Бектеши ги презентираше условите за инвестирање пред словенечките бизнисмени


Скопје, 4 април, 2018 - 15:57 (META) 

Министерот за економија, Крешник Бектеши заедно со министерот за економија и технологија на Словенија, Здравко Почивалшек учествуваа на македонско-словенечкиот бизнис форум на кој присуствуваа над 100 компании од двете земји, организиран во рамки на официјалната посета на нашата земја од страна на владината делегација од Словенија, предводена од премиерот Миро Церар.

Бектеши пред бизнисмените од Словенија ги презентираше условите и поволностите кои ги нуди Македонија за сите заинтересирани компании за инвестирање.

„Владата дава поддршка за нови вработувања, за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од тука, за технолошки развој и истражување, за инвестициски проекти од значаен економски интерес, за зголемување на конкурентноста на пазарот, за освојување на пазари и пораст на продажба. На располагање се и технолошките и индустриските зони кои нудат бројни даночни и царински или надвор од нив“, изјави Бектеши.

Со Почивалшек денеска се сретна и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. На средбата тие разговарале за можностите за соработка во туризмот.

Почивалшек истакнал дека туризмот во Словенија изнесува околу 2,7 милијарди евра, односно околу 13 отсто од домашниот бруто-производ (БДП). Тој посочил дека бањскиот туризам учествува со дури 40 отсто во вкупните приходи од туризам и нагласил дека словенечки компании се заинтересирани за инвестирање во оваа гранка кај нас.

Во поглед на соработката во земјоделскиот сектор, Почивалшек потенцирал дека македонските земјоделски производи во Словенија се препознаваат како врвен квалитет и дека Македонија треба да ги искористи природните услови за да ги максимизира ефектите од земјоделието.

Во 2017 година Словенија беше петнаесетти трговски партнер на Македонија со вкупна вредност од околу 390 милиони евра и пораст во трговската размена од 11 отсто во однос на 2016 година, со што е позиционирана на петтото место во однос на странските директни инвестиции во државата.


Македонија и Словенија ќе ја унапредуваат економската соработка


Скопје, 4 април, 2018 - 13:06 (META) 

Македонија и Словенија се пријателски земји кои имаат добри традиционални врски во сите области. Економската соработка исто така е традиционална добра и има многу голем потенцијал да се унапреди.
Ова го порачаа на денешниот Македонско-словенечки бизнис форум премиерите Зоран Заев и Миро Церар, нагласувајќи дека размената меѓу двете земји до 2020 може да достигне до половина милијарда долари.

– Пријателството се гради полека и постојано и затоа е важно меѓу Словенија и Македонија да го градиме секој ден преку сите области преку кои добро соработуваме – порача Церар.

Оцени дека има големи можности за проширување на соработката на планот на енергетиката, туризмот, екологијата, прехранбената индустрија, металопреработувачката.

Премиерот Заев ги повика словенечките компании да ги искористат традиционалните врски кои можат да дадат придонес во развојот и унапредување на соработката.

Тој ги пвика да учествуваат во тендерите што ќе следат во делот на патната инфраструктура каде се обезбедени големи средства, потоа во делот на пречистителни станици, изградба на регионални депонии и во делот на енергетиката.

Словенија е петта земја по инвестиции во Република Македонија.

Соња Шмуц од словенечката Стопанска комора оцени дека Словенија е еден од најголемите инвеститори во Република Македонија и оти тие се стабилни, бидејќи доаѓаат и тука остануваат да работат.

За претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески словенечките инвестиции се значајни во Македонија и тие придонесуваат за развој и раст на македонската економија.

Според него, Република Словенија е земјата која од осамостојувањето не ги напушти релациите со Македонија.


Словенечкиот премиер Миро Церар поднесе оставка


Љубљана, 15 март, 2018 - 12:59 (META) 

Словенечкиот премиер, Миро Церар објави дека поднел оставка пред парламентот. Церар соопшти дека се повлекува по одлуката на Врховниот суд да се поништи резултатот од септемврискиот референдум, со кој, беше одобрен железничкиот проект вреден една милијарда евра, најголемиот инвестициски проект на неговата влада.

Референдумот го поддржа владиниот план за изградба на пруга во должина од 27 километри од пристаништето Копер до границата со Италија.

Оставката на Церар се случува само три месеци пред парламентарните избори најавени за јуни. Засега е нејасно дали оставката на Церар ќе го забрза распишувањето на изборите.

Владината коалиција која ја презеде власта во септември 2014 година, ги вклучува партијата на Церар, како и Социјалдемократите и партијата на пензионерите Десус.


Церар му понудил на Заев конкретна помош за евроатланската интеграција на Македонија


Љубљана, 13 ноември, 2017 - 19:35 (META) 

Премиерот Зоран Заев заедно министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми и државниот секретар на Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, одржаа билатерални и пленарна средба со своите колеги од Словенија предводени од премиерот Миро Церар.

Заев истакнал дека исклучително е важнa економската соработка помеѓу двете земји како и меѓусебното пријателство и поддршката што Македонија ја има од Словенија во ЕУ и НАТО интеграциите.

Премиерот на Словенија, Миро Церар нагласил дека може да се подобрат економските односи на Македонија и Словенија и дека постои потенцијал за интензивирање на соработката.

Церар истакнал дека Словенија ги поддржува аспирациите на Македонија во ЕУ и НАТО и понудил конкретна помош и асистенција за овие процеси, во оваа фаза или во фазата на пристапните разговори со ЕУ.


Церар: Веќе нема балканска рута за илегална миграција


Брисел, 8 март, 2016 - 14:02 (META) 

Балканската миграциска рута повеќе ја нема, а Словенија во иднина во земјата ќе пушта само лица што имаат соодветни документи за влез во шенген-зоната, изјави по завршетокот на самитот на ЕУ за мигрантската криза, словенечкиот премиер Миро Церар.

– Самитот упати особено јасна порака до сите што криумчарат бегалци и илегални мигранти дека балканската рута веќе не постои – рече Церар по завршувањето на состанокот на европските лидери во Брисел.

Во официјалните заклучоци не е наведено дека „незаконските текови на мигранти завршуваат“, додека предлог-заклучокот дека „балканската рута отсега е затворена“, за кој се заложи и Словенија, е испуштен, но Церар рече дека смислата на заклучокот, со кој на крај сите се сложиле, всушност е ист.

– Вистината е дека заклучокот е малку преформулиран, но смислата е иста, балканска рута за илегална миграција веќе нема – рече словенечкиот премиер.

Тоа, според Церар, значи дека сите држави на патот по кој се одвивала „незаконитата“ миграција кон Средна Европа ќе одбиваат да примаат такви лица, а Словенија од денеска или утре во целост ќе ги применува шенгенските правила при влезот во земјата, односно дека лицата ќе мора да ги имаат потребните соодветни документи за да влезат во шенгенскиот простор.


Церар: Напролет е можен нов огромен бран мигранти во Европа


Љубљана, 24 декември, 2015 - 19:55 (META) 

Словенечкиот премиер, Миро Церар, денеска во разговор за словенечкото радио изјавил дека напролет е можно кон Европа да тргне нов голем бран од милиони мигранти, кои во моментов се наоѓаат во камповите во Турција.

„Не станува збор само за бегалци од подрачјата зафатени со војни, како Сирија, Авганистан и Ирак, туку и од Африка, од каде доаѓаат економски мигранти, а не бегалци. Во турските центри за бегалци има сè повеќе луѓе од Северна Африка, особено од Мароко и од Алжир, а голем број Африканци сакаат да дојдат во Европа, бегајќи од диктаторските режими, но и од глад и од сиромаштија“, рекол Церар, пренесува ХРТ.

Тој во разговорот за словенечкото радио ја бранел одлуката на Словенија за поставување жичена ограда на границата со Хрватска, образложувајќи дека тоа се прави поради сè уште големиот прилив на бегалци, а и поради опасноста од далеку поголем бран мигранти, до кој може да дојде напролет.

„Станува збор за сосема нов тип мигранти. Затоа техничките препреки и жичената ограда кон Хрватска се и понатаму потребни, сè додека таа опасност не се отстрани, а треба да се види и како ќе функционира договорот меѓу Европската унија и Турција“, рекол Церар.


Словенија е подготвена да прими бегалци од Северна Африка


Љубљана, 24 април, 2015 - 18:40 (META) 

Словенија е подготвена да придонесе во решавање на бегалската криза и на имигрантските трагедии во Средоземно Море. Словенечкиот премиер Миро Церар најави дека државата може да прими дваесетина бегалци, а наесен би можела да ѝ помогне на Италија во операцијата „Маре нострум“ со испраќање на еден воен патролен брод.

Церар, на вонредниот состанок на Советот на ЕУ, изјави дека неговата држава, имајќи ги предвид големината и висината на БДП, ја презела обврската да прими 15-20 бегалци. Исто така, понудил и патролирање на воен брод во рамките на италијанската операција, за спречување на идни трагедии во Средоземно Море.