јавноста за интеграциските процеси. За членството во НАТО секојдневно се зборува и во рамки на предреферендумската кампања, на партиски митинзи, на собраниската говорница, на прес-конференции, на социјалните мрежи, „во чаршијата“… Но, во морето толкувања и ставови, вистинските информации тонат. Медиумите фактите за членството во НАТО ги пренесуваат главно известувајќи за настани. Фактите формално се достапни и преку државните институции. На пример, и Министерството за одбрана (http://morm.gov.mk/?page_id=261&lang=mk), и АРМ (http://www.arm.mil.mk/baza/misii/misii.html) на своите веб-страници имаат податоци за операциите во странство, за буџетот (http://morm.gov.mk/?page_id=39285), јавните набавки, клучните документи и низа други информации поврзани со НАТО-интеграциите и Алијансата, но очигледно е потребна нивна популаризација, односно повидливо пласирање на информациите до пошироката јавност.


Бугарија: Во Црно Море неопходно е присуство на НАТО, а не на одделни држави


Брисел, 28 октомври, 2016 - 9:54 (META) 

Бугарија настoјува решението за дополнително воено присуство во Црно Море да биде на НАТО, а не на одделни држави. Министерот за одбрана на Бугарија, Николај Ненчев, соопшти дека очекува до декември Бугарија и Романија да ги дефинираат своите позиции околу ова прашање, јави агенцијата БТА.

„Јас сум против да влегуваме во преговори со Романија и со Турција за ова прашање. И понатаму ќе настојувам, ако се донесе такво решение, тоа да биде на НАТО, а не на одделни страни од алијансата и сметам дека тоа е праведно“, изјави Ненчев за бугарските медиуми во седиштето на НАТО во Брисел.

Тој посочи дека станува збор за прашање за кое се разговара подолго време, но сè уште нема конечно решение. Министерот соопшти дека за ова разговарал со својот романски колега.

„Можеби ќе имаме заедничка позиција. Останува да се видиме во декември за да ги прецизираме позициите по ова прашање. Денеска можеа да се слушнат мислења од повеќе министри, кои ја изразија својата загриженост од случувањата во реонот на Црно Море и искажаа став оти сакаат засилено присуство таму, што е можно поскоро, во форма на обуки и на насоки од НАТО“, појасни Ненчев.

Тој истакна дека за време на првата сесија од состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО нема да се донесуваат решенија.

„Прашањето за регионот на Црното Море треба дополнително да се прецизира и засега нема конечно решение“, додаде министерот за одбрана на Бугарија.

Тој соопшти дека Бугарија ќе учествува со 400 припадници во баталјонот на мултинационалната бригада на НАТО во Романија, според ротационен прицип. Баталјонот, како што посочи Ненчев, нема да е постојано присутен таму, а ќе учествува во обуки, кога ќе биде неопходно.

Министерот, исто така, соопшти дека Велика Британија покажува интерес за обезбедување заштита на бугарскиот воздушен простор, за што, според него, има потреба од негово засилување.

„Продолжуваме со разговорите со Полска и ги очекуваме нивните конкретни предлози наскоро. Нема ништо лошо во една таква мисија. Во Бугарија се создаде перцепција дека тоа го правиме поради наша неспособност, поради тоа што сме ги исцрпеле ресурсите на авијацијата, но тоа не одговара на вистината. Тоа е мисија на НАТО, која се спроведува во Романија и во други земји, а може да биде спроведена и во Бугарија. Можеме да постогнеме добар договор со Полска и со Велика Британија“, рече Ненчев.

Тој соопшти дека Бугарија ќе учествува со една фрегата во новата операција на НАТО во Средоземното Море, според ротационен принцип.

Одговарајќи на прашање дали бугарски војници ќе бидат испратени во баталјоните во балтичките земји и во Полска, Ненчев рече дека кај бугарските власти за тоа не станало збор и дека нема намера за такво учество.


Мировници на ОН разменувале стока за сексуални услуги


Њујорк, 11 јуни, 2015 - 12:00 (META) 

Мировници на Обединетите нации (ОН) разменувале стоки за сексулани услуги од луѓето во земји од светот каде биле во хуманитарни мисии, било наведено во нацрт-извештај на ОН, пренесуваат светските агенции.

Во документот на Канцеларијата на ОН за внатрешна истрага (ОИОС) било наведено дека стотици жени на Хаити и во Либерија, поради глад и сиромашитија, биле принудени да продаваат сексуални услуги, а им било плаќано со пари, накит, мобилни телефони и со други предмети.

Во нацрт-извештајот биле содржани околу 480 наводи за сексуална експлоатација и за злоупотреба за периодот од 2008 до 2013 година, а една третина од обвинувањата вклучуваат и деца.

Според извештајот на ОН, стотици жени на Хаити и во Либерија, притиснати од глад и од сиромаштија, биле принудени да им продаваат сексуални услуги на мировниците на ОН, за да си ги подобрат животните услови.

„Доказите од двете мировнички мисии покажуваат дека т.н. „трансакциски секс“ е доста вообичаен, но непријавен во мировничките извештаи“, било наведено во нацрт-извештајот.

Како што пренесуваат агенциите, околу 230 лица, кои биле интервјуирани на Хаити, минатата година, рекле дека имале „трансакционен секс“ со мировници.

Во случај да не им платат, некои од жените ги краделе беџовите на мировниците, потоа заканувајќи се дека ќе го откријат нивниот идентитет преку социјалните мрежи, стоело во нацрт-извештајот.


Иванов на средба со амбасадорите на странските мисии


Скопје, 11 мај, 2015 - 10:06 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ќе се сретне со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли, шефот на Делегацијата на Европската унија, Аиво Орав, шефот на Мисијата на ОБСЕ, Ралф Брет, капетан Румен Радев, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО и со амбасадорот на Република Турција, Омур Шолендил, како контакт-амбасадор на НАТО.

Во соопштението од Кабинетот на претседателот се наведува дека средбата ќе се одржи во 10 часот.